Зад познатите хоризонти (промоција на „Танатополитика и права“ од Вики Младенова)

26.12.2017 01:55
Зад познатите хоризонти (промоција на „Танатополитика и права“ од Вики Младенова)

Вики Младенова ја запознав на Фејсбук. И во колоните на отпорот кон злосторничката власт. Ми оставаше впечаток со посветеноста кон каузата на слободата и правдата, со енергичноста и страста што ги внесуваше во таа борба.

Потоа соработувавме во некои проекти и јас разбрав за почетоците на нејзината академска кариера. Тогаш ми стана јасно откаде ја црпи темелноста, теоретичноста и филозофијата со кои ја опсервира проблематиката што беше тема и цел на нашата борба.

И талентот, се разбира, нешто што е над бројот на прочитаните книги.

Вечерва бев на промоција на нејзината книга „Танатополитика и права“ во ГЕМ клубот во Скопје. Извонреднен обид да се пробијат познатите хоризонти на темата за човековите права и да се стигне до сосема неконвенционални и, во одредена смисла, радикални решенија. Сето тоа со многу филозофски референци, низ призмата на филозофскиот систем на Агамбен, посебно.

Прекрасни презентации на проф. Љубомир Фрчкоски и на Славчо Димитров.

Убави луѓе, фин амбиент, штета што малку бев настинат, па не бев во состојба на некоја маса или на шанкот, долу во кафето, со мал допинг од некое пиво, да разглобиме некои аспекти на книгата и на македонската ситуација.

Најубави честитки за оваа млада дама, интелектуалец, научник и активист, на авторката која решила кариерата да ја посвети на правото, политологијата и филозофијата, што значи дека или многу скоро ќе ни избега или ќе прифати дека сето тоа ќе мора да го работи во средина која многу повеќе ја интересираат фестивалите, конгресите, благословите и слични тралалајки!

Извор: Фејсбук профилот на авторот

ОкоБоли главаВицФото