1025 hPa
87 %
10 °C
Скопје - Сре, 16.10.2024 07:59
Многумина од нас во 2017 влегоа очекувајќи го најлошото. Тоа и го добивме. Испадна дека Доналд Трамп е навистина онолку страшен колку што очекувавме. Тој секојдневно ни докажува дека е крајно неспособен за должноста претседател, морално и интелектуално. Се покажа дека и Републиканската партија, вклучувајќи ја и нејзината умерена струја, е уште полоша отколку што мислевме. Со неа раководат цинични апаратчици спремни да го продадат секој принцип - и последната трошка од своето достоинство - за намалување на данокот на своите донатори. Во меѓувреме, конзервативните медиуми се откажаа дури и од преправањето дека се занимаваат со вистинско известување и станаа бесрамни пропагандисти на владејачката партија.
Сепак, излегувам од 2017 полн со надеж поради десетината милиони Американци кои одлучија да одговорат на овие предизвици. Уште може да се случи САД да станат нова Турција или Унгарија - авторитарен режим под маска на демократијата. Но тоа нема да се случи ни толку лесно ни толку брзо како што многумина од нас се плашеа. Во почетокот на 2017 коментаторот Дејвид Фрум предупреди дека падот во авторитаризам ќе биде незапирлив „ако луѓето се повлечат во приватниот живот, ако критичарите стивнат, ако цинизмот стане ендемска состојба“. Но засега тоа не се случи.
Напротив, имаме многу енергичен отпор. Тој се манифестираше буквално еден ден по стапувањето на Трамп на функцијата со огромни женски маршеви на 21 јануари кои повеќекратно го надминаа бројот на луѓето на претседателската инаугурација. Ако американската демократија ја преживее оваа страшна епизода, ќе гласам розовите шапки да бидат симбол на нашето ослободување од злото. Отпорот го продолжија граѓаните кои се собираа пред градските собранија да протестираат против републиканските законодавци кои сакаа да го повлечат Obamacare. Ако некој се прашува дали овие протести и падот на популарноста на Трамп ќе прераснат во политичка акција - низата локални избори крунисани со победата на демократите во Вирџинија и неверојатниот пресврт во Алабама ги отстранија сите сомнежи.
Да биде јасно: Америка сѐ уште е во смртна опасност. Републиканците и понатаму ги контролираат сите лостови на федералната власт. Во нашата историја никогаш не сме имале на власт луѓе на кои можело помалку да им се верува. Трамп очигледно има диктаторски претензии и не ги уважува демократските норми. Истото важи и за републиканците во Конгресот кои одбиваат да го зауздаат својот шеф. Го поддржуваат додека тој ја злоупотребува функцијата претседател за лично богатење и богатење на своите другари, додека разгорува расна омраза и спроведува чистки во Министерството за правда и ФБИ.
Последниве месеци сме сведоци на чудна динамика: колку што е Трамп полош, толку републиканците повеќе се врзуваат за него. Можеше да се очекува дека неколкуте неодамнешни изборни порази ќе го зајакнат умереното крило на Републиканската партија. Наместо тоа, сенаторите како што се Џон МекКејн и Сузан Колинс, кои летово беа фалени поради одбраната на Obamacare, беспоговорно го прифатија чудовишниот закон за даноците. Сѐ побројните докази дека изборната кампања на Трамп шурувала со Русија не наведоа ниту еден истакнат републиканец кој порано му се спротивставил на Трамп тоа да го повтори. Наместо тоа, видовме како дотогашните критичари како Линдзи Греам додворувачки го промовираат бизнисот на Трамп.
Значи, не можеме да сметаме на разбудената совест на републиканците. Затоа не треба да се очекува многу од истрагата на Роберт Милер. Какви и да се нејзините резултати, републиканското мнозинство во Конгресот со хвалоспев ќе го поддржи својот претседател, дури и ако тој отворено ја попречува работата на правосудните органи. Со други зборови, сѐ додека републиканците го контролираат Конгресот, уставниот систем на контрола и рамнотежа останува мртво слово на хартија. Значи, сѐ зависи од американските граѓани. Тие можеби повторно ќе излезат на улица, а секако ќе го искажат својот став пред гласачките кутии.
Ќе биде тешко зашто играме игра во која противникот мами. Сетете се дека Трамп доби помалку гласови, а сепак заврши во Белата куќа. Извесно е дека изборите за Конгресот нема да бидат фер. Поради местењето на границите на изборните единици и концентрирањето на гласачите на Демократската партија во градските подрачја, може да се случи демократите да добијат мнозинство гласови, а сепак да не освојат мнозинство во Претставничкиот дом. Дури и ако гласачите се изјаснат против ужасните луѓе кои се сега на власт, ќе бидеме далеку од обнова на основните американски вредности. На нашата демократија ѝ се потребни две пристојни партии, а се чини дека Републиканската партија е неповратно расипана. Со други зборови, дури и во најдобар случај пред нас е долга борба. Но имам многу повеќе надеж отколку минатата година. Америка сѐ уште не е изгубена.
Извор: The New York Times, 25.12.2017.
Слики: Sagmeister & Walsh