Двата Берлини на Европа: за политичката економија на фашизмот и за нејзините европски последици*

10.01.2018 13:58
Двата Берлини на Европа: за политичката економија на фашизмот и за нејзините европски последици*

Во текот на 1934 година, по експанзијата на фашизмот ширум Европа, италијанскиот поет и антифашист Џузепе Антонио Боргезе го пишува следното: „Ниеден пророк повеќе од еден век пророштво [...] не можел да замисли ништо слично на фашизмот. Во видокругот на иднината имало сешто, од комунизам до синдикализам и што сè не; од анархизам и легитимизам; постоеле пангерманизмот, панславизмот и Жолтата опасност, но немало фашизам. Тој ги изненадил сите, па и самиот себеси.“

Еден од главните митови на фашизмот, митот кој воедно е пресуден за европската левица денес колку и во дваесеттите, може да се прочита токму од овие редови. Имено, фашизмот како најмлада политичка струја во Европа секогаш се сметал за новитет – додаток кој колку е насилен толку е и непредвидлив, како да е во прашање феномен кој ѝ е туѓ на Европа или создаден ex-nihilo.

Ваквиот начин на размислување, присутен меѓу либералните мислители и дури и некои делови од левицата, е последица на недостатокот од концептуализација на фашизмот не само за неговиот однос спрема капитализмот, туку и спрема европскиот политички контекст од кој потекнал. Оние што го сметаат фашизмот за европски „анти-феномен“, односно нешто што е ирационално или туѓо за европските политички традиции, забораваат дека тие традиции – меѓу нив и либерализмот – и денес носат некои од противречностите кои првенствено довеле до негово исчезнување. Исто така, оние што го сметаат за историска сингуларност или феномен кој некако „ги надминува“ историските истражувања, ги негираат неговите мошне историски ефекти во рамки на другите политичко-економски конфигурации како оние во нашата неолиберална сегашност. Најпосле, оние кои едноставно укажуваат на непостоењето консензус меѓу историчарите, социолозите или филозофите, подеднакво се ограничуваат на претставата на фашизмот како празен поим, распарчен на разни форми микро и макро-фашизми без никаква основа во владејачката политичка и економската криза, како некогаш така и сега. Меѓутоа, токму во поглед на современиот европски неолиберализам треба да се земе предвид фашизмот како нешто што и тоа како е домашно на европското тло. Затоа, наместо оддалечување од фашизмот би требало, како што рече Ишај Ланда, да го „позападњачиме“ фашизмот: имено, мора да го посматраме фашизмот повеќе како последица на европските политички и економски традиции отколку како производ на обични околности. Во таа смисла, „новитетот“ на фашизмот впрочем не е никаков новитет во целосната смисла на зборот: ако тој некогаш воопшто бил непредвидлив, без разлика дали од страна на марксистите или пророците, тоа не значи дека не бил присутен. Напротив, прашањето не е дали постои сличност со европските политички традиции, туку како да се објасни.


1. Фашизмот и либералната „поделба“

“Hinter uns das All; Mituns die
Gemeinheit; Gegen die Allgemeinheit”1
Einstürzende Neubauten,
Headcleaner

„Пред сè, тука е и впечатливиот факт дека
почетокот на процесот не е „раѓање“ на фашистичките организации [...]2
Никос Пуланцас, Фашизмот и диктатурата

Во едно поглавје од „Доба на крајности“ под наслов „Падот на либерализмот“, Ерик Хобсбаум го бележи брзото повлекување на либералните политички институции ширум Европа. Уставната власт заснована на демократски избори кои биле речиси универзално присутни пред војната, речиси и да се искоренети во период од 20 години, помеѓу маршот на Рим и зенитот на Силите на оската. Британија, Финска, Слободната Ирска држава, Шведска и Швајцарија биле единствените држави кои не ги распуштиле своите законодавни собранија и кои контстантно ги имале за време на војната. За разлика од нив, другите европски земји, па дури и оние кои целосно го отфрлиле фашизмот, комплетно ги распуштиле. Парламентите – обележја на претставничката демократија и граѓанското општество – речиси исчезнале. Зошто се случило тоа и зошто е толку важно за некој како Хобсбаум да го вклучи тоа во својот осврт за развојот на фашизмот?

Најпрвин, оваа врска помеѓу повлекувањето на либералните институции и создавањето на фашизмот, секако, не е случајност. Меѓутоа, наспроти вообичаените објаснувања, нивното повлекување не го „предизвикало“ фашизмот. Меѓу другото, самите фашисти се обиделе да ја присвојат власта по пат на демократски избори: Националсоцијалистичката партија на Германија на почетокот се обидела да обезбеди мнозинство на германските федерални избори во март 1933 година, додека коалицијата на Мусолини уште претходно освоила убедливо мнозинство на општите италијански избори, 10 години претходно. Затоа, наместо вера во некаква банална спротивност помеѓу фашизмот и либерализмот односно идејата дека нивниот конфликт довел до рушење на европските парламенти пред 100 години, причините за тоа мора да ги бараме на друго место. Имено, според Хобсбаум, на парламентарната демократија не ѝ пресудиле фашистите туку тоа најпрвин го извел самиот либерализам: напнатоста помеѓу либерализмот и неговите сопствени демократски институции според него била таква што тој морал да се сруши заради внатрешните противречности. Тој наведува неколку: прво, парламентите не можеле да создадат согласност на која биле обврзани да се потпираат. Второ, владејачката либерална теорија никогаш не го препознала ниту истражила она што го знае секој политичар, антрополог или социолог, а тоа е нужноста за диференцирање помеѓу различните механизми за внатрешно функционирање на „народот“ како апстрактен политички субјект. Затоа, либералната демократија останала слепа за класите кои за возврат ги оштетиле нејзините демократски склоности. И, трето, според него демократиите впрочем не ни можеле да владејат: дури во 20 век се создале прилики во кои владите навистина морале да владејат. Бидејќи не биле предвидено да владејат самите туку да ги постават границите за оние кои го правеле тоа, затоа парламентите морале да ја променат својата улога. Парламентите, вели Хобсбаум, требало да работат како кочници, а завршиле како мотори – во согласност со тоа, либералната идеја за државата-чувар морало да исчезне од сцената.

1.1 Критиката на Хобсбаум

Иако, Хобсбаум со право се противи на симплицистичкиот поглед на либерализмот и фашизмот како опонентни сили, неговото објаснување е фаталистичко, па со самото тоа и идеалистичко. Според него, парламентите морале да пропаднат заради своите внатрешни противречности. Останува мистерија зошто тоа се случило токму со подемот на фашизмот. Ваквото фаталистичко размислување за жал е сродно со она што го мислела Третата интернационала за фашизмот во тоа време – имено, дека фашизмот „ќе пропадне сам од себе“, веројатно без борба (оттука и отсуството на обединет антифашистички фронт сè до говорот на Димитров кога нештата веќе излегле од контрола); како на фашизмот некаде „во судбината“ да му е запишано дека ќе има краток живот, дека никако нема да трае, а камо ли да доведе до експанзија на капитализмот. Меѓутоа, како што од ден на ден ги гледаме и доживуваме противречностите на капитализмот додека тој опстојува и натаму, исто така опстојувала и политичката економија на фашизмот. И покрај тоа, ова воедно важи и за парламентарната демократија: не ѝ било „судено“ да се распадне самата од себе. Меѓутоа, сигурно не е случајност тоа што се срушила во текот на дваесеттите години од дваесеттиот век и што се рехабилитирала дури после Втората светска војна. Нема ништо „судбинско“ во тоа и токму затоа треба да се бара подобро објаснување.

Затоа, да почнеме со критиката на Хобсбаум. Недостасуваат две нешта: прво, фактот дека парламентите на почетокот од 20 век, првпат од сопственото основање веќе не биле места исклучиво за повисоките општествени слоеви. По Октовриската револуција во Русија почнале да се појавуваат работнички партии ширум Европа – со други зборови, партии што ѝ овозможувале на пониската класа да влезе во парламентите кои дотогаш биле резервирани само за повисоките класи. Второ, противречностите во самите повисоки класи постојано го доведувале парламентот во ситуација во која било неопходно самата парламентарна демократија да се сведе на минимум или привремено да се суспендира. Секако, парламентите се растурале и претходно, исто како што и претходно во конфликт доаѓале и интересите на нивните членови-партиите. Меѓутоа, никогаш самата институција на парламентарната демократија не морала трајно да се деконструира за тие да се разрешат. Затоа, тезата на Хобсбаум за исчезнувањето на парламентарната демократија мора да се надополни со уште нешто.

Имено, според споменатиот Ишај Ланда, „нужен историски предуслов за фашизмот била внатрешната тензија помеѓу политичките и економските димензии на самиот либерален поредок3. Историјата на таа поделба Ланда ја Следи од Фокс, Берк, Спир и таа се протега сè до Хаек, Мизес, Фридман и така натаму. Може да се каже дека таквата поделба во рамки на либерализмот овозможила и рушење на институциите што ги споменува Хобсбаум: дури кога пораснало политичкото влијание на пониските класи во рамки на парламентите и кога економските интереси на повисоките класи не можеле да се одржат во рамки на парламентарната демократија, таа се срушила дури тогаш. Секако, не треба да се обвинува самиот либерализам за фашизмот, но делејќи се на политички и економски либерализам, она што Ланда го нарекува предуслов за фашизам преку исклучување на политиката од економијата, најпосле било овозможено4. Затоа, како што наведува Хобсбаум, може да се каже дека противречностите на самиот либерализам довеле до колапс на парламентарната демократија, но не и дека тоа морало да се случи така. Разликата е во тоа што второво остава простор да се објасни како се случило тоа: а, тоа се случило преку воспоставување на она што Рајнер Кинл ќе го нарече фашистички облици на владеење, кои насилно го надоместиле претходниот laissez-faire; други сценарија биле можни, но не се случиле. Како и зошто фашистичката форма на власт го променила либералниот амалгам на laissez-faire и парламентарната демократија – ќе биде тема во наредните поглавја.

2. Надвор од аналогијата: прашањето за методите

Најпрвин, да се вратиме на Ланда. Секако, фашизмот треба да се направи „позападњачки“, како што вели Ланда, и да се бараат неговите европски корени во противречностите на споменатиот амалгам на laissez-faire/парламентарната демократија, но токму тој не ни кажува ништо за начинот на кој би требало да го направи тоа. Наместо тоа, Ланда како да е задоволен од самиот факт дека помеѓу нив можат да се повлечат аналогии. Меѓутоа, тоа никако не е доволно: повлекувањето сличности помеѓу фашизмот и либерализмот може да биде само од мошне ограничено значење. Да се сетиме на споменатата Интернационала: употребата на аналитичко размислување впрочем оди подлабоко кога станува збор за фашизмот: првото аналитичко оружје кое го имала Интернационалата против фашизмот била токму аналогијата со марксовиот „18 бример на Луј Бонапарта“, кој долго се сметал за прото-фашистичка студија откако Аугуст Талхајмер го втемелил она што подоцна ќе се нарече теорија на бонапартизмот5. Теоретското слепило на Интернационалата како и современите прикази на фашизмот во контекст на дефамизација на неолиберализмот споделуваат подеднакво симплистичка црта која не навлегува во поредокот на нештата во рамки на самиот фашизам, нешто што ќе го покажеме подоцна. Затоа, тука немаме намера да се фокусираме на одредени мислители или да докажуваме дека за секој економски либерал постои некој нацистички еквивалент – Ланда се занимавал токму со тоа. Напротив, наместо позитивистички компарации, потребна е анализа на начинот на кој тие се поврзани. Наместо аналогија, тука од најголема корист може да биде токму она што често се заборавало или пак од различни причини се отфрлало, дури и во рамки на самите марксизми од 20 век6. Се мисли на критиката на политичката економија на фашизмот, која per definitionen го согледува односот на фашизмот и либерализмот со капитализмот, алката што ги поврзува.

3. Политичката економија на фашизмот

Кога станува збор за оваа врска, секако дека не е доволно само да се повтори фразата на Хоркхајмер во однос на фашизмот и капитализмот, или односот на фашизмот и либерализмот преку противречностите на таканаречениот „монополен капитализам“ (Третата Интернационала) или „доцниот капитализам“ (Франкфуртската школа) како што е нарекуван. Секако, наспроти инфлацијата на овие поими, спецификацијата на европскиот фашизам не може едноставно да се сведе на одредена историска „фаза“ на капитализмот ниту би требало да се „универзализира“ до ниво на сеприсутен феномен – што и натаму се прави во либералната левица. Според тоа, секој говор за политичката економија на фашизмот ќе мора да се движи помеѓу овие два пола – помеѓу историскиот редукционизам и универзализацијата на фашизмот. Тука од повеќе причини ќе се фокусираме исклучиво на европскиот фашизам и на специфичниот случај на германскиот националсоцијализам: пред сè, заради фактот дека токму Германија, а не Италија или Јапонија, била таа која во економска и политичка смисла го довела фашизмот на светската сцена, што го прави и тоа како поразличен од другите фашистички земји7. Препознавањето на оваа специфичност не подразбира сведување на одреден историски контекст (како што се случувало кај некои германски историчари во Historikerstreit8). Специфичноста на фашизмот во Германија не значи дека фашизмот е специфичен само за Германија, туку дека специфичните особини на германскиот фашизам се тие што се покажале како клучни за ширењето на самиот фашизам. Ова ќе биде тезата врз чија основа подоцна ќе ја објасниме специфичноста на Германија за создавање на ЕУ со неолиберални карактеристики, преку процесот за насочување на нејзиниот развој како извозно-ориентирана економија во повоениот период9. Затоа, анализата на првиот би можела да ги осветли и аспектите на последниот развој на ЕУ. Со оглед на мошне специфичната улога што ја играло наследството на германскиот националсоцијализам во однос на повоениот европски развој, може да се каже дека оживувањето на неолиберализмот повеќе било одредено од последиците на претходниот laissez-faire период. Затоа, во тој контекст ќе се занимаваме со политичката економија исклучиво на германскиот фашизам.

Слики: Готфрид Хелвајн
Превод: Алек Кузмановски

*Овој текст претставува проширена верзија на предавањето одржано на Институтот за филозофија и општествена теорија во Белград во рамки на конференцијата „Liberalisms and Anti-Liberalisms: Challenges and Alternatives“, под назив The Twin Berlins of Europe: on the Parallel Tendencies of Liberalism and fascism во октомври 2015, достапно на https://youtu.be/-BCVqcNFZn4?t=1497


1
https://www.youtube.com/watch?v=uzEsimSWjNA

2Nicos Poulantzas, Fascism and Dictatorship:The Third International and the Problem of Fascism, Verso, London, 1979, стр. 66

3Landa, Ishay (2010), The Apprentice’s Sorcerer: Liberal Tradition and Fascism, Leiden: Brill, стр. 21

4На ова би можеле да се додадат и описите на Пуланцас за конкретноста на германскиот развој во чија индустријализација изостанале либерално-еманципаторските димензии на буржоаската револуција, заради што, меѓу другото и Постоне ја нагласувал специфичноста на германскиот нацизам и германскиот модерен анти-семитизам како вид на крајна конкретизација на стоковиот фетишизам, наспроти голиот расизам. Повеќе за тоа: Postone, Moishe (2001), Anti-Semitism and National Socialism: Notes on the German Reaction to “Holocaust”, Socialist Review, 97-115 и Poulantzas, Nicos (1979), Fascism and Dictatorship: The Third International and the Problem of Fascism, London: Verso

5Додека Талхајмер јасно се воздржувал од изедначување на фашизмот и бонапартизмот, тој сепак го анализира фашизмот низ призмата на анализата на Маркс за одредени класни односи на државниот удар што ги извршил Луј Бонапарта: слабата индустриска буржоазија во создавање која заради безбедност му ја предала контролата на извршниот апарат; идеолошки слабиот пролетаријат кој морал да ѝ се спротивставува на буржоазијата и контра-револуционерното селанство под команда на „бонапартистичката“ војска-лумпенпролетаријат, која се опишува како ентитет „без никакви идеолошки и слични врски со одредена класа чие ѓубре се.“ Ова сепак било прото-облик на анализа за она што се случува на врвот, нешто што навистина ќе остане пресудно за анализа на фашизмот, иако не во форма на аналогија како што се претставува кај Талхајмер.

6Повеќе за тоа: Dolar, Mladen (1983), “Marksistički teorijski obračun s fašizmom”, во: Marksizam u svetu 108 (8): 5-28.

7Според Хобсбаум, фашистичките движења ширум Европа се интензивирале дури откако на Германија ѝ се случила 1933 година, и дури откако фашистичкото упориште се зацементирало во Италија и Германија. Факт е дека фашизмот, спротивно на сопствените националистички претензии бил впрочем меѓународно движење, пред сè, благодарение, според Хобсбаум, најмногу на специфичностите на германскиот случај од кој останатите фашизми извлекувале политичка, општествена и финансиска поддршка.

8Како Нолте и дебатата за историските истражувања и положбата на добата на нацизмот во германската национална историја. Види: Peter Baldwin (ed.), Reworking The Past: Hitler, The
Holocaust and The Historians’ Debate,
Beacon Press, Boston, 1990.

9Заради ова го занемаривме интегралниот пристап и се одлучивме за пофокусираниот: првиот мора да ги опфати случаите на Италија, Јапонија, Шпанија, португалскиот саларизам, индонезискиот неофашизам, белгиската рексистичка партија итн., како и објаснувањето на квинслинзите од периферните држави (како четничкото или усташкото движење во некогашното Кралство Југославија). Затоа мораат да се превидат огромните разлики помеѓу нив, и различните влијанија кои ги оставиле на повоена Европа, а кои никако не можеле да бидат симетрични. Понатаму, би требало да биде јасно дека нивните влијанија не следат и не можат механички да следат од априорната дефиниција на фашизмот како таков, на која потоа би можел да се потпре таквиот пристап. Ова не значи дека тие случаи не биле важни, туку дека нивното влијание на повоена Европа било со помал интензитет и помалку пресудно за формирањето на самото ткиво на економската и политичката мисла на европскиот неолиберализам отколку што бил специфично германскиот фашизам.
 

 

 

 

Слични содржини

Став / Теорија / Историја
Свет / Теорија / Историја
Стрип / Култура / Теорија / Историја
Општество / Став / Теорија / Историја

ОкоБоли главаВицФото