1011 hPa
88 %
14 °C
Скопје - Нед, 06.10.2024 02:04
Комисијата за доделување на наградата за најдобар дебитантски прозен ракопис „Новите!“ во состав Сања Михајловиќ Костадиновска, Давор Стојановски и Иван Шопов, одлучи наградата за 2017 година да ја добие ракописот „Можеше да биде и реми“ на Гето Руди (Дејан Василевски).
Оваа збирка раскази се покажа како најзрел ракопис со најцврста структурна композиција од пристигнатите на конкурсот. Тематски, идејно и сижејно, формира интересен и лесно читлив урбан циклус на минијатурни текстови, доминантно извлечени од зачмаеното секојдневје на Скопје, во обид да се пронајде невообичаеното во беспрекорно обичната и сива повторливост на градот. Во овие текстови, болната стагнација на познатите опкружувања во нарацијата главно се придвижува преку звуците на регето, чадот на марихуаната и љубовта кон литературата. Иако ненаметливо, Гето Руди во ракописот вметнува интертекстуални врски со дел од своите омилени писатели, некаде како алузија, а на места и со директно реферирање, како во случајот со Славко Јаневски.
Кусите раскази и минијатурите не се обременети со поетичка надменост, наративниот глас во збирката самиот се претставува како обичен запишувач и скромно се повлекува зад сликата на градот, (авто)иронично оддалечувајќи се од каква било критичка оцена (како што стои во напомената на почетокот, „се забранува текстовите да ги читаат оние што критички ги анализираат, оценуваат или бараат смисла во нив. Текстовите се препорачуваат за луѓето кои немаат што да прават во слободните часови, за оние што не им е здодевно да читаат за секојдневни личности во секојдневни ситуации“).
Ракописот на Гето Руди е еден вид омаж на обичниот човек, „малиот херој“, како административецот Ацо од истоимениот расказ - невидлив сограѓанин, просечен маж и сопруг, чии дилеми за миг го исфрлаат од монотонијата и го втурнуваат во нашите животи, на столчето до нас во нашиот омилен бар. Или како човекот со двојно име Еразмо-Гедеон, од расказот „Кажувањето на Еразмо“, растргнат помеѓу опсесијата да остане запаметен и споменат некаде, и чувството на самотија и бесполезност, коишто вешто ги регистрира анонимниот наратор-адресат, хранителот на гулаби во градскиот парк. И покрај кроткоста и непомпезноста на ликовите и ситуациите, Гето Руди суптилно се занимава и со некои вечни теми како времето, смртта, потрагата по вистината.
Времето кај овој автор не е некоја сеприсутна категорија што задушува и обеспокојува, туку повеќе една нужна реминисценција што ѝ дава смисла на сегашноста. Оттаму, и ликот во расказот „Марко“ воопшто не се изненадува кога завршува на забава во истиот стан во којшто порано живеел, туку чекори низ спомените како некој што може да ги набљудува со одредена критичка дистанца. Смртта, којашто е содржана и во насловот на третиот циклус раскази, „Смртта и нешто помеѓу“, повторно не е некоја мрачна опсесивна тема, но тлее како предупредување во голем број од расказите, реална и вистинита како парчето стуткана хартија што завршува во корпата за отпадоци. А Вистината, циклусот раскази со кој завршува оваа збирка, всушност составен од еден единствен безимен расказ, се состои и во самата потрага по неа; некои ја бараат во височините, а некои на маргините, како што тоа го прави Гето Руди.
Се разбира, прозното првенче на Гето Руди не е без одредени слабости, кои можеби се типични за дебитантските ракописи. Во обидот да се биде непретенциозен, во дел од расказите авторот се доближува до границата на обично бележење на настани од секојдневјето, при што едноставноста и отсуството на симболичност, метафоричност, поетичност, возбуда... од предност се претвора во недостаток. „Соголеноста“ на исказот не секогаш резултира со посакуваниот ефект, оставајќи го читателот збунет пред „слепите улички“ на текстот. Но, ваквите места претставуваат исклучок кој не може да го наруши целосниот впечаток дека ракописот „Можеше да биде и реми“ е една сериозна и цврсто заокружена целина, на идеен, стилски, естетски план.
Како ракопис со сосема различна поетика, стил и енергија, до самиот крај на одлучувањето жири-комисијата го зеде предвид и ракописот „Пеперутки“, роман од Андреј Ал-Асади. Сепак, поради прилично послабиот втор дел, непотребно шокирачките, на некои места претенциозни, а недоволно мотивирани слики и сцени, вишокот ликови и повторувања, на крајот во изборот пресуди внимателниот и концизен израз и концепт, со кој се одликува збирката раскази на Гето Руди.
Му ја честитаме наградата на авторот, а истовремено им се заблагодаруваме и на сите останати учесници, кои со своите ракописи придонесоа за квалитетот на конкурсот „Новите!“ за 2017 година.
29.12.2017
Извадок од ракописот
Забава
Бели слончиња ми се мотаат околу креветот. Играат во ритамот на музиката. Собата се врти насекаде, заедно со слончињата. Час е ваму, час е таму. Замижувам, ги отворам очите. Пак замижувам. Џабе. Тие сè уште си прават забава. Се вртам на другата страна од креветот, посегнувам по чашата на ноќното масиче, ја земам и таблетата со златна обвивка, што стои до неа, па ја пијам преостанатата течност заедно со апчето. Повторно легнувам за да уживам во матинето на слончињата, зашто оваа состојба којзнае кога ќе заврши.
Вртелешка
Вртелешката ја вртев на ветрот само тогаш кога немаше сонце, зашто тоа му пречеше на мојот слаб метаболизам. Така, понекогаш моето кокошкино слепило ме измачуваше и сè ми беше светлозеленикаво, додека вртелешката правеше елипсовидни движења во обратните бои на виножитото. Најчудно од сè ми беше тоа што вртелешката се вртеше во спротивен правец од вртелешките на другите деца. Ама, не обрнував многу внимание на тоа кога босите нозе трчаа по зелениот плевел. Прекрасно ми беше тогаш кога почнуваше да роси и сите деца си одеа дома, па целата плевелна полјана остануваше само за мене. Веднаш се прогласував себеси за кнез и ги поканував разните гадинки да бидат мои поданици и да ми служат мене и на мојата вртелешка.
Потоа, мајка ми викаше по мене да дојдам на ручек и јас со тага во срцето морав да одам дома и да го распуштам своето кнежевство.
Подочниците
Студени се цевките од радијаторот на петтиот кат. Креветот е преголем. Јорганот не грее доволно, а јамболијата е спакувана во оставата, на највисокиот рафт/на највисоката полица. Кој ли ќе станува да ја вади во ниедно време?
Перницата не е доволно мека/тврда, голема/мала, висока/ниска, обична/специјална (да се вметне соодветниот антоним во зависност од несоницата на оној што чита)... Едноставно, човек не може да заспие. А бессоната ноќ сè уште трае и трае и трае и никако да заврши. Некој става нова цртка на подочниците.
Полжав
При прошетката, долга лигава линија на велосипедската патека ми го привлече вниманието и ми ги врати мислите во секојдневието. Близу до свежо косената трева два полжава-голчовци се преплеле на жешката асфалтна патека. Кога стигнав до нив – еден бил. Загледан во голчото, ја загубив рамнотежата. Одзади ме собра велосипедист. Кога стигнаа до нас – еден бевме.
Гето Руди или (Дејан Василевски) – скопјанец од 1975 година и страстен истражувач на европските градови. Несуден професор по македонски јазик и литература, а среќен како лектор. Магистер по комуникации и вљубеник во радиото, реге-музиката, фудбалот и пишаниот збор. Првата книга му е збирка хаику-поезија, а оваа (овде може да се додаде името на збирката) му е дебитантско прозно остварување. Третата – којзнае што...
Наградата за најдобар прозен дебитантски ракопис „Новите!“ изнесува 1000 евра и објавување на книгата во едицијата „Катапулт“.
Спонзор на наградата е Комерцијална банка А.Д. Скопје.
Досегашни добитници на наградата „Новите!“ се: Алекс Букарски, Галијана Маркова, Дозгулпмус (Климент Булоски), Ненад Јолдески, Иван Шопов, Хигсов Бозон (Кирил Минанов), Дејан Мирчески, Драган Георгиевски, Михајло Свидерски, Сања Михајловиќ Костадиновска и Ѕвездан Георгиевски.
Слики: Damian Loeb