Панорама на(д) Валандово

23.12.2017 00:01
Панорама на(д) Валандово

Вчера, три часа пред истекот на рокот, ниту еден од можните кандидати за лидер на ВМРО-ДПМНЕ немал поднесено кандидатура до правната служба во седиштето на партијата во палата „Христо Татарчев“ во центарот на Скопје. Но, затоа, пак, некои што до вчера важеа за сериозни претенденти за партискиот престол – Никола Поповски, Илија Димовски – официјално се откажаа од трката за наследник на лидерот во оставка Никола Груевски. Тие, и најмалку триесетина други видни членови на највисоките партиски тела се сомневаат дека конгресот што ќе се одржува денеска и утре во Валандово, не е подготвен за да може поширокото членство да даде суверен избор (А. Милошоски), односно наместен е така за да се избере претседател-марионета. На Груевски, се разбира.

Фаворит за таа улога е (беше и вчера) партискиот генсек Христијан Мицковски. Кога се виде, и се најави, како можен престолонаследник, Мицковски наведе три клучни услови кои мора да ги исполнува идниот лидер на најголемата партија: да има позитивна перцепција, односно позитивен рејтинг кај јавноста, да биде прифатен од членството, но и од меѓународната заедница. И, патем, додаде: ВМРО-ДПМНЕ пред сè го има интересот на Македонија.

Од случувањата, поточно од расколот во партијата се гледа дека клучниот проблем е што никој од кандидатите – вклучувајќи го и Мицковски – не исполнува ниеден од овие услови, скромни и лесни за исполнување за која било друга партија! Затоа нов лидер, кој и да биде (значи и Милошоски) ќе биде кандидатот што ќе го исполни најважниот услов – да биде марионета. Патем, тоа не е само партиски, туку проблем што оди на штета на интересите на Македонија. Пред сè.

Извор: Слободен печат
Слика: Александар Дојранлиев