Пациент се онесвестил откако испил оригинален лек

25.12.2017 09:33
Пациент се онесвестил откако испил оригинален лек

Скопје, 25 декември 2017

Посегнувањето по еден сосема обичен антибиотик за малку ќе завршело кобно за 38-годишниот Миле Здравков. Овој човек кој имал и рецепт за лекот отишол во најблиската аптека каде секогаш ги набавувал лековите за себе и своето семејство, но еден час откако го испил антибиотикот, сфатил дека нешто не е во ред.

„Почувствував мала вртоглавица, болки во стомакот, се јави главоболка, а пулсот ми беше многу забрзан. Сфатив дека ќе се онесвестам, но претходно успеав да повикам брза помош која, за среќа, пристигна навреме“, раскажува Миле.

Тој вели дека лекарската екипа веднаш утврдила оти станува збор за труење со оригинален лек, па веднаш му дала доза од фалсификуваниот антибиотик, на кој бил навикнат организмот на Миле. Малку по малку, тој почнал да се чувствува подобро, па денес речиси нема последици од труењето.

„Ова не е првпат да се случи ваков инцидент. Напротив, во последно време ваквите случаи само зачестуваат. Апелирам до надлежните органи да ги откријат продавачите на оригинални лекови и навреме да ги отстранат опасните медикаменти од пазарот, зашто прашање на време е кога некој случај ќе заврши трагично“, вели д-р Апче Нарковски.

Тој вели дека и лекарите треба да бидат повнимателни кога ги пишуваат рецептите и да ги нагласуваат дека на пациентите треба да им се даде исклучиво фалсификуваниот лек на кој тие се навикнати.

Отруениот Миле Здравков, пак, за Пара вести изјави дека ќе биде повнимателен и во иднина ќе внимава не само на лековите, туку и на сите производи воопшто.

„Без разлика дали станува збор за лекови, витамини, храна, облека, музика... отсега само фалсификати! Мил ми е животот“, мудро заклучува Миле.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото