Куси-куси раскази, преглед 10-16 август

16.08.2010 10:15
Преглед 10-16 август

Габриела Стојаноска-Станоеска

Писмо

Ти што сега читаш, кој е твојот најдобар другар?
Кој сум јас? „Покажи респект зашто јас сум интелект!“ Не сум Тони Зен. Биди раат, не сум една од графо-звучните преобразби на твојот смртен час. Најсветла, најдевствена, најисконското сум на она што беше ти, но и најсуштинското на ова што сега си ти - заебена читателка! Ете ти женски род колку за антропоморфен изглед.

Многу се? Никој? Тој или тој? Ааа тој! Лажго par exelence! А „Книгата е мојот најдобар другар“?
Премолчени забелешки, прескокнувања, разочарување од крајот кое не го спасува ни најбрилијантниот почеток. Пријателката ни се размножи на милијарди чеда кои одвај личат на неа: молневито око, заразен хумор, напишано од нога, води дијалог со Бога, плускоти телесноста, претенциозно до максимум, со јаболко нè кани кај џуџињата, отпаднати нокти, коса и кожа, крие девет лути рани, поуките на куп се збрани, единаесеттото мириса на нов почеток, па дванаесто симболично, а тринаесеттото е прасе што не се држи в раце и, гледај, некому и тоа носи среќа!

Со клоца в газ ти, во егзил и јас, ни останува само да се читаме: едното со другото низ третото до точка на препознавање. На топење? Да! Не сум непознато другарче. Те сака, Софија.

Пред изгрејсонце

Ќе почнат да одат на работа.
Соседов ќе го збрчи камионот, малиов ќе се расписка. После - ете ги сите!
Ајде.
Кај се најдоа сега овие две фатени под рака? Нека подзаминат.
Сум се мрднала од умот. Ноќница до под газ и најки на босо.
Добро е: нема никој.

Го трие грбот во тесниот простор меѓу оградата и единственото дрво во дворот и внимава да не му ја чукне главата.
Само да не се сопнам. „Дрвцево да се поболи, детево да ми оздрави!“
Втор круг. Е бабана ме виде. Ај, поминала и таа по тој пат. „Дрвцево...“
Велосипедист?! Кој кур го наве? „Дрвцево...“
Ау, шо е она? Пу! Пу! Пу! Чувал госпо од вештерки, шо сум кинисала и јас по гробови од оџи и Али Баби. Ќерка си бара или како мене син? Кај ме знае кај одам? Чантата на рамо, небаре пред пензија...
Велосипедистот прошиша по удолницата. Не ја забележа пченицата истурена на горната раскрсница каде штотуку ги одмина двете жени фатени под рака. Некакво зрнце го удри во око, па триејќи се, не ги виде ни старицата, ни младата жена со детето. Трепкаше, му се стркалаа солзи и во моментот кога кивна истовремено и летна, а велосипедот се свитка токму среде долната раскрсница. За среќа немаше жива душа. Но, еден камион јуреше одозгора.

На Запад

Секое утро од годишниот одмор се станува пред сите и се трча на плажа. Мобилниот се префрла од едната во другата рака, од згрчената и испотената во онаа што граба низ ветрот. Мора да се знае во секој момент: колку е часот, за колку минути се трча секој таканаречен круг, и уште колку има до десеттиот. И треба да се биде постојано достапен, на штрек за нечие јавување.
Се трча, малку лево, малку десно, од навиката да се бега пред нишан. Е сега, на плажа не е баш како на подвижна лента. Кратко пропаѓање, па мал отскок од дното – полидимензионално трчање. Ама, другото е речиси исто. Се гледа строго два метра пред себе, колку да не изненади некој поголем камен. Врати му „Добро утро“ на сонцето. Види како се пенат брановите. Слушни ги крилјата на галебите. Не, не камбаната која ти кажува дека е седум штом бие за утринска. Но, веќе е жешко. Се прават брчки од постојаното замижување. Дали блузата е доволно испотена? Ел-карнетинот мора да го направил своето! Чекаат житарките со јогурт. Само уште овој: десетти, десетти... - враќање... уф готово. Брзо под туш.
А плажата? Не ја виде ни земјата, ни водата, ни небото...
Не е крај на светот, има уште денови за трчање.

Најубавите женски раскази

Мислите на мајките се секогаш со нивните деца, каде и да се тие, што и да прават. Затоа, најубавите раскази на писателките-мајки се напишани додека слатко спијат нивните деца.

Додека не е доцна

На враќање од работа, пред да си замине дома, помина во куќата на мајка и’ и татко и’. Веднаш и’ поставија да руча. Додека со уживање си крцкаше од јадењето и шлапкаше, ја слушаше мајка и’ како нашироко раскажува што им се случувало изминатите денови и истовремено гледаше телевизија со татко и’ коментирајќи со полна уста. Потоа тие ја слушаа неа, се смееја, креваа веѓи, ц’цкаа, и паѓаше по некој незадолжителен совет. На крајот од посетата, стана и, на нивно изненадување, ги бакна во образ двајцата и им го намести својот образ пред нивните усни: „Од денеска, секогаш кога ќе си одам ќе ве бакнувам и вие ќе ме бакнувате“. „Што е, да не умираме?“- се насмеа задоволно татко и’. Не – рече таа и исто така насмевнато си замина помислувајќи во себе: така јас ќе умрам посреќна.


Наташа У.

Студенило

Ја заклучи портата. Два пати, по навика... Издиша тешко, издиша уште еднаш. Потоа со одлучни чекори се упати онаму каде што претходно беше намислила. Имаше нешто необјаснувачко во нејзината појава. Кој ли знае што имаше на ум: идеи, амбиции, мечтаења или, пак, изолирачки разочарувања... Беше типично декемвриско утро и студот безмилосно и` навлегуваше во коски. За неа...

За метеролозите и сите останати беше пеколно топло лето...

Нуклеарен отпад

Те дишев тебе. Ми поминуваше низ дишните патишта, соодветно и твојот кислород експресно се пренесуваше низ мојата крв. Беше храна за моите ткива и клетки. По неколку години добив чудни симптоми. Некаква болест. Моите неродени деца имаа последици, мутации во генот. Ни моите невидени внуци не беа баш најобични. Пред умирање дознав. Си бил радиоактивен. Ти си бил нуклеарен отпад.


Кирил Максимоски

Враќањето на Филип Латиновски

Човекот што се врати во својата стара улица.
Се врати со куфер во рака.
Сè беше премногу нормално.
Премногу обично за него.
Тој не беше навикнат на таква едноличност.
Неговиот немирен дух беше изморен од стихови,
од уметност.
Од валкање во досадата на инспирацијата и на музите,
кои никако не сакаа да се галат со него.
Раката на човекот се здрви од тешкиот куфер.
Додека тој ги редеше своите мисли
и како по наредба од некој друг организам
го испушти куферот на земја.
Куферот падна и се отвори.
Во него немаше ништо друго, освен машина за пишување.
Човекот ја погледна машината, но во преден план виде конец од неговото палто.
И помисли нешто, но заборави што било тоа.
Ја крена машината и наеднаш се најде среде еден парк.
Седна на една од клупите и ја стави машината во скут.
Од едниот џеб на палтото извади стуткан лист хартија и го вметна во машината.
И започна да чука по типките, да пишува.
И по пет минути беше готов.
Стана, и си замина од овој расказ.
Ја погледнавме хартијата вметната во машината.
Беше испишано…

…КРАЈ

 

