Реформацијата како основа за современиот свет (1)

25.12.2017 16:59
Реформацијата како основа за современиот свет (1)

Годинава се навршуваат петстотини години од протестантската реформација, која несомнено има одиграно клучна улога во создавањето на современиот свет. За нејзиното значење црковниот историчар и извонреден познавач на реформацијата Томас Кауфман ќе напише: „Почнувајќи во еден мал универзитетски град без поголема традиција, реформацијата станала европски феномен во неверојатно краток временски рок!”

Како од скромните почетоци соочени со противењето на воспоставената црква и воспоставениот државен систем неколкуте реформатори, почнувајќи од Мартин Лутер, ја потресле тогашната христијанска Европа на „Светото римско царство“ и на папската црковна и државна моќ и за толку кратко време?

Клучниот фактор е секако изумот на Јоханес Гутенберг. Со посредство на машината за печатење идеите на реформаторите во форма на печатени брошури и книги масовно стигнувале до најшироката јавност низ цела Европа. Но за ефективното пренесување на идеите да има преобразувачки ефект пресудна е нивната конкретна содржина.

Главните состојки и двигатели на идеите и содржината на реформациската порака се всушност првите две точки од оние пет кои на историчарите и на запознаените им се познати како петте „само“ (на латински „sola“), или поточно само писмо, само Христос, само милост, само вера и само на Бог слава.

Со принципот „само писмо“ реформаторите поттикнале прашање за начинот на кој Бог комуницира со човештвото и кој е неприкосновениот извор на таа комуникација. За реформаторите тоа било исклучиво Библијата или Светото писмо. Ова тврдење поттикнало независно размислување надвор од воспоставените хиерархии на црквата со што се охрабрил и развил дух на дебата и желба за лично учење.

Со принципот „само Христос“ реформацијата ги размонтирала механизмите на организирано посредство на свештенството во име на обичните верници и нагласувајќи ја личната одговорност за сопствените одлуки и постапки овозможила поставување на нова платформа врз која се развила протестантската работна етика.

Иако неколку векови подоцна, реформацијата пристигнала и влијаела на Балканот веќе цели два века. За пошироката јавност на Македонија да се запознае со овој малку познат факт, прво ќе дадам краток осврт за почетоците и терминологијата на реформацијата, ќе ги образложам најважните фактори со кои придонела кон создавањето на западната цивилизација, а потоа ќе го разгледам влијанието во Македонија и на Балканот.

Лутеранска реформација

Лутеранската реформација, која се зема и за формален почеток на реформациските движења во Европа е специфично поврзана со германските територии.

Главното прашање кое Лутер се обидувал да си го одговори е прашањето на оправдувањето. Како е можно грешниот ограничен човек да биде праведен во очите на семоќниот и совршен Бог? Своите тези Лутер почнал да ги образложува на Универзитетот во Витенберг, а со него е поврзан и датумот на почетокот на реформацијата - 31 октомври 1517 година, кога тој на портата од Универзитетот ги заковал 95-те тези за кои тој сакал да се дебатира. Оваа пракса била вообичаена за тоа време, но содржината на тезите и брзината со кои тие се прошириле низ Европа недвосмислено го потресле дотогашниот христијански свет.

Главни на удар во 95-те тези се индулгенциите кои биле воспоставена пракса во Римокатоличката црква. По дефиниција тие се сметале за благодарност на грешникот за простувањето на гревовите со посредство на црквата, а во име на Христос. Црквата немала доктрина со која тврдела дека самите индулгенции може да платат за отпуштање на гревовите. Дарот бил сметан за израз на благодарност, не како услов за проштевањето. Сепак наспроти ова внимателно толкување на индулгенциите, во пракса тие нашироко се сметале за недвосмислена и директна исплата за што во возврат се очекувало простување на гревови, а црковната хиерархија не се обидувала премногу ваквата теорија и пракса да ја корегира.

За Лутер, пак, простувањето на гревовите е пред сè преобразената состојба на грешниот човек преку која тој се наоѓа во обновен однос со Бог, а во никоја смисла не би можело да се разбере како паричен влог со кој се купува нечија праведност.

Ако сакаме да сме прецизни по прашање на терминологијата, реформацијата почнала во 1522 кога Лутер бил засолнет во замокот во Варбург. Ваквото засолниште му било потребно заради декретот издаден во Вормс во 1521 со што слободата и животот на Лутер биле директно загрозени.

