Македонија највисоко рангирана земја според поволноста за станување пратеник

08.01.2018 05:01
Македонија највисоко рангирана земја според поволноста за станување пратеник

Скопје, 8 јануари 2018

Според листата на земји во кои е најповолно да се биде пратеник, а која секој година ја изготвува „Арам Тајмс“, Македонија се најде на челната позиција.

Ова може позитивно да влијае на бизнис-климата во земјата и да привлече многу странски службеници, административци, бизнисмени и трговци-поединци кои би дошле во Република Македонија за да станат пратеници, сметаат експертите.

„Високите надомести за патни трошоци за пратениците, разните други бенефиции, продолжувањето на летните и зимските одмори, но и леснотијата за преминување од поразената на победничката страна се клучните елементи кои придонесоа Македонија да се најде на врвот на листата на земји во кои е препорачливо да се стане пратеник“, пишува „Арам Тајмс“.

Угледниот економски магазин додава дека пратеничката позиција, освен што нуди низа поволности, е и отскочна штица за други функции, како на пример, министерската, градоначалничката итн. Истовремено, функцијата пратеник не бара преголем ангажман и му дозволува на пратеникот да се занимава и со својот приватен бизнис, велат од „Арам Тајмс“.

Интерес за добивање пратенички мандат во Македонија веќе изразиле голем број странски административци и бизнисмени, што може поволно да влијае во однос на зајакнување на функционерскиот сектор.

„Арам Тајмс“ наведува дека освен пратеничката функција постојат и други функции и позиции во државната администрација кои нудат големи бенефиции, но не наведува детали во врска со тоа.

Слика: Павел Кучински