Сината птица

Капки време

И капна една солза... по неа уште една и... заспа.
Го сонуваше најубавиот сон. Се виде како седи на балконот, полн со цвеќиња задлабочено, гледајќи во преубавото пенливо море. Ветерот нежно и’ ја галеше косата, а цвеќињата и’ ги скокоткаа стапалата. Се чувствуваше силна, слободна. Чувствуваше спокој, некакво скокотливо блаженство.
Таа никогаш не го видела морето, никогаш не ја почувствува слободата во која како безбојна нишка, беше вплеткан стравот. Морето се исуши, балконот се сруши, а на лицето, река од солзи.
Слика без поглед,
        Душа без здив,
               Живот без сон
,
Капна уште еден миг... времето како да капеше без престан. Не можеше да ги здогледа сите тие капки, да ги запомни, да ги впие. Знаеше дека времето може да искапи, а таа да остане со својата пустинска жед. Можеби требаше да ја пушти својата рака и со дланката, како дете, да си игра со капките... да ги заробува и ослободува... да го промени нивниот редослед. Зграпчи три капки, ги префрли од десната во левата дланка и се насмевна.
Часовите останаа без своите минути,
             Минутите останаа без своите секунди,
                          Животот остана без своето време.

 

Николина Нолевска

Алва

Вкусив од алвата. Како минијатурна дина лежеше пред моите прсти. Не можев да одолеам, иако ме предупредија... Лепливост во усната празнина и одеднаш - неиздржливо чувство дека морам да се напијам вода. Како да сум во бескрајна пустина. Усвитената песок ми ги подгорува петиците, а никаде вода.... Аполон безмилосно ме камшикува по веќе изгореното тело, а никаде сенка.... Браздам со колената во песочните ридови, тонам во бескрајното море од песок и неутешно се надевам дека ќе стигнам некаде, во некоја оаза, под некоја осамена палма... И дека во најдобар случај нема да се сретнам со ѓаволот, зашто само тој може да живее во пустина... Знам дека тој така рогат ќе се појави наскоро пред мене. Во вид на лав или змија лукаво ќе ме демне... Ќе вивне како оган и без предупредување ќе ме гламњоса... Залудни се моите надежи. Бев предупредена, па сепак посегнав. Се стопив во фантазмагоричните слики закачени на белиот ѕид во кои често ѕурев со отсутен поглед. Вечно ќе останам дел од овој пеколен егзодус...

Големиот бран

Стоев на терасата. Го гледав в очи чудовишниот бран. Се сетив на претходниот ден. Пристигнавме како збунети туристи и се сместивме. Често се вљубував во сонцето во чии прегратки крвавеше небото. Не гледав надолу... Имав фобија од височина... Знаев, под балкончето лежеше улицата, недалеку ромореше пазарот... Покриви и оџаци... И небото... Знаев, долу се поздравуваа познатите лица на луѓето со загадочни насмевки. Тоа ужасно ме нервираше и мразев да отпоздравувам. Затоа гледав угоре. Влегував во тесната правоаголност и седнував на креветите некогаш покриени со црвени јамболии. Ги продадовме...
Остана сè зад мене во нејасни контури. И присутноста на некои други... Гледав во водата што се креваше. Јуреше кон мене и како да ја предизвикував нејзината разјареност токму со мојата homo sapiens исправеност. Стоев неподвижно како шаховска фигура среде големата тераса на која црно-белите плочки беа наредени токму како на шаховска табла. Отворената уста на воденото чудовиште се пенеше. Се забеше. Немоќ пред силата на водата која мирно лежеше само миг пред да стапнам на оваа табла. Помислив дека и по оваа необична игра, потрагата по смислата ќе продолжи...

Проветрување

Ќе се запалеше крстот на Водно и низ воздухот трепереше неговиот оган. Го гледав од моите прозорци, свртени де кон исток де кон запад. Мирис од слаткото на мојата прабаба Трендафила, родена во Смирна. Мирисот на слатко од корка од портокал или од кора на лубеница го преплавуваше воздухот и тлееше сè до раѓањето на новата Зора. Златната кочија на Аполон повторно ќе заблескаше на парчето Космос што се вика небо. Вриев во недоумица кој прозорец да го отворам: источниот или западниот?! Се плашев од провев. Талкав помеѓу две страни на светот. Ќе се изморев и ќе се сетев на мирисот и вкусот на ќебапчињата во една калдрмисана уличка, меѓу зачадените греди на „Сердарот“. Излегував и пак талкав по одамна заборавениот допир на родителската рака. Неочекувано ќе се разлееше виното по темниот чаршаф на ноќта и ќе ја избркаше пијаната Месечина на спиење. А таа, како давеник, со уста полна румена вистина легнуваше врз калдрмата на чаршијата и наслушнуваше... Од каде дува ветрот? Од исток или од запад? Решив да ги отворам двете стаклени окна и да проветрам. Меѓу ѕидовите ми мирисаше на застоеност.

 

Ѓургица Костадиновска

Ѕвезди

Денес излегов на воздух. Во дворот. И легнав на клупата. Сакав да бројам ѕвезди. И почнав... По некое време ми се здосади и почнав да ги местам во парови. Ете... Оваа и онаа таму до неа супер би си одговарале, нели? Едната е помала, другата поголема, едната свети повеќе, другата некако интригантно блеска. Одлично. Спротивностите се привлекуваат, си мислев.
Потоа најдов една мала, осамена ѕвездичка и бргу, бргу прошетав со погледот за да ѝ најдам друштво и ми се причини дека го најдов! Да, таа ќе биде пресреќна! И само за миг нешто ми го одвлече вниманието кон земјата. Повторно со надеж погледнав угоре!
Друштвото што пред малку ми се чинеше дека ѝ го најдов се движеше и трепкаше. Беше обичен авион.
Ѕвездичката остана осамена.

 

Nu Tella

За љубовта

Премногу е и јас да пишувам за љубовта, особено на начин на кој што тетките навикнале да читаат од шпанските серии. Премногу е. Но секогаш постои простор да се запрашам што значи истата доколку се набљудува од поинакви перспективи, а одговорот да го пронајдам во дозволените (сега веќе) 917 карактери. Љубовта е ограничување. Умешност на потиснување на сопствените нагони под влијание на традицијата, воспитувањето и семејното окружување. Љубовта е потхранување на егото-хедонистичко уживање во сопствениот одраз во очите на заљубениот, и детска посесивност кон недостижниот субјект. Љубовта е осакатување на сетилата, игнорирање на индивидуалните потреби наспроти отстапувањата. Љубовта е ветувања, и цел еден свет изграден врз нив како нестабилен хартиен замок.Таа е страст, чијшто оган упорно се трудиме да го разгореме откако на негово место се налепила пепелта. Болка во којашто мазохистички уживаме бидејќи мирното море не е предизвик, не е двигател. Таа е состојба која крева и треска од земја, и нè учи да го пронајдеме комфортот таму доле, само заради сопственото достоинство,ако ни останало... Но, без неа би било празно. А човекот е хедонист, се сеќавате?...

Дали е...

За неа велат дека била убава. Дека била секси. Дека ги излудувала машките. Јас ја видов само еднаш, вечерта, кога бевме на рок свирка. Имаше безизразно лице, како резултат на нејзината апатија кон гитарите, но и кон сè што ја опкружува,освен перцепцијата кон нејзиниот физикус.Држењето и’ беше смело, исправено, самоуверено. Свирката започна со The Cure, Lullaby. Боже,што ми прави таа песна! Како нема сум и осакатена кога сакам да го доловам сопственото воодушевување од некоја песна.Тоа е музика, тоа не се опишува, туку се слуша и се впива...Тогаш таа ме погледна со нејзините небесно сини очи, исцртани со црн молив, и со најнежен глас ме запраша:“Дали е оваа новата песна од Аца Лукас“?... Не,не беше убава, ниту секси... Не повеќе...

Страст

Дојде таква, никаква, секаква. Доволна, обична, просечна, посебна. Се разголе, се понуди, се отвори. Посегнав, ја вкусив, ја одбив, ја зедов. Крикна, замолче, застенка, прегриза усни. Влегував и влегував, одвнатре ја рассекував со сласт и уживање. Во рацете нејзината кожа, воздух, задник вцрвен од плескање. На вратот кругови модри, бакнежи нежни и болни. Нејзиниот мирис во синусите, благ, силен, горчлив. Ја имав и ја немав. Свршив во неа, со телото, со духот, со зениците вперени во нејзината уста. Се тргнав, се повлеков, се склопчив и затворив. Ја погледнав додека предеше и оближуваше како мачка. Не ја посакував повеќе. Не можев дури ни да ја гледам... А толку многу ја сакав!

Кафка

Беше еднаш еден млад писател. Откако ги прочита делата на Кафка, се смали... и никогаш повеќе не напиша ниту збор...

 

Voyager

Цело

Еден човек постојано беше на мисла дека не е еден туку се двајца. Поточно, едниот од нив, оној вистинскиот, живееше со мислата дека се двајца. Тоа автоматски го наголемуваше бројот на тројца, од кои еден мислеше дека се двајца. Таквата убеденост постојано додаваше човек кон збирот, додека не беа пополнети и последните мисловни резерви на човекот. Со време тие станаа негова единствена преокупација, а тој ги минуваше деновите опседнат со нив. Компулсивно ги проучуваше, манијакално ги следеше и воајерски ги надгледуваше.
Таков, загледан во себе, засегнат со себе, поделен и помножен, беше единствениот комплетен човек во толпата.

 

Ви.За.

Наследството

Откако почина тате, почнавме да се раскаруваме. За што? За наследството.
Ние, всушност, отсекогаш си бевме скромни, но нашите фамилии, на кои впрочем ништо не им припаѓаше, се обидуваа да добијат нешто од туѓото. Но самите сме си виновни.
Се гледавме на парастос, на година, а потоа се среќававме само за да ја поделиме оставнината! Ни раскараа најблиските. Едната се испокара со втората. Втората со третата. А бевме порано толку блиски. И, кога на крајот, сите се накострешавивме како мачки кои здогледале куче и повеќе без адвокат не сакавме да се видиме. Ете, тоа ти е животот. А мислев дека тоа се случува само во сапунските серии. За жал, тоа била стварноста! Уште потрагично е што сите мислеа дека ние сме биле сложни сестри.
- Като, колку убаво си живеете! - ми велеше сосетката Стојна.
Најтрагично е што во нашево општество се велеше дека фамилијата е столб на општеството! Каков столб, какво семејство! Човекот е крволочно животно. Најстрашно, спрема самото себеси.

Градење

Секој нешто гради! И едните и другите и третите! Градат за слободата, градат за да остават нешто за себе, градат за себе, градат за другите. Само се гради. И постојано се гради, се урива старото, се гради ново. Сребренообоената зграда од една мината доба си заминува, но затоа доаѓа нова зграда со прекрасни прозорци во кои одблеснува сонцето. Се гради за иднината, за судбината, за белината и за црнината, за телото и за душата, за копнежот и јанѕата. Некои градат куќа, некои споменик, а трети градат семејство. За помирот и немирот, за себе и за него, за неа и за мене, за тебе и за него! И одеднаш, кога мислиме дека нешто сме изградиле, паѓаме, или нè кутнуваат. Умираме, а по нас, го уриваат она што сме го направиле. Повторно само за себе и за другите. Човек! Што ќе прави, ако не гради?!! Ќе се самоизеде!

Погледи

Секој ден влегувам во исто време во истиот трамвај и седнувам на истото место покрај прозорецот наспроти автоматот за билети. Истите луѓе, истото време! Нашите погледи се вкрстуваат за миг и повторно се разидуваат. И секој ден истото. И денес и утре и задутре. Молк. Ни тие не велат нешто. Ниту, пак, јас! Немир. Дали треба да им речам нешто на луѓето кои ги гледам или да ги оставам да поминат незабележливо покрај мене. Ме копка една очајничка љубопитност. Непознат патник и непозната патничка. Одеднаш влегува толпа деца и ја растура тишината. Излегувам на најпрометната станица и повторно останувам сам.

Оливер Серафимовски

Секогаш исполнети со исчекувања

Го погледна нејзиното насмеано лице. Зрачеше. Беше заљубена. Но... но, неможеше да ја разбере што сака да му каже. Толку се трудеше, но тој не ја слушаше. Се напрегаше сета, а и тој. Но... но не можеше ништо да ја разбере.
Во еден момент тишината ја исполни нејзиниот глас, кој со сета сила навлезе во сите негови пори:
-„МЕ САКАШ...!“- задоволна го исчекуваше неговиот потврден одговор.
-„Па, зарем ти изгледам за толку луд...„-ладнокрвно и’ одговори.

Секое утро е сè поубава

Ги отвори очите како и секое утро. Сè уште спиеше до него. Убава е. Ја бакна. Му се насмевна... во сон.
Ги отвори очите како и секое утро. Немаше никој до него. Никогаш и немало.

Ме спаси морската сирена

Полека влегов во студените води. Морето беше разбранувано. Ме голтнаа високите и диви бранови. Излегов прегрнат со морската сирена... насмеан.

Овена...иако и’ велеше дека е убава

Ја помилува нежно по нејзините листови. Ја полеа со вода... за да ја напои. Замина. Се врати и од вратата силно викна: „Убавице, се вратив!“. Се натажи. Хризантемата беше овената... од тага.

 

Елла

Докторот

Решив да имам второ дете. Ближев до четириесеттата. Жена ми беше постара. Ми препорачаа доктор специјалист. Одевме редовно. Ни наплаќаше како на ѓаволот. Не се бунев. Ги трпев сите гомненици. Докторот беше мало седумдесетгодишно човече, сосем ќелаво, со дебели очила и лоша смисла за хумор. Еден ден ме повика рано. Сам. Ми правеше еден од опсежните прегледи на пенисот. И покрај уредениот спермограм нешто не чинеше: “веројатно технички проблем“.
Ме фаќаше и фаќаше. Не знам како и зошто, но ми се крена. Се вознемирив и засрамив. Сакав нешто да зборнам, кога осетив заби на него. На мојот пенис. Ги видов тешките пукала крај своите мадиња. Докторот ми го имаше земено во устата! По иницијалниот шок, се прибрав, почнав да вриштам и да го пцујам копилето. Ја спраштив низ вратата, неспастрен, со изваден пенис, подуен и полуден. Стасав до колата и се сетив дека треба да го убијам гадот. Туркав и тропав на вратата, но лешинарот заклучил. Отидов дома и и’ кажав на жена ми дека веќе нема да одиме кај докторот. Само толку.
Сосема случајно, по неколку години, во весник прочитав дека починал. Епитафот беше прекрасен. Рекоа дека бил добар човек кој им помагал на другите.

 

Тони Павлески

...

Во куќарката каде што преку ден престојував и нижев тутун ужасно мирисаше на моч. Блиску до неа беше постојано врзано моето куче и тоа сакало-нејќело мораше некаде да уринира. Многу ме нервираше миризбата така што еднаш станав, го зедов пиштолот што го поседував со дозвола и го убив кучето. Тоа кутрото, без да знае зошто, си замина. Да! Многу мириса на моч, измет и пцовисани стаори во руинираниот дуќан, во кој што работам. Поради нозете, приклештени во еден чевел, немам ни сила ни умеење да изреагирам кај работодавецот. Најголемиот виновник испадна моето куче, а и во него ја искористив потребата за внатрешно психичко и физичко олеснување од секојдневните притисоци што ги носат тешката работа и турбулентниот живот.Останав без кучето, но и покрај сè, истата работа сè уште ја работам.

 

Марија Стеваноска
...

Деновите ми се исполнети со ноќ, ноќта со ноќ и во тие бесконечни ноќи, сонот е најпрекрасното нешто што ми се случува и покрај неверојатната жештина во градот, која допира до мојот кревет и ме разголува до гола кожа и сè потопло и потопло ми е, но не се будам, таму го сонувам светот кој, ете, не постои, но можеби е и подобро така, да биде тоа само во сонот, зашто тоа е мојата имагинативност која нема граница, а тука, тука само граници и граници...

 

Lizard Queen

Неверство

Го сакав и не чувствував потреба да го изневерам. Го читав Кундера и добив желба за љубовна авантура. Го изневерив со три епизодни личности. Уживав во моментите на страст... и толку. Не ми значеа ништо повеќе. Го сакав и понатаму со истиот интензитет. Првиот пат не дозна. Сè си беше нормално. Ме сакаше. Вториот пат повторно не дозна и повторно сè си беше исто - љубов бликаше меѓу нас. Третиот пат од љубопитност како ќе реагира му кажав за сите мои неверства. Ме напушти. А јас бев истата целото време. Цело време го сакав само него.
Ја сакав ама не можев да издржам само со неа. Мислам, ја сакав, ама не ја сакав само неа. Сакав и други и ја изневерив... неколку пати. Уживав во неверствата. Во возбудата. Уживав во сексот. И понатаму ја сакав неа. И понатаму го сакав сексот со неа. Еден ден ми призна дека ме изневерила и таа. Се избезумив... не од љубомора... од страв... Ја напуштив зашто не можев да си замислам и јас да и’ признаам.

Верба

Побожна сум откога знам за себе. Од пред некое време почнав да го слушам гласот Божји. Ако верувате во Бога и вие, верувајте ми како што јас верувам во Него. Цел живот барав небесен знак како одговор на мојата верба во Бога. Чекав... чекав... и дочекав. Знакот се јави како глас кој ми вели дека треба да го жртвувам сопственото дете. Ќеркичката. Премила му била на Бога, ја сакал при него. Љубовта и кон детето и кон Бога ми беше преголема. На тешко искушение бев ставена. Не можев да не го сторам тоа што се бараше од мене. Казната Господова и моето дете би ја трпело. Тоа е страшно. Нема полошо од проколнатост од Бога. Сите го знаеме тоа. Да си го убијам детето - која мајка го може тоа? А да се убијам јас - па детето без мајка, а само мене ме има на овој свет. Си реков да не не е тоа гласот Господов. Ама како што верувам во Бога, така морам да верувам дека ова е неговиот глас. Да веруваш значи да не бараш докази. Не можев да спијам, не можев да живеам. Сфатив дека страдањето е неминовно, па морав да сторам нешто. Го сторив ТОА што се бараше од мене.
И сега побожните луѓе велат дека сум луда.

 „Враќањето на Филип

 „Враќањето на Филип Латиновиќ„ - Мирослав Крлежа.

Здраво Дверски, во врска со

Здраво Дверски,
во врска со твојот долг коментар и инсинуација да одговорам:
1. Јас никого никогаш не сум навредувал! Се знае кој е навредувачот:)
2. За окарактеризирувањето на моите раскази како средношколски е твое право. Се разбира до некаде имаш право. Но, немаш право кога велиш „недостасува ебано парче душа„. Јас напротив мислам дека секој кој се пријавил на овој конкурс „внесол во своите раскази како што велиш ти „ебано парче душа„, бидејќи решил да се искаже, да каже нешто од себе или од неговата близина. Јас на пример раскажав во својот последен расказ дел од моето секојдневие кој ме мачи, оттуѓувањето на луѓето итн. Некои раскажале за нивното разочарување, за мајката итн.
3. Јас сум се прашал ЗОШТО пишувам. А можеби одговорот и сам го знаеш. Дел од него стои во погорниот дел од твојот коментар:)
4. Некако звучиш како комисија. Да не си ти комисијата?
 
Поздрав,
Ви.За.

Здраво Љутко, Алудирав на

Здраво Љутко,

Алудирав на етичкиот момент на делата, не на прашањето „зошто“ воопшто пишуваш. :)

А, „навредувачот“ знам дека не си ти, побогу. Маријана е. :)

Поздрав,
Спанко

 Да не не е Маријана?

 Да не не е Маријана?

 Ви.За, мислам дека Дверски

 Ви.За, мислам дека Дверски треба сите да го ставиме на „ignore“. Неговите коментари никогаш не се конструктивни, туку деструктивни. Без разлика дали сака да го деструира конкурсот, расказите или пак авторите, коментаторите... 

расказот ДОКТОРОТ е 

расказот ДОКТОРОТ е  вистинита приказна.се е веродостојно.Во 1200 карактери можев само да ја скицирам приказната без да се задржувам на идејата(како што вие ја нарекувате).Но супер е што секој може да го прочита како што сака.Тоа е и поентата.Ви благодарам на вниманието.Ми значи што покрена и дискусија.Уште и да споменам дека докторот умре во спокој и  мир оставајќи  поприлично голем имот и други материјални блага.God rest his soul:)

Me potrese raskazot na Toni

Me potrese raskazot na Toni Pavleski.Do bolka....Tazno

Dverski sto ti e be tebe

Dverski sto ti e be tebe ?
Neli najavi povlekuvanje od konkursov?
Mene mi se cini deka si omnisientno prisuten?
Dodusa samo so komentari..Barem participiraj vo konkursov .Ane samo da piskas.Dosta ti e.

Zosto jas navreduvacot? I am

Zosto jas navreduvacot? I am going to cry

Маријана, мислев малку да ги

Маријана, се надевав дека малку ќе ги развеселам Ви.За. и Анонимната. Знам дека не си ти. :)

До сите други погоре, постапката се вика сарказам. Побарајте ја на Википедија.

И, живнете малку, побогу. Повлекување, шмовлекување. Каде мислите дека се наоѓаме, во вашите сништа? :)

Живнуеме! Ајде

Живнуеме! Ајде коментирајте. Ве снема! Кај е Наташа? Тој расказот со кучето ми беше чуден. Може ли писателот да се изјасни што сакал да каже со него.

Jas ne sum avtorot, no eve ke

Jas ne sum avtorot, no eve ke ti odgovoram, spored mene sto "mislel da kaze" avtorot. Pa, toa e barem jasno kazano Vi.Za. vo ovoj raskaz: deka koga ne mozeme da se spravime so vistinskite priciniteli i pricini za nasiot stres i stradanje togas si go krkaat nedolznite i taka prodolzuva sinzirot na nasilstvoto, na steta i nezadovolstvo na site. Za mene ova e eden od podobrite raskazi na Toni Pavleski iako mozebi trebalo (spored mene, sto ne znaci i spored nego) da ja preskokne, izostavi, pretposlednata recenica. Taka, bez pojasnuvanjeto vo nea,  raskazot ke bese uste posilen. Zadovolen Vi.Za.? Ako ne sum vo pravo neka se javi za zbor sega avtorot.

Здраво анонимен, Да. Фала

Здраво анонимен,
Да. Фала многу. Баш така нешто и мислев. Ај нека каже и авторот!
Поздрав
Ви.За.
 

Kaj ste drugarcinja sto ne

Kaj ste drugarcinja sto ne pisuvate? Verojatno, i vie ko mene go spremate vo 5 do 12 noviot raskaz za idnava nedela... ili se umorivte, ili nema sto da kazete... Dverski, aj te molam isprati i ti barem eden raskaz, da bide pointeresno!

 Ове повеќе стана пародија

 Ове повеќе стана пародија отколку конкурс-пола од читателите се тука заради коментарите

Ама девојко што ти е на

Ама девојко што ти е на тебе? Се разбира коментарите се важни за подобрување на квалитетот. Јас не знам дали си ги читала коментарите на Анонимна, но тие навистина се инспиративни. Таа навистина влегува како што се вели на скопски „у дубина„ на расказите. Па оттука, не би рекол дека луѓево се единствено заради коментирање, туку разменување на мислења!
 

Najubavа recenica za ovaa

Najubavа recenica za ovaa nedela> Неочекувано ќе се разлееше виното по темниот чаршав на ноќта и ќе ја избркаше пијаната Месечина на спиење. А, таа, како давеник, со уста полна румена вистина легнуваше врз калдрмата на чаршијата и наслушнуваше...
Nikolina, mislam deka ti stois zad Anonimnata.

Lizard Queen.

Lizard Queen.

Nema sansi sama da si go fali

Nema sansi sama da si go fali raskazot Verba. Ne e Lizard.
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

Na sto?

Na sto?

ОкоБоли главаВицФото