Куси-куси раскази, преглед 10-16 август

16.08.2010 10:15
Преглед 10-16 август

Габриела Стојаноска-Станоеска

Писмо

Ти што сега читаш, кој е твојот најдобар другар?
Кој сум јас? „Покажи респект зашто јас сум интелект!“ Не сум Тони Зен. Биди раат, не сум една од графо-звучните преобразби на твојот смртен час. Најсветла, најдевствена, најисконското сум на она што беше ти, но и најсуштинското на ова што сега си ти - заебена читателка! Ете ти женски род колку за антропоморфен изглед.

Многу се? Никој? Тој или тој? Ааа тој! Лажго par exelence! А „Книгата е мојот најдобар другар“?
Премолчени забелешки, прескокнувања, разочарување од крајот кое не го спасува ни најбрилијантниот почеток. Пријателката ни се размножи на милијарди чеда кои одвај личат на неа: молневито око, заразен хумор, напишано од нога, води дијалог со Бога, плускоти телесноста, претенциозно до максимум, со јаболко нè кани кај џуџињата, отпаднати нокти, коса и кожа, крие девет лути рани, поуките на куп се збрани, единаесеттото мириса на нов почеток, па дванаесто симболично, а тринаесеттото е прасе што не се држи в раце и, гледај, некому и тоа носи среќа!

Со клоца в газ ти, во егзил и јас, ни останува само да се читаме: едното со другото низ третото до точка на препознавање. На топење? Да! Не сум непознато другарче. Те сака, Софија.

Пред изгрејсонце

Ќе почнат да одат на работа.
Соседов ќе го збрчи камионот, малиов ќе се расписка. После - ете ги сите!
Ајде.
Кај се најдоа сега овие две фатени под рака? Нека подзаминат.
Сум се мрднала од умот. Ноќница до под газ и најки на босо.
Добро е: нема никој.

Го трие грбот во тесниот простор меѓу оградата и единственото дрво во дворот и внимава да не му ја чукне главата.
Само да не се сопнам. „Дрвцево да се поболи, детево да ми оздрави!“
Втор круг. Е бабана ме виде. Ај, поминала и таа по тој пат. „Дрвцево...“
Велосипедист?! Кој кур го наве? „Дрвцево...“
Ау, шо е она? Пу! Пу! Пу! Чувал госпо од вештерки, шо сум кинисала и јас по гробови од оџи и Али Баби. Ќерка си бара или како мене син? Кај ме знае кај одам? Чантата на рамо, небаре пред пензија...
Велосипедистот прошиша по удолницата. Не ја забележа пченицата истурена на горната раскрсница каде штотуку ги одмина двете жени фатени под рака. Некакво зрнце го удри во око, па триејќи се, не ги виде ни старицата, ни младата жена со детето. Трепкаше, му се стркалаа солзи и во моментот кога кивна истовремено и летна, а велосипедот се свитка токму среде долната раскрсница. За среќа немаше жива душа. Но, еден камион јуреше одозгора.

На Запад

Секое утро од годишниот одмор се станува пред сите и се трча на плажа. Мобилниот се префрла од едната во другата рака, од згрчената и испотената во онаа што граба низ ветрот. Мора да се знае во секој момент: колку е часот, за колку минути се трча секој таканаречен круг, и уште колку има до десеттиот. И треба да се биде постојано достапен, на штрек за нечие јавување.
Се трча, малку лево, малку десно, од навиката да се бега пред нишан. Е сега, на плажа не е баш како на подвижна лента. Кратко пропаѓање, па мал отскок од дното – полидимензионално трчање. Ама, другото е речиси исто. Се гледа строго два метра пред себе, колку да не изненади некој поголем камен. Врати му „Добро утро“ на сонцето. Види како се пенат брановите. Слушни ги крилјата на галебите. Не, не камбаната која ти кажува дека е седум штом бие за утринска. Но, веќе е жешко. Се прават брчки од постојаното замижување. Дали блузата е доволно испотена? Ел-карнетинот мора да го направил своето! Чекаат житарките со јогурт. Само уште овој: десетти, десетти... - враќање... уф готово. Брзо под туш.
А плажата? Не ја виде ни земјата, ни водата, ни небото...
Не е крај на светот, има уште денови за трчање.

Најубавите женски раскази

Мислите на мајките се секогаш со нивните деца, каде и да се тие, што и да прават. Затоа, најубавите раскази на писателките-мајки се напишани додека слатко спијат нивните деца.

Додека не е доцна

На враќање од работа, пред да си замине дома, помина во куќата на мајка и’ и татко и’. Веднаш и’ поставија да руча. Додека со уживање си крцкаше од јадењето и шлапкаше, ја слушаше мајка и’ како нашироко раскажува што им се случувало изминатите денови и истовремено гледаше телевизија со татко и’ коментирајќи со полна уста. Потоа тие ја слушаа неа, се смееја, креваа веѓи, ц’цкаа, и паѓаше по некој незадолжителен совет. На крајот од посетата, стана и, на нивно изненадување, ги бакна во образ двајцата и им го намести својот образ пред нивните усни: „Од денеска, секогаш кога ќе си одам ќе ве бакнувам и вие ќе ме бакнувате“. „Што е, да не умираме?“- се насмеа задоволно татко и’. Не – рече таа и исто така насмевнато си замина помислувајќи во себе: така јас ќе умрам посреќна.


Наташа У.

Студенило

Ја заклучи портата. Два пати, по навика... Издиша тешко, издиша уште еднаш. Потоа со одлучни чекори се упати онаму каде што претходно беше намислила. Имаше нешто необјаснувачко во нејзината појава. Кој ли знае што имаше на ум: идеи, амбиции, мечтаења или, пак, изолирачки разочарувања... Беше типично декемвриско утро и студот безмилосно и` навлегуваше во коски. За неа...

За метеролозите и сите останати беше пеколно топло лето...

Нуклеарен отпад

Те дишев тебе. Ми поминуваше низ дишните патишта, соодветно и твојот кислород експресно се пренесуваше низ мојата крв. Беше храна за моите ткива и клетки. По неколку години добив чудни симптоми. Некаква болест. Моите неродени деца имаа последици, мутации во генот. Ни моите невидени внуци не беа баш најобични. Пред умирање дознав. Си бил радиоактивен. Ти си бил нуклеарен отпад.


