Претпразнична молитва до сите оние кои се сметаат себеси за овоземни богови

06.01.2018 23:24
Претпразнична молитва до сите оние кои се сметаат себеси за овоземни богови

 

ПРЕТПРАЗНИЧНА МОЛИТВА ДО СИТЕ ОНИЕ КОИ СЕ СМЕТААТ СЕБЕСИ ЗА ОВОЗЕМНИ БОГОВИ, БОЖИЦИ, СВЕТИ ОТЦИ И СВЕТИТЕЛКИ, А НЕДАЈ БОЖЕ И МАЧЕНИЦИ, МАЧЕНИЧКИ, ХЕРОИ И ХЕРОИНИ, ЗАСЛУЖНИ БОРЦИ И БОРКИ

 

Се молам, и мојата молитва ви ја упатувам вам кои успеавте во периодот на овие 26 години да нѐ истренирате да ве третираме понизно, како да имате аура на, речиси, митски божества и полубожества а кои сте во агрегатна состојба на политичари, носители на високи државни функции, советници, директори, извршни органи од каков било вид, министри (не заборавајте дека етимологијата на зборот министер е од латинското minister, што значи слуга, оној кој му служи некому, во вашиов случај, тоа би биле граѓаните и граѓанките... да потцртам – вие сите, од прв/а до последен/последна, сте на услуга на граѓаните и граѓанките, а не обратно!).

Се молам да се разбудите од вашите неопеани и никогаш недоопеани соништа во кои нѐ теравте и нѐ терате да веруваме како слепци, се молам да си удрите шлаканица и да се освестите од опијатите на моќта, славата, привилегиите, а, не незанемарливо, и од опијатот над опијатите - парите.

Еве, ја повторувам молитвата цело време шетајќи низ ходниците на клиничкиот центар, тој лавиринт на болката и очајот, на немоќта на оние кои сте ги згазиле, сте ги унижиле, сте им го одзеле правото на живот, сте удриле по нивното ионака кревко тело со вашиот безмилосен, невидлив камшик на моќта, со кој мавтате наоколу толку многу што ви се заматува сликата од толку мавтање, па не гледате ништо освен својата идеализирана слика за себе, а и неа ја гледате во сфумато.

А тие тела кои фрлени лежат по валканите и скршени кревети, со потечени раце од заборавени инфузии (велат, немало доволно персонал!) и погрешно ставени игли, со исплашени очи налик на оние кои ги гледаме на сликите од Аушвиц, со одземено достоинство оти нема кој вода да им даде, да им подаде помош за да можат основните потреби да ги завршат, извалкани, избербатени, ја чекаат вашата пресуда, поточно вашата добра волја (ако воопшто ја имате) - замислете, колку парадоксално, токму тие тела се вашето најбројно гласачко „тело“. Каков апсурд! Без тие фрлени тела во логорот на јавното здравство, нема да постои ни вашето митско тело на политичари, функционери, советници, министри...

Шетам така како авет и се прашувам, од кога не биле пациенти во јавното здравство нашите највисоки политичари, на пример, премиерот или вице-премиерот (па и удолу, ама мозокот не ми ги добројува сите безбројни функции, моќници... во земјава, од кал да си, функционер да си!)? Се прашувам дали некој свој близок ќе дозволат да биде пациент на јавното здравство, оти нас нѐ убедуваат дека имаме јавно здравство. Се разбира, немам одговор на моето прашање. Немам факти. Башка нив не ги ни интересира моето прашање, оти, како во оној вицот, друго гледаат они... во нивното видно поле, освен кога станува збор за предизборни кампањи, болката на оној човек за кој пишуваат Горки, Кафка, и слични ним, никогаш не е предмет на интерес, бидејќи, се разбира, тие се бават со високи државнички прашања, смислуваат нови опијати. Големите наративи, демек, нив ги интересираат.

А има ли драги дами и господа премиери, функционери, министри поголем наратив од голиот живот.

Потоа, во истата аветињска состојба, со доза на зголемена емоционална афектација и зголемени телесни грчеви од тага и болка, зборувам со пријател по телефон, колку да ми олесни, не дека ќе се реши нешто, оти решение нема. Тој, најпријателски и најнормално ме советува: „Мораш нешто да сториш, носи ја во некоја од приватните болници. Снајди се.“ Го употребува клучниот збор кој е дефиниција за вредносниот систем и за доминантниот политички модел на независна Македонија, како и за целокупното поимање на општеството, на државата, на заедницата – СНАЈДИ СЕ!

Одеднаш ми се отвораат хоризонти: Македонија во 21 век велат дека е земја која има шанси да влезе во НАТО, а можеби некогаш и во ЕУ (ако дотогаш оваа не се распадне), ама во која ако не се „снајдеш“, на македонски начин, осуден си на смрт.

Не, не, не се залажувајте, не станува тука збор за онаа фина и благородна наука за опстанокот, која ве учи на витештво, фер борба, спартанство, самурајство... Во концептот „снајди се!“, анализиран во македонско-политичко-општествено-културно-мафијашки услови, станува збор за бестијално, бескрупулозно, многу често поданичко, подмитливо (бестијалноста и подаништвото одат рака под рака) однесување кое единствено може да ти го спаси животот – голиот живот.

Тишина е низ болничките ходници на клиничкиот центар, како што е тишина низ лавиринтот на Минотаурот – сите молчат за да не се појави уште поголемо чудовиште од болката, а тоа е она чудовиште кое го нарекуваме смрт! Тие тела во болка се плашат да не ја продлабочат со по некоја своја воздишка дупката во системот, па да пропаднат во неа како во челуста на Минотаурот.

Дами и господа митско-овоземски божества, ве молам вразумете се. Никаков живот не е дојден, ниту наскоро ќе дојде. Не ви треба ниту еден друг параметар, ниту една скапа и комплицирана статистичка анализа, ниту еден суперсоничен апарат кој ќе ви измери дека живот нема. Повелете, лечете се во јавното здравство, и веднаш ќе добиете потврда за моето тврдење. Таму, дами и господа митско-овоземски божества, ќе видите дека општеството нема пулс и дека е во длабока кома. А вам, имам чувство, дека и во изминативе децении та и сега (колку ли време немавме министер за здравство!!!), тоа ви е последна точка на дневен ред. Какво ви е општеството се гледа според тоа какво ви е јавното здравство. Или, ако сакате малку поинаку да се изразам, полирски – какво ви е општеството ви се гледа според тоа во какви услови ви жевеат но и во какви услови ви умираат луѓето.

Но тука имаме еден суштествен проблем – вие митско-овоземски божества, ниту живеете ниту умирате во условите во кои живеат и умираат 90% од граѓаните и граѓанките на РМ. Сте се запрашале ли колкумина можат да се „снајдат“, според македонските стандарди на снаоѓање? Колкумина имаат можност да се лечат во приватните здравствени установи? Колкумина можат да најдат пријател во јавните здравствени установи за да им помогне по заобиколен пат да го најдат излезот од лавиринтот на Минотаурот? А и ако го најдат пријателот, дали тој/таа, верувајте, во најголемиот број случаи, со поседување на висока експертиза, ќе може да им помогне, оти не знам дали сте чуле, ама во јавното здравство е како во импровизирана воена болница, под шатор, каде што нема реагенси, нема лекови, нема ништо. Само страв, и кај оној што лекува и кај лекуваниот.

И не е во прашање дали ќе се „снајдеме“, туку е во прашање што немаме избор! А нѐ лажете дека имаме.

Ви советувам, од овде, директ од царството на смртта, да баталите сѐ останато што демек е од животно значење за земјава, и да создадете систем во кој ќе можеме достоинствено да живееме, да се лекуваме, да здравееме, па и да умираме. Каква смисла има здравственото осигурување ако сме до ова дереџе! Огромни пари се одвоени од оние кои поминале цел рабортен век, вредно работејќи и сега, пуф! џабе им е, мора да се снаоѓаат или ќе умрат фрлени во некој засек од лавиринтот кој го создавате повеќе од две децении. Од парите што тие ги одвојувале, можат да се лекуваат и сите оние кои немаат привилегија сега, во оваа прекрасна земја, да имаат здравствено осигурување! Во овој дел доаѓа клучното прашање: кај се парите!

И немојте ве молам вината да ја префрлите врз персоналот, врз вработените во јавното здравство. Има таму брилијантни луѓе. Но и нивните грешки, нивното често несоодветно однесување, или нивната немоќ, се само сенка на системот коj вие митско-овоземски божества го создадовте.

Знам, сигурно мојава молитва до вас ќе ја сфатите како претпразнично чудо, ама верувале или не, преку глава ми е од вашата повеќедецениска зачуденост и стаписаност, која само е алиби и алатка за блокирање на здраворазумското дејствување на секој граѓанин кој ќе се обиде да ве освести, разбуди и конфронтира со нечовечноста и злоделата кои произлегуваат од вашите политички, вредносни, културни вертикали (а некои од вас велат дека имаат дури и духовни вертикали, аман ви се молам!). Разбирам, можеби толку знаете, толку умеете. Ама да беше само до тоа. За жал, мислам дека знаењето и умеењето никогаш не се тема во оваа држава, која повеќе од 20 години е заробена токму од незнаењето и неумеењето, односно, уште полошо – од манипулацијата со (не)знаењето и (не)умеењето.

Сега, претпоставувам многумина ќе речат, па трпение малку, толку време се рушеше, сега ќе треба време да се изгради. Јас ќе ви речам, многу повеќе од тоа време кое вие ми го посочувате се рушеше. Да, сега е време да се изгради. Ама времево врви некако... А кучињата си лаат.
Се враќам сега повторно во лавиринтот на Минотаурот со фрлените тела во болка.... Вие размислете што понатаму...

Оти, уште еднаш да ве потсетам, телата кои лежат фрлени низ лавиринтите на јавното здравство, не се само гласачки тела, туку луѓе со име и презиме, кои заслужуваат достоинствен живот и достоинствена смрт.

Или оваа молитва ќе ја сфатите како вистинска, од срце споделена вистина, и ќе преземете нешто, симнувајќи се од својата митско-овоземска божествена позиција, или ќе отворите нов тефтер, со нови списоци...

Волјата е ваша, се разбира...

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Neil Farber