1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 03:59
Весело друштво,
проблемот на нашето здравство, не е поврзан со д-р Венко Филипче himself, туку со фактот дека јавното здравство е паднато на колена наспроти приватните клиники и здравствениот туризам кои тие го нудат. Односно, проблемот на здравството треба да го бараме во неговото намерно неолиберално ПОПАЗАРУВАЊЕ и консеквентното КОМОДИФИЦИРАЊЕ на нашето здравје, според кое здравјето добива своја цена. Нашето здравје, другар(ки) денес, е ОБЈЕКТ на политиката, а оттука, здравството се претворило во јасна инстанца на авторитарна и корпоративистичка биополитичка интервенција – за која со сигурност знаеме дека нè води во смрт.
Илустративни примери има безброј, кои потврдуваат дека ова е така: бројката за годишниот помор на бебињата; масовната употреба на антидепресиви; набавките за непроверени анти-канцерогени вакцини – џисз крајст; фалц-лекови; провизии од тендери; итн.
Уште повеќе, да Ве потсетам и на една значајна секвенца која безмалку ќе ја реализираше со минатата власт - имено, обидот за отворање слободна здравствена зона која ќе врши дејности во рамките на постоечките здравствени капацитети, но вон меѓународна регулација! За среќа, овој криминален обид беше инвалидизиран во стартот и не се случи, но за жал, здравството сè уште клечи на колена.
Оттука, велам, не е Филипче оригиналниот проблем, туку можеби е последица од пазарната логика која стои позади концептот на јавното здравје и затоа потребна е целосна реконцептуализација на принципите на кои ќе се темелат здравствените политики.
Оваа влада конечно мора да донесе одлука - дали тие реализираат политики засновани на идеите за редистрибутивна правда – или не, т.е. дали даноците кои ги плаќаме сите за здравствено осигурување навистина ќе можат да осигураат од „ненадејнa“ смрт по болничките ходници. Оти сите ние кои плаќаме даноци, не ретко одиме на лекување по приватните клиники. Со други зборови, секоја социјална држава (wellfare) и секоја социјалдемократска влада ќе мора да го овозможи концептот за подеднакви и квалитетни здравствени услуги за сите, без разлика на личните приходи. За ова, пак, да профункционира, ќе мора да се приоритизираат јавните, а не приватните здравствени установи.
Извор: Плусинфо
Слика: ШкАрт