Агитација и пропаганда

03.01.2018 14:38
Агитација и пропаганда

Жарко Трајаноски
Арчење думи на тема „пиарчење“

Џорџ Орвел работел како пропагандист за министерството на информации. Без тоа драгоцено искуство, немало да ја напише „1984“. И неговата сопруга работела во истото министерство како цензор. И многу други познати британски литерати работеле како пропагандисти.

Кочо Рацин работел во одделението за АГИТПРОП, на подготовка, редактирање и печатење разни материјали.

И Блаже Конески работел како пропагандист - организатор на преводачко одделение при АГИТПРОП на ЦК и Главниот штаб.

И Ацо Шопов бил уредник на списанието „Огин“ што го издавало одделението за агитација и пропаганда при Третата македонска бригада.

И Владо Малески, авторот на нашата химна, бил пропагандист во одделението за АГИТПРОП. Песната „Денес над Македонија се раѓа ново сонце на слободата“ е создадена по партиска задача и првобитно е изведувана за да мобилизира антифашисти и борци за слобода.

Митко Зафировски, прв директор на Институтот за национална историја бил член на АГИТПРОП.

И весникот „Нова Македонија“, орган на Народноослободителниот фронт на Македонија, е дело на АГИТПРОП, а и весниците „Млад Борец“ и „Комунист“ од кои излегоа многу врвни новинарски пера.

Државната награда за новинарство „Мито Хаџивасилев Јасмин“ е именувана според главниот уредник на „Нова Македонија“ кој подоцна извршувал должност директор на Уредот за информации на НРМ и началник за агитација и пропаганда во Главниот одбор на Народниот фронт на Македонија.

Да не должиме. Кога „хејтате“ партиски или владини пропагандисти и се „курчите“ со новоговор („пиарчење“) ги хејтате и пропагандистите Орвел, Рацин, Конески, Шопов, Малески... Притоа, покажувате недостаток на знаење и почит за сопствената историја.

(Фејсбук)

Бранко Героски
Сите сме АГИТПРОП!

Богами, прописно и со право ме искара другар ми Жарко Трајаноски. Под наслов „Арчење думи на тема пиарчење“, Жаре на Фејсбук вели дека ние што сме се „курчеле“ со новоговор на спорната тема („пиарчење“), сме покажувале недостаток на знаење и почит на сопствената историја, а малку и пошироко.

Имено, другар ми нè потсетува дека Џорџ Орвел работел како пропагандист за министерството на информации. Кочо Рацин, Блаже Конески, Ацо Шопов, Владо Малески, Митко Зафировски и многу други, работеле во одделението за АГИТПРОП (агитација и пропаганда).

И весниците „Нова Македонија“, „Млад борец“ и „Комунист“ биле АГИТПРОП. У мајку му стара! Бидејќи сум работел во два од трите спомнати весника, тоа значи дека и јас сум бил АГИТПРОП, односно „пиарчија“. А ваму се „курчам“, што би рекол Жаре...

Како автор на кованицата „пиарчење“, се чувствувам повикан некако да одговорам на лекцијата од соборецот Трајаноски, ама сега навистина думи ми липсват. Јас очигледно сум имал сосема погрешна претстава за тоа што работат и што треба да работат луѓето во владината служба за односи за јавноста. За која мислев и пишував („хејтав“, би рекол Жаре), дека треба да арчи помалку народни пари, односно да биде поскромна.

А работата била едноставна. Само треба да се знае малку историја. Значи, да ти станувало збор за АГИТПРОП. Какво откровение! И ако ја следиме истражувачката логика на Жаре, богами тешко ќе најдеме интелектуалец, писател или поет, новинар или друга јавна личност која некогаш немала некаков јавен или таен однос со агитацијата и пропагандата на поранешните режими.

После ваквите „аргументи“, право да ви кажам, кревам раце. Сега каде и да се свртам, гледам агитација и пропаганда. Таа е составен дел од нашите животи. Таа е природна појава. Како ветрот, како дождот, како маглата во Скопје. Таа е сеприсутна и нè одбележува сите нас. Сите сме АГИТПРОП!

ПС. Ако темата се анализира со осврт и кон факторот време – што ќе рече, ако за минатото не судиме со мерилата на сегашноста, но и обратно – „аргументацијата“ на Жаре се урива како кула од карти. Но, сега баш и немам волја и време за тоа. Треба да се вика „ура“, „шокантно“, „јебитачно“ и сè што бара одделението за АГИТПРОП.

(Плусинфо)

Жарко Трајаноски
Агитацијата и пропагандата на Итар Пејо

Друже Геро, ти благодарам што си нашол време да напишеш и објавиш текст по повод мојот статус објавен на фејсбук „Арчење думи на тема пиарчење“. Имам неколку забелешки за текстот „Сите сме АГИТПРОП!“, кога се обидуваш да го карикираш мојот фејсбук коментар и да го сведеш на апсурд: „И ако ја следиме истражувачката логика на Жаре, богами тешко ќе најдеме интелектуалец, писател или поет, новинар или друга јавна личност која некогаш немала некаков јавен или таен однос со агитацијата и пропагандата на поранешните режими“.

Е, па нема таква „истражувачка логика“, друже Геро. Каде ли само ја пронајде? Ако сум посочил неколку имиња на интелектуалци, писатели или поети кои некогаш работеле како пропагандисти (а денес ги сметаме за угледни и славни ликови), дали од тоа логички следува дека сите интелектуалци, писатели или поети биле пропагандисти? Ниту следува логички, ниту пак некаде сум сугерирал дека „тешко ќе најдеме интелектуалец, писател или поет, новинар или друга јавна личност која некогаш немала некаков јавен или таен однос со агитацијата и пропагандата на поранешните режими“. Бидејќи не верувам дека можеш несвесно да направиш таква кардинална логичка грешка, претпоставувам дека свесно се обидуваш да ги извртуваш моите зборови, што е типична пропагандистичка стратегија, нели?

Откако ми припиша „аргументи“ кои никаде не сум ги застапувал, почна и да тераш подбишега со нив: „После ваквите „аргументи“, право да ви кажам, кревам раце. Сега каде и да се свртам, гледам агитација и пропаганда. Таа е составен дел од нашите животи. Таа е природна појава. Како ветрот, како дождот, како маглата во Скопје. Таа е сеприсутна и нè одбележува сите нас. Сите сме АГИТПРОП!“

И, ете така, дојдовме до прекрасниот наслов „Сите сме АГИТПРОП!“ на кој би му позавидел и славниот Бертолд Брехт (познат по неговите агитпроп драми изведувани од агитпроп театарски групи). Но, употребата на хуморот и сарказмот за да се исмее нечие мислење е исто така препознатлива пропагандистичка алатка, друже Геро. За твоја жал, тоа што се обидуваш да го исмееш не се мои аргументи, туку твои карикатури кои се обидуваш да ми ги припишеш.

Туку, ајде и да се согласам со тебе нешто. Да, пропагандата е составен дел од нашите животи. Особено ако редовно гледаме или читаме вести (има тони литература за вестите како пропаганда). Ако сме учеле марксизам, историја, литература или ОНО и ОСЗ во СФРЈ. Или ако гледаме филмови (има тони литература за пропагандата во холивудските, германските, италијанските, советските, кинеските филмови...). Или ако шетаме по улица и наидеме на политички постер, билборд или споменик на „Воинот на коњ“ или на „Ќосето“. Или ако висиме на социјалните мрежи (во моментов се пишуваат гигабајти текстови за искористувањето на Фејсбук и Твитер како пропагандни алатки). Да, и на други места може да се најде пропаганда, но таа не е сеприсутна, ниту пак е „природна појава како маглата во Скопје“.

Ех, а каква врска сега има маглата со пропагандата? Е, па има. Кога Итар Пејо ги сотрел Мариовците во магла, нели дејствувал како првокласен пропагандист (велејќи им „Море, шчо је волна!?“) и како прагматичен агитатор (повикувајќи ги „Брго да си ја собериме за ѕиври!")?

Но, друже Геро, не се сите пропагандисти „сотирачи“ како Итар Пејо или Мартин Протуѓер. Историски гледано, пропагандата не е олицетворение на деструкција или зло, туку напротив, во почетокот била сметана за нешто свето! Да, и тоа токму од римскиот папа, кој ја основал „Светата конгрегација за пропаганда на верата“, моќна организација која безмалку четири века ги шири католичките доктрини ширум светот. А што биле светите солунски браќа Кирил и Методиј, ако не претходници на „светите пропагандисти“ (како пропагатори на христијанската вера меѓу Сарацените, Хазарите, Словените)?

Туку, да запреме тука, друже Геро. Сме поминале заедно многу „мисионерски“ пат низ Македонија како граѓански агитатори кои пропагирале („расадувале“) политички каузи кои узревале години подоцна. Колку што се сеќавам, сме зборувале и дека политиката е премногу важна, за да им се препушти само на префесионалните политичари. Зарем не важи истото и за агитацијата и пропагандата – тој „озлогласен“ пар без кој е незамислива современата политика?

(Фејсбук)

ОкоБоли главаВицФото