Постмодерна фуга 2

08.01.2018 18:44

Се втурнав во огромната универзитетска сала наречена Улица
и од петни жили се трудам да забележам сè, ама кришум,
секој може да види дека копнеам по нешто друго и на друго место,
нешто во боја на побеснет ветер
но мандалата како никаквица ме следи насекаде
моја е и не е моја, внатре е кога е надвор
и надвор кога е внатре, молчам кога зборува и зборувам кога молчи
структурите на Јунг личат на небото преполовено на две
од мојата мечтателна душа

ако порано пишував поинаку - е зашто бев никаквица.
а една никаквица секогаш го сака она што не го сака.
Една никаквица зема пари од сиромашните
и им ги дели на богатите.
една никаквица сака да има се иако е никаквица.
Понекогаш е Христос, понекогаш апсолутна празнина.
Понекогаш е апстрактна понекогаш пропадната во твојот поглед.
Понекогаш фанатична
понекогаш дури и премногу попустлива
со својот ближен.
надвор паѓа ситен дождец иако сонцето се уште не се повлекло засекогаш
кон небесната страна што не се ни трудам да ја разберам,
ниту да ја запознаам.
на другата страна малиот бог го гаѓа со каменчиња Големиот Бог.

прогонета талкам по патот полн каменчиња изгубени како мене
толку ми се тврди табаните што би можела да запалам свеќи врз нив
толку ми е длабока устата што би можела да закачам црно знаме во неа
толку многу сте присустни ти и твојата сенка
во моите бели дробови
во устата во стомакот празен и шуплив
што би можела да водам љубов со тебе дури и мртва.

толку многу би можела што не можам.
Горниот како и долниот крст
се насекаде присутни како воздух.
колку повеќе сакам да се ослободам од крстот
толку повеќе крстот ми се згрутчува во крвта,
под кожата, во носот, грлото и ушите.
целата сум крст. крст со очи нос и уста.
крст без свеќи, без сенка, без светлина и без мрак.
крст едноставен како заклан петел.
огромен крст како тело на заостанато девојче
крст како книга закопана в земја.

а фугите на Бах ме потсетуваат на белите брези
од бесмртната шума на Краков

Превод: Лидија Димковска

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото