1028 hPa
63 %
14 °C
Скопје - Нед, 03.11.2024 15:59
Почесниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во говорот на 16-тиот Конгрес на партијата во Валандово искажа извртена вистина, т.е. спин, дека нема да му се меша на новото раководство и на новиот лидер Христијан Мицкоски:
Спин: …Покрај некои нови политики, секое ново раководство носи и нови луѓе. Тоа треба да се разбере и поддржи. Јас тоа ќе го почитувам, и ќе дадам се од себе да не се мешам и да не ја опструирам работата на новото раководство. Не сакам да го правам тоа некому, што не сакав да ми го прават мене….
[Извор: Интегрален текст од говорот на Никола Груевски…, датум: 23.12.2017]
Контраспин: Груевски во својот проштален маратонски говор од 70-тина минути успеа во еден момент да ги потврди на некој начин сите шпекулации дека тој лично го избрал новиот претседател и дека има намера да раководи од сенка со потезите на партијата.
Спинот на Груевски, иако замаскиран како „пораки до новиот лидер“, е уште посилен и добива на тежина, зашто следува по делот од говорот каде тој, алудирајќи дека се дожувува како Тодор Алкесандров, завршува со констатацијата дека тогаш престанале автономните политики на ВМРО.
Со неговата смрт и доаѓањето на Ванчо Mихајлов се цени дека завршува периодот кога ВМРО носи независни одлуки за своето делување…
По овој мал час од историја, Груевски вели:
Дами и господа,
Дозволете да испратам неколку пораки до кандидатот за претседател на ВМРО-ДПМНЕ:
И потоа, во еден подолг дел од говорот на новиот кандидат упатува не една, не две, туку точно 10 пораки. Сите пораки освен првата, каде што изразува жалење што имало само еден кандидат, се всушност препораки како Мицкоски треба да работи.
На пример во втората препорака, тој го потсетува Мицковски посредно да не му текне да го менува името на партијата, бидејќи „тој е кандидат за претседател на Внатрешната Макеоднска Револуционерна Организација-Демократска Партија за Македонско Национално Единство. Тоа е голема чест, но и голема обврска.“ Но, истовремено, Груевски му дава препораки и како да се однесува кон проблемот со името на државата: Се очекува токму ВМРО да го чува грбот на Македонија при решение за името.
Во препораката број 3 на пример, Груевски му го одреди на Мицкоски и главниот таргет на партијата, како и за колку време треба да тоа да го постигне:
„…од него членството очекува победа и враќање на власт на следните парламентарни избори во Македонија. Тоа е главниот таргет: победа на парламентарните избори и формирање влада на чело со ВМРО-ДПМНЕ“.
Во наредната, бр.4 му порачува каква да биде стратешката ориентација на партијата и како да ги решава проблемите поврзани со ЕУ и со САД – со дијалог. Но, веќе во петтата, повторно потсетува на Александров и на независното носење одлуки и му сугерира на Мицкоски дека партиските одлуки треба да ги носи независно, оти ВМРО–ДПМНЕ била и останала во моментот единствената од големите партии што работела така.
После првите пет препораки, Груевски му порачува дека ќе ги вложи сите сили дека нема да се меша.
Но, веднаш потоа, во седмата препорака повторно се навраќа на односите со меѓународната заедница. Осмата препорака му е поврзана кон градењето на партиската политика кон Албанците во Македонија.
Во деветата, можеби и клучна од десетте препораки, Груевски се осврна на анализата за резултатите од последните локални избори и за причините за поразот, при што кажа дека станува збор за предавство и за провала во ВМРО-ДПМНЕ каква што не се случила во последните 15 години, па на Мицкоски му порачува да „сече глави“ во партијата:
Ден порано, треба да преземе енергични мерки за казни и отстранување на лицата кои постапиле несоодветно… Потребно е добро да се проверат сите факти и информации за некој да не настрада по грешка, но потоа треба да се делува без двоумење и одлучно. Исто така, потребна е замена на демотивираните и опуштените со мотивирани членови на раководни партиски места
И конечно, во 10-тата препорака, Груевски му кажува на новиот лидер како да се постави кон притворените за настаните од 27 април во Собранието на РМ, кои се под истрага за терористичко дејствување преку насилно уривање на уставниот поредок, сугерирајќи му дека треба цврсто да бара амнестија за тие лица и тие настани, бидејќи бил подготевн и закон за амнестија. Сето тоа, зато што ВМРО-ДПМНЕ била нападната:
ВМРО-ДПМНЕ е нападната. Таа мора да се бори за своја заштита, но и заштита на секој член кој неправедно и тенденциозно е обвинет и е под политички прогон, независно дали е обичен член или функционер. Новиот претседател треба да знае, дека ако не се бори за своите членови и активисти кога тие се нападнати заради нивната партиска и национална борба, дека другите ќе се плашат да бидат активни и партијата ќе слабее…
Ова што почесниот лидер и пратеник го направи кон новиот лидер, овие 10 „тодоралександрови“ посланија за Христијан Мицковски, се само последен од многу спинови на Никола Груевски, од кои „Вистиномер“ во голем дел ги забележал. Затоа, неговата заложба дека нема да се меша, искажана внатре во една од десете пораки до новиот лидер, ја оценуваме како извртена вистина односно спин, бидејќу уште со самиот говор, тој де факто се замеша.
________________________________________
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.
Извор: http://vistinomer.mk