Низ дупката што ја остави во мене

04.01.2018 11:47
Низ дупката што ја остави во мене

 

  За Икала, мојата Калипсо

 

 Немаш ни младост ни старост
туку во некој попладневен сон
обете ги сонуваш.
(Т. С. Елиот, Геронтион)


Низ дупката што ја остави во мене
ги гледам и другите ходници во дувлото:
кртот, камелеонот, коалата, електричната овца,
динамото приклучено на плин од кое излегува
пауново перо кое скокотка стомак на убава жена.
*

Во дупката што ја остави во мене
- во лед продупчена?, синкаво треперлива црна кутија? -
ноќе доаѓаат на електрично напојување:
восочните плочки, пластелинските мозоци,
згужваните грутки, 3Д испринтаните пластични органи...

Низ дупката што ја остави во мене
ги гледам своите органи без тело,
црвливиот збор кој штотуку станува тело
негде меѓу празнината и чистиот настан.
(Иако зборот е на страната на настанот, не на битието.)

Во дупката што ја остави во мене
гледам со око внимателно извадено од очната дупка,
малку оддалечено (10-15 см) но сеуште споено
со зонулски влакна, крвни садови и нерви,
па се гледа: себе-дупка.
**

Низ дупката што ја остави во мене
го слушам гласот кој е истовремено
и првото гнездо и првиот кафез,
местото каде што cri pur, чистиот крик,
се претвора во cri pour, крик по некого.
***

Низ дупката што ја остави во мене
фрчат кон мене трнови, боцки, кактуси,
затркалани прериски џбунови (затркалачи, тамблвиди)
од торнадо откачени бусени, гранки, цели дрва,
цел љут директно кон мене залетан армадиљо!

Во дупката што ја остави во мене
шлапкаат китчето со водоскок (шарен и сладок водосок-срце),
руменото медузиче со двете жолти антени-одзатнувачи,
октопотчето, змејчето, количето во тунел, човечето со лупа,
девојчињата со рацете-пози, возбуденото човече и сината птица.

Низ дупката што ја остави во мене
довејуваат цветен прав, спори, полен, скакулци,
вилински коњчиња, хеликоптерчиња, колибри,
пеперуги, прав од пеперушки крила,
прав од столчени тела на гусеници, чаури, мешунки.

Најпосле - ако работава е повеќе магија од психоанализа -
низ дупката на тобоган се лизга призрак, грутче од човечулец
(ти велеше: нема рачиња нема колачиња)
директ во хадронскиот судирач, меѓу честиците.
Па да го поздравиме: емет, мет, синко!

 

_________________________________________________

*Лакан (љубител на играта со зборови cri pur - cri pour) непосредно ја поврзува фундаменталната фантазија со нагонот, а нагонот го опишува како монтажа, како нешто исконструирано, а не втемелено во некој природен поредок или инстинкт:
„Ако ги приближиме парадоксите што ги дефиниравме на нивото на Drang, парадоксот за предметот и парадоксот за целта на нагонот, мислам дека настанатата слика би прикажувала динамо приклучено на плин од кое излегува пауново перо кое скокотка стомак на убава жена, која е тука поради убавината на работите.“

**Дупката што ја остави во мене
е можеби моето сопствено дувло,
место едновремено сигурно и опасно,
кајшто сум ушушкан и изложен,
внатрешност неодвоива од надворешноста?
Дупката е мојот стомак низ кој зборам?
Ни јазик ни тело? Издлабен сум во сопствениот глас
кој зборува сам за себе низ мене? Во инвагинарниот
сум џеб - во кој истовремено си внатре и надвор?
Или низ дупката си го чешам ампутираниот крак?

*** Во дупката што ја остави во мене
гледам нешто поразлично од
мојата сенка што наутро по мене оди
или од твојата што навечер во пресрет ти иде:
страв во грска прав. (Т. С. Елиот, Пуста земја)

 

Слика: Арнолд Беклин, Одисеј и Калипсо, 1883 г.

ОкоБоли главаВицФото