Главолом шампионите за 2017! (1)

02.01.2018 14:34
Главолом шампионите за 2017! (1)

Од рубриката „Боли глава“ ги издвоивме најбомбастичните изјави од изминатата година.

НАЈИДИОТСКИТЕ ИЗЈАВИ ВО 2017

 

Власта го нуди името на Грција како што разголена студентка му се нуди на студент.

Никола Груевски на конгрес на ВМРО ДПМНЕ, 22.12.17.

 

Јавниот сервис никогаш не прави директни преноси од политички протоколарни средби на Премиерот, претставници од Владата и Претседателот на Р. Македонија, без разлика која политичка партија е на власт. Исклучок се прави, единствено по барање на Владатата или на Претседателот...

Диме Ратајковски, директор на МРТВ; SDK.mk, 03.08.17.

 

Хрватски ракометари со македонски менталитет, Циндриќ и Чупиќ се хероите за Вардар!

Наслов во „Курир“, 04.06.17.

 

Веќе две работи најавија, односно едната ја направија а едната ја најавија, тие направија укинување на екстерното и тоа искористија прилика затоа што ние излеговме заради пукањето кон Тодоров на едно прилично непочитувачки начин кон колега пратеник, кој до ден претходно Тодоров им беше колега пратеник.

Никола Груевски, Алфа ТВ, 02.06.17.

 

На забелешката дека снимката е многу јасна, пратеникот Арнаудов изјави дека не е сè така како што изгледа, а тоа го илустрираше со анегдота:

„Човек молзел крава, а таа постојано го клоцала канчето со млеко, па морал да и ја врзе едната нога, а потоа и другата. Но, бидејќи била немирна, на крајот ѝ ја врзал и опашката, за што се послужил со каишот од панталоните, па тие му паднале. Кога неговата сопруга го затекнала со паднати панталони, ѝ рекол: мисли што ќе мислиш, но ништо не е така како што изгледа“, раскажува Арнаудов, за да ја аргументира тезата.

Љубен Арнаудов, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ; Дојче Веле, 23.05.17.

Да беше некој друг народ до еден ќе ги линчуваше и никој немаше да остане жив, но сепак овој благороден и питом народ закочи во тие последни моменти да не ги сможди како комарци на ѕиди да остане само црвена флека од нив.
И не им доаѓа памет и покрај ова предупредување.
Сепак, странците веројатно нема да се вмешуваат во можна граѓанска војна, односно народот ќе си воспостави своја власт или изнудување на воена состојба од претседателот Иванов, кој веројатно и тоа ќе го направи во даден момент и потоа ќе почне масовно да се апси. Овој народ не се шегува, беше доволно трпелив.

Ацо Станковски, радио „Слободна Македонија“; 02.05.17.

 

Во 33 други градови низ Македонија, не случајно е бројката 33, туку Македонија во Бибилијата е спомната ни повеќе ни помалку туку 33 пати. Тоа се годините кои ги живееше спасителот наш на земјата Исус Христос, толку се и пршлени на рбетот во човековото тело. Не само во 33 градови, моето чувство е дека цела Македонија ќе стане и излезе на улиците бидејќи граѓаните станаа свесни дека ако сега не се на улиците, цел живот ќе бидат уличари без свој дом.

Владо Јовановски, актер; А1 он, 15.03.17.

 

...И додека се случува тоа, оди информација на ТВ: „Словенија одобри истополови бракови. Првиот истополов брак ќе биде склучен утре. Тоа е дел од ИНКЛУЗИВНОТО општество, во кое сите треба да имаат исти права. Дури и хомосексуалците. Само, не им е дозволено посвојување деца“. Кузман се мурти. И Скендербег. Им велам - што е бре, тоталитаристи? Отиде светот напред, што се чудите? А Кузман се смешка и ми вели: „Внучко, ако им ги даваат сите права и на истополовите, нека не ги лишуваат од правото за дете. Ама не да посвојат. Нека направат. Свое. Ако се стварно OTHER, нека бидат MOTHER!“

Венко Андоновски, Нова Македонија, февруари 2017.

 

Кога ќе се спомне Македонија веднаш се мисли на Македонија од минатото кога била голема светска империја. Од тие причини намерата е да исчезне тоа име плашејќи се дека можеби еден ден можеби повторно ќе воскресне таква империја како што била.

Владиката Петар во емисијата Око на ТВ Нова, 26.02.17.

