Најдобрата прослава на Нова година ја доживеав во старечки дом

02.01.2018 15:27
Најдобрата прослава на Нова година ја доживеав во старечки дом

Баба ми одамна е во Домот за стари „Дедиње“, и се чувствувам среќна што можеме да ѝ го дозволиме тоа. Секој што вели дека старечките домови се „нехумани“ никогаш не бил во контакт со стари, неподвижни или дементни. Старечките домови се како староста, реалност од која често ја вртиме главата. Особено зашто може да ви се случи она што ми се случи мене, да се плашите од староста. Се плашите дека некој што ви е драг нема да знае кои сте, дека ќе биде несреќен, дека бабата од соседниот кревет повторно ќе мрмори нешто сосема неразбирливо пружајќи ги рацете кон вас, а вие нема да знаете што да направите. Но, некаде зад тој страв и зад тие сурови години кои често нè тераат да не гледаме во личноста која и натаму е тука, во тоа старо тело, се крие и радост.

Годинава во старечкиот дом на баба ми дојдоа посебни гости кои приредија приредба и ја загреаја атмосферата до усвитување. Станува збор за членови на пензионерски клубови во рамки на единицата од Геронтолошкиот центар Белград со седиште во Земун. Сите белградски општини се покриени со клубови, ги има дури 25, а нашите изведувачи дојдоа од клубовите од Савски Венец 1, 2 и 3. Во тие клубови пензионерите можат да се дружат, но и да користат услуги како што е перењето алишта, и најважно, се организираат акции како оваа.

Во програмата која траеше речиси еден час слушнавме многу убави народни песни придружени со армоника и гледавме дури две монолошки драмски форми, една со наслов „Како сум родена како машко“ и другата „Зошто да им се верува на мажите“. Баба ми, инаку со намќореста природа, уживаше во програмата иако, додуша, мислеше дека гостите се од Југословенскиот Драмски Театар.

-Годините не ми дозволуваат да играм, но мило ми е да покажеме дека и ние сакаме да се веселиме. Важно ми е што сум присутна – ми рече баба ми.

И беше присутна, и покрај тоа што и натаму не е сигурна дали сум ѝ внука. Изгледа дека присуството е многу поважно од тоа дали некој некому е роднина. Зашто емоциите се тука, па дури и ако сè уште сум убедена дека сум 30 години постара. На ова место, времето игра споредна улога.

Извор: https://www.vice.com

ОкоБоли главаВицФото