„Историјата да им се остави на историчарите!“ Но на кои? (2)

27.12.2017 11:29
„Историјата да им се остави на историчарите!“ Но на кои? (2)

„Независна Македонија“ – лозунгот на иднината

Кога станува збор за периодот меѓу двете светски војни, бугарската историографија треба отворено да потенцира дека идејата за „автономија на Македонија“ е веќе идеја за една самостојна држава. Оваа идеја привлекува сè повеќе приврзаници и е прифатена од поголем дел од јавноста, дури и во самата Бугарија, како неопходна реалност за решавање на македонското прашање. Но, пак, и македонската историографија треба да прифати дека овде сè уште не станува збор за различна етнонационална содржина во оваа држава. Во борбите помеѓу левицата и десницата на ВМРО, како и помеѓу михајловистите и протогеровистите - погледнато „објективно“ и „научно“ во духот на договорот за добрососедство – едни Бугари убиваат други Бугари. Тука не станува збор за меѓуетнички конфликт меѓу Бугари, од една страна, и Македонци од друга – без оглед колку некој инсистира да го претстави на ваков начин. Колку и ВМРО да е категорична за одделноста на идната држава, сепак наднационалниот македонски идентитет кој таа го проповеда продолжува да е доминантно бугарски. Долго време по 1918 година и македонските левичари исто така продолжуваат да се идентификуваат како Бугари. Сепак, треба да се признае дека бугарската историографија ја прикрива тежината која поимите „Македонци“ и „македонски народ“ започнуваат да ја добиваат во левиот печат. А и самата борба за македонска држава, објективно гледано, веќе станува борба за македонска нација - во уставна и надетничка смисла.

Изгледа дека овде би можеле веќе да говориме за фактолошко приближување меѓу двата наратива, но со дијаметрално спротиставени оценки за она што се случува во Бугарија по крајот на 20-те години. Оттогаш за бугарските комунисти терминот „Македонци“ веќе постепено започнува да придобива и етнокултурна содржина. Кон крајот на 1933 година поимот за македонска народност (етнос) и одделен македонски јазик е прифатен од комунистичката ВМРО (Обединета), а во почетокот на 1934 година и самата Коминтерна излегува со отворена поддршка за овие позиции. Македонски комунисти кои членуваат во БКП веќе почнуваат себе си да се сметаат за „Македонци“ по народност. Тие ги пишуваат и првите нацрти на „македонската историја“, а „Македонскиот литературен кружок“ (1938-1941 г.) во Софија - и особено Венко Марковски и Коле Неделковски - работат на култивирање на нов македонски јазик и литература. На овој начин, парадоксално (и покрај раните претходници на македонизмот, споменати претходно) се испоставува дека вистинската лулка за етнонационалниот македонизам е имено Бугарија, а не Србија (како што обично се тврди во Бугарија). Во реалноста, директна врска со Асномските решенија од 2 август 1944 г. имаат токму споменатите настани и процеси кои се случуваат во 30-те години во Бугарија, а не подзаборавените веќе рани македонисти - како Пулевски, Мисирков и Чуповски - кои продолжуаваат да бидат малку познати и маргинални фигури, на кои ВМОРО никогаш не им обрнувала особено внимание.

Бугарската историографија треба да прифати дека етнонационалниот македонизам се утврдува како форма на идентитет со цел населението на Вардарска Македонија (а можеби донекаде и на Егејска) да се спротистави на србизацијата (то ест, погрчувањето). Напуштањето на Македонија и иселувањето кон Бугарија на многу луѓе со утврден бугарски идентитет, послабите врски и позиции на ВМРО во Вардарска Македонија, како и двете децении проживеани во различна српска (југословенска) институционална рамка, без контакти со бугарската држава – водат до израснувањето на една генерација кај која постепено се кристализира и започнува да се дефинира македонска народносна (етничка) свест. Овој македонизам од меѓувоениот период е насочен кон зачувување на локалните специфики и спротиставување токму на србизацијата. Но, откако веќе возникнува и се утврдува, тој набргу се претвора и во оружје против Бугарија. Фактот дека овој процес не се случува во Пиринска Македонија е доказ дека етничкиот македонски идентитет се раѓа пред сè таму каде што бугарскиот јазик, образование и култура се изолирани и народот нема директен достап до нив. Следствено, Бугарија – а веројатно и неслучајно – е единствената балканска држава во која е осуетена појавата на етнонационалниот македонизам. Сепак, историјата одредила нешто друго - и оттука натаму, наместо да лепи етикети, бугарската историографија треба да побара објаснување за овие процеси во дадениот историски период.

А што се однесува до Егејска Македонија, тамошното утврдување на македонизмот до голема мера се случува и заради иселувањата од 20-те, при што егејските Македонци со јасно формиран бугарски идентитет емигрираат во Бугарија – а со тоа се отвора пространство за спротиставување на политиката на погрчување, но сега веќе не врз базата на бугарски, туку врз македонски етнонационален идентитет.

Бугарската историографија очигледно има, и ќе продолжи да има проблем, со периодот по 1941 година. Обично се премолчува тогашната популарност на идејата за самостојна и независна Македонија. Се прикрива и поведението на бугарската администрација, кое води до антагонизирање на немал дел од локалното население во Вардарска Македонија. Ова, пак, соодветно создава и плодна почна за проникнување на македонизам од комунистички или титоистички тип - особено кај помладата генерација, која нема други спомени освен оние од самата Југославија. Затоа треба да се признае дека и покрај радосното прифаќање на крајот на српската окупација во 1941 година, локалното население забележливо се чувствува отуѓено од воспоставената бугарска власт; а последичното прифаќање на идејата за „македонска народност“ и „македонски јазик“ не е само прашање на насилство од една еднопартиска тоталитарна власт. Кон ова треба да се додадат, се разбира, и премолчуваните во денешна Бугарија брутални репресии на бугарската власт врз силите на отпорот во Македонија.

Но и македонската историографија треба да престане да ги преттставува овие насилнички репресии изолирано, како борба на „Бугари“ против „Македонци“. Потребно е да се почне да се зема предвид и поопштата политика која во тоа време била водена не само во окупираната од бугарски војски Македонија, но и во старите предели на Бугарија. Не треба да се игнорира фактот дека много често вакви решенија биле правени и од страна на Македонци, кои доброволно, а не само од страв, носеле бугарска униформа. Треба исто така да се има предвид дека дури и во периодот 1941-44 година националниот идентитет во Вардарска Македонија (а и Егејска) останува неопределен и колеблив, а Македонците се потенцијална и сè уште неутврдена народност.

Треба да престане и со долгогодишното премолчување на неудобниот за „историците“ во Скопје факт околу постоењето на редица приврзаници на идејата за независна Македонија, кои биле со бугарска етничка свест. Подоцна некои од нив се или осудени на смрт од новата комунистичка власт, или поминуваат долги години по логори и затвори. Кон нив спокојно можат да се додадат и оние кои го прифаќаат етнонационалниот македонизам и решенијата од „вториот Илинден“ (напишани на бугарска машина за пишување, спротивно од бугарските вицови кои велат дека биле напишани на српска) за „народниот македонски йазик“. Меѓу последниве се Методија Андонов-Ченто, Панко Брашнаров и Павел Шатев – кои го прифаќаат етнонационалниот македонизам, но се спротиставуваат на просрпската насоченост, сметајќи ја за туѓа на македонските традиции од минатото.

