Соби покрај морето

26.12.2017 14:24
Соби покрај морето

Објавуваме дел од расказот „Соби покрај морето“ на норвешкиот писател Фроде Гритен, чија збирка раскази „Соби покрај морето, соби во градот“ неодамна ја објави Темплум.

Книгата можете да ја набавите на Малиот новогодишен Саем на книги во ГЕМ клуб (Стара чаршија, над Менада), кој се одржува од 25-29 декември.

 

* * *


24/ Се разбуди чувствувајќи како нејзината топла уста се спојува со неговата. Навистина посебен начин да се каже добро утро, си помисли. Сакаше да стане од креветот, но таа го повлече назад. Утринското сонце ја исполнуваше собата. Низ отворената врата можеше да ги слушне криците на морските птици и тивките удари на брановите. Едвај се присети каде се наоѓаат, а потоа се нурна во белата празнина.

23/ Вака почнува совршен ден, рече неговата жена потоа. Му го милуваше половиот орган додека ерецијата се повлекуваше. Под кожата ги чувствуваше отчукувањата на срцето. Пулсот полека се смируваше, како по телесен напор.

– Секогаш ти е така сериозен – рече.
– Навистина? – ја праша.
– Да, но секогаш ме прави среќна.

Му седна на стомакот и го фотографираше. Тој се побуни и ја стави раката пред објективот. Таа го врати фотоапаратот на ноќната масичка и ја спушти главата на неговите гради.

– Што сакаш да правиме денес? – праша.

Го погледна со поглед што одамна не го беше видел.

– Тоа би морала ти да го знаеш – ѝ одговори. – Јас? – Да, зарем ова не е твоја идеја?

Ја помилува по колковите. Не сакаше да ја нервира. Го трогна кога пред неколку дена го побара на работа. Резервирала соба. На обајцата им беше средила слободен ден. Децата останаа кај нејзините родители.

– Дали нешто сонуваше? – го праша.
– Ништо на што можам да се сетам. А ти?
– Јас сонував. Сонував дека сум на снимање на некој филм. Не се сеќавам точно за каков филм стануваше збор, освен дека единствената реплика ми беше: Ох, тоа е толку прекрасно.
– И, како помина?
– Секоја снимка пропадна. На крајот, режисерот ме одвлече настрана и ми рече дека за мене има некоја друга улога. Рече дека станува збор за многу поважна улога, но знаев дека ме лаже.

22/ Од дома тргнаа во самрак. На траектот стоеја на палубата, еден покрај друг, и гледаа во светлината на светилникот на островот. Четири кратки зраци и еден долг блескаа во правилни растојанија. Пред спиење на верандата пиеја вино. Ноќта беше топла, со оној посебен вид темнина која се појавува само во последните денови на август. Неговата жена сакаше уште така да седи, но тој беше изморен. Додека тонеше во сон, го слушаше брмчењето на моторот, едноличен звук на рибарските бротчиња додека испловуваа во потрага по улов.

21/ – Да се истуширам прва јас? – праша и стана од креветот не чекајќи одговор. Тој остана да лежи набљудувајќи ја мувата која заврши на грб на ноќното масиче. Покрај рабовите на чашата со вода се фатија меурчиња. Го крена фотоапаратот и во објективот ја фати собата. По подот и ѕидовите сонцето оставаше мали дамки. Кога удираа во подот, тенките ленти светлина се ширеа и се завлекуваа под креветот на којшто лежеше. Пушеше и гледаше како новиот ден го вовлекува во себе.

20/ По појадокот таа предложи малку да се повозат. Сакаше да го види целиот остров на дневна светлина. Освен тоа, возењето со автомобил отсекогаш било дел од совршениот ден. Што се однесува до него, тој немаше ништо против.

– Дали некаде ми го виде мобилниот? – викна откако ги изми забите.

Таа веќе седеше во автомобилот спуштајќи го прозорското стакло. На главата носеше марама и старински очила.

Се спушти по патеката и седна до неа.

– Дали си сигурна дека не си го видела мојот мобилен? – праша.
– Го запленив – рече палејќи го моторот. – Ова ќе биде совршен ден. Без мобилни. Без интернет. Без разговори за работата. Само ти и јас.
– Навистина си мислела на сѐ, а?

Не одговори, возеше по сосема празната улица. На дневна светлина островот изгледаше поинаков, пејзажот сѐ уште беше исполнет со трпение. Си помисли дека боите изгледаат како нанесени на платно.

– Дали би можел да живееш овде? – го праша додека се возеа.
– Мислам дека би можел – одговори. – Ти би можел да живееш каде било, зар не?
– Што сакаш да кажеш?
– Ништо особено, само се сетив дека тоа веќе еднаш ми го беше кажал.

Замолкна. На патот кон светилникот запали цигара и се обиде да се радува на тоа дека сè е веќе однапред осмислено. Исклучен е од светот, може да се препушти, да биде патник воден низ совршениот ден.

19/ И синоќа таа возеше. Сакаше да вози повеќе од него. Се влечеа низ попладневниот сообраќаен метеж додека тој се прашуваше која е всушност смислата на излетот. Кога ќе стигне сметката? Никаков разумен одговор не му паѓаше на ум, па се откажа.

Беше толку восхитена додека му го откриваше планот.

– За што размислуваш, драги? – праша кога најпосле се извлекоа од метежот.
– За ништо – одговори. – А ти?
– За сѐ.

18/ Кога стигнаа до светилникот му падна на памет дека смислата на таа кула всушност ѝ ја дава темнината. Во текот на денот светилникот е мртов предмет. Долго шетаа по плажата. Небото се огледуваше на бледата површина на морето. Два танкера пловеа на југ. Поради оддалеченоста изгледаше како воопшто да не се движат.

– Дали го зеде фотоапаратот? – праша. Му го даде.
– Си купила филм со само 24 слики?
– Да, немаа ништо друго.

На плажата се појави маж со куче. Мажот во плиткото фрли стар чевел, а кучето се фрли во водата очајнички обидувајќи се да го зграпчи.

– Се сеќаваш кога со дедо пушеше цигара?
– Да – одговори.

На овој остров првпат го запозна нејзиното семејство. Тука, на плажата, пушеше цигари со нејзиниот дедо, ритуал кој значеше дека е примен во семејството. Таа ноќ за него играше на улицата осветлена со светлата на автомобилот.

17/ Од гепекот донесе кошница со храна и го простре ќебенцето на песочната дина. Јадеа харинги и леб, пиеја сок и пиво. По оброкот легнаа на ќебенцето и пушеа. Тој гледаше во небото, кое сега беше без ниту еден облак. Ги затвори очите и чувствуваше како го грее сонцето.

– Што сѐ е потребно за совршен ден? – го праша.
– Не знам – ѝ одговори.
– Море, знаеш – му рече.
– Да водиш љубов и да спиеш, тоа сигурно – ѝ рече.
– Точно – му рече.
– Возење со автомобил.
– Возење со автомобил?
– Самата рече. Нема совршен ден без возење автомобил.

Се насмеа. Тој чекаше.

– Пливање – рече.
– Пливање? – го праша. – Оригинално. Што уште?

Тој ѝ се насмеа.

Тоа е тоа. Совршен ден.

16/ На враќање ја фотографираше во профил. Таа возеше брзо по тесните, кривулести патишта. Сакаше да вози брзо. Шамијата и косата ѝ се лелеавеа на ветерот. Него го исполнуваше радост. Немирот кој го чувствуваше утрото го замени смиреност.

Беа надвор од светот, никаде не мораше да брзаат. Почна да ужива во тој лесен ритам и во едноличната, непрекината мелодија на брановите. Ја погледна и си помисли: Зошто секогаш не е вака?

15/ Во кревет му донесе весници стари една година. Ги читаше десет минути пред да ја открие шегата. Таа се смееше. Весниците беа од 27 август минатата година.

14/ Ти недостасува една работа, рече кога попладнето легнаа во кревет, светлината сѐ уште беше чиста и јасна, се креваше и се спушташе некако невино заедно со пердињата.

– Што? – ја праша.
– Да сонуваш – му рече. – Во совршен ден мораш да сонуваш.
– Не, тоа не – рече. – Што да сонуваш во совршен ден?
– Без сништа ќе заринкаш – му рече. Некoе време лежеа во тишина.
– Можеби рајот е место што треба да се избегнува – рече. – Како тоа мислиш? – Па, треба да се сонува за рајот, но не би чинело таму да се стаса.
– Не разбирам?
– Би можело да се покаже дека е предобар за да биде вистинит.

Таа чекаше.

– Ништо не те разбирам – му рече на крајот.
– Ни јас – ѝ одговори.
Се смееја.

Се качи на него и го милуваше по косата.
– Зошто го правиш сево ова? – ја праша.
– Зарем не би требала?
– Би, но зошто?
– Затоа што заслужуваш еден ваков ден.
– Навистина?
– Да, заслужуваш еден совршен ден. Сите понекогаш заслужуваат совршен ден. Од другите денови и онака има премногу, зар не?

13/ Од бањата каде се дотеруваше му довикна: – Дали сум убава? Тој ѝ одговори дека е многу убава.

-Дали си подготвен за совршена вечера? – го праша.

Тој ѝ одговори дека не може да биде поподготвен.

Од изнајмената куќичка се одвезоа до хотелот кој се наоѓаше на карпеста угорнина над пристаништето. Излегоа од автомобилот и се фатија за раце. Ја праша зарем нема да го заклучи автомобилот. Одмавна со главата и му рече дека сега се надвор од светот. Во круг од стотина километри нема ниту еден крадец на автомобили. На рецепцијата ги поздрави жена. Тој се прашуваше дали веќе била тука и дали резервирала маса. Кога влегоа во ресторанот, ги дочека ракоплескање и извици на веселба. Тој се осврна и здогледа само познати лица. Ресторанот беше полн со нивни пријатели. Се поздравуваше со сите речиси не сфаќајќи кој е кој. Навистина наседна. Сите се смееја и се забавуваа. Го фотографираа и зборуваа дека за малку ќе му го откриеја тајниот план. Се ѕвереше во неа. И таа се смееше.

12/ На овој филм постои само една фотографија на која се гледа Вера. Седи во заднината покрај прозорец. Носи црн фустан и бела блуза. Ја подигнала чашата кон фотографот и се насмевнува.

11/ За време на вечерата му се чинеше дека секое движење го издава. Како седи, како се смее, како ја принесува храната до устата. Сѐ го издаваше. Како ја поздрави, како сите други ги бакна и ги прегрна додека нејзе само ѝ подаде рака и ѝ рече здраво. Инаку, секогаш наоѓаше начин како да се однесува, како да чекори, како да зборува. Сега во просторијата беше Вера и тој сфати дека, се разбира, тука и ќе остане цела вечер. Секој втор ден сакаше да му биде во близина, но вечерва како да влезе во соба во која не смееше да влезе. Првпат почувствува како му пречи тоа што се во иста соба. Не можеше да разбере како прифатила да дојде.

10/ Алкохолот малку го олабави. Келнерите облечени во црно-бела облека ја изнесоа храната и пијалаците. Луѓето наздравуваа и кажуваа вицови. Сопругата одржа кратка здравица, прочита поетски текст кој зборуваше за совршениот ден.

Тој беше свесен за присутноста на Вера. Можеше да ја следи, а да не ја гледа. Еднаш забележа како заминува кон градината, да вдише свеж воздух. Сфати дека му ја променила насоката, брзината и целта. Сѐ му промени.

Гласовите во локалот станаа сѐ погласни. Фаќаше делови од разговорот, детали кои немаа смисла, бидејќи слушна само парченца. Се осврна и сфати дека во тие лица се одразува целиот негов живот.

– Одамна не сум те видела толку добро расположен – рече сопругата. – Дали ти е убаво?
– Совршено – одговори.

9/ Првпат Вера едноставно го повика и го праша дали сака малку да се провози. Никој ништо не требаше да објаснува. Ја собра половина час подоцна. Возеа до кампот надвор од градот. Првиот зимски снег паѓаше по нив додека одеа по плажата, до скокалницата. Кога се вратија, снегот веќе го беше покрил целиот автомобил.

– Можеш ли да ми направиш услуга? – го праша кога веќе не можеше да се издржи.
– Да?
– Бакни ме.

Превод: Лавинија Шувака
Слики: Едвард Хопер

ОкоБоли главаВицФото