1014 hPa
46 %

19 °C
Скопје - Вто, 13.05.2025 12:59
Животот е минлив, и менлив. Политичките системи се минливи и менливи, тоа го видовме и „во живо“. Општествата постојано се менуваат. Ако сакате, менливоста е суштината на универзумот! Па оттука и културата и уметноста се менливи. Освен кај нас. Или, ако некако се намолиме да ја прифатиме менливоста како несоборлив аргумент, барем да биде што помала, минорна по можност, и да не чепка во стекнатите/наследените права. Но, таква култура, таква уметност – не постои! Барем во познатиов свет. Ние би сѐ да е по старо. И е, што е најинтересно. Желбите ни се исполнуваат, како и на сите идиоти. Додека светот чекори напред во километри во културата и уметноста, ние одвај мрдаме за сантим-два, често и во обратна насока. Влезете во некој од скопските/македонските изложбени простори и ќе видите уметност како од пред три-четири децении. Не само како израз туку и како организација, поставка, концепт… Кај нас луѓето уште си шкрткаат и си ги (пот)пишуваат имињата врз уметничките дела како пред двесте години во тунелите на египетските пирамиди или врз колосалните столбови на Карнак и Луксор. Ако пак ова се случува во национални институции, како ли е другаде?
Сосема слична ни е состојбата и во музеите, во театрите, не само со творечкиот израз што соодветствува на некое време пред половина век туку и со вкупниот третман на поставките, на изведбите, на односот кон публиката… Па нели го чекаа шутракон цел час за „концертот“ апропо нивното партиско „отворање“ на Филхармонијата? (Ако ги спомнам библиотеките ќе преминам веќе во средниот век, а не сум подготвен за тоа!). Кај нас уште сите сакаат да бидат на државниот буџет зашто се плашат од паланечкиот ум на општинските власти и нивниот „однос“ кон културата. Ќе ги остават на улица! И не дека тоа не е разбирливо, ама сепак – ова е дваесет и први век. Нештата и во оваа држава, без оглед што е на Балканот, треба да почнат да се менуваат, нели?! Ама ние, по ѓаволите, градиме „ново културно наследство“, и тоа врз старото културно наследство!!! Како на Плаошник, како на скопското Кале, како со објектот на Муличковски. Државата (секуларна!) сѐ уште гради и цркви, и џамии! Знаеме ли воопшто во кој век живееме?
Нам (и) во културата и уметноста не ни се потребни трансформации, па дури ни промени, па нека се и со големо „П“. Нам ни е неопходен силен бран – некакво културно цунами – кое што ќе ги збрише старите односи, наследените „права“, закостените разбирања. „Новиот културен бран“ во таа смисла беше само летно ветре, иако навести некакви потенцијални бури.
Културната политика (барем во) Европа е политика на дилеми што постапно се разрешуваат, низ теоријата и низ праксата. Ние како да ги немаме. Дилемите. (Божем) сѐ кај нас е познато, јасно, чисто… А не е, воопшто. Сѐ е уште како, на пример, во осумдесеттите години на минатиот век, само многу полошо. (Тогаш, барем во ликовната уметност, имавме сериозни поместувања – еве, прв на ум ми паѓа Глигор Стефанов и неговите тогашни инсталации – а денес не знаете кој е поочаен: професорите на ФЛУ или нивните студенти!). Ние сѐ уште живееме во времето на државните команди и се крстиме во нив. Но времето на командите одамна е поминато. Денес државата може, и треба да влијае, но не да командува. Впрочем, тоа го имавме токму до вчера. Со очајно лоши и криминални команданти. Но македонската култура уште чека команди. Така ѝ е покомотно, сака друг да ѝ каже што и како да прави. Ама тоа да биде лефтерно, онака – благонаклоно, со молење ако може.
Европската теориска мисла (Бианкини, Ландри, Матерасо и многу други) размислува за дилеми во културата, во уметноста, оние од типот дали културата е уметност или начин на живот, за културната демократија или демократизацијата на културата, за уметноста како јавно добро или уметноста како кондиционална активност, за уметноста како субвенција или инвестиција итн. И тоа се дилеми од пред дваесетина година, што ќе рече дека денес се веќе разрешени, или на пат кон разрешување, низ културните политики на сериозните културни демократии. Тоа до нас не допира, дури иако е ставено во некаков стратешки документ со задоцнување од цели две-три децении. За многумина тоа е само лист хартија, а македонската култура сѐ уште размислува за „категориите“ хонорар, профит, позиција, привилегија… се буни заради укинувањето на „националните“ уметници (кои никогаш тоа не ни биле, туку само минорни партиски послушници!), заради националните пензии итн. И да, и Европа мисли дека културата е неделива од националниот идентитет но, прво, на идентитетот гледа многу поинаку, а потоа, работи на зачувувањето на тоа што навистина е потврдено како национален идентитет во културата. Шведска, на пример, со право ги смета нејзините особени архитектонски традиции за дел од тој национален идентитет и како такви ги штити. Ние? Па ние си го имаме „Скопје 2014“ како наша „традиција“ во архитектурата! И дополнително, ние си ги чукаме главите колку високо треба да биде минарето на Али пашината џамија во Охрид! Ама никого глава не го болеше кога употребуваа динамит на Имарет, во истиот град?! Оние од фамозната (мафијашка) Управа во тоа време се думаа само колкаво количество динамит е потребно, пред да ја дувнат некаде низ светот, на нивните познати туристички патувања?!
Така, драги мои, ниту се создава култура ниту пак се зачувува некаква културна традиција. Неа, културата, не можат да ја создаваат пробисвети залегнати во државниот орган надлежен за работите во културата, уште помалку можат да ја сочуваат бандити распиштолени во слични државни управи и агенции, кои и денес ни се смеат од истите места. Со такви пробисвети и бандити, но и со култура која што останува закостена во едно далечно време само заради своите лични и групни интереси, Европа нема ни да ја помирисаме. Иако, впрочем, таа иста Европа нема којзнае колку да жали за тоа. Но, ќе жалат нашите/вашите деца, внуци, младите генерации растени во овој апсурден „културен“ амбиент каде крадецот е ценет а уметникот шиканиран, каде партиската бараба или опортунистот добива национални награди а сериозниот културен работник шипки, каде неспособните етнодиректори се недопирливи заради партиски интереси, а не заради нивната способност итн. Во една таква „култура“, културното цунами е неопходна, не само посакувана случка!
Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Y. Nakajima