Листите за отстрел на Ердоган?

28.12.2017 03:11
Листите за отстрел на Ердоган?

Академиците, новинарите и писателите кои за време на владеењето на конзервативната АКП на Реџеп Таип Ердоган побегнаа во Европа, особено во Германија, би можеле да бидат мети на атентати. Тоа го тврди ерменскиот пратеник на прокурдската Демократска партија на народот (ХДП) Гаро Палјан. „Од различни извори добив информации дека платени убијци со кои се управува од Турција планираат напади во Европа и дека имаат соодветна листа за отстрел“, рече Палјан минатата недела на конференција за печатот во парламентот во Анкара.

Од каде му се информациите? Палјан во разговор за Дојче Веле тврди дека го известила една странска тајна служба, но вели дека не смее да го открие точниот извор. „Но, можам да кажам дека овие информации се потврдени од веродостојни извори.“ Политичарот тврди дека на листата се некои познати имиња кои во Германија и другите европски земји веќе се под посебна заштита. Вели дека не се работи само за опозициски политичари туку и за претставници на верските малцинства како алевитите и Ерменците.

Турските националисти активни во Германија

Слични информации добил и Јилмаз Караман од Федерацијата на алевитските здруженија во Германија. Тој наведува дека неговото здружение двапати – првпат пред една година, вторпат пред шест месеци – преку различни канали дознало дека постои опасност од атентати. Тогаш, продолжува Караман, било известено и германското Министерство за внатрешни работи кое ветило дека ќе спроведе истрага.

Веќе се забележани напади на алевитите во Германија – најмногу со цртање графити на ѕидови. Сето тоа било пријавено во полиција, но сторителите никогаш не се фатени. Караман вели дека тензиите од Турција се прелеваат во Германија и дека алевитите се на мета на ултрадесничарски групи луѓе со турско потекло.

Нашите соговорници не тврдат дека зад наводните листи за отстрел стои директно турската држава или владејачката АКП, но врските се очигледни. Се споменуваат групи кои се активни во Германија како „Османи Германија“, за кои новинарите неодамна открија дека добиваат пари од пратениците на АКП и интимусот на Ердоган, Метин Кулунк, за што неодамна опширно пишуваше Дојче Веле.

Џем Оздемир, лидерот на германската партија на Зелените – и самиот со турско потекло – за Дојче Веле вели дека нема конкретни информации, но дека заплашувањето на политичките противници спаѓа во репертоарот на Ердоган. „Германија мора да биде свесна за тоа и пред сè треба да води сметка тука да не се создадат паралелни структури. Пред сè мислам на чудната банда моторџии, таканаречени 'Османи', но и на Унијата европско-турски демократи“, вели Оздемир. Унијата важи за лобистичка организација на партијата АКП во Европа.

Состојбата ѝ е позната на полицијата

Оздемир вели дека злоупотребите на турскиот режим почнуваат уште кај потерниците преку Интерпол. „Време е на сите да им стане јасно дека информациите од Турција не се информации од една нормална земја туку од авторитарно општество. Сите тие информации треба да се земат со резерва доколку не можат независно да се проверат“, додава германскиот политичар.

После пропаднатиот пуч од јули 2016 година илјадници луѓе беа принудени да ја напуштат Турција за да го избегнат осветничкиот бран апсења и монтирани процеси. Еден од нив е ерменскиот новинар Хајко Багдат кој сега живее во Берлин. И тој го потврдува она што веќе го слушнавме – и до него дошле информации за можни атентати. Вели дека за тоа прашање соработува со институциите: „Турција би требало да направи сè за да ги заштити своите граѓани.“

Полицијата од една германска сојузна покраина – која не ја наведуваме во интерес на истрагата – на прашање на Доје Веле потврди дека во тек се истраги за тоа дали навистина се планирани атентати. „Степенот на опасност е познат и со неопходно внимание постојано ја проверуваме и оценуваме безбедносната ситуација. Ве молам имајте разбирање дека не можеме да соопштуваме детали за мерките што ги преземаме.“

Извор: http://www.dw.com

ОкоБоли главаВицФото