Македонската етничка нација во „лабораториjата“ на Jугославиja

Изгледа – барем на прв поглед – дека кога станува збор за периодот после 1945 година,  можноста за консензус меѓу двете историографии е поверојатна. Тука бугарската страна ќе треба да прифати дека во последните децении – а најмногу меѓу средината на 40-те и крајот на 50-те, то ест, почетокот на 60-те години – македонска етничка нација веќе добива социјална срж. И овој процес е очигледно неповратен. Во иднина, предмет на дебати може да биде самиот македонизам како појава и неговата внатрешна содржина - а не дали да го има, или дали да биде избришан како непотребен. Освен тоа, бугарската наука треба да признае дека без оглед на тоа каков бил македонскиот јазик кога бил кодифициран (1944-45 година), сепак во годините по 1945 на него веќе е создадена една достојна и вредна литература. Јазикот постепено станува самостоен, и на него можат да се артикулираат сериозни идеи – особено кога започнува да биде употребуван од извонредните мајстори на уметничкиот збор, а такви во Република Македонија има многу. Континуираното есенцијализирање на јазикот, употребата на идеолошки конструкции како „бугарско јазично земјиште“, како и говорењето за „недостаток на структурна разлика во типолошките особености“ меѓу двата јазика, ќе стануваат сè повеќе неоджрливи. А наместо да нè убедува дека „македонската нација“ и „македонскиот јазик“ се вештачки, бугарската историографија треба да ни одговори на прашањето: зошто и на кој начин после 1919 година беа создадени претпоставките и започнат процесот кој по 1944 година доведе до неповратното формирање на македонската нација. Споредбите со Кипар и Молдавија се неосновани, зашто на овие места не се одвива (и тука треба да се објасни зошто) сличен процес на градење одделна етнонационална свест врз база на регионален идентитет, притоа со основна насоченост против соодветната историски најблиска нација - во чијшто почетен развој Македонците играле важна улога.

Македонската историографија, пак, треба да признае дека првичниот етнички македонски историски наратив е создаден во втората половина на 30-те години, од страна на македонски комунисти во Бугарија – пред сè Васил Ивановски, а пред него и Ангел Динев и Коста Веселинов. Македонската историографија треба да ја елаборира и онаа парадоксална почетна ситуација, во која македонските комунистички кадри од Југославија го употребуваат српскиот јазик, и не го познаваат историското минато на Македонија - за разлика од комунистите македонисти во Бугарија, кои добро ја познаваат историјата на Македонија, но во пракса говорат бугарски јазик, и допирот со новиот македонски литературен јазик го доживуваат со доза на разочарување. (Особено е амблематичен спорот помеѓу Васил Ивановски и Лазар Колишевски, во кој Колишевски изјавува дека го восприема Гоце Делчев како „Бугарин, без големо значење за Македонија“). Тука треба да се спомене уште нешто многу важно. Македонската историографија треба исто така да го прифати фактот дека југословенската варијанта на македонска република и дефинираниот од нејзе отворено антибугарски македонизам сепак се разминува со погледите на илинденците, и претставува потполно пренебрегнување на каква било заедничка историја со Бугарите и Бугарија. Kако поранешен сојузник на Третиот рајх, во втората половина на 40-те години Бугарија не може да влијае врз овие процеси, и тие се одвиваат според за нејзе најнепосакуваното сценарио – кое и до ден денешен ја отежнува бугарската позиција. За ваквото отежнување голема улога игра и тенденциозно развиваната и „лансирана“ по 1989 година бугарска национална митологија; како и конзервативниот карактер на бугарската историографија и лингвистика, кои не можат соодветно да ги протолкуваат ниту процесите кои во средината на 19-ти век се одвиваат во цела Македонија, ниту оние процеси кои по 1919 година се одвиваат во деловите од Македонија анектирани од страна на Грција и Југославија.

Заедно со тоа, македонската историографија треба да признае и дека за разлика од Вардарска Македонија, блискоста од минатото, заедничката историја во империјата, Егзархијата и ВМОРО, водат кон тоа населението во Пиринска Македонија да биде цврсто и непоколебливо во својот бугарски идентитет - а политиката на „македонизација“ спроведувана од БКП (во координација со КПЈ) во втората половина на 40-те, е проследена и со насилство, кое води до соодветни трауми. Историската судбина на Пиринска Македонија (нејзиното припојување кон Бугарија) противречи на политичкиот проект на ВМОРО - но токму зашто не противречи на бугарскиот етнички идентитет на тамошното население, таа бргу се интегрира во рамките на Бугарија после 1912 година. А периодот 1912-1946 е очигледно пресуден за фактот што политиката на БКП за македонизација никогаш не пушта длабоки корени, и покрај можностите на тоталитарната власт или атрактивноста (во контекстот на Студената војна) на југословенскиот, а оттаму и на единствениот постоечки модел на етнички македонизам.

Мултидисциплинарната комисиja и иднината

Оставањето на историјата на историчарите често може да доведе и до поголеми проблеми, одошто кога би им се оставила на политичарите. Ова се однесува со уште поголема сигурност до социјализираните во национализам и заразени со пристрасност бугарски и македонски историчари. Но, како резултат од каприците на историјата кон кои сите сме подвластени, во почетокот на 21-от век ние веќе ја имаме реалноста на постоење две држави, два народа, два јазика, две литератури, две различни историски искуства и барем два мошне различни и конфликтни историски наратива. Но сепак, како што веќе видовме, во историската реалност двата народа имаат политичко сожителство за време на дел од Средновековието и во вековите на османлиска власт. Тие имаат и заедничка, споделена историја во периодот меѓу средината на 19-от век и војните од почетокот на 20-от век. Историјата од останатиот дел од времето, и да не ја сметаме за заедничка, сепак можеме да речеме дека е преплетена.

Но сепак е јасно дека не е многу веројатна помислата дека еден ден и во двете држави би можело да има единствена и заедничка пишана историја. За одредени прашања секогаш ќе постојат различни гледни точки. Во Македонија овие прашања ќе бидат повлијаени од процесите кои се одвивале како резултат од 1944 година. Во Бугарија, пак, веројатно во најголема мера ќе се расудува од гледна точка на она што се одвивало во 19-иот и почетокот на 20-иот век. Но напредокот кој историчарите реално би можеле да го постигнат – нешто што со децении не било правено – е да се сопре премолчување на фактите и да се престане да се лаже за нив. (Бидејќи, кога се вели дека проектот на ВМРО е претходник на македонската држава, тука станува збор за интерпретација со која можеме или да се согласиме или да ја отфрлиме. Но ако говориме за македонски етнонационален идентитет кај активистите на ВМОРО, тогаш шириме лаги и фалсификати. Кога, пак, бугарската страна вели дека идејата за „автономија на Македонија“ е тактички приод, тоа е исто така интерпретација, која може да се прифати или да се отфрли – и покрај тоа што постојат многу докази за македонската политичка лојалност. Но тврдењето дека НИКОЈ пред Коминтерната во 1934 г. не говорел за етнички Македонци и одделен „македонски народ“ е лага.)

Македонската историографија можеби ќе треба да се задоволи со тоа што почетокот на наративот за создавање македонска етничка нација ќе го постави некаде кон крајот на 19-от век, при што наративот би навлегол во својата етнонационална сушност не порано од 30-те години на 20-иот век. Обидите на бугарската историографија (а особено на општествениците националисти) почетокот на етничкиот македонски наратив да биде поставен на 2 август 1944 година не се много убедливи – и покрај тоа што токму тогаш се појавува оној автентичен македонски државнотворен документ, кој за прв пат говори за „македонски народ“ во етнонационална смисла, а не во дотогашната политичка смисла. Ако денешната политичка партија ДПМНЕ ја прифатиме за наследник на историското ВМРО, тогаш треба да потенцираме дека „идеолошките претходници“ на денешните македонски националисти од ДПМНЕ се бореле за политички независна Македонија како втора бугарска држава, а не за етнонационална Македонија со одделната македонска народност во нејзе – каква што беше формирана во рамките на југославенската федерација.

Има основа за поставување на почетоците на етничкиот македонски наратив и пред појавата на кодифицираниот јазик и литературата - бидејќи, иако на времето биле маргинални,  ваквите претходниците на етнонационален идентитет, како и форми на македонски регионален патриотизам, сепак постоеле од порано. Овде е неопходно од бугарската страна да се побара да покаже разбирање за неизбежното вклучување на неоспорни елементи од бугарскиот национален наратив во наративот на другата страна. А од македонската страна е неопходно да се побара нијансирање на тој наратив, на начин на кој би се демонстрирало дека во одредена етапа бугарскиот и македонскиот историски развој биле сосема неодделиви и преплетени. Неопходно е да се уточни дека модерното етнонационално осознавање на Македонците преминува преку бугарскиот етнонационален идентитет на огромното мнозинство од елитата и интелигенцијата од втората половина на 19-ти век. Неопходно е да се уточни и дека бугарската теза (според која идејата на Коминтерната за македонска нација од 1934 години нема претходници) не е вистинита. Многу пред 1934 година постоеле луѓе кои ја застапувале таа идеја - но тие ја немале онаа тежина која ретроактивно им се припишува од страна на денешната македонска историографија, а може дури и да се каже дека тие не биле гледани со многу добри очи од страна на ВМОРО. (Сепак, ова не многу чудно, дури и погледнато од гледна точка на бугарскиот контекст. Зарем не е точно дека и Паисиј Хилендарски долги години по 1762 година бил сметан за не многу важен, сè додека Марин Дринов и неговите следбеници не му ја придаваат важноста во 70-те години на 19-от век).

Бугарската страна треба да сфати дека ако Македонците се апсолутно категорични во својата желба да бидат посебна нација, различна од бугарската, веруваат во некаква своја историја, имаат оформено своја литературна норма со која создале своја книжевност, тогаш тоа треба безусловно да биде признаено. Заедничката историја поврзана со делото на учениците на Кирил и Методиј, државата на Самуил, а најмногу со историјата на црковните борби и ВМОРО се сосема доволни допирни точки за да се продолжи напред. Митологизираните елементи од македонскиот наратив ќе отпадат, исто како што ќе отпаднат и оние од бугарскиот. Сепак, историското минато во никаков случај не смее да се злоупотребува, дури ни за најобични сугестии дека едната држава би можела да ја голтне другата, да не ги почитува нејзиниот устав и државна независност.

Се разбира, во Македонија осознаваат дека наративот за ВМРО (но како македонистички, некомунистички наратив) е многу поважен за денешниот македонски национален идентитет отколку наративот за Александар Македонски. Од таму доаѓа и накострешеноста секогаш кога ќе се спомене јасната бугарска етнонационална содржина на етапата поврзана со ВМРО. Првичните обиди на бугарските комунисти за дефинирање на некаков етнички македонизам сепак не биле толку далечни од позициите кои денес се навидум приемливи за Софија. За македонистите комунисти од 30-те и 40-те етничките Македонците произлегуваат од Бугарите, но процесот на нивното осознавање како одделен народ започнува кон крајот на 19-от век.

Тука постои уште нешто важно, кое естаблишментите и на бугарската и на македонската историографија сè уште доволно не го разбираат. Образовните системи и во двете држави треба да разберат и да им објаснат на младите дека идентитетот не е биолошка даденост, и не зависи од крвта и ДНК-то, туку е социјално-историски продукт. Идентитетот истовремено е многустран и променлив во времето и просторот, и во дадени контексти - и зависи од избор на критериуми, кои ретко се непроменливи. Тој се предодредува и од заемодејствијата на различни групи во дадени контексти, и во зависност од конкретниот историски период опфатот и социјална длабочина се исто така нееднакви. Во таа смисла, бугарско-македонскиот случај е само една од многуте потврди за тоа на овој божји свет. Оттука и двете пристрасни историографии треба да најдат заеднички точки во потрагата на понијансирани и историски точни национални наративи – кои би ја одразиле целата сложеност и многуобразност. Ова е неопходно да се направи доколку сакаме да воспитаме просветени, отворени, толерантни кон „другиот“, и одговорни граѓани, кои не живеат со паранојата дека им ја крадат историјата и дека единствена форма на историја на овој свет е „националната“. Не, историите се и заеднички и понекогаш толку взаемно преплетени што самите национални истории само ја искривуваат ваквата слика. За да се постигне сето ова ќе бидат потребни напори од двете страни. Имено, ваквото нијансирање на наративите ќе направи споделеното минато и споделените чествувања да станат реалност.

Ќе кажам и уште нешто, што ќе прозвучи скандалозно и во Македонија и во Бугарија. Појавувањето на двете модерни етнонации е исто така и прашање на случајности. Во бугарскиот контекст случајноста е релативно помала и не толку забележлива, а во македонскиот контекст е многу поголема. Бугарската можеше и да не се појави, и да потоне во рамките на други етнонации. Македонската беше на пат да не се појави (Пиринска Македонија, а во одреден степен и Егејска се доказ за тоа). Македонската етнонација се појави заради исходот од Балканските војни, кога значителен дел од географска Македонија (Вардарскиот дел) влезе во составот на доминираната од Србија Југославија - која не располагаше со толку добри исходишни позиции за Македонците да ги претвори во „јужни Срби“. Бугарија ги имаше тие исходишни позициии и затоа во Пиринска Македонија и до ден денес има Бугари. И покрај тоа, треба да се каже дека јасно фиксираниот бугарски идентитет предничи пред македонскиот со само половина до еден век. Бугарскиот идентитет е посплотен и од гледна точка на предмодерните употреби на етнонимот „Бугарин“, и на средновековните државни ентитети кои го носат името „Бугарија“, и кои ја покривале и територијата на денешна Македонија. Но ништо повеќе од тоа.

Премногу често во очите на Бугарите приодот на Македонците кон историјата изгледа небаре уникатен. Денес, на пример „присвојувањето“ на бугарски историски личности од страна на Бугарите се доживува како сквернавење. Но зошто да им се гневиме на Македонците? Се замислуваме ли воопшто дека присвојувањето (и честото претставување како национално) на византиското, грчкото или албанското културно наследство во денешна Бугарија исто така би можело да се восприеме како „кражба на минатото“ (Асеновата крепост, Мелник, Арбанаси, цркви и манастири по Црноморското крајбрежие итн.). И уште нешто. Промените во историските перцепции во Македонија и различниот однос кон Бугарија во одредена смисла и не треба толку да изненадуваат. Колку ли само работи се променија во историските перцепции на нашето општество последниве неколку децении после 1989 година? Бугарите станаа „првите Европејци“ заради Варненската енеолитска некропола. Што ли сè не се изнаслушавме за потеклото на Бугарите – тема која едно време дури и се претвори во мода. Како ли сè не се променија перцепциите за улогата на Русија во бугарската историја, Руско-турската војна и словенската идеја? Сепак, сево ова не секогаш е просто дел од некакво измислено и злонамерно фалсификување на историјата (макар што понекогаш е точно тоа). Тука повеќе станува збор за еволуирање на општествената свест (врз основа на истите факти со кои располагале и предците на денешните Бугари) и нудење различни интерпретации. А зошто тоа да не е така и со Македонците?

Деновиве и во Софија и во Скопје се прават паралели со француско-германското помирување. Но и во двата случаја станува збор за пристрастност која им служи на тезите на националистите во Бугарија или во Македонија. Имено, надминувањето на противречијата меѓу двете западноевропски држави се случи пред сè заради отстапките направени од германска страна. Во Германија се постигна консензус дека колку и населението во Елзас и Лотарингија да е блиско до Германците, сепак важни и судбоносни периоди од развојот на овие два региони (главно во времето пред и по Француската револуција) се одвиваат кога тие биле дел од територијата на Франција. Аналогно на ова, времето на транзиција од неписмено кон писмено општество, од селско кон урбанизирано, од аграрна кон индустриска култура, населението на денешната Република Македонија го поминува во различна институционална рамка (СР Македонија во СФРЈ) – заедно со сите придружни резултати. Како и во случајот со двете западноевропски држави, така и во нашиот случај, помудриот треба да отстапи и да е поснисходителен. Надвор од митологиите, историјата одредила Бугарите да бидат тие кои порано се појавуваат како нација. Очекувано, тие порано и се здобиваат со своја држава. Нека тогаш, и во нашиот случај, отстапи оној кој е помудар (наводно), поголем и постар. Во спротивно, во Република Македонија има да се начекаат населението во Пиринска Македонија да се откаже од својот бугарски идентитет, а и во Бугарија ќе се начекаат Македонците во Република Македонија да се откажат од македонскиот. „Објективно“ и „научно“ погледнато, бугарската нација е пред македонската околу половина до еден век. Историските наративи кои тврдат поинаку до одреден степен би можеле да се наречат лажни. А најважно е да не се лаже.

Кон првиот дел

Слики: Свирачиња
Превод: Бојан Лазаревски
Извор:
librev.com

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото