„Новите!“ 2017: Петте најдобри ракописи

22.12.2017 17:30
„Новите!“ 2017: Петте најдобри ракописи

Годинава жирито на наградата „Новите“ (состав: Сања Михајловиќ Костадиновска, Давор Стојановски, Иван Шопов) како кандидати кои влегуваат во потесниот круг за најдобар дебитантски прозен ракопис ги издвои следниве четири автор(к)и: Јана Узунова, Марио Савовски, Андреј Ал-Асади, Марија Грубор и Гето Руди.

Добитникот на наградата ќе биде прогласен на 29 декември во 12:00 часот во Клубот ГЕМ.

Спонзор на наградата е Комерцијална банка.

 

Во продолжение, ги објавуваме почетните страници од ракописите кои влегоа во најтесниот избор за наградата.

 

Јана Узунова, Вергина

 

I

Живеев во Вергина со баба ми и седумте мачки. Станот беше на петти спрат, старински суреден, со мирис на изгниено дрво и застоена мачешка мочка, а беше дел од светилник, адаптиран за живеење од луѓе кои беа дојдени тука да работат од различни крајчиња на земјата. Вергина не беше некојси Париз, ама луѓето тука си ги постилаа надежите како чергиче на кое требаше да се стркала некое случување, за постарите некое парче пристоен опстанок, за романтичарите некоја си љубов, забава за помладите, а јас не знам во која категорија луѓе спаѓав, само знам дека сакав сѐ. Преку ден по ќошињата од улиците можеа да се видат бабички што продаваа секакви тракаташки за трошни пари, зашто внуците растеа и едвај се прехрануваа, а навечер се слушаа свиркањата на мажи што скитаа по улиците со светкави очи и горделива машкост, во потрага по лесна љубов. Сепак, секој што живееше во Вергина, ја сакаше Вергина. Да се чудиш! Ветерот носеше смог и смрт во воздухот, фабриките кашлаа деноноќно, Молох ни ги готвеше телата додека спиевме, а луѓето пееја химни и фанфари на улиците и плоштадите. Старата добра девојка Вергина, што сакаше да биде Џаконда, а всушност беше Венера на Рембо. И сите ние ѝ се клањавме, пробувавме како глувци по секоја цена да дојдеме до своето парче сирење.

Беше вештерски саат. Ждрелата на фабриките стоеја заканувачки свртени кон стариот заборавен бог. Неспијачите, испоседнати на балкон во ноќна молитва, со цигара во раката наместо кандило, ги гледаа овие забрефтани чудовишта и ги преколнуваа со нив да ја земат тагата и долгите вечерни саморасправии што им предизвикуваа несоница. Кога загадениот воздух ќе се спуштеше долу, создаваше перпетуална магла од која ни се собираа белите дробови до степен на мали црвци дождовници. Дури и умот ни беше поматен од таа проклета магла. Се однесувавме неумерено и животински. Се тепавме со шлаканици со сопствените кошмари, што доаѓаа и си одеа заедно со маглата, а утрината се будевмe со страшен замор. Во такви денови, моите два прста свиреа џез по работ од креветот, а ми требаа вонземски напори да станам и да го напуштам тој мој мек затвор и да се фрлам во пространството наречено живот.

Две кутии цигари рипнаа низ балконот и слетаа долу во морето од пикавци. Тупаниците се стегнаа за нова борба. Како стареевме, така и зглобовите ни стануваа поиспакнати и потврди. Како стареевме, така и храброста чиниш растеше во нас. Волкот на хаосот како да сакаше одамна да ја проголта оваа Гомора, ама некоја судбина го држеше закован таму горе за некое соѕвездие.

Марио Савовски, Урбанон

 

 

Simon Kopjevski
to me

5:09 PM

Zdravo Mario. Ne znam dali me pamtish. Se vikam Simon, se zapoznavme preku Marko na rodendenot na Stefan pred nekolku godini. Mi kazha deka si pisatel, pa mi treba ogromna usluga od tebe. Pishi mi koga ke mozhesh.

me
to Simon

5:31 PM

Здраво Симон. Да да, се сеќавам на тебе, иако одамна беше. Кажи, што треба? :)

Simon Kopjevski
to me

3:10 PM

Ej. Izvini kasno sto vrakjam, ne mozham bash redovno da komuniciram. Vaka, ke bidam direkten - pred 4 godini dobiv ponuda za rabota vo organizacija po ime Otralkon. Na kratko, vo tie 4 godini vidov mnogu stvari koi me nateraa da si ja preispitam percepcijata za rabotite I sfativ deka ima golem del raboti sto organizacijata gi pravi vo tajnost sto smetam deka treba da se otkrijat pred javnosta. Zatoa mi treba nekoj koj ke moze da gi iznese tie informacii pred lugjeto. Mozes li da mi pomognesh?

me
to Simon

3:20 PM

Wow, океј. Да бидам искрен, ова ми делува како заебанција. Што се работи, промоција за некој нов филм или? Нешто како wikileaks e муабетов? Не знам дали си сериозен или не. Мислам, океј, ќе ти помогнам како и да е, само не ми е јасно што е работава.

Simon Kopjevski
to me

7:44 PM

Znam deka deluva chudno, i nemash prichina da mi veruvash, no apsolutno sum seriozen. Kako dokaz ti ja prakjam mojata legitimacija. Naskoro ke ti pratam I dokumenti od organizacijata, no mora da mi vetish deka ke gi chuvash vo apsolutna tajnost I na sigurno mesto. Ne smee nikoj da gi vidi pred da bideme spremni za vo javnost. Mozham li da ti veruvam?

me
to Simon

7:50 PM

Океј, немај гајле, ќе ги чувам на сигурно место. Можеш да ми веруваш со ова. Само за што се работи, вака многу тајно ми делува се ова. Толку ли се важни тие документи? А и ова името Отралкон, прв пат слушам. Прогуглав и ништо нема.

Simon Kopjevski
to me

1:25 AM

Nema da najdesh. Organizacijata raboti vo tajnost, glavno bidejki golem del od aktivnostite se nadvor od zakonot. Se raboti za stara organizacija od vremeto na vtora svetska vojna, oformena za da prouchuva neobjasnivi I natprirodni fenomeni. Imaat vrski sekade vo drzhavata. Nabljuduvaat se, mal e brojot na lugje za koi sto ne znaat nishto. Za moja srekja ti si eden od niv. Zatoa tebe ti se obrakjam. Ti prikachuvam nekolku zapisi od arhivite na organizacijata. Zaklucheni se, shifrata za otklucuvanje e 71220191322. Pred da gi otvorish, treba da znaesh deka ima raboti koi mozhe ke ti deluvaat nerealni, no probaj da imash otvoren um. Nekoi od zapisite ke ti bidat poznati kako urbani legendi, no toa ne gi pravi pomalku vistiniti. Imaj na um deka ima informacii koi se cenzurirani, bidejki I vo samata organizacija se krijat raboti ako ne si dovolno visok rank. Rabotam na toa da se dobavam do necenzurirani dokumenti.
 

 

Андреј Ал-Асади, Пеперутки

 

I

 

Во собата смрдеше на застоена мочка, а баба ми облечена во црн волнен џемпер, си плетеше. Тивко ме набљудуваше од другиот крај на собата и се клацкаше врз дрвениот стол. Таа беше слепа. Гледаше низ мене како да сум стаклена гуска и сѐ уште веруваше во некојси нејзин бог – Исус. Не успевав да го поднесам нејзиното згужвано лице. Сакав со заби да ѝ ги откорнам белите веѓи, влакно по влакно, и тенкиот мустаќ кој ѝ се беше споил со брадата. Уште во пунџа да ја фатеше косата и ќе личеше на самурај. Не можев повеќе. Знаев дека ме колне и се подмочува.

Додека беа живи мајка и татко, таа ми даруваше бонбончиња и ме качуваше во крцкавите автобуси, да сме се повозеле, велеше. „Што и да посакаш, прашај ја бабичка.“ – велеше. Сега демнеше од другата страна и како нешто да чекаше. А јас чекав да умре, и да ѝ ги соберам парталите во црна вреќа за да ја однесам на буниште. Да лежи таму, додека од нејзините суви пори црвци не ѕирнат, и да почнам да се подготвувам за риболов.
Татко ми порано велеше: „Синко, рибарењето ти е како медитација, постојано гледаш во тапата и на ништо не мислиш.“ Татко, јас гледам во тапата веќе дваесет и пет години, и таа почна да плови низ моите згуснати вени. Како никогаш да не сум бил на овој свет. Се влечкам низ улиците на Скопје и се досадувам. И секогаш морам да се вратам кај старава вештерка. Имам пари, не е тоа проблемот. Љубов, ни тоа. Но ништо не е како што беше порано. Ништо. Би сакал да ја откријам смислата на своето постење. Кревка и сјајна, но присутна во мене.

Јас сум копиле од богато семејство. Дедо ми бил директор на фабрика во социјализмот и не се поштедувал од немирен сон постојано земајќи мито. Одвратен човек. Ја тепал баба ми како да е неразбрано куче, а оваа трчала по него и му се умилкувала. Татко ми кажуваше дека таа милувала да му се качува и по десетина пати дневно, само старата будала да седи мирна. Но тој никако не се смируваше. Неколку месеци пред да умре, му се јавуваа јасни слики од младоста. Местата кои ги беше посетил и средбите на кои присуствувал. Ми раскажуваше за курвите од Амстердам. Секогаш кога ќе го прателе на службен пат, тој си го сукал бркот и тргал во потрага по мрсно задоволство. „Како куклички беа.“ – ми велеше. Тој негов источно македонски акцент ме потсетуваше на изморените селани распрскани по нивите, едвај чекајќи да ѝ се качат на својата домаќинка. Човекот беше силен и тврдоглав. Никој не можеше да го вразуми и да му укаже што не чини. Постојано пиеше и ја тепаше баба ми. Последниот пат кога бил во Амстердам, ебел само црнкињи. „На толкав газ, бели јајца, уф, уф...“ – злобно се смешкаше. Се фалеше и како се гостел со свињи и јагниња. Ги добивал од партијата или останатите директори на фабрики. Некогаш се гостел и со жените на работниците, но за негова среќа, останал жив.

Тој умре неколку месеци по својот роденден и ја остави Златка сама. Таа не можеше да се исплаче до крај. Не го соблече црнилото од себе како некој навистина близок да ѝ заминал. Не беше свесна дека закопала обично источно македонско говедо.

Плачеше над неговиот гроб, а јас со мајка и татко стоевме зад неа. „Господе, леле Господе...што ли ќе правам сега?“ – неразбирливо врескаше. Јас тивко се смешкав во позадина.

 

Марија Грубор, Вишок приказни

 

Минутки од животот на К. Саф vol.1

 

Што со себе да сторат оние затупени луѓе кои секој ден решително ѝ се измолкнуваат на вревата на подвижната лента и влегуваат во својата пештера што мириса на вчерашен очај?

К. Саф го премести купот алишта од креветот на фотелјата; ѝ се стори логично да го направи тој крајно напорен чин на потсредување на хаосот во собата, но никако не беше подготвена да ги разгледа, селектира и смести на соодветните полици во плакарот. Задоволна со себе, ги стави рацете на колковите и ја разгледа собата уште еднаш. Можеше да се забрише и прашината на масичката, можеше уште и да ги исфрли разноразните хартивчиња, згужваните опаковки, да ги поттргне картонските кутии од средината на ориенталниот тепих. Потоа би можела да го вклучи грдиот мал телевизор и да остави вестите половина час да шумат како поднослива позадинска музика, па на раат да испие шолја силно кафе и можеби да побара во именикот некакво неинтелигентно друштво. Ама чуму сето тоа?

Поарно ќе се склупчи во испразнетиот кревет и ќе го чита А. Г. Денес дома довлечка една негова книшка со раскази, која ја купи со последното купче пари заштедени од минатата недела. Имаше мал внатрешен конфликт, мрзнејќи таму пред штандот за стари книги пред мостот – да купи храна и цигари за утре или да купи книга-пријател за вечерва, а резултатот е очигледен. „Утре“ секогаш се средува само од себе. Животот се случува. Ама книгите не паѓаат од небо. Освен кога ти е роденден.

На К. Саф читањето обично ѝ носи благотворно олеснување од грозниот ден во кој се набутале илјадници немирни раце, расшлапани муцки, и рамнодушни, насилни, неповикани штипења. Но вечерва не успева да го сосредоточи погледот на редицата откуцани букви, никако, шета нагоре-надолу со очите и постојано заборава до каде стигнала, за потоа да сфати дека воопшто не ѝ е грижа за тоа, па незадоволна со себе, грижливо и бесно ја фрла книгата на подот, онака раскрилена за да знае до каде стигнала – бидејќи К. Саф не е многу практична личност, не ѝ паѓа на ум да стави во неа парче хартија па затворена да ја положи во некој заборавен ќош како и таа измрцварена книшка би одморила малку од илјадниците немирни раце, расшлапани муцки и рамнодушни, насилни, неповикани штипења.

К. Саф, каква-таква, всушност не е некоја огорчена и од светот отфрлена жена која потонала во толкава безначајност што ја заборавила смислата на диплењето расфрлени алишта. Напротив, луѓето ја сакаат К. Саф. Гледаат во нејзиното обло лице врамнотежен брак меѓу умноста и добрината, па бараат да ги поучи на мир; гледаат тепачка меѓу нихилистичката згаденост и безусловната вљубеност, па ги лижат капките темна крв од неутралното бојно поле – нејзината прегратка за добар ден. Ја почитуваат дури, но на почитта додаваат зачин по свој избор – страв, срам или гнев. Да признаеме, најчесто се работи за стравување, јанѕа, да не ги закова таа на нив оние затемнетите очи со боја на огниште кое тлее позади матна завеса, па тие или да раскажат без заобиколување колку е иззабено битието на стравувачот, или да запнат на некоја негова недоосвестена таговна тајна, па тој да мора да ја трпи на површината на душата целиот ден.

Малкумина се оние кои во затлеаните очи на К. Саф можат да наидат само на среќен жолт отсјај каков што лебди над детските цртежи со фломастер. Малкумина се оние кои не се чувствуваат како конец отпаран од евтина блуза во нејзиното присуство. Но и покрај тоа, се чини оти луѓето ја сакаат и имаат потреба од нејзе, та дури понекогаш и таа е подготвена со занос да им ги одигра омилените претстави, а фантастична е кога ќе одлучи да биде безгрижна, лелеава и вклопена во опкружувањето. Ама, измина четврт век од нејзиното постоење, а тие моменти на расположеност да се биде на дофат на другите, културно и исполнително, стануваат сè поретки. Сè повеќе напор бараат, а К. Саф е таква што не може да вложува напор во проекти со нејасна иднина, незначајна за нејзината финална, грандиозна цел на животот. А таа цел беше, ни помалку ни повеќе, да постане целосен Човек. Ама баш така. Сериозно. Никакви доработки и додавки кои би ја загадиле апстрактната светост на оваа замисла. Не дека знаеше како да стигне до тој брег, ама точно знаеше како тоа никогаш нема да се случи. Брборењето и однесувањето според социјални шеми не нудеа исчекор, кажуваше нејзиното внатрешно сетило. А од друга страна, тоа не го правеа ни амбициозните настојувања да се биде важен и моќен во која било област. К. Саф го можеше сето тоа, подобро од нив, ситни шупаци кои се препелкаа во сопствената малодушност и припиените кошули, па ги раскопчуваа кога никој не гледаше, пцуејќи со цигарата на крајот на устата, за да си дадат издишка и противтежа на лицемерниот карактер. Беше доволно симпатична и авторитетна. Ама тоа беше толку бесмислено.

 

Гето Руди, Обид

 

ЕДНОСТАВЕН ДЕН

 

„Леле, колку е гласен будилников!“ се будеше од сонот сосем обичниот скопски младич од населбата Карпош 3, „одењево во радио рано на сабајле станува ептен напорно. Што убаво ќе ми беше да си поспиев уште малце.“

Не му се стануваше од топлиот брачен кревет во којшто спиеше сам. Се подигна на раце и погледна низ прозорецот. Таму, надвор, ветрот ги виткаше голите гранки, си ја испробуваше силата. Сигурно беше многу студено. Ноември си ја бркаше својата работа.

Полека се извлекуваше од постелата и размислуваше како најбргу да ги изврши утринските работи. Се довлечка до кујната, ја вклучи најмалата плоча од шпоретот и стави вода во ѓезвето. Потоа отиде во бањата да се измие. Сосем случајно, тоа не го правеше речиси никогаш, се погледна во огледалото. Си го виде ненаспаниот лик. Неговата бушава коса денеска беше сплескана како детелина со четири листа, натискана во хербариум, заборавен со години. Од седмо одделение? Кога ли беше тоа?

Една долга лузна, длабока како бразда при пролетно орање, велеше дека цела ноќ спиел на работ од перницата. Претходно, додека ја имаше големата (пердувестата), постојано се жалеше кај своите родители дека изутрина, кога ќе стане од креветот, го болат ушите. Мајка му велеше дека тоа се случува од премногу спиење. Не ѝ веруваше. Затоа си најде друга, малецка. Од неа беше презадоволен. Секаде ја носеше со себе, па дури и тогаш кога се подготвуваше за летување, во големиот ранец, на дното ја ставаше својата омилена „перница“.

Вчера остана долго во ноќта. Најпрвин ги читаше „даблинците“ на Џојс, а потоа му дојде мислата и седна на работната маса за да ја претвори во расказ. Очите го печеа како никогаш дотогаш.

„Ич не се наспав. Барем уште пет минути да поспиев...“, не дорече. Фрли неколку раце студена вода врз лицето, ја стави четката за заби во устата и се врати во кујната да го доправи кафето. Водата веќе вриеше и тој го тргна ѓезвето настрана. Во празниот филџан стави една лажичка кафе и една лажичка шеќер. Полека сипуваше со левата рака, а со десната ја мешаше смесата од кафе, шеќер и врела вода. Четката ја држеше со забите. Потоа стави малку млеко и цимет. Го заврши ритуалот и кафето беше готово. Истрча накај бањата, зашто распенуваната паста за заби веќе му истекуваше по брадата.

Наутро секогаш доцнеше, па кафето мораше да го пие, спремајќи се. Тоа беше вообичаено за него. Се облекуваше набрзина и мислеше каква музика ќе пушта тој ден во етерот. На крајот, не смисли ништо значајно, само зеде дваесетина дискови, оние што први му дојдоа при рака, ги стави во ранчето, го докрајчи кафето и излета низ вратата. Станот, како и секогаш, го остави неуреден, ист онаков каков што го затекна и вчера. А сепак, имаше уште три извалкани работи повеќе: лажичето, филџанот и ѓезвето. Неколкуте зрнца шеќер што се истурија додека го правеше секојдневниот, пред сè, утрински ритуал не се ни забележуваа помеѓу дамките на шпоретот. Токму вчера, за ручек, си ги пржеше колбасите што му ги даде вујко му, којшто имаше мало, но солидно снабдено колонијалче близу до пазарот, па често му даваше понекоја храна (како на куче?!), а тој со сласт си ја спремаше и си ја јадеше. А кога има колбаси за јадење, како вчера, е тогаш ги консумира во огромни количества, заедно со половина килограм компири, кечап, мајонез, оригано, малку туршија и една чаша пивце. На крајот, прејаден, чешкајќи си го мевот, тоа го имаше научено од постарите, и чепкајќи ги забите, го мрзеше да ги измие садовите, да ги истресе трошките (тие толку интересно летаат од петтиот кат!) и да ги истрие дамките на шпоретот од пржењето колбаси и компири. И затоа, кој да се грижи за ронките шеќер што останаа на студената плоча и за светилката којашто остана вклучена во бањата.

Слики: Џенифер Ли

ОкоБоли главаВицФото