Дон Жуан, мит метафоризиран во естетика

08.01.2018 16:27
Дон Жуан, мит метафоризиран во естетика

The Finding of Don Juan by Haidee, 1878, Ford Madox Brown

 

Дон Жуан - созвучје на повеќекратноста

Бесконечноста, разоткриена во моцартовската музика, токму е бесконечност на играта, уметноста, без губење разум. Како антипод на романтизмот, Моцартовиот Дон Жуан ужива во тоа да ја развива комбинаториката. Тие сопруги се белези (да го запомниме изразов) на неговата конструкција: ако ги сака, тој не ги запоседнува како самостојни објекти, туку како меѓници на својата сопствена конструкција. Значи ли тоа дека тој, налик на Нарцис, само неограничено се сака себеси низ фантомите за кои може да копнее и во кои му се чини дека гледа жени? Не баш сосем. Музичкиот Дон Жуан е оттргнат од подземниот свет на морбидниот нарцизам, но без да го запоседне објектот. Почнувајќи од збирката љубовници и сопруги, тој го умножува својот свет, и од него прави политоп. Дон Жуан е музикален токму зашто нема Јас. Дон Жуан нема внатрешен живот, но, таков каков што ни се прикажува во своите лутања, бегства, разнолики колку и нестабилни живеалишта, тој е повеќекратност, полифонија. Дон Жуан, тоа е созвучје на повеќекратноста. Не треба премногу брзо да се заклучи дека тука станува збор едноставно за Нарцис кој станал параноиден. Реченицата би била прифатлива само ако ја пресвртиме: Дон Жуан успева таму каде што параноидната личност е неуспешна. Нему му поаѓа од рака да ги освојува жените, да го предизвикува Бога, за себе да изгради егзистенција, како што некој создава комична опера (опера buffa, италијанска комична опера, настаната во 18 век - прев.), на пример. Дон Жуан може. Донжуанизмот е вештина, како што тоа во некои времиња биле аристокрацијата или дендизмот. (Domna C. Stanton, на пример, во делото The Aristocrat as art /1980/, тврди дека одредена концепција за внатрешен живот, својствена за чесниот човек во 17 век па сè до денди-то, всушност е еквивалент за уметноста.)

Alexandre-Évariste Fragonard (1780-1850), Don Juan and the Statute of the Commander

 

Трагање по освојување без поседување

Прилично баналното признание дека желбата се храни со менување на објектот, овде допира една особина сосема специфична за Дон Жуан: трагањето по освојување без поседување. Иако витешка, односно антибуржоаска, таа непостојаност сепак, на субјективен план, ништо помалку не упатува на двојна динамика. Од една страна, ниеден објект на љубовта не е соодветен за заробување: ниедна од убавиците нема да може да биде Убавина која самата би била доволна да ја сопре трката на заводникот; ништо не е вредно за апсолутниот идеал, онолку ослободувачки за заводникот колку и тирански за заведените.

Од друга страна, откажувањето од поседување значи надминување на аналната фиксација, потребата да трупаме пари. Напротив, како што тоа го покажува целата сцена помеѓу Дон Жуан и неговиот кредитор господинот Неделко (чин 4, сцена 3), како и сцената меѓу Дон Жуан и сиромавиот кој добил златник, кој му го ветува самиот заводник ако го проколне Бога (чин 3, сцена 2), Дон Жуан се троши без сметка, но иако не ги плаќа своите долгови, тој воопшто не е скржавец. Неговата дарежливост го одврзува од какво било поседување, материјално или брачно: само му е важно задоволството на освојувањето.

Дали заводникот е самиот фалус? Привремената укротеност, периодичната моќ, трошењето до чиста загуба? Само движењето на ерекцијата и спласнувањето, фантазматичното бескрајно?

„Духот на сериозноста“ не пропушта себе да си го постави прашањето не ли постои, сепак самиот Дон Жуан, најпосле, не е поседувн од некој друг?

