Критична маса #68: Сврти за промена во 2018

24.12.2017 23:58
Критична маса #68: Сврти за промена во 2018

Под мотото „Сврти за промена во 2018“, во среда (27.12) ќе се одржи 68. Критична маса во Скопје. Зборно место е Плоштад Македонија во 17:30 часот, а рутата ќе заврши со предновогодишно дружење во Социјален центар Дуња.

* * *

Ова се денови во кои уредно си ги пакуваме желбите за наредната година. Ги ставаме во весели пликови со убав ракопис, ги адресираме и ги испраќаме до нашите дедомразовци. Да, оние дедомразовци кои во реалниот живот ги викаме градоначалници, пратеници, министри за внатрешни работи, транспорт, екологија…

Нашите желби не се чуда. Всушност сме многу скромни. Во 2018 година сѐ уште бараме велосипедски патеки. Но бараме и слободни тротоари, уреден и добро организиран јавен превоз, бараме и безбедни улици. Бараме град за нас, луѓето.

Веруваме во замислени желби, визии, идилични утопии, уште повеќе веруваме во работа, посветеност, стручност и упорност.

Веќе имаме многу неостварени желби од минатите години, но тоа не значи дека сме престанале да веруваме во нив. Повторно ќе ги посакаме и овојпат ќе бидеме уште поупорни да ги оствариме. Продолжуваме да сонуваме, но и да работиме и гледаме напред.

Нашите желби се за еден поубав град. За град во кој треба да има место за сите. И за пешаците и за нас точакољупците и за јавниот превоз и за автомобилите.

Посакуваме град кој поубаво ќе ни стои. Град во кој поубаво ќе се дише. Посакуваме поубав град за сите…
за оние за оние кои ја одбираат бојата на шалот да им одговара на точакот
за оние што носат жолт чадор на тмурен и дождлив есенски ден
за оние кои во автобус читаат книга
за градските херои, кои и да се тие
за новите градоначалници кои заинтересирано нѐ поканија на состаноци
за оние кои сѐ уште нѐ игнорираат
за полицајците кои паркираат на велосипедска патека додека го регулираат сообраќајот на крстосниците
за оние кои сакаат градот да се промени без да се променат себеси
за оние „многу убаво си паркиран“
за оние кои низ личен пример го менуваат…

Ние сме НаТочак ама нашите желби се подобар град за сите вас. Без разлика кои сте“, порачуваат НаТочак.