Полска и Брисел

27.12.2017 04:12
Полска и Брисел

Европската Унија го започна процесот кој Полска би можел да ја чини одземање на правото на глас во Брисел. Тоа е одговор на настојувањето на полската влада да воспостави партиска контрола врз правосудството со помош на „реформите“ чија наводна цел е судовите во земјата да се исчистат од поранешните комунисти.

Покренувањето на постапката предвидена со членот 7 што Брисел ја нарече „атомска акција“, никогаш порано не било употребено против држава членка, а тоа јасно покажува колку Европската Унија ја иритира недемократскиот курс што Варшава непопустливо го спроведува од 2015 година, кога националистичката партија Право и правда (PiS) дојде на власт. Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, поранешен полски премиер, рече: „Таа одлука е последица на промените што ги предложи PiS, а кои ја поставуваат владата над законот, а не законот над владата“. Неколку часови подоцна, полскиот претседател Анджеј Дуда (PiS) инаетливо ги ратификуваше токму оние одредби што предизвикуваат загриженост кај Доналд Туск и ЕУ, а со кои се овозможува владејачката партија да поставува судии со политички именувања.

Дури и Тереза Меј, која при посети во странство вообичаено избегнува тешки прашања, вети дека за време на својата посета на Варшава ќе стави до знаење дека Велика Британија е „загрижена“ заради постапката на полската влада против правосудството. „Важно ни е почитувањето на владеењето на правото и очекуваме сите наши партнери да се покоруваат на меѓународните норми и стандарди“, изјави портпаролот на премиерката. Матеуш Моравјецки, полскиот премиер кој пред две недели беше именуван од партијата PiS, веројатно љубезно ќе кима со главата и ќе ја уверува британската премиерка дека сè е во ред, а потоа ќе продолжи да ја игнорира исто како што владејачката партија ги игнораше сите меѓународни забелешки за нејзината антидемократска политика во претходните две години.

Всушност, PiS на домашен терен веќе се обидува да ја сврти ситуацијата во своја корист со форсирање на својата пропагандна машина, на чие чело се медиумите кои ги контролира државата и кои меѓу граѓаните ја поддржуваат паранојата сугерирајќи дека ЕУ ја напаѓа Полска (не сегашната влада, туку државата) која само го потврдува својот сувернитет водејќи ги внатрешните национални работи. Портпаролката на PiS, Беата Мазурек, реагираше на одлуката на ЕУ со изјавата дека „тој потег не ја погаѓа партијата, туку Полска“. Таа ја нападна опозициската либерална партија „Граѓанска платформа“ што PiS ја смета за предавничка и сојузник на Брисел во борбата против полските интереси. Како што беше кажано на државната телевизија по најавата на ЕУ: „Сувереноста на Полска не им се допаѓа на Берлин, Брисел и на опозицијата“.

Откако PiS дојде на власт се претставува како движење на отпор против доминацијата на моќните западни нации и корпорации кои на Полска ѝ ја наметнуваат својата волја од 1989 година, т.е. од почетокот на нејзината економска трансформација.

Во едно интервју од 2016 година, Матеуш Моравјецки, новиот премиер чија главна задача е да се занимава со тензиите меѓу Брисел и Варшава, кажа: „Денес ни е појасно дека Полска е поткопувана во тек на многу години од страна на невидливата рака на пазарот... до таа мера што станавме зависни од странците.“

Незадоволството заради зависноста и подреденоста на волјата на странците е најважната емоција што стои зад многу политики на PiS и нејзините отворено непријателски реторики кон Европа и претставниците на ЕУ. На тој начин PiS јавно го потврдува отпорот кон странската доминација. Владејачката партија во Полска сега ја поддржуваат 40 отсто од гласачите, додека Граѓанската платформа, нејзината најблиска ривалка, ужива поддршка од 17 отсто од гласачите. PiS очигледно го разбрала и го искористила незадоволството на граѓаните и нивната желба да се спротивстават на сè што доживуваат како странска доминација.

Се разбира, има и други причини за популарноста на таа партија, а особено е значајна нејзината беспримерно великодушна социјална потрошувачка, сосема спротивна на однесувањето на претходните влади, кои главно се држеа до ставот дека Полска не може да си го дозволи оној степен на социјална благосостојба што ја уживаат граѓаните на западноевропските членки на ЕУ. Не може да се одрече дека со јавното пркосење на Брисел, владејачката партија успеа да го разбуди чувството на национална гордост и достоинство, кое беше мевлем за националната огорченост на полските граѓани и кое кај многумина ја разбуди потребата, колку и да е таа илузорна, за самостојно управување со сопствената судбина. Се наметнуваат паралелите со британската кампања за излегување од Унијата и акцентот на „преземањето контрола“ од силеџискиот Брисел.

Голема разлика е и тоа што PiS не сака Полска да ја напушти ЕУ, барем додека е најголемиот корисник на европските фондови. Помеѓу 2007 и 2013 година, Полска добила речиси 60 милијарди фунти од европските развојни фондови. Кога на тоа ќе се додадат уште 76 милијарди фунти што ѝ се наменети во тековната буџетска рамка (2014-2020), сумата што ќе ја добие Полска значајно ја надминува вредноста на Маршаловиот план (изразена во денешни долари), програма за обнова на целата западна Европа по Втората светска војна.

Сè додека доаѓаат парите, дури и политичарите кои се најголеми противници на Брисел, ќе сакаат нивната земја да остане во Европа. Единственото што навистина би ја заплашило PiS би била убедливата закана дека средствата ќе бидат стопирани или одложени на подолг рок, зашто тоа би ги загрозило плановите за потрошувачка. И уште повеќе, штом полските граѓани би сфатиле дека помалиот прилив на пари во земјата е последица на политикате на PiS, националната гордост би се преточила во гнев кон владејачката партија затоа што не била прагматична во односите со Брисел.

Во секој случај, владата на Полска не мора премногу да се грижи заради покренувањето на членот 7, зашто тоа е само првиот чекор во долгиот процес; покрај тоа, за да ѝ бидат навистина наметнати реални санкции на Полска, со тоа би морале да се согласат сите други членки на ЕУ. Унгарскиот сојузник на PiS, еднакво авторитарниот премиер Виктор Орбан, веќе кажа дека ќе стави вето за воведување на какви било санкции за Полска.

Што и да направат, институциите на Европската Унија ќе изгубат: ако не преземат нешто, PiS мирно ќе продолжи да ги разградува демократските норми; а ако Брисел ги примени мерките што во овој момент ги има на располагање, само ќе ја зајакне моќта на владејачката партија во Полска, а тоа значи дека тешко ќе ја натера да го смени курсот.

Очигледно Брисел мора да ги преиспита правилата на управување со Европската Унија. Меѓу нив нема реалистични одредби за занимавање со владите кои се исмеваат со основните принципи на Унијата... при што и натаму ги земаат парите од нејзините фондови.

Извор: The Guardian

ОкоБоли главаВицФото