Don Juan and the statue of the Commander, Alexandre-Évariste Fragonard, 1830-1835

Уметноста на заведувањето?

Парадоксот на Дон Жуан на излезот од Средниот век, е што во него нема хуманизам. Неговата политопија, неговото задоволство во комбинирањето, неговото отсуство на врзувања, неговата смеа во друштво на забранетото и против забраните, го прават суштество без внатрешен живот со кое хуманистичката етика не може да се поистовети, наспроти амбициозните залагања на атеизмот во таа насока. Нели либертенството е повеќе стремеж од животот да се направи форма, игра, наслада? Не ја претставува ли либертенството исклучителната претензија од животот да се направи уметност? Поинаку речено, заведувањето на начинот на Дон Жуан, фалусната моќ на освојувачот по секоја цена, привремено или засекогаш, без објект и низ неодреденоста на нештата направени „подоцна или никогаш“, зарем тоа заведување не го наоѓаме само и единствено во динамиката на уметноста?

Don Juan of Austria, Alonso Sánchez Coello (1532–1588)

Заведувањето-сублимација

Крајот на Дон Жуан, обесен врз камената рака на Комтур, препуштен на пламените и смртта, на тој начин можеби не е само конвенционална морална осуда за да бидат задоволени богомолците и исправно мислечките. Во тој, во суштина екстатичен крај, би можеле повеќе да го видиме крајот на човекот - е за од заводникот да остане музика. За да се ослободи длабокото значење на митот: заведувањето е сублимација. Дон Жуан, значи, би бил самиот Молиер, виртуоз на театарската реторика. Или, уште подобро, Дон Жуан е Моцарт кој ја надминува правно-моралната смисла на легендата за од неа да ги ослободи сублимната радост на животот, проживеан како низа од конструкции, новотарии, ослободувања. Ако има љубов во тоа пијанство, тоа е љубовта да се направи отворено дело. Се разбира, дело за фаличката моќ која ја опфаќа скаменетата моќ на моралниот стереотип, која со него се храни и го надминува. Дон Жуан не се преплашува кога согледува дека тој, немилосрдниот заводник, мора да се подложи на сила што не ја признава. Како уметник, тој дури и не ѝ се препушта на состојбата на напуштеност која Христ ја запознава кога останува напуштен од Отецот. Дон Жуан, заводник-сублиматор, привремениот господар на едно недовршено-недовршиво дело, можеби е едноставно малку разочаран што мора да согледа колку неговата уметност, неговиот еротизам, неговата музика, неговите особини - се неделиви и несомерливи. Колку Законот како моќ на смртта, моќ на мртвото, е непречекорлив, последна гаранција за заедницата, за нејзината цврстина и тежина. „И кога само ќе помислам дека сакав да ве извлечам од пеколот...“ - тоа е можеби единствениот горчлив вкус што го чувствува казнетиот заводник кој, меѓутоа, ни најмалку не се откажува од своето трагање по убавина.

Ограничениот, и во крајна линија глупав живот на Комтур и неговите другари, од Зганарел-Лепорел до Дона Ана и Дона Елвира, ја разоткрива, меѓутоа, агресивноста на заводникот - жртвите се жалат на неговата „лошост“. Доминантноста на принципот на задоволство во донжуановскиот еротизам, но и во сублимацијата, на својот пат ги меле потребите и желбите на другите, го превидува нивниот внатрешен живот, и себе си става во задача само да ги вклучи да учествуваат во неговата сопствена наслада, создадена од промена на местата и од комбинирањето. Но таа наслада не е наслада на поданиците; тоа е наслада на Еден господар.

Робовите и жените се од поинаков материјал. Каква моќ (аналогна на моќта на заводникот или уметникот) тие можат да спротистават на еротскиот нагон разоткриен во својата суштина како нагон на смртта? Што се однесува до слугите: нема ниеден, освен убиецот на господарот, та така Револуцијата во тој момент не е можна, а во секој случај (иднината тоа ќе го покаже) е недоволна, до таа мера морето од крв е морално неподносливо и либидинално послабо од морето означители. Што се однесува, пак, до жените: раѓање, деца; Дон Жуан, меѓутоа, не е и татко ни родител, тој се задоволува со поминување. Се чини дека Бодлер бил единствениот што замислил Дон Жуан, „гнил од пороци и љубезности“, да има дете и дека неговата улога би требало да ја игра - жена.

Насладата кај Дон Жуан го надминува неговото задоволство. Текстовите не се задржуваат премногу на неговата сетилност, и можеби и не е причина само срамежливоста на тоа доба, ако помислиме на старофранцуските шеговити раскази во стих, на Сад или Рестиф. Би можеле дури да се запрашаме не е ли тој похотен освојувач на жените само едно бесчувствително дете, односно дека е можеби импотентен. Во секој случај, него не го возбудува сетилноста, колку и да е автоеротизирачка, туку да може да владее над доказот на својата моќ, за-ведувајќи ги од нивниот сопствен пат (se-ducere) сите тие жени што ги среќава.

Educación del príncipe don Juan, Martínez Cubells, 1877

Фалусот е вистинскиот заводник

Подвизите на пенисот се драматични, трагични, односно комични.

Фалусот, симболичката моќ, е вистинскиот заводник. Тој не исполнува, не разочарува, тој ви се обраќа само за да ве препушти на вашите сопствени можности кои се повеќе од автоеротски - фантазиски и симболички. Ако ги немате, ќе бидете заведени жртви: мажи и жени. Ако ги имате: ќе бидете освоени смеејќи се, што значи ставајќи ја победата на Дон Жуан на своја сметка со помош на вџасената идентификација. Така слободата може да се опише не како придобивање на смисла, туку отстранување на потиснувањето и осветољубивоста. Моќта на пенисот делува со својата меланхолична придружба, што е цена на задоволството. Фалусната моќ, пуштена во игра, го означува крајот на внатрешниот живот, смртта на Јас; таа е реализација на љубовта по себе, дејствена наслада. Затоа таа не постои... никаде другде освен во естетската фасцинација и во нејзиниот врв - музичката фасцинација. Сето друго е фантазам кој се случува помеѓу господарите и робовите, вечно повторување на крајот на историјата кој стапува на европската сцена веќе кон крајот на 17 век...

Richard Parkes Bonington, Henri III and Don Juan of Austria, 1828

Дон Жуан, мит метафоризиран во естетика

Донжуанизмот може да биде осамена, славна, парадоксално заштитена варијанта на тој „учинок на обвивката на машката еротика“, која не ја остава настрана ниту борбата тело-крај-тело со браќата (со нивните жени поставени меѓу нив), ни пријатниот трепет на тајната непослушност спрема едновремено застрашувачкиот и обожаван татко. Заштитена варијанта, имено, оти со своите оставени и соучеснички жртви, следбеникот на Дон Жуан не ризикува ништо: тоа се неговите женски двојници, внатрешни прикази на неговата наслада без објект, кои само ја зголемуваат славата на неговата „кауза“.

Останува сепак да заклучиме дека иако во сето тоа потрошените жени се само привиди или призраци, нивното постоење и функција не се помалку реални - невозможни се, но вистинити. Само низ призраци донжуановската желба себе си дозволува, отскривајќи ја можеби на тој начин, низ малите тајни на заводниците, нарцистичката илузија инхерентна на љубовниот однос.

Дон Жуан, мит метафоризиран во естетика, од тие илузии се враќа назад кон нивниот извор: барокното пијанство од знаци и нивната првобитна, музичка непостојаност...

Velázquez, El bufón llamado Don Juan de Austria, 1632

 

Превод: П. В.
Извор: Histoires d'amour, Julia Kristeva, 1983

Слични содржини

Култура / Теорија
Книжевност / Психологија / Теорија
Култура / Теорија
Култура / Теорија
Општество / Активизам / Култура / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото