Мажачка за џелатот

08.01.2018 17:01
Мажачка за џелатот

Беше осудена на смрт со бесење. Маж може да избегне ваква смрт само ако стане џелат, а жена ако се омажи за џелатот. Но во сегашново време нема џелати; затоа нема спас од казната. Постои само смрт, бесконечно одложувана. Ова не е фантазија, туку историја.

Да живееш в затвор значи да живееш без огледала. Да живееш без огледала значи да живееш само со себеси. Таа живее и без себеси, наоѓа дупка во ѕидот, а отаде ѕидот, глас. Гласот иде низ темнината и нема лице. Токму тој глас станува нејзино огледало.

Со цел да ја избегне смртта, станува збор за личната смрт, со скршен врат и здебелен јазик, таа мора да се омажи за џелатот. Но бидејќи нема џелат, таа мора да го создаде, мора да го убеди овој човек на крајот од гласот, гласот што никогаш не го видела и кој никогаш не ја видел, оваа темнина, мора да го убеди да се откаже од своето лице, што има очи но не и уста, таа маска на мрачен лепрозен човек. Мора да му ги преиначи рацете за да можат да стават мајка на вратови издвоени како нејзиниот, но не и на нејзиниот. Таа мора да се омажи за џелатот и за никој друг, што и не е толку страшно. А со кого друг би се мажела?

Се прашувате за нејзиниот злочин. Беше осудена на смрт за крадење алишта од нејзиниот газда, од жената на нејзиниот газда. Сакаше на тој начин да се разубави малку. Ваквата желба на слугите беше незаконска.

Таа го користи својот глас како рака, тој посега отаде ѕидот, милува и допира. Што би можела да му рече со цел да го убеди во својата намера? Тој не беше осуден на смрт, требаше наскоро да го ослободат. Какво искуќение беше тоа на кое подлегна? Можеби сакал да живее со жена на која ѝ го спасил животот, што ја видел под земја, но којашто сака да го следи назад во животот. Тоа му беше единствена можност да стане јунак, барем за една личност, оти кога ќе стане џелат другите ќе го мразат. Беше во затвор поради тоа што со меч му повредил прст на десната рака на друг човек. Но и тоа е историја.

Моите две пријателки ми ги кажуваат своите приказни што не се за верување, но се вистинити. Тоа се приказни за ужаси какви што не ми се случиле мене, барем сè уште не ми се случиле мене, или ми се случиле, но толку сме оттуѓени во себеси, што со ужас ја гледаме нашата неверица. Такви нешта не може нам да ни се случат, попладне е и такви нешта не се случуваат попладне. Проблемот е, рече таа, во тоа што немав време да си ги ставам очилата, а без нив слепа сум како лилјак, не можев дури ни да видам кој беше тој. Такви работи се случуваат, а ние седиме околу маса и прикажуваме за нив за на крајот да си веруваме. Ова не е измислица, ами историја, имало повеќе џелати и поради тоа некои од нив останувале без работа.

Тој рече: крај на ѕидиштата, крај на јажињата, отворање врати, поле, ветер, куќа, сонце, маса, јаболкница.

Таа рече: брадавица, раце, усни, вино, стомак, коса, бедра, очи. очи.

Обајцата си ги одржаа ветувањата.

Џелатот не е некој лош човек. По работата се упатува кон фриидерот и јаде од тоа што останало во него, иако не брише ако нешто случајно му се истури. Сака само едноставни нешта: стол, некој да му ги собуе чевлите, да го следи внимателно додека зборува со восхит и страв, а може и со благодарност, некој врз кого ќе се испружи за одмор и обнова. Ваквите нешта може најдобро да ги добие ако се ожени со жена што била осудена на смрт од други мажи поради тоа што сакала да биде убава. Постојат толку многу нешта.

Сите му рекоа дека бил будала.
Сите ѝ рекоа дека била умна жена.
Велеа, го фатила во јамка.

Што си рекле кога првпат останале сами во иста одаја? Што ѝ рекол кога го кренал велот од себе и кога видел дека таа не е само глас, туку и тело, па затоа и смртна? Што му рекла таа кога открила дека оставила една заклучена соба за друга? Зборувале за љубов, нормално, иако тоа не ги држело зафатени засекогаш.

Точно е дека нема приказни што би им ги кажала на моите пријателки за да им стане подобро. Историјата не може да се избрише, иако може да се тешиме кога размислуваме за неа. Тогаш немало женски џелати. Ниту, пак, кога и да е, па така ниту еден маж не можел да се спаси со женачка. Но жена можела, според законот.

Тој рече: стапало, чизма, ред, град, патишта, време, нож.

Таа рече: вода, ноќ, врба, јазол-коса, земја-стомак, пештера, месо, покров, отворен, крв.

Обајцата си ги одржаа ветувањата.


Белешка: во Квебек од осумнаесеттиот век единствен начин еден маж да ја избегне пресудата на смрт со бесење бил да стане џелат, а жена да се омажи за џелат. Франсоа Лорен, осудена на смрт за кражба, го убедила Жан Королер, затворен во соседната ќелија да се пријави за испразнетото место на џелат и да се омажи за неа.

 

Превод: Зоран Анчевски
Слики: Александра Валишевска

ОкоБоли главаВицФото