Социјалната демагогија на екстремната десница

12.01.2018 03:01
Социјалната демагогија на екстремната десница

Каква економска програма има Националниот фронт (ФН)? „Во нејзината позадина е здружението на работодавачите“, предупредува синдикатот SGT. Пјер Гатаз, претседателот на Француското здружение на работодавачите (Медеф), пак, го повика Националниот фронт да ја копира програмата на Франсоа Митеран, поранешниот левичарски француски претседател кој 1981 година ветуваше дека „ќе раскрсти со капитализмот“. Тоа, според некогашната претседателска кандидатка од малата политичка партија Работничка борба, Натали Арту, е погрешно читање, зашто ФН „работи во интерес на големите корпорации“. Со нејзиното мислење, пак, никако не може да се сложи Едуард Титро, колумнист на Les Echos. Тој тврди дека програмата на ФН ги комбинира „економските политики на Хуго Чавез, (...) Ким Ил-Сунг, Ким Јонг-Ил и Ким Јонг-Ун, Фидел кастро, Ленин, Сталин, Хрушчов и Брежњев“. И со оглед на волку контрадикторни толкувања, дали економската стратегија на ФН не е, едноставно, оксиморон?

„Го обожавам Le Monde Diplomatique“, вели 30 годишниот Франсоа де Војер, претседател на d'Audace, колектив „млади патриотски претприемачи“ блиски до ФН. Со него разговаравме во едно кафуле во седмиот париски арондисман, додека над главите ни се нижеа прашалници. Меѓу нашите обожаватели е и Жан Месија, некогашен студент на ЕНА, Националната школа за администрација, кој на својот блог ги цитира Маркс, Сталин и филозофот од 16 век Етјен де ла Боеси. Тој ја координира програмата на Марин Ле Пен, а на прашањето за националниот долг вели: „Создаден е монопол. Државата ја финансираат исклучиво финансиските пазари, кои бараат исклучително високи камати...“ А, што мисли за офшорингот? „Се зборува дека затоа купувачите профитираат од пониските цени, што е погрешно. Фабриките се селат надвор од земјата за да се зголеми профитот. Резултатот е тоа што сиромашните изработуваат производи кои ги консумираат невработените.“

Криволовот на ловиштата на левицата

Непосредно пред парламентарните избори во јуни 2012 година, „дури 76 проценти од мерките кои ги предложи коалицијата на десни партии под водство на Марин Ле Пен доаѓаа од левата страна на економскиот спектар“. Така пресметал политичкиот аналитичар Жил Ивалди. Иста е ситуацијата во 2017 година: планирана е реиндустријализација, враќање на возраста за пензија на 60 години, задржување на работната недела од 35 часови, борба против таканаречените „медицински пустини“ и затајувањето данок, одбивање на договорот за слободна трговија, гарантирање достапност на јавните служби, повторна национализација на автопатиштата... Како да се објасни овој криволов на екстремната десница на традиционалните ловишта на левицата?

Со стратегијата најпрвин сака да им се одземе гласачкото тело на ривалите со имитирање на нивниот дискурс: славната „триангулација“. Во осумдесеттите години Социјалистичката партија почна да врбува гласачи од средната класа, сметајќи дека наклонетоста на работничката класа ѝ е загарантирана. Националниот фронт ќе докаже дека социјалистите не биле во право, наместо да се обидат да ги сфатат своите некогашни гласачи, социјалистичките водачи упорно им кажуваат проповеди на оние кои се согласуваат со ФН. Во книгата објавена во 2012 година, Ле Пен се исмејува со таквото слепило: „Левицата постепено ја замени одбраната на пониските класи, работниците, експлоатираните – да, се осудувам да го употребам тој збор – со фетишистичката одбрана на бегалците од третиот свет и илегалните мигранти. Откажување од одбраната на францускиот работник, расисичкиот и неук селанец кој наскоро (што тогаш била дополнителна причина од него да се кренат раце) масовно ќе гласа за Национален фронт, стана логично за возвишените умови на Левицата.“

Некои левичари сметаат дека триумфалниот успех на ФН се сведува на вештината за замена на тези и дека повеќе ја оддава дволичноста на партијата од крајната десница отколку што упатува на нејзина промена. Според нив, новиот дискурс на партијата го прикрива нејзиното вистинско лице. Едноставно, се работи за тоа дека „ФН лаже“, заклучуваат од колективот Виса (Vigilance et Initiatives Syndicales Antifascistes). Во него има членови од различни синдикални центри кои се особено заинтересирани за борба против екстремната десница.

Впрочем ФН често сам им дава муниција на своите критичари. Оваа година Ле Пен ја критикува европската директива за „упатените работници“, божем заборавајќи го фактот дека не ѝ се спротивстави за време на гласањето во Европскиот парламент во април 2014. Во мај 2016 Ле Пен бараше повлекување на Законот за трудот (таканаречениот закон Ел Комри), иако претставниците на нејзината партија предлагаа амандмани кои би го направиле уште полиберален. Во својата програма од 2017 ФН од една страна ветува пораст на државната потрошувачка, а од друга намалување на структурниот дефицит на нула, соодветно со европското „златно правило“ кое им наметнува мерки за штедење на народите од стариот континент. Но, дали тоа значи дека Национален фронт значајно се разликува од Социјалистите (ПС) или Републиканците (ЛР), доминантни партии кои никогаш премногу не се занимавале со одржување на своите ветувања?

„Смена на генерациите“ во Национален фронт

„Еден дел од левицата не го 'надогради својот софтвер' уште од извештајот на Димитров на Седмиот конгрес на Коминтерната“, забележува новинарот Рене Монзат. Тогаш, во 1935 година, Георгиј Димитров го дефинирал фашизмот како „отворена терористичка диктатура на најреакционерните, најшовинистичките, најимперијалистичките елементи на финансискиот капитал“. Оценет како „фашистички“, Национален фронт така би бил вооружено крило на крупниот бизнис.

„Таквиот поглед го занемарува фактот дека еден дел од екстремната десница нема никакви врски со наведената економска опција“, тврди Рене Монзат. Во реалноста, реганистичката фаза на ФН беше со краток рок: траеше од 1983 до 1989. Само неколку недели по падот на Берлинскиот ѕид теоретската публикација на партијата Identité објавува: „Конфликтот на марксизмот и либерализмот веќе ѝ отстапи место на новата полемика: онаа за човековите права наспроти идентитетот“. Три години подоцна, потпретседателот на партијата Бруно Мегре инсистира: „Во моментов поминуваме низ мошне голема промена. (...) Утрешното општество ќе го обликуваат други сили. Тоа веќе нема да биде марксизмот против капитализмот туку глобализмот против национализмот“.

Оттогаш, партијата работи на трансформација чиј исход, а не двигател, е Марин Ле Пен. Повеќето високопозиционирани партиски кадри му се придружија на ФН во текот на изминатите шест години. Некои можеби беа привлечени од можноста за напредок во кариерата. Флоријан Филипо стана потпретседател на партијата во 2012 година, една година откако ѝ се придружи. Со оглед на значително поострата конкуренција, во ПС или ЛР таквиот подем сигурно би бил побавен. Обновата на врвот и базата на партијата следува: „Три четвртини од членовите имаат партиска книшка помалку од четири години“, истакнува еден од водачите на кампањата на Марин Ле Пен. „Тоа значи дека партијата раскинува со епохата на таткото на Марин. Се случи промена.“

Во ФИН се горди на оваа трансформација која е видлив знак дека напорите во насока на „десатанизација“ на партијата се исплателе. Сеедно, не се работи за тоа дека сино-бело-црвениот пламен (логото на партијата) е заменет со срп и чекан: „Се надевам дека заради мојата програма ќе може да се каже 'среќен како претприемачите во Франција'“, изјави Ле Пен на 5 јануари 2017 година. „Најпрвин, ние сме капиталисти“, ни потврдува Бернар Моно, економист, кој се претставува како „еден од татковците на економската програма“ на ФН. На прашањето што е посебно во неговиот план одговара: „Во Франција сме либерали, односно го фаворизираме профитот. Сè се менува надвор од границите: треба да се бориме против нелојалната конкуренција што ни ја наметнува глобалната дерегулација“. Тоа не е ни „макронизам во една земја“, никако: „Макрон, тоа е ултралиберализам: модел кој го резервира профитот само за избраните!“

Во својата книга од 2012 година Марин Ле Пен никогаш не ги критикува „либерализмот“ или „капитализмот“, без веднаш да не им нафрли ознака на девијација, „ултра“, „хипер“, „екстремен“, „интернационален“, со што може да се насети дека повеќе ја осудува склоноста кон неумереноста отколку самиот економски систем. „Општеството отиде предалеку со рентиерската идеологија“, додава „патриотскиот претприемач“ Војер. „Овие години француските претпријатија им исплатија 50 милијарди евра дивиденда на своите акционери, тоа е рекорд. Тоа не е здраво.“ Како читател на Кристофер Лаш, Жан-Клод Мише и Жак Елил, тој заговара враќање на „чувството за мерка“ со водство на „помоќна присутна држава“.

Што е со „францускиот либерализам“ што го промовира Моно? Особено кога станува збор за „планирањето“. Откако уверувањето дека тоа „секако не би било принудно“, Месија детално ја опишува неговата имплементација: „Да ја земеме за пример француската индустрија за мебел. Во 1990 година вработуваше околу 600 илјади луѓе. Денес тоа се сведе на неколку илјади. Што правиме? Се состануваме со неколку наши произведувачи на мебел и пресметуваме дека, на пример, државната индустрија може да задоволи 2 проценти од националната побарувачка за мебел. Тогаш ги известуваме големите трговци – Икеа, Конфорама итн – дека од следната година во своите продавници мораат да изложат 2 проценти од производите 'произведени во Франција'“. Ако компаниите одбијат, ќе им се зголемат даноците. Дали е замисливо да се бара од Икеа да продава 20 проценти од францускиот мебел? „Секако, дури и повеќе од тоа ако расте индустријата.“

Несогласувања постојат, но „патриотизмот обединува“

Националниот капитал против странската грабежливост за едни (Бернар Моно), јавниот интерес против „животинскиот инстинкт“ за други (Франсоа де Воје), слободното претприемништво против државната инерција за трети (Роберт Менар)... „Да, меѓу нас постојат несогласувања“, потврдува Микел Сала, претседател на колективот Croissance bleu Marine, тинк-тенк кој го поддржува Националниот фронт. „Но, нè обединува патриотизмот. А, нацијата е свет во кој секој ентитет може да се стави во служба на другите.“ Овој некогашен претприемач се служи со примерот на пијанистите: „Мускулите на прстите и грбот работат во синергија за да создадат складен потег. Токму тука нашето гледиште се спротивставува на двете големи политички традиции кои општеството го набљудуваат преку концептот на класата: марксистичкото гледиште кое го брани 'пролетаријатот' и другото, подеднакво хоризонтално, кое би можело да се нарече 'партија на странци', токму како во времето на Француската револуција. Второто гледиште настојува да ги брани привилегиите на некои мали групи, вклучувајќи ги луѓето надвор од националните граници, повеќе отколку да се залага за правата на сопствениот народ.“ Во ова нема ништо ново. Потпретседателот на партијата Мегре во својата книга од 1992 година напиша: „Веќе нема да биде партија на шефови против партија на работници, туку партија на странци против партијата на Франција“.

Некои од набљудувачите се збунети од пресвртот на ФН кон работниците, зашто економските прашања инаку се сместени ниско на скалата на приоритети на оваа партија, освен кога по нив може да се посегне за да се нагласи она што ФН го гледа како фундаментална поделба, онаа идентитетската. Народот, жртва на глобализацијата – отелотворена во имигрантот, исламистот или „полскиот водоинсталатер“ – тогаш застанува рамо до тамо со работодавачот, малиот претприемач кој исто така е жртва на наводната „странска“ закана: жртва на финансиите или мултинационалните компании. Дискурсот се промени од таткото до ќерката, но пораката останува иста.

Одбраната на „реалната економија“ од „анонимните финансии“ или заштитата на храбрите од „малите претприемачи“ пред грабежливоста на мултинационалните компании произлегува помалку од стратегиите за повторно придвижување на француското производство, а повеќе од желбата светот да се структурира околу една пречка: онаа каде „нашиот сонародник“ му е спротивставен на „странецот“. Во 2012 година ФН ја објаснуваше својата одбрана на малите и средни претпријатија со овие зборови: нивната дејност „придонесува за овековечување на традициите кои се интимно поврзани со историјата на француските градови и села, реалните симболи на француската умешност на живеењето и префинетоста на нашата цивилизација“.

Таквата визија за општеството не остава многу простор за синдикална акција, област за која особено е заинтересиран Тибу де Ла Токне: „Кога Марин го лансираше слоганот 'Ќе ја доведеме Франција во ред' сите помислија на борбата против тероризмот, на затворање на границите... Јас помислив на светот на трудот.“ Амбицијата на ФН е формално да се измени организацијата на стопанските гранки „за на малите да им се овозможи меѓусебно да се здружат и да им се спротивстават на големите играчи и да се борат против нелојалната конкуренција“. Но, пред сè тука станува збор за ослободување од „застареното“ работничко законодавство и воспоставување, секторски наместо колективни договори.

Ла Токне ги поддржува плановите на ФН за реформирање на претставничките тела на синдикатите со кои би се „отишло чекор понапред од она што го направи Франсоа Фијо 2008 година“: „За мене, нашата здрава доктрина за помирување на економското и социјалното подразбира создавање нови синдикати кои би ги здружиле вработените, менаџерите и газдите.“ Корпоративниот модел кој гарантира дека „луѓето ја бранат својата струка повеќе отколку своите партикуларни интереси“. Во Национален фронт не се претерано наклонети кон штрајк...

Во книгата објавена 2003 година, Ла Токне пишува за својот ангажман во христијанските маронитски фаланги во Либан, за својата борба на страната на Контрас во Никарагва и својата блискост со Роберт Дубисон, основачот на антикомунистичките ескадрони на смртта во Салвадор. Кога го прашавме дали ФН станал „марксистички“, како што тврди економистот Кристијан Сен-Етјен, само се насвевна.

Извор: http://lemondediplomatique.hr

ОкоБоли главаВицФото