Најдуховитиот филм на годината

11.01.2018 13:23
Најдуховитиот филм на годината

„Three Billboards…“ е инспириран од призорот што самиот McDonagh го видел кога пред десетина години возел некаде помеѓу сојузните американски држави Џорџија, Флорида и Алабама. На раскрсница видел три огромни билборди кои ја повикувале полицијата да разреши некое заборавено злосторство. Откако таа ситуација го измачувала извесно време, седнал и напишал сценарио (било готово уште пред осум години, така што не се точни толкувањата дека во филмот станува збор за критика на Америка во време на Трамп). Во филмот, мајка на убиена и силувана девојка, на тој начин, со притисок во јавноста се обидува да ги раздрма локалните власти и полицијата и да ги натера да ги откријат и фатат сторителите на злосторството.

„Three Billboards Outside Ebbing, Missouri“, САД, В. Британија, 2017, крими комедија, 115 минути.

Режисер: Martin McDonagh

Улоги: Frances McDormand, Woody Harrelson, Sam Rockwell, Abbie Cornish, Lucas Hedges, Zeljko Ivanek, Caleb Landry Jones, Clarke Peters, Samara Weaving, John Hawkes, Peter Dinklage, Sandy Martin, Amanda Warren.

Ирскиот мајстор на црната комедија Martin McDonagh (Мартин Мекдонах) наводно е многу подобар драмски писател отколку сценарист и режисер, но ние што не идеме толку често во театар, особено надвор од Хрватска, не можеме да го знаеме тоа. Од сите негови многубројни текстови за театар, кај нас се играле само неколку и тоа главо во Шибеник, Велика Горица, а во Загреб е поставен „The Cripple of Inishmaan“ во театарот Керемпух, кој, се разбира, не сме го гледале. Откако за само десет години го покори британскиот и светскиот театар, McDonagh почна да прави филмови, патем изјавувајќи дека повеќе сака да се занимава со филм бидејќи „има некој респект кон филмската историја, а и благ презир кон театарот како таков“. И веднаш со првиот краткометражен филм „Six Shooter“ (2004) ни помалку ни повеќе, туку си заработи Оскар!

Четири години подоцна, неговото прво долгометражно дело, исто така, е дочекано со овации. Црнохуморната комедија за двајца платени убијци кои по одработеното одат во белгискиот град Бруж, малку да се тргнат додека не помине гужвата, пригодно насловена „In Bruges“ (Во Бруж), исклучително добро напишана, одлично одглумена (прв пат Колин Фарел делуваше како некој што си го знае занаетот), со изобилство пресврти и заплети. А во приказната се вплеткани и убавините на Бруж, како и халуциногени џуџиња. Неговиот втор филм „Седум психопати“ беше чекор наназад – забавна, но и деривативна акциска комедија, сепак премногу на трагата на она што Тарантино, Гај Ричи и останатите од таа екипа го правеа пред 15-тина години.


И тогаш стигна филмот кој можеби ќе му го донесе и првиот долгометражен Оскар! „Three Billboards…“ инспириран од призорот што го видел пред десетина години. Додека го пишувал текстот мислел главната улога ( мајката Mildred Hayes) да ѝ ја понуди на Frances McDormand и таа ја прифатила улогата но, откако ја убедил сопругот Joel Coen, бидејќи е веќе на половина пат сосема да се повлече од филмовите. И среќа е што така се случило, зашто без неа тешко дека „Three Billboards…“ ќе беше она што е – најдуховитиот, најбруталниот и во секој случај, најнепредвидливиот филм на годината.

Мајката Милдред не е премногу образована, но е интелигентна разведена жена, која многу му е лута на шерифот Bill Willoughby (одличниот Woody Harrelson), кој како и повеќето ликови во овој филм, е стреотипна но всушност многу комплексна личност. Тој умира од рак, но пред неминовното заминување на оној свет, би сакал да ја закопа воената секира со брутално простата и агресивна Милдред, што нема да му појде од рака. Неговиот помошник Jason Dixon (исто така одличен Sam Rockwell; Мекдонах ја пишувал улогата специјално за него) е класичен расистички и насилен идиот од американскиот југ, но и во него се крие никулец на човечност кој ќе почне да расте некаде на половина на филмот. Во целата таа лепеза на занимливо – налудничави ликови, кои секогаш можат да се најдат кај Мекдонах, се и локалното џуџе Џејмс кој е вљубен во Милдред (неговото височество Peter Dinklage), насилниот поранешен сопруг на Милдред, Чарли (повторно одлична улога на John Hawkes, кој треба да глуми во сите филмови за Југот и Северот) и црвенокосиот сопственик на агенцијата за изнајмување билборди Red Welby (многу интересниот Caleb Landry Jones којшто оваа година го видовме и во „Get Out“ и „The Florida Project“; што да се каже, човекот знае да избира проекти). Да, го заборавивме и можеби најинтересниот млад американски актер Lucas Hedges („Manchester By The Sea“, „Lady Bird“) кој се појавува во улогата на синот на Милдред, кој не е воодушевен од однесувањето на неговата мајка.

Сите тие се испреплетени во приказна која е невозможно да се раскаже и која е толку непредвидлива што во ниеден момент не знаете што ќе се случи и по кој пат ќе тргне филмот во следните пет минути (да не го спомнуваме и феноменалниот, сосема неортодоксен крај на филмот). Се разбира, дијалозите се тоа по кое е познат McDonagh, па и овде се толку остри и жестоки, што би било добро и малку да се застане со филмот и да се размисли за кажаното. На некои сигурно ќе им пречи насилството што го има во изобилство, но тоа исто е препознатлив знак на McDonagh што совршено се вклопува во оваа приказна. За разлика од неговите претходни филмови, меѓу бурите овде има и затишја во кои се појавува нежност, па дури и емпатија. И во таа грмушка се крие успехот на овој филм кој ги надраснува рамките на „само“ интелигентна забава. И станува фил на браќата Коен што тие веќе не се во состојба да го направат, а можеби и никогаш не биле.

Извор: nemilosrdnigadovi.com