Постмодерна фуга 3

10.01.2018 11:18

Влегов на мала врата во поезијата.
ми се мавтаа под здолништето, божем партали,
големите теми, како што е болеста.
болеста се врткаше околу мене уште од дете и ми се вгнезди
во белите дробови и во душата. градите и душата ми се болни.
плукав крв по ѕидовите, ги прскав со облаци од крв прозорците
и сакав сосила да влезам во твојата градина.
ми се лизгаа низ вените тевтонските змии
на бактеријата јадачка на белодробно ткиво.
те посакував во смртна треска што ми избиваше од очите.

би можел ли да ми го растераш сомнежот од душава
небаре мала златна двоколка во која е затворена
кралицата на твојата душа?
би можело ли оваа двоколка да ја снема нечујно од пред очи
токму кога небото се смрачува и грми како човек
со помрачен ум?
Боже, ќе преминам преку сите разбирања и закони,
па дури и преку трепкањето на твоето лево око
кога со невидено уживање го затвораш десното.
ќе преминам и преку тебе. одново и одново.
зошто би водела сметка за тебе кога и онака се вели
дека си големото отсуство? но ова отсуство доаѓа како овца,
како стадо овци, како воз
полн со затворени животни меѓу камени плочи
и ми се фрла, само еднаш, пред нозе.

Боже, колку било убаво овца на плеќи
да си го трие мевот од моите нозе.

ја украсив задната врата на поезијата со венчиња од миризливо цвеќе
и кожи од одрани животни, си ја украсив портата како што знев и умеев,
ја подмачкав со длабоко езеро и ја обложив со огледала
во кои главата ми изгледа откината од телото
и стои, со ококорени очли, над прозорската рамка на вратата.
ми се скамени главата над вратата излакирана со длабоко езеро.
ми замрзна крвта во главата.
ми се здрви окото од толку гледање.
ми отрпна раката од толку работа.
ми се скамени поезијата.
ако е поезија, тогаш стој со сабја над мојата
неподвижна глава,
со ококорени, здрвени очи и со фатена уста.
светлината се провлекува под прагот, надоаѓа,
се пласти и рика:
што и да направиш, каде и да бегаш и колку и да бараш
ти си (метафизичка) идиотка во тешки страдања.
ти не ни сакаш да пишуваш, туку само да постоиш,
па токму затоа ти велам, треба да пишуваш
за да постоиш и да постоиш за да пишуваш,
ти си златната двоколка што стои пред мојата скаменета врата.
ти си чаршафот со реси од црна, сјајна волна на масата во дневната.
ти си дом во внатрешноста на вратата.
а таму стојам јас.
или во мојата внатрешнина стои вратата.
стои потпрена на двете нозе, раширени, со оружје в рака.
застаната на свои нозе стои на мене.
така си мислев додека главата скаменета се врголеше внатре.

Превод: Лидија Димковска

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото