Два погледа на Ерусалим

09.01.2018 11:26
Два погледа на Ерусалим

Јехуда Амихај

 

Доналд Трамп не е голем читател. Самиот рече дека подолго читање не му е потребно, зашто за донесување одлуки му се доволни знаењето кое веќе го поседува и извесна доза здрав разум. Но за одлуката за Ерусалим и локацијата на американската амбасада во Израел можеби сепак би било корисно нешто да се прочита. Додека бирав божиќен подарок со кој претседателот би можел да го поткрепи своето знаење за оваа тема, избегнував пообемно четиво и избрав две книги кои би му пружиле најдобар увид за најкратко време: збирката песни на израелскиот поет Јехуда Амихај за Ерусалим и книгата на палестинскиот адвокат Раја Шехадех „Палестински прошетки“. И едната и другата книга даваат странична, оригинална перспектива и го пренесуваат длабокото чувствување на Ерусалим. И едната и другата можат да се читаат со скокање (секое поглавје од книгата на Шехадех е заокружена прошетка). Двете се во склад со инстант потребите на американскиот претседател.

Амихај, најпознатиот израелски поет, живееше во Ерусалим. Умре во 2000 година. Напиша чудесни песни за својот роден град кои успеваат да ја доловат сеприсутната тежина на неговата историја во единствената злокобна атмосфера: „Ерусалим, единствениот град на светот/во кој дури и мртвите имаат право на глас“. Тој го опишува градот кој лежи меѓу брда и „не е налик на Њујорк“, закочен во иста положба на стартната линија веќе 2.000 години. „Како некој може да биде градоначалник на ваков град?“ се прашува Амихај во друга песна. „Што да прави со него? Ќе гради, ќе гради, ќе гради“. Поетот замислува страшна слика: како брдата ноќе се прикрадуваат кон камените куќи како волци. Библиското минато на Ерусалим постои паралелно со неговата сегашност благодарение на јазикот кој се движи помеѓу древните слики и современиот идиом: пророци, автобуси, бомби, смоквини стебла и пералница. Тоа е град на напнатост и потиснато насилство „изграден на покриените темели на потиснатиот крик“. Ерусалим на поетот предизвикува стравопочит. Човек не би сакал да зафркне нешто тука.

Имав среќа да го запознаам Амихај во средината на деведесеттите и еден викенд да прошетам со него низ Стариот град додека носеше купени намирници дома. Кога поминувавме покрај Давидовата кула, старата тврдина во близина на портата Јафа, сфатив дека штотуку доживеал една од своите песни. Во „Туристи“, додека седи покрај кулата со двe полни торби, Амихај забележува дека еден туристички водич го користи како ориентир за да ѝ покаже на својата група некоја римска арка. Искупувањето ќе дојде, пишува Амихај, дури кога водичот ќе ѝ рече на својата група: „Ја гледате ли онаа арка од римско време? Таа не е важна, но лево од неа, малку пониско, седи човек кој купил овошје и зеленчук за своето семејство“. Амихај смета дека своето внимание треба да го посветиме на човечките односи во сегашноста, а не музеите на минатото.

Раја Шехадех

Прошетките на Шехадех по Западниот брег се најсилно сведоштво за влијанието на окупацијата. Пораснал во таа земја и шета по неа од втората половина на седумдесеттите, но простото задоволство на пешачењето постепено се намалувало поради ширењето на населбите и изградбата на ѕидот. Одењето е така и политички чин. Шехадех говори за горчливото губење на пејзажот. Како адвокат кој безуспешно се обидува да се спротивстави на грабањето на палестинската земја, тој ги открива размерите на израелската стратегија на градење населби долж Западниот брег. Тој ги преплетува правничките прашања со детални лирски описи на своите прошетки, засолништа од окупацијата.

Бидејќи се навикнавме да ги читаме палестинските автори во политички контекст, четивото за брдата, цвеќето, пролетта и браздите е вистинско откровение: таа панорама ни ја пружа истата онаа радост која може да ја доживее секој кој талка низ убав предел. Шехадех, кој веќе 27 години ги опишува своите прошетки, набљудува како тој пејзаж исчезнува зашто ритчињата се уништуваат и патеките стануваат непроодни поради ширењето на израелските населби. Во време кога светот го прославуваше договорот од Осло во 1993 година, Шехадех на свој ужас откри дека тој договор нема да придонесе за спречување на израелската експанзија. Се чувствувал осамено меѓу своите сонародници, кои го уверувале дека PLO ќе створи нова реалност.

Предвидувањата на Шехадех произлегуваат од истражувањата и познавањата на израелската тактика. Се покажало дека неговата тегобна слика на иднината била точна. Мудроста на Амихај произлегува од друг извор: имагинативната реакција на уметникот на она што го опкружува - „прашината сигурно е мојата свест, каменот мојата потсвест“.

Да се надеваме дека барем една песна за Ерусалим и една прошетка низ овој град имаат шанса да се пробијат на списокот на лектирата на претседателот кој повеќе ги сака пасусите и поглавјата од целите книги.

Извор: The Guardian, 16.12.2017.