Кирил Максимоски

Враќањето на Филип Латиновски

Човекот што се врати во својата стара улица.
Се врати со куфер во рака.
Сè беше премногу нормално.
Премногу обично за него.
Тој не беше навикнат на таква едноличност.
Неговиот немирен дух беше изморен од стихови,
од уметност.
Од валкање во досадата на инспирацијата и на музите,
кои никако не сакаа да се галат со него.
Раката на човекот се здрви од тешкиот куфер.
Додека тој ги редеше своите мисли
и како по наредба од некој друг организам
го испушти куферот на земја.
Куферот падна и се отвори.
Во него немаше ништо друго, освен машина за пишување.
Човекот ја погледна машината, но во преден план виде конец од неговото палто.
И помисли нешто, но заборави што било тоа.
Ја крена машината и наеднаш се најде среде еден парк.
Седна на една од клупите и ја стави машината во скут.
Од едниот џеб на палтото извади стуткан лист хартија и го вметна во машината.
И започна да чука по типките, да пишува.
И по пет минути беше готов.
Стана, и си замина од овој расказ.
Ја погледнавме хартијата вметната во машината.
Беше испишано…

…КРАЈ

 

Сината птица

Капки време

И капна една солза... по неа уште една и... заспа.
Го сонуваше најубавиот сон. Се виде како седи на балконот, полн со цвеќиња задлабочено, гледајќи во преубавото пенливо море. Ветерот нежно и’ ја галеше косата, а цвеќињата и’ ги скокоткаа стапалата. Се чувствуваше силна, слободна. Чувствуваше спокој, некакво скокотливо блаженство.
Таа никогаш не го видела морето, никогаш не ја почувствува слободата во која како безбојна нишка, беше вплеткан стравот. Морето се исуши, балконот се сруши, а на лицето, река од солзи.
Слика без поглед,
        Душа без здив,
               Живот без сон
,
Капна уште еден миг... времето како да капеше без престан. Не можеше да ги здогледа сите тие капки, да ги запомни, да ги впие. Знаеше дека времето може да искапи, а таа да остане со својата пустинска жед. Можеби требаше да ја пушти својата рака и со дланката, како дете, да си игра со капките... да ги заробува и ослободува... да го промени нивниот редослед. Зграпчи три капки, ги префрли од десната во левата дланка и се насмевна.
Часовите останаа без своите минути,
             Минутите останаа без своите секунди,
                          Животот остана без своето време.

 

Николина Нолевска

Алва

Вкусив од алвата. Како минијатурна дина лежеше пред моите прсти. Не можев да одолеам, иако ме предупредија... Лепливост во усната празнина и одеднаш - неиздржливо чувство дека морам да се напијам вода. Како да сум во бескрајна пустина. Усвитената песок ми ги подгорува петиците, а никаде вода.... Аполон безмилосно ме камшикува по веќе изгореното тело, а никаде сенка.... Браздам со колената во песочните ридови, тонам во бескрајното море од песок и неутешно се надевам дека ќе стигнам некаде, во некоја оаза, под некоја осамена палма... И дека во најдобар случај нема да се сретнам со ѓаволот, зашто само тој може да живее во пустина... Знам дека тој така рогат ќе се појави наскоро пред мене. Во вид на лав или змија лукаво ќе ме демне... Ќе вивне како оган и без предупредување ќе ме гламњоса... Залудни се моите надежи. Бев предупредена, па сепак посегнав. Се стопив во фантазмагоричните слики закачени на белиот ѕид во кои често ѕурев со отсутен поглед. Вечно ќе останам дел од овој пеколен егзодус...

Големиот бран

Стоев на терасата. Го гледав в очи чудовишниот бран. Се сетив на претходниот ден. Пристигнавме како збунети туристи и се сместивме. Често се вљубував во сонцето во чии прегратки крвавеше небото. Не гледав надолу... Имав фобија од височина... Знаев, под балкончето лежеше улицата, недалеку ромореше пазарот... Покриви и оџаци... И небото... Знаев, долу се поздравуваа познатите лица на луѓето со загадочни насмевки. Тоа ужасно ме нервираше и мразев да отпоздравувам. Затоа гледав угоре. Влегував во тесната правоаголност и седнував на креветите некогаш покриени со црвени јамболии. Ги продадовме...
Остана сè зад мене во нејасни контури. И присутноста на некои други... Гледав во водата што се креваше. Јуреше кон мене и како да ја предизвикував нејзината разјареност токму со мојата homo sapiens исправеност. Стоев неподвижно како шаховска фигура среде големата тераса на која црно-белите плочки беа наредени токму како на шаховска табла. Отворената уста на воденото чудовиште се пенеше. Се забеше. Немоќ пред силата на водата која мирно лежеше само миг пред да стапнам на оваа табла. Помислив дека и по оваа необична игра, потрагата по смислата ќе продолжи...

Проветрување

Ќе се запалеше крстот на Водно и низ воздухот трепереше неговиот оган. Го гледав од моите прозорци, свртени де кон исток де кон запад. Мирис од слаткото на мојата прабаба Трендафила, родена во Смирна. Мирисот на слатко од корка од портокал или од кора на лубеница го преплавуваше воздухот и тлееше сè до раѓањето на новата Зора. Златната кочија на Аполон повторно ќе заблескаше на парчето Космос што се вика небо. Вриев во недоумица кој прозорец да го отворам: источниот или западниот?! Се плашев од провев. Талкав помеѓу две страни на светот. Ќе се изморев и ќе се сетев на мирисот и вкусот на ќебапчињата во една калдрмисана уличка, меѓу зачадените греди на „Сердарот“. Излегував и пак талкав по одамна заборавениот допир на родителската рака. Неочекувано ќе се разлееше виното по темниот чаршаф на ноќта и ќе ја избркаше пијаната Месечина на спиење. А таа, како давеник, со уста полна румена вистина легнуваше врз калдрмата на чаршијата и наслушнуваше... Од каде дува ветрот? Од исток или од запад? Решив да ги отворам двете стаклени окна и да проветрам. Меѓу ѕидовите ми мирисаше на застоеност.

 

Ѓургица Костадиновска

Ѕвезди

Денес излегов на воздух. Во дворот. И легнав на клупата. Сакав да бројам ѕвезди. И почнав... По некое време ми се здосади и почнав да ги местам во парови. Ете... Оваа и онаа таму до неа супер би си одговарале, нели? Едната е помала, другата поголема, едната свети повеќе, другата некако интригантно блеска. Одлично. Спротивностите се привлекуваат, си мислев.
Потоа најдов една мала, осамена ѕвездичка и бргу, бргу прошетав со погледот за да ѝ најдам друштво и ми се причини дека го најдов! Да, таа ќе биде пресреќна! И само за миг нешто ми го одвлече вниманието кон земјата. Повторно со надеж погледнав угоре!
Друштвото што пред малку ми се чинеше дека ѝ го најдов се движеше и трепкаше. Беше обичен авион.
Ѕвездичката остана осамена.

 

Nu Tella

За љубовта

Премногу е и јас да пишувам за љубовта, особено на начин на кој што тетките навикнале да читаат од шпанските серии. Премногу е. Но секогаш постои простор да се запрашам што значи истата доколку се набљудува од поинакви перспективи, а одговорот да го пронајдам во дозволените (сега веќе) 917 карактери. Љубовта е ограничување. Умешност на потиснување на сопствените нагони под влијание на традицијата, воспитувањето и семејното окружување. Љубовта е потхранување на егото-хедонистичко уживање во сопствениот одраз во очите на заљубениот, и детска посесивност кон недостижниот субјект. Љубовта е осакатување на сетилата, игнорирање на индивидуалните потреби наспроти отстапувањата. Љубовта е ветувања, и цел еден свет изграден врз нив како нестабилен хартиен замок.Таа е страст, чијшто оган упорно се трудиме да го разгореме откако на негово место се налепила пепелта. Болка во којашто мазохистички уживаме бидејќи мирното море не е предизвик, не е двигател. Таа е состојба која крева и треска од земја, и нè учи да го пронајдеме комфортот таму доле, само заради сопственото достоинство,ако ни останало... Но, без неа би било празно. А човекот е хедонист, се сеќавате?...

Дали е...

За неа велат дека била убава. Дека била секси. Дека ги излудувала машките. Јас ја видов само еднаш, вечерта, кога бевме на рок свирка. Имаше безизразно лице, како резултат на нејзината апатија кон гитарите, но и кон сè што ја опкружува,освен перцепцијата кон нејзиниот физикус.Држењето и’ беше смело, исправено, самоуверено. Свирката започна со The Cure, Lullaby. Боже,што ми прави таа песна! Како нема сум и осакатена кога сакам да го доловам сопственото воодушевување од некоја песна.Тоа е музика, тоа не се опишува, туку се слуша и се впива...Тогаш таа ме погледна со нејзините небесно сини очи, исцртани со црн молив, и со најнежен глас ме запраша:“Дали е оваа новата песна од Аца Лукас“?... Не,не беше убава, ниту секси... Не повеќе...

Страст

Дојде таква, никаква, секаква. Доволна, обична, просечна, посебна. Се разголе, се понуди, се отвори. Посегнав, ја вкусив, ја одбив, ја зедов. Крикна, замолче, застенка, прегриза усни. Влегував и влегував, одвнатре ја рассекував со сласт и уживање. Во рацете нејзината кожа, воздух, задник вцрвен од плескање. На вратот кругови модри, бакнежи нежни и болни. Нејзиниот мирис во синусите, благ, силен, горчлив. Ја имав и ја немав. Свршив во неа, со телото, со духот, со зениците вперени во нејзината уста. Се тргнав, се повлеков, се склопчив и затворив. Ја погледнав додека предеше и оближуваше како мачка. Не ја посакував повеќе. Не можев дури ни да ја гледам... А толку многу ја сакав!

Кафка

Беше еднаш еден млад писател. Откако ги прочита делата на Кафка, се смали... и никогаш повеќе не напиша ниту збор...

 

Voyager

Цело

Еден човек постојано беше на мисла дека не е еден туку се двајца. Поточно, едниот од нив, оној вистинскиот, живееше со мислата дека се двајца. Тоа автоматски го наголемуваше бројот на тројца, од кои еден мислеше дека се двајца. Таквата убеденост постојано додаваше човек кон збирот, додека не беа пополнети и последните мисловни резерви на човекот. Со време тие станаа негова единствена преокупација, а тој ги минуваше деновите опседнат со нив. Компулсивно ги проучуваше, манијакално ги следеше и воајерски ги надгледуваше.
Таков, загледан во себе, засегнат со себе, поделен и помножен, беше единствениот комплетен човек во толпата.

 

Ви.За.

Наследството

Откако почина тате, почнавме да се раскаруваме. За што? За наследството.
Ние, всушност, отсекогаш си бевме скромни, но нашите фамилии, на кои впрочем ништо не им припаѓаше, се обидуваа да добијат нешто од туѓото. Но самите сме си виновни.
Се гледавме на парастос, на година, а потоа се среќававме само за да ја поделиме оставнината! Ни раскараа најблиските. Едната се испокара со втората. Втората со третата. А бевме порано толку блиски. И, кога на крајот, сите се накострешавивме како мачки кои здогледале куче и повеќе без адвокат не сакавме да се видиме. Ете, тоа ти е животот. А мислев дека тоа се случува само во сапунските серии. За жал, тоа била стварноста! Уште потрагично е што сите мислеа дека ние сме биле сложни сестри.
- Като, колку убаво си живеете! - ми велеше сосетката Стојна.
Најтрагично е што во нашево општество се велеше дека фамилијата е столб на општеството! Каков столб, какво семејство! Човекот е крволочно животно. Најстрашно, спрема самото себеси.

Градење

Секој нешто гради! И едните и другите и третите! Градат за слободата, градат за да остават нешто за себе, градат за себе, градат за другите. Само се гради. И постојано се гради, се урива старото, се гради ново. Сребренообоената зграда од една мината доба си заминува, но затоа доаѓа нова зграда со прекрасни прозорци во кои одблеснува сонцето. Се гради за иднината, за судбината, за белината и за црнината, за телото и за душата, за копнежот и јанѕата. Некои градат куќа, некои споменик, а трети градат семејство. За помирот и немирот, за себе и за него, за неа и за мене, за тебе и за него! И одеднаш, кога мислиме дека нешто сме изградиле, паѓаме, или нè кутнуваат. Умираме, а по нас, го уриваат она што сме го направиле. Повторно само за себе и за другите. Човек! Што ќе прави, ако не гради?!! Ќе се самоизеде!

Погледи

Секој ден влегувам во исто време во истиот трамвај и седнувам на истото место покрај прозорецот наспроти автоматот за билети. Истите луѓе, истото време! Нашите погледи се вкрстуваат за миг и повторно се разидуваат. И секој ден истото. И денес и утре и задутре. Молк. Ни тие не велат нешто. Ниту, пак, јас! Немир. Дали треба да им речам нешто на луѓето кои ги гледам или да ги оставам да поминат незабележливо покрај мене. Ме копка една очајничка љубопитност. Непознат патник и непозната патничка. Одеднаш влегува толпа деца и ја растура тишината. Излегувам на најпрометната станица и повторно останувам сам.

Оливер Серафимовски

Секогаш исполнети со исчекувања

Го погледна нејзиното насмеано лице. Зрачеше. Беше заљубена. Но... но, неможеше да ја разбере што сака да му каже. Толку се трудеше, но тој не ја слушаше. Се напрегаше сета, а и тој. Но... но не можеше ништо да ја разбере.
Во еден момент тишината ја исполни нејзиниот глас, кој со сета сила навлезе во сите негови пори:
-„МЕ САКАШ...!“- задоволна го исчекуваше неговиот потврден одговор.
-„Па, зарем ти изгледам за толку луд...„-ладнокрвно и’ одговори.

Секое утро е сè поубава

Ги отвори очите како и секое утро. Сè уште спиеше до него. Убава е. Ја бакна. Му се насмевна... во сон.
Ги отвори очите како и секое утро. Немаше никој до него. Никогаш и немало.

Ме спаси морската сирена

Полека влегов во студените води. Морето беше разбранувано. Ме голтнаа високите и диви бранови. Излегов прегрнат со морската сирена... насмеан.

Овена...иако и’ велеше дека е убава

Ја помилува нежно по нејзините листови. Ја полеа со вода... за да ја напои. Замина. Се врати и од вратата силно викна: „Убавице, се вратив!“. Се натажи. Хризантемата беше овената... од тага.

 

Елла

Докторот

Решив да имам второ дете. Ближев до четириесеттата. Жена ми беше постара. Ми препорачаа доктор специјалист. Одевме редовно. Ни наплаќаше како на ѓаволот. Не се бунев. Ги трпев сите гомненици. Докторот беше мало седумдесетгодишно човече, сосем ќелаво, со дебели очила и лоша смисла за хумор. Еден ден ме повика рано. Сам. Ми правеше еден од опсежните прегледи на пенисот. И покрај уредениот спермограм нешто не чинеше: “веројатно технички проблем“.
Ме фаќаше и фаќаше. Не знам како и зошто, но ми се крена. Се вознемирив и засрамив. Сакав нешто да зборнам, кога осетив заби на него. На мојот пенис. Ги видов тешките пукала крај своите мадиња. Докторот ми го имаше земено во устата! По иницијалниот шок, се прибрав, почнав да вриштам и да го пцујам копилето. Ја спраштив низ вратата, неспастрен, со изваден пенис, подуен и полуден. Стасав до колата и се сетив дека треба да го убијам гадот. Туркав и тропав на вратата, но лешинарот заклучил. Отидов дома и и’ кажав на жена ми дека веќе нема да одиме кај докторот. Само толку.
Сосема случајно, по неколку години, во весник прочитав дека починал. Епитафот беше прекрасен. Рекоа дека бил добар човек кој им помагал на другите.

 

Тони Павлески

...

Во куќарката каде што преку ден престојував и нижев тутун ужасно мирисаше на моч. Блиску до неа беше постојано врзано моето куче и тоа сакало-нејќело мораше некаде да уринира. Многу ме нервираше миризбата така што еднаш станав, го зедов пиштолот што го поседував со дозвола и го убив кучето. Тоа кутрото, без да знае зошто, си замина. Да! Многу мириса на моч, измет и пцовисани стаори во руинираниот дуќан, во кој што работам. Поради нозете, приклештени во еден чевел, немам ни сила ни умеење да изреагирам кај работодавецот. Најголемиот виновник испадна моето куче, а и во него ја искористив потребата за внатрешно психичко и физичко олеснување од секојдневните притисоци што ги носат тешката работа и турбулентниот живот.Останав без кучето, но и покрај сè, истата работа сè уште ја работам.

 

Марија Стеваноска
...

Деновите ми се исполнети со ноќ, ноќта со ноќ и во тие бесконечни ноќи, сонот е најпрекрасното нешто што ми се случува и покрај неверојатната жештина во градот, која допира до мојот кревет и ме разголува до гола кожа и сè потопло и потопло ми е, но не се будам, таму го сонувам светот кој, ете, не постои, но можеби е и подобро така, да биде тоа само во сонот, зашто тоа е мојата имагинативност која нема граница, а тука, тука само граници и граници...

 

Lizard Queen

Неверство

Го сакав и не чувствував потреба да го изневерам. Го читав Кундера и добив желба за љубовна авантура. Го изневерив со три епизодни личности. Уживав во моментите на страст... и толку. Не ми значеа ништо повеќе. Го сакав и понатаму со истиот интензитет. Првиот пат не дозна. Сè си беше нормално. Ме сакаше. Вториот пат повторно не дозна и повторно сè си беше исто - љубов бликаше меѓу нас. Третиот пат од љубопитност како ќе реагира му кажав за сите мои неверства. Ме напушти. А јас бев истата целото време. Цело време го сакав само него.
Ја сакав ама не можев да издржам само со неа. Мислам, ја сакав, ама не ја сакав само неа. Сакав и други и ја изневерив... неколку пати. Уживав во неверствата. Во возбудата. Уживав во сексот. И понатаму ја сакав неа. И понатаму го сакав сексот со неа. Еден ден ми призна дека ме изневерила и таа. Се избезумив... не од љубомора... од страв... Ја напуштив зашто не можев да си замислам и јас да и’ признаам.

Верба

Побожна сум откога знам за себе. Од пред некое време почнав да го слушам гласот Божји. Ако верувате во Бога и вие, верувајте ми како што јас верувам во Него. Цел живот барав небесен знак како одговор на мојата верба во Бога. Чекав... чекав... и дочекав. Знакот се јави како глас кој ми вели дека треба да го жртвувам сопственото дете. Ќеркичката. Премила му била на Бога, ја сакал при него. Љубовта и кон детето и кон Бога ми беше преголема. На тешко искушение бев ставена. Не можев да не го сторам тоа што се бараше од мене. Казната Господова и моето дете би ја трпело. Тоа е страшно. Нема полошо од проколнатост од Бога. Сите го знаеме тоа. Да си го убијам детето - која мајка го може тоа? А да се убијам јас - па детето без мајка, а само мене ме има на овој свет. Си реков да не не е тоа гласот Господов. Ама како што верувам во Бога, така морам да верувам дека ова е неговиот глас. Да веруваш значи да не бараш докази. Не можев да спијам, не можев да живеам. Сфатив дека страдањето е неминовно, па морав да сторам нешто. Го сторив ТОА што се бараше од мене.
И сега побожните луѓе велат дека сум луда.

„Кафка“ на

„Кафка“ на Нутела. Кафкијански добар расказ. 

ova

"Vrakanjeto na Filip Latinovski" i "Verba".

najmnogu mi se dopadnaa

najmnogu mi se dopadnaa "Nuklearen otpad"- Natasa, Voyager -"Celo", " "Verba" -Lizard Queeni "Doktorot" -Ella

 Неверство,Ну Тела,екстра...а

 Неверство,Ну Тела,екстра...а Докторот..мислам дека знам за кој доктор се работи:)

Дефинитивно Нуклеарен отпад,

Дефинитивно Нуклеарен отпад, Докторот и Наследството. Поздрав
 

Mnogu interesen raskaz

Mnogu interesen raskaz Ella. Se prasuvam dali e toa vistinita prikazna. Koga bi mi se slucilo mene, bi ostanal:)
Pozdrav
 

Lizard Queen. Кога не се дума

Lizard Queen. Кога не се дума како да се вклопи во калапот. :)

„Писмо“ ми е некако интригантен, особено ради страните фрустрации кои прштат од него.

„Нуклеарен отпад“ е емо. Скроз.

Nu Tella е Аца Лукас. Оваа седмица.

„Докторот“ е прилично побезвезе. Мада, во хипотетичниов случај, и јас би останал. Од сосема други причини.

Кирил е исто тамам, ако песната навистина му е замислена како подебавање. Ако не е така, тогаш крајот на „Враќањето на Филип Латиновски“ е еден од попатетичниве на конкурсов.

Николина си е Николина. Одлична. И недоработена.

Во кој калап се думам да се

Во кој калап се думам да се вклопам, ако може да знам? Баш ме интересира... па, можеби ќе можеш и да ми дадеш некој совет како во иднина да им бегам на калапите.

Ти одма да се тепаш, а?

Ти одма да се тепаш, а? :)
 
Инаку, ако требаше во една куса реченица да резимирам, пошто гледам некако поинаку и не оди, тогаш:
 
„Писмо“, „Верба“, „Враќањето...“ и сите на Николина.

 Дверски, те мооооооолам не

 Дверски, те мооооооолам не избегнувај одговор :) Мнооооогу ми значи твоето мислење, знаеш и самиот, затоа те молам обиди се да ме удостоиш со него во форма на еден коментар.

Да де, и на мене многу ми

Да де, и на мене многу ми значи твојот ценет сарказам, знаеш и самата, затоа, ајде, нека ти биде, не избегнувам одговор. :)

Да. Николина е

Да. Николина е недоработена. Тоа може да се констатира од сите нејзини раскази проткаени со еротизам. Квеен Лизард исто така пука од еротизам у првиот расказ. 

А докторот е провокативен, затоа го привлекува вниманието. 
Е Дверски зошто би останал ти? Ја би останал ако е докторот згоден нормално.
 
 

Габриела со нејзиниот

Габриела со нејзиниот најдобрите женски приказни ме потсеќа на ЧУК ЧУК СТОЈАНЧЕ. 
Поздрав
 

Voyager исто така е доста

Voyager исто така е доста еротично. Се на се би рекол дека најголемиот дел се еротични раскази, ускратена сексуалност кај писателите.
 

Voyager исто така е доста

Voyager исто така е доста еротично. Се на се би рекол дека најголемиот дел се еротични раскази, ускратена сексуалност кај писателите.
 

 Ускратена не,јас би рекла

 Ускратена не,јас би рекла преприсутна..или можда желба за провокација...Мене повторно ми се допаѓа Нутела...особено Кафка...совршенство во 3 збора!

„Ускратена„,

„Ускратена„, реков во смисла, на писателите. Писателите немаат доволно секс, па се искажуваат тука. Но, како што велиш Дализа, еротиката е преприсутна тука. Не би рекол дека нешто сексуално е толку провокативно. Може да стане сосема банално ако е нешто што се движи во границите на нормалните те сакам те љубам, доживувам оргазам. За мене единствен провокативен е Докторот. Другите се прикази на ускратеност на еротика во животот на писателите. Кафка е супер

Прав си..:)

Прав си..:)

 Уф, коментариве не се

 Уф, коментариве не се задржаа само на обиди за критика, туку отидоа уште понатаму - обиди за психоанализа на авторите, а како се викаше тоа... позитивизам? Чиста мизерија. Да се каже дека ако авторите пишувале еротски раскази имале „ускратена“ (внимание го зборов!) сексуалност??? Дај задржете си ги глупостите за себе. 

Немој така научно Анонимна,

Немој така научно Анонимна, ќе ни ги исплашиш коментаториве, а баш убаво се расприкажаа. Не студирале сите книжевност...  не се криви...  Сфаќам дека само си сакала да ги одбраниш писателите... Не е битно што си во право, битно е да се изјаснуваат сите што ќе посакаат. Значи да продолжиме, каде застанавме... Ааа, вака - така еротиката пали! И?

И, сите тие глупости вас ве

И, тие глупости вам ви пречат како/зошто? :) Сите сте премногу напнати на порталов, бре! :) Премногу дури и за мој вкус.
 
Инаку, колку и да сакам конструктивен позитивизам кај филолозите :) од мојата виртуелна околина, сепак, би било во ред, барем некој од нив, од време на време, да се осмели да сподели нешто повеќе од (прокламацијата за) тој толку учен, племенит и храбар позитивен молк.

Дверски, тебе мора да ти се

Дверски, тебе мора да ти се симне капа. Махер си за глупаво коментаторско бладање. По сите твои коментари за исполитизираноста на Окно и за безвредноста на конкурсот, сега се наоѓаш паметен да ни кажеш дека ние, другите сме биле премногу напнати. Хахахаха... Или треба да се биде напнат само кога тебе тоа ти одговара. Мразам да бегам од тема - коментарите треба да се однесуваат на расказите, но кога луѓе како тебе се прават паметни, едноставно мора да им се каже каде им е местото.
Како прво, не употребувај зборови чие значење не ти е јасно само за да изгледаш попаметен. Можеби кај некого тоа пали, но кај мене не поминуваат твоите „паметни глупости“, твоите реченици во кои никогаш не се населила смисла и кои се жално-патетични до таа мера што на човека му доаѓа да се самоубие читајќи ги. 
Како автор си прилично очаен. Тоа се виде од твојот расказ со супер-глупав наслов што никој нема да се потруди да го запамти и со стил на повоен македонски поет, кој мисли дека е уметник само ако употребува „поетски“ зборови. За среќа таа генерација е во изумирање... А ти, очигледно е дека се трудиш да ги лечиш твоите комплекси на ниска писателска вредност на тој начин што ќе кажеш дека одредена авторка на еротски раскази е „недоработена“.
Навистина си за жалење.
Мојов коментар нека ти биде одговор на твоето граматички неуспешно и смисловно неиздржано прашање на почетокот на твојот коментар: „И, тие глупости вам ви пречат како/зошто?“

Анонимна, у срце ме гаѓаш. :)

Анонимна, у срце ме гаѓаш. :)

Дверски ти си супер! -

Дверски ти си супер! - коментар на еден од сите напнати. Обожавам да те читам, и расказите и коментарите. Само дај појасни што сакаш да кажеш со вториот пасус од последниот коментар. Поздрав!

Мислев на тоа дека треба да

Алудирав на тоа дека треба да почнат да фрчат коментари и критики (најмалку) од автор кон автор. Не само да се тапшаме/ат по рамо и да вриштиме ко (скоро па) тинејџерки, по премиерата на Shallow Island 2 - We Suck. You Buy. :

„Лииилее, абе јако ова, а? Нели, а?“ „М-хааа.“

Би сакал да се подразвие мала искрена дискусија/дебата, поврзана со она што се пишува и доставува до конкурсот на Окно, без разлика дали истата ќе биде потпишана со нашите вистински имиња или не.

Лесно е да се молчи и да се биде конструктивен, тоа е се што сакав да го кажам. :)

 Ги читам редовно расказиве и

 Ги читам редовно расказиве и има навистина интересни. Гледам дека најчесто се истакнуваат оние писатели кои веќе неколку пати испратиле раскази. Можеби затоа што нивниот стил е препознатлив или е во прашање нешто друго. Сепак и овој пат би ги издвоила: расказот “Кафка„ Nu Tella, расказите на Lizard Queen. Интересен е и расказот “Капки сон„ 
 

Се извинувам, грешно го

Се извинувам, грешно го напишав насловот на расказот “Капки време„ :)

Е сега, ова е

Е сега, ова е навреда! Сексуалноста на писателите е важен дел од животот на писателот. Кога сте учеле за писателите во средно сигурно сте споменале, оваа била куртизана, или овој бил женскарош итн.
Не би рекол дека филолози не коментираат за сексуалноста на писателите. Сексуалноста на писателите поттикнува за писателски подвизи. Така на пример познатиот германски нобеловец Томас Ман напишал хомоеротска новела „Смрт во Венеција„ и сигурно дека тука има еротивност. Јас не мислам дека е преинтересно да се пишува за еротивноста, тоа е можеби провокација, но ако се повторува воопшто не е.  
Од друга страна не мора да се биде филолог за да се пишува и да се биде писател. Во тој случај зошто е конкурсов??? Тогаш да ги викнеме Венкота и Стефановски и другите живи наши писатели и они нека се натпреваруваат.
Уствари што горе наведени анонимен господине подразбираш под филолог? Дали филолог е за тебе лингвист или литерат?
И стварно сте многу напнати! Многу забегуете!

Taka be sonuvacot. Kazi im.

Taka be sonuvacot. Kazi im.

А анонимната е исто така

А анонимната е исто така исфрустрана, затоа што немала долго време секс!
Затоа коментира против мене!
 

Xaxa!

Xaxa!

Ajdeeee, pak zabeguva

Ajdeeee, pak zabeguva debatava. Sega duri se komentira seksualnosta na komentatorite, mesto da se kaze nesto za samite raskazi!
Mene mi se dopaga poetskiot jazik na Nikolina, temite na site se interesni, a najkafkijanski raskaz i najkompakten, najinspirativen, najinovativen, najiznenaduvacki mi e raskazot - Celo!

Хахаха, овде е многу

Хахаха,
овде е многу интересно како што гледам. Се коментира на велико. И мене ми се допаѓа расказот во кој се споменува Кафка. Многу е оригинален!
поздрав
Ви.За.

Павлески? Абе ти да не си

Павлески? Абе ти да не си роднина со мојата наставничка по биологија поранешна у ОУ Стив Наумов?
Инаку расказот е интересен, но нема некоја врска меѓу убивањето на кучето и другиот дел. Мислам дека би можел поинтересно да ја раскажеш. Дали и тоа е вистинска приказна?
 
 

До редакцијата на Окно имам

До редакцијата на Окно имам прашање,зпшто еден расказ кој не надминува 1200 карактери не ми беше објавен?Благодарам однапред на одговорот,а и на сите оние кои го читаат она што сме го напишале,...и покрај најразличните коментари...Поздрав до Дверски од "Аца Лукас":)

Добро Ну Тела што ти стана

Добро Ну Тела што ти стана толку непријатно што девојката ја помешала Ацелукасовата музика со лулаби итн? Ко да е таа лулаби толку популарна. Молим ти се лепо. Јадна турбофолкерка, епа дечко тоа ти е избор на вкус! (се шегувам) Пола народ слуша турбофолк! Квалитетот има различни мерила: еден е финост на звукот, а друг е кој колку збира слушатели на стадион. А Ацета Лукас дефинитивно го вбројуваме во квалитет по број на слушатели:)
Инаку твојата приказна ме потсеќа на друг расказ, или друга приказна во која музиката го тера дечкото веќе да не ја сака девојката и слично.
Хехе,

Хе,хе,да,ми текнува:))...ама

Хе,хе,да,ми текнува:))...ама приказнава е чиста вистина,девојкава ми вика,сакала гитари ама и сметал звукот на гитара(?!)...а ние на свирка на Деј Оф...тоа е веќе грев...морав да напишам...

Нутела, ти добро можеби не си

Нутела, ти добро можеби не си ја разбрал. Сакала она можда уствари да каже дека и се допаѓа долгнавестата ФОРМА на гитарите, а сега за звукот, друга работа. Требало да ја прашаш што поточно сака кај гитарата?

Анонимен, животињо една! Што

Анонимен, животињо една! Што знае девојче што е долгнавеста форма на гитара? :)

Патем, Nu Tella не е машко, така да, не опуштај се до толку.

А, да, и стварно не би да звучам ко средновековно, затуцано, шовинистичко ѓубре/свиња од човек, ама имам некое силно претчувство дека нашите мили дами, ширум светот, се една гнасна, заговорничка раса на ненаситни предатори, на кои идеалната средина за вегетирање би требало да им биде во кујна над шпорет, а не со типки под ноктите и јалови мечти во слатките тикви. Во кујна, на под и пред врата. Евентуално у плакар, на таван и во подрум.

Али, тоа сум само јас. Може и грешам некаде.

Ајде, морам да бегам. Девојка ми ме мава у ребра со... па, сукало ли е, што ли е... :)

Ама каде се другите. Зошто

Ама каде се другите. Зошто тука само анонимни се јавуваат? Туку тоа од друга страна е добро. Ајде критикувајте. Кој ќе ги искритикува моите раскази. Ајде! Пукајте! 

Е, па, Ви.За. еве го моето

Е, па, Ви.За. еве го моето најискрено мислење во однос на твоите раскази.
Според мене, недостаток на првиот расказ „Наследство“ е тоа што на крајот нараторот го донесува заклучокот (ако може така да се каже) што авторот би требало да му го препушти на читателот. Тоа дека луѓето се крволочни суштества и дека материјализмот знае да ги победи дури и семејните односи, не треба да се каже, туку да се сугерира низ расказот, затоа што станува за кратка форма од која смислата би требало да се извлекува, а не да се дава на тацна.
Истото важи и за вториот расказ - „Градење“, каде што се вели: „Човек! Што ќе прави ако не гради?!! Ќе се самоизеде!. Сè е тука.
По мојот вкус и критериуми, третиот расказ - „Погледи“ е најуспешен. Во него се чувствува една состојба на духот и на психата на современиот човек кој, живеејќи во толпата, е поосамен од кога било. Самотијата е моќна тема и начинот на кој е обработена, паралелно со тенденцијата (а можеби и потребата!) на луѓето кон алиенација едни од други, го погодува секој оној кој се почувствал осамен и отуѓен, кој посакал да го надмине тоа, но не му успеало, без разлика од кои причини. 

Anonimna, bravo za

Anonimna, bravo za komentarov, iskren i smel. Ajde bidi isto taka iskrena i kazi (ako sakas, se razbira) koi se top 5 spored tvojot vkus i zosto, a sekako i ako nim nesto im nedostasuva, kazi sto. Veke vidovme deka si dobar procenuvac, pa prodolzi koga veke go skrsi mrazot so iskrenosta vo odnos na slabostite na raskazite. Ako pak sakas da dobies slicen komentar za vozvrat, za zal ke mora da go simnes prevezot na anonimnosta i da kazes koj e tvojot raskaz, pa nie ostanatite da go iskomentirame.

 „Верба“ на

 „Верба“ на Lizard Queen има добра поента. :)

 Тоа ми беше и на мене

 Тоа ми беше и на мене поентата! Можеби би требало сите подеднакво да се критикуваат за да се препознаат слабостите и секако, доколку писателот сака да ги прифати, следните  раскази сигурно ќе му бидат подобри. Браво за Анонимна која успеа на вистински начин да искоментира. Така треба и да продолжи :)

Анонимна, е алал ти

Анонимна, е алал ти вера! Фала ти многу за тоа што си искрена и што си ги прочитала пред се моите раскази. Мислам дека сосема имаш право. Јас сакам да раскажувам пред се работи од секојдневниот живот, но како што рече, можеби треба да му оставам на читателот сам да ја сфати поентата на крајот!
ај до следниот пат, ај сега кажи која си:)
 
Ви.За.

 Да не изигрувам комисија за

 Да не изигрувам комисија за оценување на расказите, не би ги рангирала од еден од пет според квалитет, туку би кажала кои раскази, според мене, се најуспешни во овој преглед и зошто. Ќе почнам според редоследот по кој се објавени:
„Дали е...“ на Nu Tella. Одличен расказ за нашата перцепција на другите и тоа проткаено со вкусот за музика. Сепак, мислам дека расказот би имал поголем ефект, доколку на пр., нараторот раскажува како девојката нему му била убава (а не - за неа велат дека била убава), па потоа му се сменила сликата за неа. Но, тоа е според мене, и според тоа како сакам јас да ги гледам нештата и каква смисла сакам да им дадам, односно која уметнички обработена смисла има за мене како личност повеќе смисла. И... морам да забележам... интересна раскажувачка пасија за гитарата на Nu Tella. Сепак, не ми е убедливо тоа дека некој може да ги замени овие два типа музика. Можеби ако исказот на девојката на крајот е „Јас повеќе го сакам Аца Лукас и сл.“ ситуацијата ќе биде поверодостојна.  
„Кафка“ - повторно Nu Tella. Кој го читал и го доживеал Кафка не може да остане рамнодушен пред оваа минијатура. Читателот лесно може да ја почувствува аналогијата со кафкијанската стравична умешност за започнување расказ in medias res од типот на „Едно утро Грегор Самса се разбуди како бубачка“ и да продолжи да се движи во рамките на стравот што избива од фантастичната ситуација (ако се чита буквално). Онака како што Кафка се чувствувал неудобно во сите аспекти на својот живот, ликот во оваа минијатура се чувствува во однос на ГОЛЕМИОТ АВТОР. И тој почнува да се смалува. И на крај, како да ни останува впечатокот дека колку повеќе ликот-автор се смалува, толку повеќе расте личноста-автор.
„Цело“ - Voyager. Расказ за подвоеноста, т.е. мултиплицираноста на човекот и за неговата свесност за тоа. Човекот е збир на повеќе „јас“ во себе, игра повеќе улоги во животот и како што се истакнува со расказот, само оној што ќе стане свесен за тоа, има потенцијал да стане комплетен човек. Навистина, без тоа „јас-загледано-во-себе“ тешко дека може да се говори за некаква комплетност на индивидуата. Ние сме свесни - и животните се свесни (во смисла на тоа дека и ние размислуваме и животните размислуваат). Но, ние сме свесни дека сме свесни и тоа не издигнува над другите мисловни суштества. Но ретки се меѓу нас оние кои се свесни дека се свесни дека се свесни... Ми се допаѓа леснотијата со која е раскажан расказот - се добива чувство дека некој лично ти раскажува и дека зборовите спонтано течат.  
„Неверство“ - Lizard Queen. Како што гледам овој расказ на Lizard Queen никој не го оценил како добар во овој преглед. Жал ми е. Мене навистина ме погоди. Ме потсети на една драма од Пинтер каде што имаше обид за институционализација на неверството. Исто така си го поврзав со расказот на Nu Tella за менување на перцепцијата, за менување на начинот на кои ги гледаме другите, особено во првиот дел, каде што раскажува девојката дека дечкото ја напуштил откога дознал дека го изневерила. Но, потоа гледаме дека не е проблемот во тоа. Мислам дека ова е прв расказ на конкурсов во кој се даваат две гледни точки, т.е. има два наратора. Јас сум поборник на ставот дека бракот е прецврста институција непогодна за начинот на кој мислиме и чувствуваме и дека неверството не е грев што не може да се прости. Всушност, нема што да се простува. Колку поубав би ни бил животот без општествените стеги кои изневерените ги прават „рогати“ или не знам што друго, па би можеле повеќе да уживаме и, на крај, да му признаеме на партнерот, што аналогно на реалноста, не е случај во расказот.
„Верба“ - Lizard Queen. Кој го гледал „Dancer in the Dark“ на Lars von Trier сигурно му е јасно колку големи можат да бидат моралните дилеми што се отвораат пред една мајка. Расказот е многу силен. Дилемата на мајката е дилема пред вербата во Бога. Јака дилема, која ме замисли. Мрежата на логиката во расказов е толку цврсто сплетена што мислам дека ни најголемиот мозок-претставник на Црквата не може да ја раскине за да си ја одбрани религијата. Најдобро нешто оваа недела.
Освен овие раскази кои ме влечеа да напишам нешто за нив, сметам дека потенцијал имаат и: „Докторот“ (чија крајна идеја ми е малку сомнителна, па со резерва коментирам за него), „Студенило“ (јак контраст во кој недостасува посилна приказна) и „Капки време“ (нежна лирска проза чие значење како да не е доволно изразено) и „Погледи“ (за кој се искажав во претходниот коментар).
Ги очекувам вашите коментари за расказите што најмногу ви се допаднаа. Ако сите се потрудите да напишете по нешто, ќе имаме конструктивна дискусија од која сите ќе можеме да научиме нешто, а не дискусија во која ќе се докажуваме кој од кој е попаметен и кој од кој е поголем навредувач.
Поздрав до сите автори. А за моите раскази - па коментирајте и ќе бидам среќна ако се најдат во вашите коментари. Ако не се достојни за коментар, не се достојни ни да ги спомнувам.

Леле, анонимна, колку

Леле, анонимна, колку објективно ги претстави работите. Навистина е многу тешко да се претстават работите објективно, кога и ти си вклучена во оваа т.н. „игра„. Браво. Секоја чест.
Инаку јас ќе кажам сега дека неколку раскази ми оставија впечаток.
Расказот со Аца Лукас, расказот Додека не е доцна и расказот Докторот.
Расказот Докторот би го истакнал како незаборавлив. Не знам зошто. Најверојатно поради неговата фрапантна содржина. Што сака да каже писателот со тоа е сомнително како што и ти кажа. Тука можеме да разбереме за една латентна хомосексуалност. Но, и за неизбежно избивање на чувствата, на нашата потсвест на површината. Жал ми е само што расказиве се ограничени со1200 бидејќи една ваква приказна бара повеќе простор.
Расказот со Аца Лукас е исто така оригинален со неговата идеја за човековото восприемање на другиот и очекувањата кои човекот ги има кон другиот.

Последниот расказ Додека не е доцна ми се допаѓа бидејќи ме потсетува многу на моето семејство. Мајката раскажува, а другите слушаат. Приказната многу ми се допаѓа бидејќи сака да го пренесе следново: радувајте се на секој момент со најблиските без разлика какви се!
 
Има и други раскази кои би ги издвоил, но тоа следниот пат кога ќе имам повеќе време!

 И повторно ќе прашам,до

 И повторно ќе прашам,до Окно,зошто еден расказ не ми е објавен а не надминува 1200 карактери??Ќе ве молам да ме удостоите со одговор...чисто да си знам

И, кој е поголем навредувач?

И, кој е поголем навредувач? :)

Ви.За.,

Занемарувајќи ја идејата/пораката на твоите куси раскази, која е лична работа, никој не може да ти всади инспирација/мотивација за нешто друго, она што навистина ми пречи кај тебе е односот кон делата. Имам впечаток дека не можеш да се оттргнеш од наметнатата матрица, расказите да ги перцепираш/восприемаш по принципот на формални, средношколски писмени работи, а единствените нешта кои ти минуваат низ глава, за времето на чинот на пишување, се: задоволството, кое, едноставно, мора да му го пружиш на непостојниот лик од спротивната страна - оценувачот, наградувачот и/или критичарот - небитно; и, условено од тоа, потребата да пресликаш модел со кој би ја исполнил таа нема, вжештена душа одспротива, на начин кој истата би го препознала како коректен/соодветен, согласно контекстот и моментот/тенденциите на времето во кои е творено.

Со други зборови, она што ми фали во твоите дела е вдахновување на истите со капка живо(с)т. Ми пречи недостигот на игривост, на комплексот од (не)прочистени чувства, на имагинација, на магија, на карактер, на ебано парче душа, нежно откорнато од парадоксот т.н. Ви.За. и преточен во шака отровно-милозвучни тонови, кои, за момент, ќе ни го доловат светот на твоето осамено лутање, на привидната бесмисленост на твојата борба, на крахот на илузорните, духовно-мисловни стеги со кои не дојат целиот наш живот, а на кои дури и премногу провидно инсистираш, на твоите разурнати мечти, на дебаклот на човековите, неприродни сфаќања, на старо-новите дилеми, на твојот потиснат гнев, на твоите фрустрации, на безнадежноста, на твоите чувства, на твоето его, на твојот бол... На твоето било што.

Нема ништо од сето тоа. Има само една празна линија која завршува така како што очекуваш да заврши. Во точка. Во крај кој не кажува ништо ново.
 
Или, во неколку збора:
 
- оттргни се од шаблоните, салонизацијата и баналноста на пишувањето, каде за сигурно нема да ја спознаеш суштината на твојата (нашата) нецелосна комплетност; и
 
- клучното прашање кое би требало да си го поставиш, пред да почнеш да пишуваш било што, не е „што“ сакаш да споделиш со нас/со себе самиот, или „како“ да го направиш тоа, туку, пред се, „зошто“.  :)

Neli imase edna kniga

Neli imase edna kniga "Vrakanjeto na Filip Latinovic" ? Da, da, da, od R. Petrovik :)))

ОкоБоли главаВицФото