Грепка

29.12.2017 03:18
Грепка

Грепка

Шансите ваквиот расказ да е добитен се практично невозможни. Ама сепак, ќе те понесе некоја еуфорија, се чувствуваш допрен од боговите на хазардните фикции. Стрелката за самодоверба, досега ставена на резерва, скокнува до максимални вредности. Нервозно ги гребеш зборовите, мислејќи дека под нив се крие твојот спас, но секогаш, без исклучок, излегуваат некои симболи, неспоиви за една добра приказна. И потоа го фрлаш. Вистинска среќа е што за многу кусо време го забораваш овој неуспех. Оти како инаку би се објаснил поривот пак да пишуваш раскази-грепки?

 

Љубовта е како праска

Прво ја опипуваш дали е зрела, па кога ќе ја одбереш, ја ставаш во најлон ќесе и ја носиш дома (ако истоврмено носиш и три кила јаболки за сто, може да те зажулат рацете). Следува чинот на иницијација при минување на прагот што се состои во подзастанување за да го побараш клучот (најверојатно на дното на ќесето со трите кила јаболка). Потоа, седнуваш пред телевизорот, убеден дека животот ти е конечно среден, и ти текнува дека не си земал нож. Нормално, те мрзи да одиш до кујна и почнуваш да ја јадеш. Ти тече насекаде по рацете, гласно мласкаш, коската ја смукаш до последниот сок и потоа ја фрлаш на подавалникот. Едно конче ти се заглавува меѓу забите, ама продолжуваш да седиш пред телевизорот, обидувајќи се да го извадиш со јазикот. Менуваш канали со лепливите раце и конечно задремуваш на документарна емисија за Росоман.

Слика: Алан Хјуз

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото