1033 hPa
87 %
2 °C
Скопје - Пет, 08.11.2024 07:59
Во последниве неколку дена се појавија повеќе написи кои на еден или на друг начин го третираат меѓусебниот однос на популизмот, јавниот дискурс и адаптирањето на политиката кон тој, веќе глобален, феномен. Сепак, најголемиот дел од анализите се фокусираат на, според мене, секундарни, зависни варијабли, како политичарите, медиумите, лажните вести и слично. Иако таквите појави се „во мода“ во моментов, мислам дека е погрешно да се толкува напливот на популизам како процес кој тече одозгора надолу (top-down). Во таа смисла, иако се атрактивни, промените во наративот на политичарите, сензационализмот на медиумите, напливот на поедноставување на политиката, се сепак последици, а не причини, од појавата на популизмот како доминантен модус операнди на денешната политичка јавност. Сепак, ваквиот процес е во основа bottom – up, и политиката е во основа заробена во него. Оваа суптилна, но суштинска разлика е многу значајна кога се анализира овој феномен, зашто овозможува различен увид во генезата, па со тоа и во правците на развој на популизмот во иднина.
Бидејќи овде нема доволно место за целосна анализа на овој феномен, ќе се задржам на оние аспекти кои се најзначајни за тековната состојба на домашната политичка сцена. Популизмот во оваа сегашна форма, е во основа последица на симнувањето на форумот на јавниот политички дискурс на ниво на најмал заеднички содржател. Ова се должи на пролиферацијата на медиумите, особено социјалните медиуми, кои овозможија лесен и директен (како замена за претходниот застапнички), плебисцитарен, модел на јавно учество во дебатата и поддршката за, извесни политики или политички актери. Ваквиот тренд има неколку директни последици врз публиката, врз содржината на политичката комуникација и врз политичките актери.
Популарни наместо квалификувани
Прво, општото и директно учество во дебатата ја менува политичката публика по состав, па со тоа и по интелектуално ниво. Се заменува популарноста за квалификуваност кај учесниците во политичката дебата. Ако претходно пристап до, и влијание врз, политиката имале повеќе (симплифицирам) доктори на науки, сега нивното влијание е изедначено со секој надежен апсолвент кој едвај завршува факултет, но е вешт во техниката и има доволно следбеници на Фејсбук. Без да ги навредам апсолвентите, една од основните последици на овој процес е што најголемо влијание врз темите во моментов имаат оние кои се најприсутни (најпопуларни), а не оние кои најмногу знаат.
Тоа произведува суштинско менување на динамиката на дискурсот, ја прави содржината на таквата комуникација површна, поедноставена, врзана за саундбајти, а не за анализа, и секогаш ориентирана кон тоа да привлече најмногу општи следбеници, а не да постапи правилно (особено кога таквите постапки се непопуларни). Затоа велиме дека сегашните влади ги водат рејтинг и ПР агенции, а не политичари. Особено значајно, таквата политичка комуникација скоро секогаш е малку информирана, хистерична, конфликтна, брзо се пали и гаси, и секогаш бара жртви. Но најважно, таквата содржина на комуникацијата, за да биде влијателна, доволно е да биде популарна, не мора нужно да биде издржана, па дури ни точна – за што најдобар доказ се лажните вести или хистеријата околу вакцините и аутизмот.
Продај се најдобро што можеш
Ваквата поставеност на системот истовремено ја менува и содржината, но и односот на политичарите кон јавноста. Прво и основно, тие стануваат зависни од имиџот, од популарноста, како замена за меритократија. Во моментов, се појавува тенденција најуспешни политичари да бидат токму оние кои најдобро „се продаваат“, а не оние кои најдобро работат и најмногу знаат. Паралелно, во политиката се регрутираат луѓе од јавната сфера, само и единствено врз критериум на нивна популарност во социјални медиуми или во некаква јавна активност, сеедно. Така, во сегашниот состав на политичките елити, ќе најдете диспропорционално повеќе твитерџии, блогери, бивши портпароли на невладини, или мини ѕвезди-активисти, одошто правници, политиколози, економисти.
Тоа е суптилната стапица која се поставува и пред сегашната влада на Заев. Победата врз претходниот „режим” изискуваше извесно ниво на популизам и хистерија, но истата мантра сега значи и дека новата власт мора да го игра истото оро. Кога стратегијата на комуникацијата на власта е фокусирана врз сензационализам околу грешките на претходниците, кој го подгреваат (продажбата на Мерцедесот на Груевски е најважниот настан), после не треба да ги изненадува кога така култивираната публика се хистеризира од нивните патувањата со бизнис класа. Оттаму, сега власта мора да ги задоволи сите интересни групи, зашто сите имаат еднаков пристап до медиуми и популарност. Затоа сме сведоци на шизофрени позиции: ем решение за името, ем заштита на македонштината, ем застапување на секуларноста, ем поддршка за бадникарите...
Хибриден модел како добитна комбинација?
Така, популизмот мислам дека ќе остане доминантна стратегија на власта. Едноставно, таа нема да има избор, публиката и дискурсот се веќе толку сменети што единствено популарните, решенијата кои лесно „се продаваат“ ќе виреат кај македонската јавност. Стапицата тука, се разбира, ќе се открие кога власта ќе мора да прави непопуларни потези, кои се безмалку секогаш спротивни на јавното мислење. Ако го слушавме само јавното мислење, немаше да имаме успешен референдум за независност, немаше да го потпишеме Охридскиот рамковен договор, немаше да дозволиме повеќе права за етничките заедници, повеќе ингеренции за локалната самоуправа, па прашање е дали дури и планот на Љубчо Георгиевски за размена на население ќе добиеше јавна поддршка. Какво мислење, се прашувам, имајќи ја предвид оваа историска емпирија, ќе има јавноста околу нужниот компромис за името? Како тогаш, оваа влада, која веќе заклучивме, е нужно популистичка, ќе се однесува, соочена со нужни, но крајно непопуларни потези? Ќе ја вклучи ли јавноста во таа одлука преку референдум, ќе ја убедува, или ќе сврти кон авторитарност како нужна алатка во овој парадокс? Дали популизмот, кој по сѐ изгледа ни е карма, ќе го замени со некој нов, хибриден модел, авторитарен за дома, а кооперативен за надвор? И на крајот, дали е тоа суштински добитната комбинација?
Извор: Deutsche Welle