Jurassic Park

26.12.2017 01:41
JURASSIC PARK

Го читам г-дин Грчев како се воодушевува од цивилизацијата на Ѓобекли Тепе од времето на (не така) далечниот Неолит. И тоа навистина изгледа импресивно, дури и според денешни стандарди, особено наши, а сведочи за нечиј цивилизациски потфат од пред 10-12 илјади години! И тие масивни мегалити, седумметарски високи столбови/„платна“ од камен варовник многу ме потсетуваат на овие армиранобетонскиве во нашана „скулптурална композиција“ на плоштадон, кои така самобендисано затворија цела една улица. А ги поврзува уште нешто заедничко: ни за оние на Ѓобекли Тепе науката сѐ уште не утврдила што претставувале, ниту пак нашава сегашност има поим за што треба(ло) да служат овие нашиве. Сосе целата композиција. Некакви чудни историско-актуелни мистерии и култови на луѓе од некои други времиња! И мислам, односно сигурен сум, дека футуристичките археолози во некоја далечна иднина исто или слично ќе се чудат кога ќе ги откопуваат нашиве култно-вотивни монструми наречени според Аце Велики, татко му Филип, но и некои наши понови историски личности, набуткани на двесте-триста квадратни метри како некакво идиотско светилиште на еден малоумен изгубен народ.

Што, пак, ме враќа на мислата дека ние отсекогаш повеќе сме живееле во историјата отколку во сегашноста. Иако денес сме се вратиле многу, многу назад, можеби дури до времето Јура, што ќе рече повеќе од двесте милиони години во минатото. Или, за оние кои повеќе обичаат филмски метафори, во времето на познатиот „Парк Јура“ ! За (моја) жал, компарацијава не е моја, на еден пријател е, ама греота е да не се искористи. Зашто – сликовита е, точна е, сочна, животна. Дозволувам дека тоа е можеби само мое чувство, иако не е, сигурен сум, ама ние навистина почнуваме и амбиентално и психолошки да наликуваме на „Паркот Јура“ и сите оние негови праисториски жители, на еден целосно закатанчен некомпатибилен систем/амбиент со 21-от век, на некаков историски себедоволен реликт апсолутно таинствен и речиси невозможен за разбирање. За другите, секако. А ние си се разбираме, „функционираме“, како впрочем и животинките во филмот на Спилберг. Инаку, и оној Isla Nublar, каде што е сместен измислениот „парк“, е чиста фикција, каква што впрочем е и оваа наша фантазмагорична FYROМакедоња во очите на светот, со нејзиниот „спор“ за името, со нашите историски специфики непоимливи за современиот човек, со толеранцијата за онаа „мека“ децениска профашистичка диктатура сѐ уште неосудена од новата стварност на „островчево“, со сите наши актуелни глупости неспоиви со идејата за цивилизиран народ во втората деценија на 21-от век.

Овој македонски Jurassic Park демонстрира речиси идентични или многу слични реалности како и оние филмските, особено во политиката, културата, образованието, науката, здравството… каде што владеат крвожедните t-rex (партиски, етнички, еснафски) банди што го тероризираат милјето, секој своето, се разбира, каде што, од друга страна, стада миловидни и милозвучни тревопасни диносауруси шетаат низ зелените пространства несвесни за стапиците и опасностите што ги демнат, каде што силата (разбрана политички, етнички, економски) секогаш била / е пред умот, каде сѐ е можно и ништо не е остварливо ако е во рамките на некаков нормален, реален свет. За разлика од оној филмскион, нашиов „Парк“ веќе не е ни еколошки туку е до зла бога загаден од сѐ и сешто, иако надлежните нѐ убедуваат дека горењето дрва (кај не повеќе од 5% од жителите на Скопје) е изворот на оваа убиствена полуција, а не застарената „технологија“, немањето филтри, оние десетици диви депонии, стоте илјади „олдтајмери“ и автобуси токму од времето на Јура по улиците на главниот град итн. Целата стварност ни е на ниво на филм, само што не го режира Спилберг туку секакви примитивни маалски локални и национални будали кои од мали замислувале токму таков свет во кој што тие ќе бидат предаторот што ќе го тероризира комшилукот. Но затоа токму нашите филмови се (споредбено со бројот на жителите и финансиските можности на државата) поскапи и од оние на славниот режисер; нашите институции креираат свои виртуелни реалности во кои што имаат посета од дури десетици илјади посетители иако фактичкиот број на продадените билети е стопати помал; во македонската култура и модните „креатори“ се самостојни уметници (не знаеме само кога тоа ќе станат и берберине и чевларине!); кај нас професори по филозофија одлучуваат за споменици а сликари предаваат филозофија, оперски певци и театарски актери во слободно време се бават со државни удари, а политичари смислуваат музеи и плоштади; оперски певици со инстант национална етикета од илјада евра месечно се плачат пред странски новинари како уште да се во времето на железните завеси… Ние дури имаме и радио-аукции на „уметнички дела“! И тоа со оној Кривиќ. Мислам, алооо, во кој тоа век живееме?

Далеку сме ние и од Ѓобекли Тепе и од секаков современ вид цивилизација. Нашиот „FYROM Парк Јура“ е еднакво нестварна творба како и филмскиот Jurassic Park, зашто е во некоја недефинирана тунгузија вон редовните европски дестинации, каде сѐ е доволно реликтозно и мистериозно, но и недоволно пролуфтирано од разноразни бараби со (божем) национални чувства. Но сепак, ќе нѐ откопаат еден ден, токму како и Ѓобекли Тепе или Jurassic Park, белки и за нас ќе светне ден без (пра)историја и предатори! Или нема?

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото