Гордан Николов: Она што го затекнав во Музејот на Македонија беше ноќна мора

23.12.2017 01:20
Гордан Николов: Она што го затекнав во Музејот на Македонија е ноќна мора

Гордан Николов беше првиот назначен в.д. директор при смената на раководителите на културните институции. Специјализирал музејски менаџмент во Осака, Јапонија, магистрирал во 2013 година. Во 2016 година е избран за визитинг професор на Факултетот за архитектура при Американ колеџ – Скопје. Раководел и учествувал во голем број домашни и меѓународни проекти од областа на етнологијата и музејскиот менаџмент, како и проекти за заштита на културното наследство. Член е на меѓународни организации за промоција на културното наследство - Европската музејска академија и Форумот на словенски култури. Врвен експерт во својата област, во интервју за Окно објаснува дека Музејот на Македонија го затекнал во катастрофална состојба, но е дециден дека ќе направи сè што е потребно за да го претвори во културен репрезент на државата.

Вие сте нов в.д. директор на Музејот на Македонија, но таму работите од 1992 година и добро ги познавате состојбите во институцијата, бидејќи до 2007 раководевте со неа. Сепак, од денешна позиција, каква состојба затекнавте во Музејот (дали има долгови, во каква состојба е објектот, каква е ситуацијата со вработувањата – имало ли прекумерно вработување, дали нововработените се стручни за специфичните области потребни за Музејот…)?

Уште во минатиот мандат до јануари 2007 година раководев со институцијата и се обидов преку организациони зафати, решавање на инфраструктурните проблеми и интензивна меѓународна соработка, Музејот на Македонија да го афирмирам како репрезент, симбол на културниот идентитет на граѓаните на Република Македонија. Оставив институција во добра функционална, организациона, финансиска и инфраструктурна кондиција.

Тоа што го затекнав како в.д. директор е ноќна мора на секој менаџер од областа на музејската дејност пред сè. Прво, Галеријата на икони (прогласена за културно наследство од особено значење) беше во катастрофална состојба, бидејќи претходното раководство четири месеци криело од јавноста дека е паднат дел од таваницата, а иконите беа симнати и оставени на подот и потпрени по ѕидовите и стаклата во галеријата, оставени без соодветни микроклиматски услови. Влезот во просториите пред документацијата беше поплавуван од водата од кровот 10 години поради несоодветно инсталирање на системите за вентилација. Истата вода пробива и до влезот на музејот во административната зграда во приземјето, така што кога врне, во службениот дел треба да се влегува низ вода.

Голем дел од стаклата во изложбените сали беа искршени од земјотресот од септември 2016 и беа оставени како такви. Затекнав околу 100.000 различни сувенири од проектот Скопје 2014 за кои се потрошени преку 300.000 евра, кои зафаќаат 25% од изложбените сали на музејот бидејќи истите се пренаменети во магацини. Нефункционални продажни простори (вкупно 4) распоредени низ градот исто така наменски со цел продажба на сувенири од проектот 2014 кои немаат никаква финансиска оправданост. Едниот продажен простор кој го имаме во музејот остварува профит за еден месец со двајца вработени повеќе отколку сите четири за 6 месеци со девет редовно вработени. Што се однесува до долговите, затекнав долг од 300.000 денари за неплатена сметка кон ЕВН од Феудалната кула која е во наше владение (во моментов е затворена), а била времено отстапена на надворешни лица, долгови кон надворешни соработници, фирми и други.

 

До каде е санацијата на Галеријата на икони, која пред нешто повеќе од девет месеци настрада во невреме поради неодржување на системот за вентилација? Кога на 22 јуни бевте назначен за в.д. директор на Музејот изјавивте дека оваа Галерија ќе биде Ваш приоритет, со оглед на нејзината исклучителна вредност?

Галеријата на икони како што веќе наведов беше во катастрофална состојба, односно иконите беа оставени во целосно несоодветни услови, што претставува целосно вулгаризирање на нивната културно историска вредност со тенденција целата ситуација со нив да се заташка, односно затскрие. Моето именување како в.д. директор на Музејот на Македонија од страна на министерот за култура Роберт Алаѓозовски, беше со основна задача итно згрижување на иконите во соодветни услови. За таа цел и согласно писмената ургенција за итно постапување, односно решавање на проблемот со иконите доставена од министерот Алаѓозовски, веднаш обезбедив во соработка со Воениот музеј при Министерството за одбрана, просторија, сала која е во склопот на Музејот, во која постојат соодветни микроклиматски услови во која и денес времено се сместени иконите.

Во соработка со Националниот конзерваторски центар, во моментов во завршна фаза е изработка на конзерваторски проект за иконите, за што вонпрограмски беа издвоени средства од страна на Министерството за култура. За следната година се планира, согласно проектот, да почне конзервацијата на иконите. Од моето стапување на должност за иконите се грижи кустос, одговорно лице кое двапати дневно ја следи состојбата со влажноста и температурата во просторијата во која се сместени. Се води и дневник за иконите, односно се бележат сите дневни микроклиматски промени и присуство на лица, бидејќи во истата, како што наведов, сѐ уште се вршат истражувачки работи на иконите, односно изработка на проект за конзервација. Она што е проекција за наредната година е покрај конзервацијата, и изработка на проект за нова изложбена сала во приземјето во склоп на Музејот, во која ќе бидат сместени иконите во целосно современи соодветни услови, како што и доликува на таков вид културно наследство. Постоечката не ги задоволува меѓународно прифатените стандарди, бидејќи не е на приземје, туку е на спрат и нема излез за итна евакуација во случај на непогода.

Би сакал да напоменам дека е во тек санација на дел од покривот над документацијата кој протекуваше и ја загрозуваше целокупната документација на музејот, во тек е замена на сите искршени надворешни стакла од изложбените сали, санација на влезот во административната зграда кој поради протекување на водата е руиниран и средување на тоалетите на првиот спрат во истиот дел, кои не се реновирани од 1977 година и беа во ужасна состојба.

Во каква состојба се сега збирките на Музејот?

Сакам да истакнам дека збирките во музејот во моментов се во пристојна состојба, благодарејќи пред сè на професионалноста на колегите кои се одговорни за збирките - кустосите, конзерваторите и ракувачите на депото.

Во изминативе десет години Музејот го снајдоа неколку поголеми неволји. Една од поголемите беше исчезнувањето или кражбата на 162 артефакти во 2013 година. Потоа вработените неколку месеци не одеа на работа заради истрагата. Од тоа време Музејот на Македонија наместо да се развива во најрепрезентативна институција, како да беше оставен самиот на себе заборавен и запустен, за да евентуално му го отстапи местото на Археолошкиот музеј изграден набрзина како дел од „Скопје 2014“, каде беше преместена археолошката збирка. Дали имате намера да ја вратите или евентуално да почнете нова археолошка збирка?

Она што најмногу ме болеше во изминатиот период, бидејќи сум вработен во музејот, е уништувањето на музејот, како инфраструктурно, така и организационо. Кадровските решенија на луѓе кои поим немаат од музеј и никогаш не работеле во некој, па сè до личности кои немаат никакви организациони способности, се болеста што го разградуваше ткивото на Музејот на Македонија.

Музејот беше запоставен уште од мојата промена, освен што во мојот мандат (во рок од една година) успеав да направам проект за нов покрив над целиот Музеј на Македонија, да поставам нов покрив над галеријата на икони, да го репарирам и ставам во функција системот за контрола на микроклиматските услови во галеријата, успеав и да обезбедам три милони денари за понатамошна санација на кровната површина, средства кои во март 2007 беа префрлени на сметката на музејот. Тенденциозното уништување на музејот потекнува од внатре, од безидејноста и неспособноста на моите претходници да обезбедат средства и системски да го унапредат работењето на музејот. Сè е правено стихијно, отворена е постојана поставка тематски посветена на децата бегалци од Егејска Македонија, а еве вода протекува во салата, вентилациониот систем во истата не работи бидејќи не е обезбедена соодветна високонапонска електрична мрежа и ред други недоследности. Археологијата како дејност е сосема избришана.

Каков е Вашиот став за новиот Археолошки музеј или Музејот на македонската борба?

Археолошкиот музеј како објект, односно дел од објект, е целосно промашување. Тоа е повеќенаменска зграда во која, меѓу друготом е сместен Археолошкиот музеј. За таа сума што е потрошена, можеа сите музеи во Македонија да се осовременат и тоа според меѓународните музејски стандарди. Да бидам искрен, зградата наликува повеќе на некој луксузен хотел со сала за венчавки, отколку на музеј. И двата музеи се направени покрај природен воден ресурс и се во спротивност со секоја музеолошка процедура.

Музејот на македонската боба е концептуално промашување, бидејќи ние како Македонци сме победници во Втората светска, ги победивме фашистите, јас таму не ја гледам победата. Повеќе наликува на мавзолеј, отколку на музеј. Се гледа дека е тенденциозна пораката со политичкиот предзнак на минатата политичка гарнитура која беше на власт. Посебно со ликовните дела со голем формат, насликани по нарачка претежно од странски автори, препарираните животни - восочните фигури, имитирајќи го „Мадам Тисо“, и притоа незнаејќи дека тој музеј е конципиран во 1835 година, првенствено како музеј на гротеската. Треба сериозно да се размисли што понатаму со двата објекта....

Во Музејот неодамна организиравте атрактивната модна ревија „Мејд ин Маседониа: Современ дизајн накитен со минатото“. Триесет и шест модели продефилираа помеѓу витрините од Етнолошката поставка во креации на 12 македонски дизајнери, инспирирани од македонското културно наследство. Кејпи Полк Бејли, сопругата на американскиот амбасадор во Македонија Џес Бејли, како една од организаторките на модната ревија рече дека Музејот е игнориран, а има збирка на која може да се гордееме.

Да, благодарение на иницијативата на г-ѓа Кејпи Полк Бејли, односно на Американската амбасада во Скопје и г-ѓа Емилија Миладинова Аврамчева од невладината организација „Добредојде“, светлото во изложбените сали на постојаната поставка во делот на етнологијата и народни носии, по цели 11 години беше заменето и витрините беа исчистени и таа е ставена во функција. Како што реков и на свеченото отворање на настанот, се врати светлото, а со тоа и животот во изложбените сали на Музејот. Огромниот број посетители на настанот се воодушевија од она што го поседуваме како изворен дизајн, естетика вткаена во носиите. Сакам да нагласам дека во целата активност ме воодушеви ентузијазмот и позитивната енергија на колегите од музејот, кои учествуваа во чистењето и средувањето на постојаната изложба кој беше целосно запуштена.

Националните музеи во другите држави се првото место кедешто одите за да се запознаете со културата на некоја земја, опремени се со најсовремена технологија, атрактивни, интерактивни... нашиот Музеј е далеку од таа слика, дали може да се надомести изгубеното време од 10 години?

Изгубеното време со ништо не може да се надомести, меѓутоа визијата е надежта за изгубеното време. Не смееме да го изгубиме чекорот, паѓајќи во очај. Затоа од првиот ден на стапување на функција интензивно започнав со реорганизација на постоечките финансиски средства, известување на амбасадите дека сум нов директор со намера за интензивна партнерска соработка со сите меѓународни институции од областа на музејската дејност и заштитата на културното наследство. Се обидувам со помош на надворешни соработници да обезбедам средства од меѓународните фондови, како Светска банка и други.

Сепак, се надевам дека Министерството за култура ќе издвои сериозна сума за 2018 година за осовременување на музејот за да може полека да го врати својот изгубен сјај.

Кои се вашите идеи, во која насока треба да се развива Музејот на Македонија?

Прво е инфраструктурното решение, протекување вода од кровните површини, затнатите одводи во задниот дел на зградата, влагата во изложбените сали и депоата, искршените плочки на платото, скалите.... а потоа и ентериерното уредување со целосно нова музејска концепција за презентација на музејските предмети, концепција која ќе ја раскаже приказната за Македонија.

Исто така, неопходна е целосна реорганизација на музејот, бидејќи моменталната систематизација е направена под секое ниво на познавање на основните методолошки начела на оперативна функционална поставеност на работните места.