 

АСПИРИНИТЕ ВО 2017

 

Психопаторот замина во историјата како исфрустрирано сексистичко гомно.

Жарко Трајаноски, Фејсбук, 24.12.17.

 

Очекував потајно дека владата на Заев нема да влезе во таа шампита, врв на невкус и уметнички примитивизам. Очекував затоа што влезот на реформска влада во главниот симбол на насилството кое од дното на душата ja презира способностa од која се раѓаат ремек-дела, со секој изминат ден внатре му дава легитимитет на тој вандалски симболизам. Јас сè уште очекувам. Никогаш не е доцна да се стори неопходното. И – логично.

Атанас Вангелов, Окно, 02.10.17.

 

Стефчо во предизборие во 21 век ветува дека ќе плаќа авто-школа, наместо да ги поттикне младите да возат велосипед!?Од кур кавал не бидува. Извинете на изразот, но оваа мизерија од дух и ум нема друга споредба.

Синоличка Трпкова, Фејсбук, 05.10.17.

 

Денеска, од вкупно 68 именувања, само 8 се жени или 11,7 отсто. За ова ли се боревме, другарки и другари?!
Навистина се претера со „мачоизмов“. Покрај толку храбри, образовани и способни жени, новата власт поставува главно мажи за директори и други функции. Срамота!

Билјана Бејковa, Фејсбук, 10.08.17.

Не е воопшто во ред кога некој ги употребува истите двојни стандарди кои биле употребувани против него. Така, не е воопшто во ред некој кој до вчера се спротиставувал на фактот што бил наречен “клет шиптар” сега да карактеризира цела една заедница како “проколната од Бога, и тоа три пати проколната”. Врв на двојните стандарди е да кажете дека “клет шиптар” е неприфатлив израз, меѓутоа изразот “клет педер” е сосема ОК! Омразата си е омраза без разлика кон кого се изразува, и секогаш е неприфатлива во сите нејзини форми.

Беса Арифи, Нова Тв, 06.07.17.

 

Грција ќе ни го земе името.
Албанија и Косово ќе ни ја земат територијата.
Бугарија ќе ни ја земе историјата.
Србија ќе ни ја земе црквата.
Парите веќе ни ги зема ВМРО!

Ирена Ристиќ, Фејсбук, 22.06.17.

 

Груевски е нуклеарен политички отпад. Од таков отпад тешко се ослободува.

Жарко Трајаноски, Фејсбук, 05.05.17.

 

Првото нешто што треба да го направи новата Влада е да донесе одлука за демонтажа на онаа одвратна ограда околу објектот.

И да ги повика слободоумните уметници и граѓани од железните шипки - решетки да направат споменик на/за слободата и пораз на/за тиранијата.

Со ваквиот симболички чин новата Влада на РМ ќе може да го отпочне процесот на изградба на новото, демократско македонско општество.

Маја Стевановиќ, Фејсбук, 30.04.17.

Комбинацијата на кукавичлук, злоба, себепреценување и инфериорност - е експлозивно патолошка. Овој човек, Иванов, како да е излезен од романот на Достоевски "Демони", односно "Бесови". И кога е манипулиран, тој верува дека самиот ги носи одлуките. Послушник кој верува дека е Месија.

Владимир Милчин, Фејсбук, 26.04.17.

 

ВМРО-ДПМНЕ се однесува како пијана дружина која одбива да си ја плати сметката, порачува нови тури, ги малтретира персоналот и другите гости и, конечно, одбива да го напушти локалот макар што одамна е прогласен фајронт.

Бранко Тричковски, Фејсбук, 12.04.17.

 

Се однесувате како да испуштате душа, а не власт!

Павле Богоевски, 29.03.17.

 

Од тврдокорни говна правам мекотелни плочки, многу пријатни за газење!

Бранко Тричковски, Фејсбук, 07.03.17.

 

Е па не одите во театар, ама театарот ќе ви дојде дома.
Крв, војни, гумени куршуми, долги ножеви...
Тоа се тие дијагнози во движење.
Сомнителни ракии, празни животи, стравови, беда на духот, его трипови, немиени мишки, смрдени чорапи, загноени умови...

Софија Куновска, Фејсбук, 15.02.17.

 

Исус е кул лик, фино што се роди, иако за повеќето негови следбеници не може да се каже тоа.

Владимир Лукаш, Фејсбук, 07.01.16.

 

(продолжува)

 

 

Насловна слика: Thomas Pollock Anshutz
Слики внатре во статијата: 

ОкоБоли главаВицФото