Тоа е времето кога неговиот колега Карлштад, во отсуство на Лутер, ќе почне реформи кои тој и неговите следбеници ги сметаат за неодложни, но брзината и ригорозноста со која се спроведувале предизвикале општи нереди и насилство. Лутер проникливо проценил дека ваквите реформни програми се противречни и контрапродуктивни на духот на конструктивната визија за реформа која тој ја имал. Кога Лутер решил да ризикува и да се врати од Варбург во Витенберг и кога наспроти ентузијастичниот Карлштад го презел раководството на реформите, неговиот апел до широката јавност, почнувајќи од цивилните власти ги отворил вратите за реформацијата да излезе од универзитетските училници и да се преобрзи во реформа на црквата и на општеството.

Со овој пристап Лутер го трасирал патот за она што е познато како „магистериска реформација“. Тоа во суштина значело дека реформите во црквата и општеството според Лутер требало да бидат координирани со подготвеност на цивилните власти формално да ги спроведат.

Калвинистичка реформација

Претставена преку работата и делата на Жан Калвин, ова реформаторско движење е поврзано со швајцарската конфедерација.

Нејзините основи всушност се поврзани пред сè со реформите на црковните тврдења во литургијата, а не толку во доктрините, така што тие подобро би соодветствувале со содржината на Библијата.

Иако Калвин е најпрепознатливото име во овој контекст, тој всушност се надоврзал на веќе почнатите реформски програми во Цирих предводени од Урлих Цвингли и Хајнрих Булингер.

Во случајот на Швајцарија важно е да се има предвид дека реформите во швајцарската конфедерација се воделе првенствено од институционални, социјални и етички мотиви, а не толку од академски. Во почетокот на ова движење доктрината за оправдувањето воопшто не била водилка за реформите. Само откако Калвин ќе се пресели во Женева и таму во согласност си соработка со гардските власти ќе раководи со реформите, конкретните контури на она што подоца ќе биде основа на калвинизмот, ќе бидат исцртани.

Радикалната реформација

Ова движење е попознато по името Анабаптизам што во превод значи повторно крштевање. Почетоците на анабаптизмот се во дваесеттите години на шеснаесеттиот век во Цирих. Прв значителен глас на радикалната реформација е Конрад Гребел кој сметал дека Урлих Цвингли и неговите најблиски соработници не биле доследни со она што принципите на реформското движење го барале. Иако Цвингли бил приврзаник на учењето за sola scriptura, што во пракса би значело дека само Библијата е почетен, краен и единствен авторитет по прашање на христијанската вера, тој сеедно, според анабаптистите, прифаќал компромис по некои прашања ако за тоа не добивал поддршка од градските власти. Меѓу главните такви прашања биле крштeвањето на деца, односите меѓу државата и црквата како и учеството во војна.

Една од главните карактеристики на анабаптизмот е крштевање исклучиво на луѓе кои свесно прифатиле да веруваат во пораката на Христос, потоа на инсистирањето врз пацифизмот и ненасилството во секоја форма, на стриктното одвојување од световните или државни ингеренции од оние на заедницата на верници, споделување на имотот, како и крајно претпазливот пристап кон сето она што е надвор од кругот на заедницата.

Заедничкото за сите облици на реформските движења е земањето на Библијата како мерило за севкупната обнова што подразбирало дека сето она кое нема да најде јасна поддршка во Библијата треба да се напушти како верување и пракса. Таквиот пристап и фокус довел до развојот на проповедањето, библиските коментари и она што денес ни е познато како библиска теологија.

По овој најосновен вовед во феноменот на реформацијата поголемиот дел од овој есеј ќе го посветиме на влијанието и наследството за современиот свет.


Реформацијата и создавањето на модерна Европа

Визијата на реформаторите не била првенствено за воспоставуње на некаков нов светски поредок. Тоа што се појавило како Европа која го дефинирала и го дефинира западниот свет до денес е нус-појава на она што бил главниот мотив на реформацијата. Читајќи ја Библијата, преку новопоставените прашања реформаторите заклучиле дека христијанската црква почнала нештата да ги зема здраво за готово и на сите луѓе крстени како деца сметала како на христијани на кои не им е потребно посебно убедување за очевидната вистинитост на црковните учења. За реформаторите овие биле сè само не очевидни. Оттаму тие ја добиле повторно Новозаветната визија за најавување на радосната вест или евангелието. Се разбира, оваа визија за евангелизација ги отворила вратите за возобновување на она што е суштинско во учењето на евангелието.

Реформаторите ваквото сознание ги навело да се вратат назад на изворите, кое во суштина е дел од секоја генерација христијани кои се залагале за обнова на црквата. Затоа тие инсистирале дека не воведуваат никави новини, како што и сите значителни имиња во црковната историја тврделе, туку за обновување на изворното учење на Христос во Новиот завет. Лутер на едно место ќе каже, „Ние не поучуваме нови нешта, туку ги повторуваме и воспоставуваме древните нешта кои апостолите и другите побожни учители ги поучувале пред нас.“

Кога ова погоре ќе се земе предвид не е воопшто за чудење залагањето на реформаторите, дури и оние кои се предвесници на реформацијата, како Јан Хус и Џон Виклиф, за превод на Библијата на разбирлив народен јазик. На пример, Лутер бил толку ревносен да ја овозможи Библијата за германското говорно подрачје, така што на преводот работел со незамисливо темпо и краен самопрегор. Тој успеал да го преведе Новиот завет за неверојатни единаесет недели. Потоа го превел и Стариот завет, а сето тоа затоа што бил убеден дека само така секој верник ќе има непречен пристап кон централното учење на христијанството.

Слично како Лутер, Вилијам Тиндел ја превел Библијата на англиски јазик во шеснаесеттиот век додека бил прогонет надвор од Британија. Тоа резултирало со 16000 копии од англискиот превод на Библијата да бидат прокриумчарени од Белгија во Англија. Колку овој превод влијалел врз севкупниот развој во книжевноста е нагласено од Д. Даниел, според кого Тиндел „си земал слобода да не користи ист англиски збор секојпат за превод на ист еврејски или грчки збор (метод кој денес се нарекува „формална коресподенција“) а создал и свој значење-за-значење превод (подоцна именуван како „динамичен еквивалент).“

Фокусот на Библијата и нејзината широка достапност одиграл клучна улога и во осумнаесеттиот век кога браќата Џон и Чарлс Весли ќе го почнат едно од најмасовните и најдалекусежни движења на духовна обнова во Англија. Меѓу историчарите општо, а особено оние чиј фокус е модерната историја, постои консензус дека еден значаен фактор Англија да избегне револуција и нејзините крвави последици по француски терк било неуморното проповедање на евангелието на Џон Весли на најзагрозените и најранливи категории во општеството на тогашна Англија, како што биле рударите и работниците во фабриките во зачетокот на индустриската револуција.

Придобивките од реформацијата за општеството и цивилизацијата

Општествено-економски

Реформацијата во суштина е посветеност библиската вистина да се примени во секој аспект на општеството. Од внимателното исчитување на пораките во Библијата, а особено на оние во Новиот завет, се појавува разбирањето кое недвосмислено ќе го одвои средновековното христијанство од христијанството како фактор во развојот на современиот свет. Еден од клучните феномени на овој процес е спознанието дека Библијата не подразбира поделба меѓу сакралното и световното. Исус Христос е релевантен за секое подрачје на човековиот живот. Ова е одлично сумаризирано од големиот холандски теолог и државник, долгогодишен премиер на Холандија, Абрахам Кајпер. Коментирајќи го универзалното разбирањето на улогата на Христос во севкупниот создаден свет, тој ќе рече: „Во севкупниот опсег на човечкиот живот нема ниту еден квадратен сантиметар за кој Христос, кој е единствен седржител, не изјавува, ‘Ова е мое’!”

Кајпер припаѓа на она генерација христијански великани кои недвосмислено инсистирале дека моралната дистинктивност на христијанскиот живот никако не подразбира општествена сегрегација. Христијанскиот пристап кон животот во светот кој е сеопфатен не може а да не влијае врз тековите на историјата.

Ако се истражи состојбата на предреформациска Европа со онаа која е преобразена од реформацијата ќе се има јасен увид дека економскиот развој на едниот и другиот период се речиси неспоредливи. Феудалното општество на средовековна Европа со хиерарските устројства кои претпоставувале припадност на определен сталеж и еконосмки статус кој оневозможувал речиси никаква економска и социјална мобилност. Ваквото разбирање на општествените соодноси со апсолутното противење на Римокатоличката црква да се позајмуваат пари со камата економијата ја правело крајно статична.

Појдувајќи од тоа дека принципот и целта на оваа забрана треба да се разликуваат, Калвин размислувал дека камата од 10% е прифатлива ако целта е да им се помогне на што е поширок круг луѓе кои би имале полза од раздвижувањето на капиталот. Секој кој внимателно го читал Калвин по ова прашање нема да има никакви сомнежи дека тој се поведува од грижата за сиромашните и како да им се помогне да не бидат експлоатирани. Со ваквиот луциден пристап кон финансиските средства Калвин, без да му е тоа каква било цел, придонел кон воспоставувањето на швајцарскиот банковен систем.

Всушност, има неколку фактори кои произлегуваат од општите принципи и идеали на реформаторите, а со кои „несакајќи“ биле поставени темелите на современата економија. Некои од највпечатливите ги вклучуваат масовното описменување, идејата за „вокација“ така што е срушен ѕидот меѓу секуларните и сакралните професии (таканареченото свештенство на сите светии), нагласокот врз доблесното ракување со финансиските средства инспириран од Исусовата споредба за талантите, организираната грижа за ранливите категории во општеството наспроти средовековната „милостина за питачите“ и конечно фактот дека во клучните протестантски подрачја е срушен монополот на само една црква. Почнувајќи од Холандија па преку американските колонии, религиозниот плурализам поттикнувал трговско претприемништво и интелектуално љубопитство.

Она што подоцна и ќе се развие во современи банки, а особено денешниот глобален пазар, не би можело да се развие без теолошките размисли на реформаторите. Тоа во што овој систем се претворил е многу далеку од идеалот на реформаторите. Нивниот идеал би бил хармонија меѓу капитализмот и социјализмот. Но тоа е тема за некој друг есеј. Тука би било доволно да се цитира Професорот Доналд Хеј од Универзитетот во Оксфорд. „Проблемот на Капитализмот е дека ја потценува длабочината на човечката себичност. Проблемот на Марксизмот е дека не успева да согледа дека пролетаријатот има склоност кон гревот исто колку и буржоазијата.“

Образование и религиски слободи

Ако влијанието во економијата е клучно, влијанието во образованието на реформацијата е пресудно. Лутер може без никакво претерување да се нарече таткото на модерното основно образование и тоа и за машки и за женски ученици. Тој бил толку посветен на описменувањето и широкото образование на децата, така што и прирачниците кои му биле клучно средство за ширење на библиското и теолошкото познавање, како што се катехизмите, по содржина и форма ги составил како прашања и одговори. Дека ова е од пресудна важност за Лутер ќе посведочи еден негов цитат за печатењето книги - „Прекрасно е како во денешниот миг на историјата сите вештини и уметности избиваат на светлина… како уметноста на печатењето книги, Божјиот највисок и краен чин на милост преку кој напредува ширењето на евангелието“.

На ова се надоврзувало дневното читање на Библијата на целото семејство. Толкав е значајот за реформаторите на образованието, така што Лутер ќе ја даде следната изјава:„Ако сакаме христијанството да опстане, мора да се основаат повеќе училишта.“ Претпоставката дека образованието треба да им биде достапно на девојчињата исто како и на момчињата одиграло незаменлива улога во еманципацијата на жените во долгата патека за нивна рамноправност.

Не само што се заложувал за образование на децата, туку Лутер бил свесен дека тоа мора да биде овозможено за сите категории во општеството. Ова негово убедување е основоположник на јавното образование во современиот свет. Дека овие заложби не биле само апстрактен идеал покажува фактот дека до крајот на шеснаесеттиот и почетокот на дваесеттиот век во основните училишта во протестантските региони учеле издначен број на девојчиња и момчиња.

Образованието на сите категории деца неминовно имало последици и за најширокиот социјален контекст. Тука особено може да се спомне улогата на радикалната реформација во чии теолошки размисли за учењето на Новиот завет се наоѓаат зачетоците на религиозната толеранција и она што денес западниот свет го вреднува како либерална демократија.

Замислата дека верата е избор кој треба да се почитува кај секоја личност е идеалот на анабаптистите и на нивните идеолошки наследници. Темелите на современите САД не се во декларацијата за независност. Тие се донесени на американска почва со масовната емиграција на верници кои сметале дека прашањето на верата е прашање на личен избор, а не на државен диктат. Чекорот од религиските слободи до либералната демократија е логичен.

По овој терк на религиски слободи и демократски принципи се раководеле речиси сите мисионери кои овие идеали ги ширеле насекаде низ светот. Тие се веќе поучувани со децении и практикувани во рамките на мисионерските заедници пред да бидат прифатени како формативни вредности од страна на заговорниците на секуларното просветителство. Може без претерување да се каже дека Жан Жак Русо и Џон буквално ја имаат „украдено“ идејата за религиска еднаквост меѓу луѓе од разни религиски заднини.

Она што денес либералниот западен свет го зема здраво за говото, а за кое смета дека доаѓа како директен резултат на секуларното просветителство е всушност придобивка на реформацијата. Се разбира, како и секој друг историски феномен, секој историски сегмент од нејзиниот развој ги отсликува и состојбата и светогледот на даденото време. Она што често се испушта од вид е дека „привилегијата“ некои од тие состојби и уверувања да бидат надминати, па и осудени денес, сме ја добиле преку залагањата на движење кое вовело револуционерни идеи без кои денешниот суд и денешните вредности не би биле замисливи. Само внимателното и доследно разлачување на феномен кој секогаш е слика на своето време од неговото воведување на нови идеи ќе ни помогне денес да ја избегнеме замката да ја сечеме гранката на која седиме.

Слики: Игор Гусев

ОкоБоли главаВицФото