Хистеријата на вечноста

28.12.2017 03:07
Хистеријата на вечноста

Сфаќам дека може да те привлекува крстот, но да го репродуцираш секој ден баналниот настан на распетието - изгледа чудно, неразумно и глупаво. Зашто спасителот може да биде исто толку здодевен како и секој друг, ако се злоупотребува неговата моќ.

Светците биле големи перверзници, а светиците - прекрасни и сладокусни жени. Како едните, така и другите - луди по една фикс идеја - го трансформираа крстот во мана. „Длабочината“ е димензија на оние што не можат си ги менуваат мислите и апетитите и кои истражуваат една иста област на задоволството и болката.

Внимателни на флуктуацијата на миговите, не можеме да допуштиме еден апсолутен настан: Исус не може да ја подели историјата на две, како што и појавата на крстот не може да го разбие непристрасниот тек на времето. Религиозното мислење - како форма на опсесивно мислење - оттргнува од вкупноста на настаните еден дле од времето и го овластува со сите атрибути на безусловноста. Само така можеа да бидат возможни боговите и нивните синови...

Животот е местото на моите занеси: сѐ што истргнувам од рамнодушноста, речиси веднаш и го враќам. Така не постапуваат светците: тие избираат еднаш засекогаш. Јас живеам за да се оттргнам од сѐ она што го сакам; тие - за да се посветат на еден единствен предмет; јас ја вкусувам вечноста, тие се фрлаат во неа.

Чудата на земјата - и дотолку повеќе оние на небото - резултираат од една крајна хистерија. Светоста: земјотрес на срцето, уништување преку верата, кулминантен израз на фанатичната сензибилност, трансцендентна грдотија... Меѓу еден просветен човек и човек сиромашен по дух постои поголема сличност отколку меѓу просветениот и скептикот. Тоа е сета раздалеченост што ја одделува верата од безнадежното спознание, од безрезултатното постоење.

Извор: Précis de décomposition, Gallimard 1993
Слика: Kim Sangduck

ОкоБоли главаВицФото