Синергија: Општото добро и индивидуата

22.12.2017 13:34
Синергија: Општото добро и индивидуата

Во ова време на тешка Криза нежните и романтични души први го напуштаат овој свет. Овој текст го посветувам на нашот пријател од групата Зеро, Златко Трајковски- Хинки.

 

 

„Сега, гледаш, потребно е да трчаш со сета сила, за да се додржиш на истото место. Ако сакаш да стигнеш некаде - каде било, мораш да трчаш барем двапати побрзо отколку сега.“

Луис Керол

 

 

Не можам да го сфатам ова време во кое живееме. Не мислам само на времето во просторот Македонија, туку и општо во светот. Светот е во лудило кое одамна е излезено од контрола, се меле во страшна машина(ерија), (според теориите на заговор некој смислено ја управува), која јас тврдам дека никој не ја управува, бидејќи елитата исто така е сомелена, попрецизно, проголтана, од хаосот кој самата го создава и мултиплицира! А, кризата во перцепцијата е во неспособноста да се увиди главниот проблем кој е во сржта на сите други наши големи проблеми: алчноста и агресивноста како соголени нагони на човековата пониска природа го креираат злото –причината за сите човекови страдања.

Големи филозофи и теоретичари развиваат сложени анализи, (се разбира, остро го критикуваат капитализмот!): од каде премолчано прифатената идеја дека капитализмот е најсовршен, краен систем и дострел на човекот и тука нема што повеќе да се дискутира? Па, проблемот не се бара во коренот на дрвото (во алчноста и агресивноста), туку во гранките, во лисјето, во неговите плодови (консумеризмот). Потоа овие мислители се делат да се стават во фиоки, едните накај лево, другите накај десно ориентирани. Никако еднаш сите да се здружат за да гледаат право, директно во средиштето, или надолу во длабочините на проблемот за да се сосече во корен, потоа нагоре во висини на нови простори. Мислам дека тие поделби „лево - десно“, „исток-запад“ и слични веќе се контрапродуктивни. Мора да се излезе од тој агол од кајшто сè уште се набљудиваат нештата - и да се избие во нов простор (воедно со тоа се менува парадигмата, токму и затоа не е едноставно да се случи промената).

Денешната владејачка елита веќе не се врзува за територија, - оти е флуидна, постојано во движење, во брзина, како само уште брзината на светлината да им останува да ја освојат!? Постојано е во потрага по нов „простор“ – нова „возбуда“, во потполно понадворешување. Но, нивната свест е дводимензионална - „тврда“-фетиш-стварност: сè додека сме обземени од посед(ување), со она да се има, а не со она да се биде, така ќе биде.

Според филозофот-социолог Зигмунд Бауман ние денес живееме во флуидната современост: капитализмот од тврда фаза (Фордизам) премина во мека (како на Мајкрософт). Перфиден „систем“ кој апсорбира и асимилира сè, а во суштината не се менува, денес сака да ни се претстави како нешто „недофатно“, како течна или гасовита појава која1 постојано ја менува формата. Но, каква и да е неговата форма, човекот ќе може да го победи само кога ќе собере храброст да се соочи (со злото) за да го преобрази, претходно добро лоцирајќи го во неколкуте прости начела (нагони) од кои потекнува! Ви велам, проблемот е многу прост и очигледен: злото е последица на повредувањето и на алчноста, на неконтролирана потреба од тоа да се има, оддалечување од тоа да се биде. Но, исто така, проблемот е структура како маса-набој која ја менува формата и нема општо правило-рецепт за третирање. Побргу, треба да се инсталира поле на будност и агилност, и секојпат да се понира подлабоко неколку слоја за да се дијагостицираат причините кои го обновуваат злото, и за да се изнајдува адекватен лек во/на ситуацијата.

Бауман исто така пишува дека денес се случува индивидуација де јуре а не де факто. Како може еден човек да стане индивидуа, значи, навистина слободно себство, ако е лишен од ресурсите и отуѓен од природата? Јас уште прашувам како може една индивидуа да биде Себство ако не се случила квалитативна промена на свеста, култивација и преобразба. Негативната последица на тој процес е тоа што се заборави општото добро, а кога веќе нема духовна основа во заедништвото – како универзални вредности и доблести во една заедница, „индивидуата“ забегува во морбидни субјективни сфери...

Во таа смисла, кај нас има пример за две крајности. Едната е крајно негативна појава, другата е крајно позитивна. Крајно негативно е кога андерграунд уметник почнува да се занимава со политика (како да прифатил функција на „портпарол“ на автократска власт) и реалноста така станува подземна, значи сè што од мозокот на уметникот некогаш се ограничуваше на две димензии – на платното (или само на ликовната сцена), се конкретизира во секојдневие, како нормалност.

Друга крајност, но, крајно позитивна работа е кога филозоф станува пратеник во законодавниот дом, за таму во дело да ја спроведува својата мудрост. Најверојатно мудро ги советува колегите-соборци-пратеници и така доблеста добива шанса да се распространи во општеството. Јас спаѓам во категоријата на луѓе кои сметаат дека со светот треба да управуваат филозфи, мудреци, просветлената инетелигенција!

Малку ќе да ги искритикувам и историчарите на уметност, бидејќи со духовното во сликарството, онтолошки инстражувања (истражувања за битието) во ликовната теорија ретко кој се занимава денес (кај нас). Јас сум принудена да се занимавам и со теорија за да си создадам амбиент за творечка работа. Така сè е наопаку: наместо уметникот да ги истражува ликовните проблеми (Формата која е самата Суштина) и да се сконцентрира на нив, троши време на теорија.

Рече – духовно, дури двапати, и битие? Веднаш си аут! Тие поими/зборови веќе одамна се старомодни и надвор од употреба. „Духовно“ и „битие“ се заменуваат со „дискурс“ и „тело“. Или не е веќе така?

Но, нема проблем. Само напразно се арчи времето, а нема време во овој живот да се постигне сè. Наместо да се здружуваат силите, и понатаму се расцепкуваат. Пак тоа е резултат на процесот на идивидуација...

Имам чувство дека критичката маса што се постигна минатите години пак треба да се активира и да ја крене енергијата на нашето општество. Треба нешто да се направи, но не знам на кој начин овој пат. Се мислам која ќе биде најдобрата Форма за дружењето на убавите луѓе да биде Суштина (нешто слично се прашуваше и Ана Чупеска во текст пред некоја недела)? Синергија во граѓанското општество, подигнување на свеста/совеста и одржување на една кондиција на постојана енергичност, виталност во соочување со проблемите е императив. Значи, не велам дека треба веднаш да се решат проблемите, туку дека треба да се одржува виталноста, и тоа да се прифати како нов квалитет на животот!

Прва фаза е соочување лице в лице со негативниот набој кој е напластен во проблемите, за да се апсолвира, да се свари. Како во цитатот на почетокот од текстов (преземен од книгата на Баумѐн, во вториот дел – „Индивидуалност“), ние мораме да трчаме барем два пати побргу, за да се одржиме во пристојност. Инаку, обичното трчање е стоење во место, а можеби и одење назад... Такво е ова наше време – такво го направи глобалниот капитализам и неолиберализмот. А, сега „системот“ нè доведе до црта: немаме друг избор освен да се преобразиме кон подобро (за жал се оди и кон полошо и тоа е многу трагично). Како првите водоземци кои се задушувале бидејќи сè уште немале развиено бели дробови, а и не можеле да се вратат назад во водата, бидејќи жабрите им атрофирале, така граѓанинот/граѓанката денес треба да развијат во себе „нови органи за дишење“ со кои ќе можат „да дишат“ внатрешна слобода како нов простор и димензија, за потоа да знаат како да се борат да го ослободат и општеството. Не се согласувам со ставот дека само со промени во општеството ќе се подобри ситуацијата на човекот. Промената треба да се случи истовремено и во човекот внатре во него како културно-природно - духовно битие и во заедницата, општеството, и во животната средина. Граѓанката и граѓанинот од овој статус во кој предаторските односи и законите на „посилниот“ (социјалниот дарвинизам) сè уште се доминантни, треба да преминат во повисок статус во кои ќе владеат други односи: соработка, единство, хармонија, солидарност, заедништво, емпатија, сочувство, разбирање, елементи на љубов (се менува парадигмата, образецот на животот). Тој нов простор се чувствува во уметноста. Перформансот „Настанување со музејот“ на руската група Что делат ( Што да се прави) што се реализира во соработка со локални учесници, (на17.12.20017 во Музеј на современа уметност во рамките на КРИК – фестивал за критичка култура) ја имаше таа нова димензија. А, како тоа бидување и постанување, таа фина енергија која уметниците ни ја доловуваат, да стане реалност во односите меѓу луѓето, е вистинско прашање сега.

Според теоријата на социјална еволуција на Жак Фреско, решението е во радикален пресврт (во сосекување на проблемот во корен): науката и технологијата треба да се стават во служба на човекот, а ресурсите да се прогласат за наследство на целото човештво, на генерациите што доаѓаат. Науката и технологијата денес се екстремно многу развиени па необновливите извори на енергија потполно можат да се заменат со обновливи, а и со други револуционерни изуми да се зачува планетата, да се унапреди животната средина и да се подобри животот на секој човек. Само така ќе се скршат тешките синџири на ропството! Но, уште еднаш ќе повторам: злото е во рецидивите на човековата пониска природа. „Тоа“ е надвор од нас, но и во нас самите. Да беше само надвор од нас ќе беше полесно да се третира, вака мораме да се соочиме со тие остатоци во нашето сопствено ткиво ( колективното несвесно како порција во секој од нас). Мора да се победи тоа зло (Кризата) и наеднаш ќе се почувствува свеж воздух. За таа слобода вреди секој напор да се вложи до крај...

Скопје, 15-18.12.2017

_________________________________________________

[1]  Zygmunt Bauman, Liquid Modernity, Cambrige UK, Polity Press, 2006 (7th ed.).

 

Фотографии: Окно, перформанс на групата Что делат во МСУ, на фестивалот КРИК, 17.12.2017

ОкоБоли главаВицФото