1023 hPa
100 %
7 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 22:59
Лилјана Дирјан ја запознав двапати. Еднаш во средината на осумдесеттите: јас – помалку од 20 години, таа во раните триесетти; јас – тукушто дојдена во градов на факултет, таа – раскошното лице на градот, атрактивно, згодно, слободно, светско и светски, во црвени лаковани чизми во „Еднорог“ на „Максим Горки“. Не почнавме да се дружиме веднаш, ми беше недостижна на ист начин како и Скопје.
Вторпат се запознавме речиси цела деценија подоцна, на свадбата на брат ми, на оро. Игра таа, се фаќам и јас, во раните триесетти, на орото до неа. Ми вели: – Од каде ти на оваа свадба? – Па, младоженецот ми е брат, од каде ти? – ѝ велам. Оттогаш, повеќе од 20 години го игравме тоа наше оро нерамномерно, ама постојано. Кога ќе станеше прекомплицирано, пребавно или пребрзо, едната се пушташе. Орото си продолжуваше. Се фаќавме рака за рака, повторно и одново, секогаш со сѐ поголема блискост. Го игравме пријателството со сосем различни чекори. Моите – учени и вежбани во недоброј играорни друштва; нејзините – самосоздадени во неповторлив ритам од емоции. Музиката секогаш ни беше иста – литературата.
Извор: Фејсбук профилот на авторката