Отровни мисли

13.08.2010 15:13
Отровни мисли

Штом откриете дека сте на страната на мнозинството, итно морате да сторите нешто со себе си.

Сè што ви треба во животот се незнаењето и самосвеста. Ако го поседувате тоа, успехот ви е загарантиран.

Секогаш постапувај исправно – тоа некои ќе развесели, а некои ќе изненади.

Ако сакате да го расипете добриот однос со некого, раскажете му ја неговата приказна онака како што вие сте ја чуле.

Прави добро секогаш кога можеш, а наплаќај го тоа кога мислиш дека ќе ти успее.

Паметно е да се прочита временската прогноза пред да почнеш да се молиш за дожд.

Подобро е да заслужиш признание и да го немаш, отколку да го имаш, а да не го заслужуваш.

Секогаш вашата наклонетост нека биде на страната на послабиот во борбата – тоа е великодушност; но секогаш обложувајте се на посилниот – тоа е бизнис.

Верувам дека нашиот небесен татко го создал човекот бидејќи бил разочаран од мајмунот.

Понекогаш, додека размислувам за луѓето, ми се чини дека е штета тоа што Ное и неговото друштво не задоцниле на бродот.

Адам го измислил гревот, и да го патентирал својот изум, ќе заработел многу пари.

Човечката раса се состои од оние кои се опасни лудаци и оние кои се помалку опасни.

Постојат три вида луѓе: обични луѓе, познати луѓе и лудаци.

Човекот е спремен да стори многу нешта за да го засакаат луѓето, но ќе стори сè што е можно за тие да му завидуваат.

Бракот раѓа расправии – и деца.

Она што бракот го претставува за моралот, тоа е и легалната продажба на алкохолни пијалоци за трезвеноста.

И бракот и смртта би требало да бидат добредојдени – додека првиот ја ветува среќата, втората ја гарантира.

Кога бев 14-годишно момче, татко ми беше толкав незнајко што едвај го поднесував неговото друштво. Но кога пораснав до дваесет и првата, ме запрепасти тоа колку беше научил за седум години.

Детето кое се изгорело го избегнува огнот. До наредниот ден...

Човекот никогаш не ја достигнува онаа вртоглава висина на мудроста каде повеќе не можеш да го влечеш за нос.

Човекот кој е песимист пред својата четириесет и осма година – знае премногу; а човекот кој е оптимист после таа возраст – знае премалку.

Не постои потажна глетка од млад песимист. Освен онаа на стар оптимист.

Добро е да се почитуваат правилата додека сте млади, бидејќи на тој начин ќе ја сочувате силата за нивното кршење во староста.

Што е човечкиот живот? Првата третина е уживање, а остатокот сеќавање.

Секому можам да му помогнам во животот да го постигне тоа што го сака. Единствениот проблем е тоа што не можам да најдам никој кој знае што сака.

Не сакам да зборувам за задгробниот живот бидејќи имам пријатели на обете страни.

Единствен начин да го сочувате вашето здравје е да го јадете она што не го сакате, да го пиете она што не го поднесувате и да правите сè што не би правеле.

Таа огромна загадочна празнина луѓето ја нарекуваат спиење.

Зарем сте толку кусигледи, па не видовте дека здравиот разум и среќата се невозможна комбинација?

Да престанеш со пушење е толку лесно! Па, јас тоа го сторив стотина пати!

Отсекогаш се придржував до правилото да не пушам додека спијам и да не апстинирам додека сум буден.

Понекогаш и премногу пиење е едвај доволно.

Работата и играта се зборови со кои се опишува истата работа во различни околности.

Не го одложувајте за утре она што може да се одложи за задутре.

Да се вети дека нешто нема да направите е најсигурен начин да ве обземе неодоливата желба токму тоа да го сторите.

Лекарите знаат толку малку, а го наплаќаат тоа толку многу.

Службениците во јавните служби се личности кои народот ги избрал да си го поделат митото.

Голфот претставува упропастена, пријатна прошетка.

Речиси сите кралеви во суштина се – крадци.

Луѓето обично ја одбиваат првата понуда, без оглед на тоа каква е.

Човечкиот вид има само едно ефикасно оружје, а тоа е смеата.

Во некои ненадејни, безнадежни прилики, пцуењето ни носи олеснување какво што не го овозможува ни молитвата.

Подобро е да се држи устата затворена и да изгледаш глупаво, отколку да ја отвориш и со тоа да го отстраниш секој сомнеж.

Облеката го прави човекот. Голите луѓе имаат мало влијание во општеството.

Етиката се состои од политичка етика, трговска етика, религиозна етика и етика.

Постојат три вида лаги: лага, валкана лага и статистика.

Најпрвин соберете ги сите факти, а потоа можете да ги искривувате по своја волја.

Банкар е личност која ќе ви го позајми чадорот во сончево време и ќе ви го побара назад кога ќе заврне.

Која е животната цел на човекот? Да се збогати. А како? Нечесно – ако може. Чесно – ако мора.

Во споредба со циркусот, црквата е вредна и сериозна установа.

Црквата секогаш се труди да ги поправи луѓето, но не би било лошо да се поправи и самата себе, и така да пружи добар пример.

Кога ќе помислам на тоа кои сè луѓе што ги познавав требаше да одат во рајот, сигурен сум дека пеколот воопшто нема да биде толку лош.

Патриотизмот е најчестото засолниште за никаквеците. Тие вреват најгласно.

Патриот е личност која знае гласно да вреви, ама не знае зошто вреви.

На светот има многу смешни работи. Една од нив е верувањето на белците дека се помалку диви од останатите дивјаци.

Образованието главно се состои од она што сме го научиле, па – сме го заборавиле.

Класично дело е нешто што секој посакува да го прочитал, а никој не сака да го чита.

Патувањата се погубни за предрасудите.

Воопшто не се сеќавам на моето раѓање. Знам дека беше одложувано – до Мисури. Тогаш Мисури беше непозната нова држава, па и’ требаше некаква атракција.

За Марк Твен (вистинско име: Семјуел Лонгхорн Клеменс, 1835-1910)

Со навидум едноставната мешавина од проникливост, младешко омаловажување и логика, овој незауздан бунтовник го облекол своето легендарно бело одело и се фатил за перото. Отпуштајќи ги уздите на своите гледишта и предрасуди, станал најпознатиот набљудувач на човечката нарав и ненадејните удари на судбината.

За свој псевдоним го зел извикот од Мисисипи „mark twain“ (означи два), со кој мерачите на плиткоста на парабродите ја објавувале длабочината на реката од два фата (3,7 метри), што се сметало доволно за пловидба.

При крајот на неговиот живот весникот New York Times проценил дека Твејн е најцитираниот Американец во историјата.

Цртеж: Cadavres Equis

ОкоБоли главаВицФото