Филмот Телма (2017) и Трир кој не е Ларс

05.01.2018 02:43
Филмот Телма (2017) и Трир кој не е Ларс

Понекогаш нè мотивираат банални причини кон нешто добро. За мене зборот Трир не е само презиме туку и симбол за добар филм. Ларс фон Трир е еден од моите омилени режисери. И така, еднаш случајно отворив текст за режисерот Трир на еден портал, но тоа не беше текст за Ларс туку за неговиот подалечен роднина Јоаким.

И како што некогаш глумецот Кирк Богарт го нарекував Богарт што не е Хемфри, така и Јоаким го викав Трир кој не е Ларс. Тоа што станува збор за носител на презимето Трир и што станува збор за скандинавски режисер беше доволно за да ги гледам неговите филмови. Случајот сакаше една грешка да ме донесе пред делото на големиот уметник.

Јоаким Трир е мојот режисер. Скандинавските филмови се познати по уметничката длабочина и по отсликувањето на граничните човечки состојби. Предничат Данците, како на пример споменатиот Ларс фон Трир, Сузан Бир и Томас Винтерберг. Норвежанецот Јоаким Трир оди рамо до рамо со наведените.

Пред Телма

Јоаким Трир ме освои со својот првенец Реприза (2006) во кој ни зборува за двајца пријатели писатели, за нивното пријателство, падовите, љубовите и опсесиите.

Од една страна, неговиот стил е поетичен, со мноштво визуелни детали кои не се важни за самото дејство, но се важни за јунаците. А, од друга страна, ние како во постмодернистичките романи гледаме снимки и слики од нашите јунаци во познатите весници, интервјуа и текстови каде режисерот симулира документарност.

Реприза (2006) 

Помина времето на линеарниот тек на дејството и снимателската постапка план-контра план. Филмот Реприза ме потсетува на сомнабулно евоцирање спомени на јуанкот додека има висока температура, зашто Јоаким Трир не ни ги претставува објективно важните моменти од животите на јунаците туку оние кои се многу емотивно заболени и кои имаат исклучиво субјективно значење.

Слична е постапката и во филмот Осло, 31 август (2011) кој зборува за еден ден од животот на поранешен наркомански зависник. И во тој еден ден ние како гледачи ги запознаваме надежите, средбите, пречките и стравовите на јунакот додека камерата епски го следи од ситуација до ситуација, но и лирски, каде гледаме цела палета емотивни состојби на јунакот.

Посилно од бомби (2015) е третиот игран филм на Јоаким Трир, но и првиот кој е снимен со светски познати глумци, во кој се зборува на англиски. Главните улоги им се доверени на француската актерка Изабел Ипер и ирскиот глумец Габриел Бирн.

И во овој филм Јоаким Трир не отстапил од нелинеарниот приказ на дејството, влегувањето во емотивните состојби на јунаците, документарноста и детализирањето.

Позната фотографка загинала во сообраќајна несреќа и Трир ни покажува како нејзиното семејство се соочува со загубата: мажот и двата сина. Лесно е да се сними конкретна ситуација, па дури и онаа што бара многу, како скокањето од хеликоптер и разноразните акциски трикови, но вештината на режисерот многу повеќе се согледува во тоа да „фати“ некои апстрактни состојби.

Јоаким Трир со помош на низа детали и портрети умее да ги долови копнежот и страдањето.

Телма (2017)

Не можам да кажам дека сум љубител на СФ филмови. Впрочем, сакам софт СФ, каде гледачот се прашува: дали овие појави во филмот се измислени или навистина постојат во светот.

Кога ќе го погледне И. ТИ или јунаците од Војна на ѕвездите и дете од пет години знае дека тие не се реални. Но, кога го гледаме на пример, Пеколен портокал (1971) се прашуваме дали справата за лечење зло навистина постоела.

Телма (2017)

Во софт СФ филмовите жанрот има уметничка функција и натприродни способности, болестите и направите треба да се посматраат во метафорички клуч. Моментите од онаа страна се уверливи кога тие активности (квази) се документарно проследени, со видео и текстуални прилози кои јунаците ги истражуваат по архиви или интернет.

Таков е филмот Телма. Хероината Телма за првпат се одвојува од родителите и заминува во друг град за да студира биологија. Се заљубува во својата колешка Ања и сфаќа дека емотивните и сексуалните импулси ги следат напади слични на епилептичните напади, како и тоа дека со силата на своите мисли може да влијае на случувањата во реалниот живот.

Сметам дека во иднина физиката и метафизиката ќе се соединат. Во голема мера ќе се занимаваат со полето на човечката енергија. Телекинезата, способноста за предвидување и левитација се активности кои многу шарлатани ги користат за да ги измамат луѓето, но постојат поединци, додуша ретки, кои се способни за такви активности. Тоа сè уште спаѓа во полето на парапсихологијата, но како што одењето на месечината некогаш било сон на неколкумина, па потоа реалност, така ќе биде и со тајните на човечката енергија. Верувам дека научниците ќе откријат реална основа.

Заљубеноста ја следат одредени телесни реакции и психички состојби, а енергијата која зрачи од заљубените може да биде различна, во зависност од тоа како заљубениот ја доживува таа заљубеност, дали е проследена со среќа и гордост или страв и вина. Така е и со болеста, како и со разните емотивно моќни импулси.

Нападите на Телма се само матафора за промената која е извесна кај заљубените. Религиозните родители ја воспитале секогаш сè да држи под контрола, таткото ѝ вели дека најважно е да не се загуби контрола. А, заљубувањето е антоним на контролата.

Во тематска смисла, освен мотивот на љубовта и страста, застапени се и мотивот на верата, вината, влијанието, релациите ќерка-татко и ќерка-мајка.

Сцена од филмот Телма

Телма изобилува со експресивни сцени, од кои би ги навела следните: хероината често сонува змија што ѝ лази по телото; во еден сон змијата ѝ влегува во уста; pater familias седи во чамец, на езеро, и во еден момент почнуваат да му се тресат рацете од ништо и почнува да гори, тој, секако, влегува во вода, но гори и натаму; птици удираат во стакло со полна брзина; бебиња под замрзнатата, езерска, скандинавска вода; сцена од балет; сцена со Телма која левитира додека ѝ прават ЕКГ.

Во визуелниот стил на Јоаким Трир интересен ми е монтажниот пристап, не само во Телма туку и во другите негови филмови. Негова исклучива цел не е да раскажува приказна туку да го покаже внатрешниот свет на јунаците. Тој пристап би можел да се нарече според угледот на романот за текот на свеста, „филм за текот на свеста“.

Во литерарно-филозофска смисла, во филмот Телма често се споменува прашањето за постоењето на бог и детерминизмите во животот, односно причинско-последичните дејства и врски. Со прашањето што му го поставува на еден познаник: Дали можеш да објасниш како работи твојот телефон?, хероината сака индиректно да укаже на божјото присуство.

Во една таква сцена Телма ѝ вели на Ања:

Кога бев мала татко ми ми ја држеше раката над свеќа. И кога се изгорев ми рече дека така е во пеколот секој ден.

Наведеното го имплицира прашањето дали постои пекол, каде е, кој оди таму, зошто и што е изгореницата во реалното постоење.

Постојат мноштво љубовни и СФ филмови, но Телма со својата оригиналност и модерност е апсолутно непредвидлив филм, навистина е нешто ново во кинематографијата, она што го турка напред тркалото на кинематографијата.

Извор: https://kultivisise.rs