Октомвриската револуција

27.12.2017 12:00
Октомвриската револуција

Во Страхињиќ бан на Дорчол, една од најексклузивните белградски улици за излегување, тешко е да се пронајде место во петок навечер во некое од кафулињата или рестораните. Попозната како „Силиконска долина“ и како симбол на услужната економија во српската метропола, е место за покажување на сите актуелни статуси на моќ, автомобили, облека, шишиња виски во мраз, ботоксирани лица. Тоа е место и каде цената на квадратниот метар на становите расте од година во година, а граѓанската класа, некогаш горда и препотентна заради самиот факт дека живее во „кругот на двојката“, трамвајот кој со својата кружна линија го опишува строгиот центар на градот, полека им го отстапува местото на новите победници од транзицијата.

Доаѓаме до вратата пред хаусторот во Страхињиќ бан 33, на интерфонот го бараме копчето со име „Октомври“ и го притискаме ѕвончето. Вратата се отвора и слегуваме во подрумот до долгата челична врата на која ѕвониме повторно. Овојпат се вклучува камерата и после неколку секунди тишина се отвора металната врата која води кон градината и просторот на Социјалниот центар Октомври. Тоа е местото каде се собира белградската левица, студенти, писатели, културњаци, но и обични, боемски расположени гости. Белградската раја која доаѓа тука не толерира насилство, сексизам или каков било друг вид дискриминација или насилство. И додека првата вечер од викендот просторот полека се пополнува, вистинскиот шеф на просторот, мачорот Моќко, лежи на радијаторот. Темпераментниот мачор, инаку склон на разни ексцеси, вечерва е опуштен, како и луѓето кои почнуваат да танцуваат со првата тактова музика. Иако Белград има традиција на илегални кафеани, кои во одредени делови од градот постојат и денес, Октомври е навистина единственото место во градот кога зборуваме за поширокиот регион.

Социјалниот центар е замислен како простор наменет за леви идеи, групи и поединци, а воедно е и место на кое почна да се создава организациската база на антикапиталистичките, феминистичките, антифашистичките и другите прогресивни практики. Од самите почетоци во 2013 година, Октомври нагостил голем број активисти и активистки од земјата и странство. Во него се одржани и бројни јавни настани: дискусии, изложби, проекции на филмови посветени на работничките прашања, антифашизмот, феминизмот, правата на ЛГБТ лицата, бегалците, животните... Во моментов, во работата на Социјалниот центар Октомври на егалитарна основа учествуваат 12 луѓе, а во рамки на социјалниот центар функционираат три организации: Центарот за еманципациска политика (ЦПЕ), Контекст и Октомври. Луѓето од Октомври се поврзани и со порталот Mašina.rs.

-Октомври се создаде од фундаменталната потреба за простор во кој може да се работи. Пред Октомври за тие потреби неколку години го користевме Кабинетот, простор кој го водеа Милош Милетиќ и Мирјана Радовановиќ од здружението КУРС. Кога одлучија да го затворат Кабинетот и да се фокусираат на други нешта, одлучивме да тргнеме во потрага по нов простор кој уште од почетокот ќе биде структуриран така што ќе ги задоволи сите потреби кои би можел да ги има еден социјален центар: канцеларија, простор за состаноци и јавни разговори, простор за дружење, библиотека. Не беше лесно да се најде таков простор во поширокиот центар на градот, но успеавме. Сега, кога ќе се осврнеме наназад, често се сеќаваме дека во целата приказна влеговме и со добра доза авантуризам. Си рековме: „Ок, ако просторов издржи три или четири месеци, сме направиле нешто.“ Еве нè после четири години со јавни програми кои е тешко да се избројат – ни вели Владимир Симовиќ, еден од луѓето вклучени во работата на Октомври.

На самиот почеток Октомври го покренале десет луѓе. Социјалниот центар има хоризонтална организациска структура заснована на самоуправувањето, а станува збор за млади кои денес главно се во триесеттите. Во разговорот со нив дознаваме дека најзначајните одлуки се донесуваат преку дискутирање со желба најпосле да се постигне консензус. Се чини дека токму тоа и е еден од најголемите предизвици: како да се примени во практиката она за кое се залагаш.

-Тешко е да се зборува за самоуправувањето зашто тоа подразбира поширока рамка и сосема поинакво социјално уредување. Реалноста на нашето секојдневно дејствување е одредена од системот во кој живееме денес. Така реализацијата на секојдневните активности најчесто ги извршуваат помал број поединки и поединци, додека бесплатната или помалку платената работа е речиси редовна појава. Фактот дека се водиме според левите политики и одржуваме левичарски социјален центар не ја решава прекарноста во која се наоѓаме. Меѓутоа, нашето вложување време, знаења, сили и нерви во заедничката работа го гледаме како мал придонес во создавањето поинакво општество – објаснува Марко Милетиќ од Октомври и ја истакнува инклузивноста на дејствувањето на здружението, која пред сè се постигнува преку заедничките активности.

Постоењето физички простор доведе до развој на активистичка мрежа и на различни групи и иницијативи им овозможи да имаат место кое можат бесплатно да го користат за одржување состаноци, трибини, филмски проекции, како и дружења по одржаната програма.

-Акциите за поширока општествена солидарност, како што се собирањето помош за загрозените од поплавите или бегалците, привлекоа голем број луѓе кои претходно не учествувале во активности на леви организации. Секако, обичното пребројување луѓе не е цел самото по себе. Она што е позначајно е тоа што Октомври овозможува комуникација, размена на знаења и создавање нови активности меѓу луѓето кои се појавуваат и ја препознаваат важноста на заедничката работа – додава нашиот соговорник.

Отвореноста на програмата ја истакнува и Јелена Вељиќ, која смета дека Октомври е ретко место каде е можно да се направат различни видови програми.

-Кога го отворавме Октомври, ни беше многу важно еден дел од просторот секогаш да биде отворен за разни неструктурирани активности и неформални здруженија, зашто имавме на ум дека многу интересни идеи и разговори можат да се реализираат само во такво окружување. Мислам дека токму различните видови и формати на настани, кои можат да се направат или да се случат во Октомври, овозможуваат да се задржи еден вид отвореност – објаснува нашата соговорничка.

Отвореноста и слободата на мислењето, работата и дејствувањето се засновани на принципите на еднаквост, слобода и солидарност, односно на вредностите кои особено се истакнуваат во Октомври, биле загрозени во вечерните часови на 31 март минатата година, кога седум неофашисти, добро познати лица од екстремната десница, вооружени со палки насилно упаднале во Октомври и почнале да го кршат инвентарот, тешко повредувајќи едно лице, а три полесно.

-Процесот заврши така што тие добија условни казни. После тој настан имавме солидарна поддршка од голем број различни колективи, поддршка која во првите недели ни овозможи консолидација како колектив и Октомври да продолжи да функционира – додава Јелена Вељиќ.

Во петокот вечерта, на денот на нашата посета, поголемиот дел од просторот се наполни со луѓе кои дојдоа од една конференција, па беше сè потешко да се пробиеме од шанкот до централниот дел на Октомври, каде некои веќе беа во состојба на „лесен севдах“. Се враќаме на шанкот и нарачуваме „Зајечарско ѕидарско“ пиво, кое тука е најчеста прехранбена намирница, со вино и домашна ракија. Во Октомври денес доаѓаат разни луѓе од левата политичка и културна сцена и се чини дека нивната структура е мошне хетерогена. На социјалниот центар му појде од рака да привлече различни луѓе и неформални групи, што е голем успех ако се земат предвид честите поделби и конфронтациите иманентни на политичкото дејствување на левицата.

-За нас е голем успех тоа што успеавме да креираме одредена заедница чии членови често доаѓаат од различни ниши од левицата, но не и исклучиво она што конвенционално се смета за активистичка левица. Веројатно важен е моментот што Октомври служи како слободно место во смисла дека е ослободено од пуристичките ставови и верата во исклучивата правилност на сопствената позиција, што е присутно во делови од левицата. Тоа не значи дека не стоиме зад одредени политики, далеку од тоа, но отворени сме да соработуваме со луѓето кои се солидарни – објаснува Симовиќ и додава дека исклучително ги израдувала наградата од феминистичкиот културен центар БеФем за најдобар автономен политички простор.

После промените во деведесеттите на левата сцена остана голема празнина, додека денес со речиси монолитната политичка ситуација во Србија, во која власта нема никаква опозиција, се влошува положбата на работниците и работничките. Во исто толку монолитна медиумска ситуација исклучително е тешко да се обидуваме да пласираме каква било идеја со левичарски предзнак, па таквите активистички групи и иницијативи се наоѓаат пред голем предизвик.

-Мислам дека нештата треба да се гледаат во позитивно светло. Пред десетина години беше уште потешко. Веројатно за десет години ќе биде полесно од денес. Во принцип, на нашите простори левицата доживеа огромен пораз и почна да се гради практично од нула. Денес веќе имаме значајна инфраструктура која го олеснува работењето и поврзувањето. Пред повеќе од десет години, кога дел од нас почнаа да се занимаваат со политички активизам, немаше ништо, моравме сè да измислуваме сами и ете, едно од тие измислени нешта е и Октомври. Се обидуваш да составиш одредени делови од сложувалката за да направиш функционален механизам и да го олесниш идното работење. Денес и не е толку страшно да се каже дека си на позициите на политичката левица, па дури и дека се залагаш за социјализам. Од една страна, кризата изнедри голем број движења ширум светот кои експлицитно стојат на позиции за нужност од системски промени и ставот дека капитализмот е длабоко антисоцијален систем. Тие движења му овозможија одредена легитимација на дејствувањето на левицата на просторите на поранешна Југославија – објаснува Милетиќ.

Нашите соговорници сметаат дека просторот за дејствување во иднина може да се обиде да се пронајде во фактот дека сè поголем број граѓани од државите од поранешна Југославија се разочарани од актуелната ситуација.

-Сето она што се ветуваше во таканаречената транзиција не е исполнето во ниту едно од општествата на поранешната федерација. А, не е исполнето зашто од почетокот се работеше за погрешна политика која не ни можеше да доведе до некаква благосостојба. Сега живееме во осиромашени општества, во кои инфраструктурата е уништена или приватизирана, па сè поголем број луѓе се наоѓаат во потрага по нови одговори на прашањата во какво општество впрочем сакаме да живееме и како истото да го оствариме. Левицата мора да биде поорганизирана и појасно артикулирана ако мисли да ја убеди пошироката популација дека ни е потребна поголема демократија и социјална држава, а не помалку и дека, најпосле, ни треба поголема солидарност, а помала конкуренција и помали пазари – заклучува Марко Милетиќ.

Покрај сè, важноста на Октомври се крие и во оставањето простор за грешки и константно учење преку работа. После четири години дејствување, луѓето собрани околу овој социјален центар успеаја да создадат самоодржлива и динамична заедница, односно едно од ретките места кои сакаме да ги посетиме секогаш со надеж дека и нашите средини ќе сведочат за нешто слично: простор за работа, дружење и забава, а кој истовремено може да генерира и сериозни општествени процеси.

Фотографии: Матија Јовановиќ

Извор: https://www.portalnovosti.com

Слични содржини

Активизам / Теорија
Општество / Активизам / Квир / Историја
Општество / Активизам / Свет / Психологија
Општество / Активизам / Балкан / Теорија

ОкоБоли главаВицФото