Меланхолично битие: Нарцис, без објект

06.01.2018 12:25
Меланхолично битие: Нарцис, без објект

Nicolas Bernard Lepicie, Нарцис, 1771.

 

Може да изгледа претерано кога на Нарцис му ја припишуваме клучната улога во историјата на западната субјективност која се состои во хипостазирањето на функцијата на одразот и, поаѓајќи од нарцистичкиот крах во неа, во поттикнувањето одразот да се повнатрешни, платоновскиот идеалитет да се преобликува во спекулативна внатрешност. Точно е дека читањето на Плотин ни дава право на тоа, но исто така и другите движења, митски, филозофски или историски, еднакво снажно нè водат кон тоа.

Нарцис нè заведува и се наметнува како придвижувач на западниот субјективизам, не само поради неговото присуство, експлицитно или алузивно, во Енеадите на Вергилиј. Баналноста на неговата личност (момче од Теспија кое нема ништо херојско), но исто така и безумноста на неговата авантура (Овидиј зборува за novitas furoris, нов вид лудило) секако од него прават граничен но и општ случај. Ни Дионис ни Христ, туку трагичен и бесмртен благодарение на метафората за цветот, тој вљубеник во самиот себе на чуден начин ни е близок во својата банална детинестост. Но тој сепак нè вознемирува, предизвикувајќи нежна нелагодност, влажникава и студена непријатност. Како тој почеток на новата ера, ерата на христијанството која требаше да нè доведе до тоа да ја прифатиме нашата човечност низ Христовото величествено страдање, истовремено да ни порачува, не на височинките за принесување жртви на Калварија, туку во пустите, влажни и мочуришни области на човековото искуство, дека тој внатрешен простор, таа Психе која станала психизам... треба да се плати... со нова душевна болест. Човечки, премногу човечки...

Карл Павлович Бриулов, Нарцис, 1819

Накусо, на рабовите на западниот внатрешен живот ќе ги пронајдеме инфантилизмот и перверзијата. Пежоративното значење - од стојалиштето на идеалното Единство - на тие изрази никако не ја исклучува нивната конститутивна, иако изместена, нагласена, „сублимирана присутност“ во темелите на душевниот живот. Да не го заборавиме, најпосле, она што во меандрите на нарцистичките авантури можело да се изгуби предвид, а што сепак ј сочинува рамката на нарцистичката авантура, нејзината причина и цел: љубовта. Eros, amor признаваат дека немаат друг објект освен сопствената слика, одразот на сопственото тело, идеализираниот дел кој дејствува во име на целовитоста. Дека еротизмот може да биде, во водениот елемент на архаичната шума, автоеротизам, значи демистификација, потценување на сублимноста која е карактеристична за состојбата на заљубеност. Од друга страна, ако искуството на самозаљубеност Овидиј го разбира како малоумно, тоа сепак не е тоа, во смисла на сексуално лудило, налик на она што го познаваат Дионис и баханатките. Овде умоболноста почива во отсуството на објект кој, во краен случај, е сексуален објект. Чуму служи објектот? - За да овозможи сексуално уприсутнување на тескобата. На Нарцис тоа не му успеа. Тој е во една друга димензија. Нему, неусидрена за некој објект, му се враќа неговата тескоба, и кога, во тој отскок, препознава дека другиот во изворот е тој самиот, тој го воспоставува психичкиот простор: станал субјект. Субјект на што? Субјект на одразот во исто време кога и на смртта. Нарцис не се наоѓа во објектална или сексуална димензија. Тој не сака ни момчиња, ни девојки, ни мажи, ни жени. Во суштина, Нарцис не е наполно лишен од објект. Објектот на Нарцис е психичкиот простор: тоа е самата репрезентација, фантазмот. Но, тој тоа не го знае, и умира. Кога би знаел, би бил интелектуалец, творец на спекулативни фикции, уметник, писател, психолог, психоаналитичар. Би бил Плотин или Фројд.

Laurent Pecheux, Нарцис, 1796.

***

Митскиот Нарцис е наш близок современик. Тој раскинува со античкиот свет, оти погледот го претвора во извор, и го бара другиот пред себе, као производ на својот поглед. Тој тогаш открива дека одразот не е некој друг, туку го претставува него самиот, дека другиот е репрезентација на себе. На свој начин, значи, и по пат обратен од мистиката, Нарцис во болката и смртта ја открива алиенацијата како конститутивен дел од својата сопствена слика. Лишен од Едното, му нема спас; другоста се отворила во него самиот. Го нема веќе мислечкиот ум (nus) од античкото доба, за на другиот да му пристапи како на плуралност, како на мноштвеност од објекти или делови. Го нема плотинскиот ум кој сака - за да може да побегне од својата другост, низ спојување со Едното. Ако постои од самиот себе за самиот себе, неговата другост не се вцелинува во тоталитет, таа не станува внатрешен простор. Таа останува отворена, во зев, смртоносна, оти е лишена од Едното.

Дали е тогаш случајно ако ликовите на психолошки и естетски Нарциси ги следат кризите на религиите на спасот, и што толку се наметнале во нашиот современ свет разнишан со смртта на Единствениот Бог?

Nicolas Poussin, Ехо и Нарцис, 1627-8

 

Дали жената е поголем нарцис од мажот?

 

Ништо не е помалку сигурно од тврдењето дека жената е поголем нарцис од мажот, како што тврди Фројд. Но тоа што жената може незгасливата жед по сопствената убава слика да ја сосредоточи кон внатрешноста на својата утроба или, повеќе во психолошка смисла, кон својата внатрешна самотија, во слатката болка на контемплацијата, фантазирањето сè до халуцинација - ете што е вистинското разрешување на нарцизмот коешто нема ништо еротско (во грчка смисла), туку целото е нежно и фанатично, вљубено. Закоченоста на погледот во самиот себе, стопувањето и пермутирањето на едното и другото, ни онаа што гледа ни онаа што е видена, ни субјект ни објект: таа љубов на женски начин, врз која се спрепкаат мистичките искуства, се свива тело-крај-тело како мајка и бебе, во недореченоста на сликите пред „огледалскиот стадиум“. Фантазираното кое станува прождрано од стварното, појавата на фантазиското под заштита на симболичкото, зачетокот и апсолутот на идеалното - таа женскост на љубовта е можеби најсуптилна сублимација на скриената психотична основа на хистеријата...

Giacinto Gimignani, Нарцис, 17 век

Ако е точно дека во светот на Нарцис не постои друг, би можеле сепак да помислиме дека негов партнер е изворот. Симболот за мајчинско тело, не ли момчето на некој начин во тој извор продрело втопувајќи ја својата слика во него? Сепак е сосема точно, треба тоа да се каже, дека тоа поседување, да го наречеме сосема имагинарно, на другиот, а посебно на другиот пол, му го наменува местото на ништожество. Едноставен механизам, изворот само го проголтува или убива оној што се охрабрува да стапне во него. Во таа автархична љубов, која води кон стопување со божеството, кое и самото е автархично, не постои другиот кој не е ништожество. Плотиновското нарцистичко божество е љубовта, но тоа е љубов кон себе и во себе. Оној што се конституира низ нејзе, се создава во себе и за себе. Не за Другиот. Да бидеш или исчезнеш, да го впиваш другиот во заслепеност... Свети Августин (354-430) на пат за Тагаста или просветлен од откровението, во својата градина, токму е читател на Плотин.

Adolf Joseph Grass, Нарцис, 1867

 

Превод: П. В.
Извор: Histoires d'amour, Julia Kristeva, 1983

Слични содржини

Култура / Теорија
Книжевност / Психологија / Теорија
Општество / Психологија / Живот / Теорија
Психологија / Теорија
Психологија / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото