Национална кучка

04.01.2018 15:40
Национална кучка

Откако ја гледав онаа, би рекла, генијална, феноменална, епохална, култна епска епизода од серијата „Girls“ која го инспирираше и насловот на овој текст, ме следи некое необјасниво чувство на восхит. Како што неброено многу пати им повторив на пријателките, пријателите, познаниците и всушност на сите што беа расположени да разговараат на таа тема, Лена Дунам во тие 30 минути совршено го демонстрираше современото функционирање на патријархатот. Иако и онака сум верен обожавател на серијата, таа епизода инстантно и со леснотија ги засени сите шест сезони; со оглед на тоа што во таа воодушевеност не сум единствената, верувам дека нема да погрешам ако заклучам дека станува збор за навистина скапоцен момент на телевизиската, односно online streaming историја.

Се разбира, како најважна сцена на целата епизода се истакнува претпоследната, онаа во која тој ѝ го става пенисот во скут, а таа автоматски го фаќа и веднаш потоа го пушта. Тој „dick pic“ истовремено е наративна цреша на врвот и совршена метафора за тоа како се чувствува во патријархатот секоја од нас. Тоа е слика на она несвесно согласување, неволна пристојност, присилна патријархалност на која ние девојчињата, девојките, жените сме научени бидејќи нашето „добро“ воспитување се погрижило уште од мали нозе да ни се всадат тие „вредности“. Иако додека ја гледав епизодата мојот сценаристички мозок постојано се обидуваше да погоди како ќе изгледа крајот на таа наративна сложувалка, истовремено воодушевен од изневерувањето на стереотипите и сомничав кон нив, Лена со таа сцена уште еднаш ги надмина моите очекувања.

И додека коментирањето на епизодата со другите девојки и жени главно се сведе на размена на воодушевување, взаемно кимање со глава и редудантно редење на претереани епитети кави што ја красат и првата реченица од овој текст, индикативно е што единствено моите пријатели од машки род имаа проблем со интерпретацијата на таа епизода, а особено со разбирањето на таа кур-во-рака сцена. Така еден во прв момент си помислил дека пенисот го фатила зашто тоа го сакала, застапувајќи го резонот „самата тоа го сакала“; друг пријател, пак, потегот на Чак не го сфатил како климакс на целата епизода, туку само како „practical joke“ што ниту ние ниту Хана не сме ја разбрале. Па иако, барем декларативно, сум за слобода на интерпретацијата и сакам да тврдам дека значењето е во очите на тој што гледа, во овие случаи, сепак се потрудив малку да ги пренасочам нивните читања. И не само што тие двајца пријатели ги изведов на вистинскиот пат, туку успеав и поконцизно да ги артикулирам своите аргументи за важноста на таа епизода, кои овде нема да ги повторувам бидејќи други овде и другде ги формулирале подобро од мене.


Оној дел на сопствената рецепција кој ми е најинтересен се однесува на фактот дека во својата биографија не можев да најдам моменти на толку реалистична манифестација на сексизам. Низ оној дел на нивното јазично натпреварување, кое тој го разбра само како предигра, а таа како разговор, често сум проаѓала, два пати сум доживеала дофрлање на улица, но пенис во рака од колега писател, тоа никогаш не сум доживеала! А како е тогаш можно толку лесно да се идентификувам со Хана, кога никој никогаш не ми ставил пенис во рака?

Бев свесна дека се фатив во најглупа можна стапица на барање материјален доказ, како само директното насилство да има „легитимитет“, како да сум заборавила дека перфидноста на патријархатот меѓудругото е и во неговата „суптилност“, во таа „ефемерност“ на мизогонијата која постојано лебди околу нас. Оваа епизода на брутален начин само го објасни сексизмот што тлее во секојдневието, но не станува збор за тој сингуларен пример, туку работата е во системската поддршка што ја има. Тоа им го објаснував на оние двајца пријатели, тоа ќе се обидам да го објаснам во овој текст, и на писателот со кој настапував на една книжевна трибина.

Настанот што ќе го раскажам е далеку од пенис во рака, но неговите протагонисти фантастично ги одразуваат ликовите во епизодата. Од една страна е тој, писател од средната генерација (49), автор на седум романи, есеист и преведувач, добитник на две книжевни награди, доцент, доктор по науки, хетеросексуалец. Од друга страна јас, млада писателка (33), авторка на една прозна книга, неколку изведбени текстови и сценарија, уметничка асистентка, докторантка, лезбејка. Да повторам, никој никому не му стави кур во рака, сè остана на ниво на јазик, оној вербалниот, но на настанот што ќе го прераскажам и натаму се сеќавам со неверувањето со кое Хана го напушти станот на Чак Палмер.

***

Разговорот се одржуваше во центарот на Загреб, во една од градските библиотеки, а ние двајца бевме избрани заради наводни сличности во тематските преокупации на нашите дела. Со оглед на тоа што, откако во 2015 година ми излезе книга, настапував во различни чудни комбинации, во разни книжевни контексти и веќе бев навикната да зборувам со луѓе со кои имам заедничко колку што имаат заедничко Адам и Шошана.

(Од сите тие ситуации можеби ми е најдрага онаа во која се најдов со една белгиска писателка. Додека пред заедничкиот настап разговаравме за своите книги, обидувајќи се да дознаеме што, освен нашиот род, ги натерало организаторите токму нас две да нè стават заедно во истата програма, во еден момент една од нас случајно спомна дека има девојка и работата стана совршено јасна – двете сме лезбејки.)

Но, да се вратиме во библиотеката. Таму требаше да настапувам со личност за која мислев дека е хетеросексуален маж, но се покажа дека таа за себе мисли дека е хомосексуална жена.

Но, да тргнеме по ред.

Пред нас се собраа дваесетина луѓе, повеќето жени, разговорот течеше во вообичаените, малку монотони текови, се разговараше за процесот на пишување и рецепцијата, книжевните влијанија и одговорноста, ликовите и автореференцијалноста... Релативно рано во разговорот сфатив дека за многу работи не се согласувам со својот соговорник, но бидејќи настанот не беше замислен како дебата, немав потреба да интервенирам, ниту да ги коментирам неговите ставови за светот и пишувањето. Дополнително ме зачуди фактот што еден од модераторите забележа дека женските ликови тој обично ги опишува со разни „сочни“ придавки, зашто во тоа намирисав траги на веќе споменатиот сексизам. Тој ја негираше сочноста и разговорот тука застана. И така сè течеше мирно и без возбудување, сè додека не ја изговори реченицата што уште ми одѕвонува во ушите.

Додека одговарав на прашање за своите женски ликови, како и за својот и нивниот сексуален идентитет, тој од ведро небо, со мал потсмев, објави дека и тој исто е лезбејка. Точно со тие зборови: И јас сум лезбејка.

Така е, маж на средни години, ќелав, универзитетски професор, наградуван писател, изјави дека и тој, ете, е лезбејка, токму како и јас. Не знам за останатите, но во прв момент тоа „аутирање“ го сфатив како неусшешна шега што може да им се случи на сите што сосила се обидуваат да бидат смешни. Затоа и одлучив да ја игнорирам таа реченица, да се правам дека не се случила и мирно да продолжам со одговорот на прашањето што ми беше поставено.

Се прашував дали таа негова изјава има врска со начинот на кој пишува, како што тврдеше. Имено, како што објасни претходно, според него писателите се само медиуми: Ние не одлучуваме за своите реченици, тие самите ни се наметнуваат. Иако таквото мистифицирање на пишувањето ми е далечно и нејасно, си помислив дека можеби низ него во тој миг еманирал тој хомофобичен, патријахален космос. А тој, малку подоцна, повторно ме прекина и рече дека тоа тоа сериозно го мислел, но дека никогаш не го сфаќаат сериозно.

Се прашувам зошто, суво коментирав и предизвикав смеење кај публиката, делумно среќна заради воспоставениот пакт, а делумно гневна бидејќи очигледно не се работело за one-off шега, туку извежбано шоу во кое тој претендира на лезбејски идентитет, сосема несвесен за импликациите на таа претензија.

Од тој момент разговорот го следев само со половина мозок, додека со другата половина чекав можност да го прашам знаат ли дека е лезбејка неговите колеги на факултетот, дали некогаш изел ќотек и дали оди на Прајд, сакав да го соочам со сето тоа со кое се соочени ЛГБТИ луѓето по своето аутирање, со надеж дека тоа ќе го натера друг пат два пати да помисли пред да го искористи туѓиот идентите како шега. Иако разговорот се оддалечи од темата за родовите, гневот во мене растеше паралелно со неверувањето дека возрасен образуван човек може да биде толку несвесен за своето пародирање на важни идентитетски прашања. Наивно е, знам. Го гледав својот соговорник и си мислев дека пред мене е школски пример на бел стрејт маж, кој нема поим што подразбира процесот на аутирање, кој нема поим како е да се биде малцинство, сексуално и родово.

А тогаш, токму како во „American Bitch“,настапи неочекуван twist. При поставувањето на следното прашање модераторката спомна дека тој и во преписката по мејл споменал дека може да настапи како авторка, па заклучувајќи дека од неговите романи се гледа неговото беспрекорно разбирање на женската психологија, го замоли накратко да го коментира својот однос кон родот. Неговиот одговор заграби во она стереотипно поле во кое женскиот пол е претставен како понежен, почувствителен, повнимателен, додека машкиот е поврзан со мачо принципите на агресија, борбеност, а самиот себе се смести поблиску на тој понежен женски пол на спектарот, што беше основа за неговото „аутирање“ на трибината.

Имаше нешто речиси наивно во неговиот одговор, нешто што потсетуваше на „ранливоста“ на Чак, така што со одговорот ме натера и јас да посегнам по својата наивност. И така, за миг се посрамотив и како добро девојче си помислив: Јасна, можеби тој навистина е транс, само не знае како да се справи со тоа, треба да го поддржиш, а не да го понижуваш, треба да му дадеш поддршка, а не да го спушташ, можеби едноставно не се снаоѓа. Иако таа идеја во истиот момент ми звучеше смешно и неубедливо, заради она „добро“ воспитување што во мене всадило избегнување на инцидент, до крајот на разговорот заради таа можност повеќе не се враќав на темата, а не се вратија ни модераторите, ниту оние 15 жени во публиката. Наместо тоа, сите заедно метафорично продолживме да го придржуваме пенисот.

Се разбира, кога подоцна седнавме на пијачка, мојата дилема беше разрешена за една секунда. Кога му ги поставив оние прашања што не му ги поставив кога требаше, неговиот одговор беше одвратно очекуван, токму како курот во раката на Хана. Со истиот оној потсмев и шегобиен тон, тој откри дека тоа се лезбејството било само добра фора и објасни дека всушност ја поддржува машката хомосексуалност (Педерите ми се супер), но со женската има проблем бидејќи, цитирам, претставува конкуренција, ги намалува шансите. Од негова перспектива, сигурна сум, тоа беше уште една шега, само кога ќе ги заредиш толку многу во една вечер тоа престанува да биде шега и станува проблем. А јас сфатив дека неговото „шегување“ е само израз на типична фрустрација заради тоа што постојат жени кои не го сакаат неговиот, ниту било чиј друг, пенис во рака.

Кога отиде во тоалет, еден од модераторите се обиде да ја намали тежината на неговиот исказ, споредувајќи го со фаг хагушите кои за себе често велат дека се чувствуваат како педери, но мислам дека околностите на неговата изјава, од контекстот на библиотеката преку неговата социјална позиција до потмевот, на неговата изјава ѝ даваат поинакви конотации. Имено, Маринко Кошчец не е lesbro, тој е само типичен книжевен bro.

***

Откако пред неколку дена го напишав сето ова, постојано се преиспитувам, размислувам дали претерав малку. На крајот на краиштата, навистина не ми стави пенис во рака, не ме силуваше ниту тепаше, само ја кажа таа една неспретна, идиотска, навредлива реченица.

Дали требаше сето ова да го напишан заради таа една реченица?

Фактот што сега го читате овој текст јасно говори дека мојот одговор е: Да.

Бидејќи, како што се преиспитувам дали требаше да го напишам ова, сè поинтензивно жалам дека на самиот настан не го соочив со сето ова. Ако тогаш надвладеа моето добро воспитување, сега ќе завладее моето чувство за одговорност и достоинство, иако и тоа на некои ќе им звучи наивно, бидејќи секојдневно преминуваме преку вакви глупи реченици, а тие и натаму се случуваат.

И не, овие реченици не ми се случија „сами од себе“, добро ја промислив секоја од нив, свесно одлучив дека ќе ги напишам и ќе стојам зад секоја од нив.

Извор: Muf
Слики: Lisa Hanawalt

Слични содржини

Квир / Книжевност / Теорија
Квир / Живот / Култура / Теорија
Општество / Активизам / Квир / Живот
Општество / Активизам / Квир

ОкоБоли главаВицФото