Еколошката катастрофа е аспект на нашата историска пропаст?!

21.12.2017 16:57
Еколошката катастрофа е аспект на нашата историска пропаст?!

Ние сме неспособни да носиме одлуки за себе. Не одлуки за сликање и паради, не решенија за продолжено валкање во калта и бескрајно дебатирање за истите срања, туку одлуки што ќе нè поместат од точката „а“ до точката кај што животот е поубав. Или, макар, помалку грозен. Македонија е заедница која си ја има одземено деловната способност над себе. Ние сме истурено млеко.

Општество во кое општата состојба не е остварување, туку е последица.

Мало невнимание на злото, деконцентрација на мрзата, лагата и умислата. Колатерала.

Нацијата на која Миладиновци ѝ се основоположници на поезијата, Чернодрински на драмата, Цепенков на мудроста, Гоце на револуцијата, Венко на сите награди (носител), а Камбовски на сите режими (штембил), народот на кој од сите букви најсвети му се в, м, р и о, е втемелен во лагата за себе.

И во основите и во проекциите. Драмата низ која минуваме во последните десетина години не е несреќа што ни се случува на историскиот пат, туку реализација на најдлабоките суштини. Тоа е драма во која преку вмро-дпмне се обидовме да се ослободиме од себе, а тоа што сега се случува со СДСМ и со новата власт, не го третираме како обид да се спасиме себе туку да ја спасиме сопствената пропаст.

Гасна комора

Само страшната структура која во пазувите на овој чуден ентитет се јавува како тешка иронија на историјата, може да ја спаси Македонија. Тоа е чистата, бескорисна, дури, би рекол, божествена омраза. Кон Македонија како хендикеп кој ни ги уништува животите, нашите творечки потенцијали, нашата уметничка и претприемачка душа, нашите вселенски одрази, нашето сè. Спасот, драги мои, е во тоа да ја раскурцаме таа Македонија. Добро, тоа значи да раскурцаме и добар дел од себе, но тоа е мала, сосема мала жртва, во однос на бенефитите што ќе ги добиеме во слободата од оваа мртво пувало. Ние сме како мало вселенско бротче на кое батериите на измисленото минато и на карактерот и духот што се произведени во таа лажна самопретстава, се потрошени. Мораме да измислиме ново погонско гориво, во просторот во кој нема бензинска или струјна пумпа. Мораме да го изгориме тоа што досега го носевме со себе, врз грбот, во главите, во срцата, да изгориме дел од себе...

Да го изгориме Ристота Никовски, како културен феномен, се разбира, зашто ако го изгориме физички загаденоста на воздухот ќе стане буквално убиствена, Никола Груевски, Љубчота Георгиевски, Илчета на Пимена, говњарите од Шутка, но да се разбереме и безвезњаците од СДСМ кои спрема вистинските предизвици и потреби се однесуваат како лекар кој хемороидите на говњарските шупаци ги лечи со перце од гуска.

Еве, да ја земеме приказната со загадениот воздух. ВМРО-ДПМНЕ го произведе Скопје 2014 како клучен елемент на гасната комора во која на скопјаните им е овозможено да умираат во сопствените прдежи со минимална загуба на активната супстанца. Јас тврдам - како осмислен проект, се разбира не во главите на Илче или Мартинчо или Никола, туку кај вистинските автори на овој геноцид. На начинот на кој живеат и работат луѓето, во начинот на кој се реализираат, малку со гасовите на европското автомобилско ѓубре кое светите букви им го дотркалаа тука, малку од гумите и отровната дограма со која се греат комитите што ги опљачка нивната револуционерна инсталација, малку од високите печки на Мин Чо, кој тука се јавува како единство на ајхманот, менгелето и шперот во македонскиот Аушвиц, малку од еколошките бомби на четири тркала што светите букви ги купија во Кина и во Украина и, веројатно, најмногу, во лавиринтот од зградурини, мостови, бродови, бронзени расади и насади низ кои отровот не може да најде излез, малаксува и решава да се одмори во белодробните крила на граѓаните, селаните и сељаците. А СДСМ се плаши дека смртта на проблемот може да биде пострашна од смртта на луѓето и на нацијата, сеедно дали е тоа затоа што има преземено некои обврски кон трујачите, финансиски, изборни или други или е тоа однесување просто работа на плитката историска и политичка свест. Претерано ли е ако се каже дека еколошката катастрофа е аспект на нашата историска пропаст?! Мислам - не! И затоа немаме реална дефиниција на проблемот.

Прво, некој мора да одговара за радикалната трансформација на градот во гасна комора со илјадници страшни жртви, дури и ако не сакал да направи гасна комора, како што тврдам јас, второ при вакви епски несреќи мора да има минимум утврдени протоколи кои ќе ја обезвластат политичката елита и ќе ја ослободат од страста да се просерава, односно ќе ја обврзат под закана од најтешка кривична одговорност да преземе точно утврдени чекори, како кај лечењето на најтешките болести. Сопирање на сообраќајот, на фабриките, на школите, евакуација итн. Телевизиите и медиумите во тој случај престануваат да бидат полигони за бескрајни дебати и стануваат инструменти на спасувачката операција во вонредни околности и крај.

Негацијата како клуч

Како што мораме да ги решиме и сите загадености од кои сме изградени како историски субјекти. Името, црквата и бројни аспекти на историјата, на пример, беа конститутивни елементи во едно време, во друг геополитички контекст, тие ја завршија својата историска мисија со тоа што во финишот произведоа неверојатни проблеми, тешки и во многу случаи трајни последици, и време е да се ослободиме од тие сидра на постоењето кои во својата основа не се ништо друго туку елементи за производство и негување на стравот и на негацијата како клучен елемент на историската егзистенција на Македонецот. Ние не ја провоциравме Грција со името туку ја провоциравме сопствената катастрофа, темата за афтокефалноста во новите околности не е тема на заокружување на националниот идентитет, туку елемент на неговото разградување, идејата за македонизирање на светската историја во последните два и пол милениума не е идеја за зацврстување на идентитетот туку за негово кретенизирање, продлабочувањето на плитката историска основа, работа која беше можна во Југославија, веќе триесет години не е можна без да се загрозат односите со соседите односно без да се загрози Македонија, идејата дека ВМРО може да биде дел од политичкиот систем е понаивна од идејата дека со доволно големи обувки можеме низ скопската магла да се искачиме до одаите на свети Петар.

Тие промени се победничка опција. И така треба да бидат претставувани.

Прашање е, се разбира, со што ќе ги пополниме дупките во кои беа досегашните сидра. Што ќе ја држи на куп оваа заедница, што ќе ѝ ја дава смислата ако е јасно дека магијата на старите заблуди е потрошена. Јас мислам дека има само две работи: прво, тоа е европската дистанца од себе, тој вредносен коректив, тој базен за македонската флотантност, фолклорност, патетичност, злоба и мрза; и, второ, со идејата за исклучителност, за висок стандард во сè, од државната бирократија до ракометот и здравството. Тоа ќе биде ѓаволски тешко зашто ВМРО-ДПМНЕ ја уништи базата на македонската исклучителност како врв на својата антимакедонска и антицивилизациска мисија, а СДСМ одбива да ја преземе својата историска улога за радикален пресврт. Тоа значи дека поголема е веројатноста, многу поголема, и по смртта да продолжиме така како што живеевме, хахаха!

Слики: Свирачиња
Извор: Слободен печат