Јаваш, бејефенди Ердоган!

12.01.2018 11:45
Јаваш, бејефенди Ердоган!

Ширењето на политичкиот ислам на Ердоган може да биде опасно за Македонија.


Една вест од претпоследниот ден во минатата година помина речиси незабележана: „Турската владејачка Партија на правдата и развојот (АКП) на претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган, ќе отвори свои претставништва во Македонија, Босна и Херцеговина, Велика Британија, Германија, Русија, САД и Франција, најави партискиот потпретседател задолжен за надворешни работи Мехди Екер во интервју за агенцијата Анадолија… ‘При тоа внимаваме на одредени постапки, закони и правилници во секоја од земјите. Некаде можеби ќе дејствуваме како здруженија, некаде како фондации, а некаде директно како партиски претставништва’, потенцира Екер. Според него, претставништвата на АКП ќе функционираат како ‘службени контакт пунктови’ за турските државјани, но и за политичките партии или претставниците на власта на секоја од земјите.“

Јас не знам на какви „службени контакт пунктови“ за турските државјани мисли господинот Екер – бидејќи за тоа постојат амбасадите и конзулатите, акредитирани од една во друга земја – но, мене многу повеќе ми личи дека тие партиски канцеларии на Ердоган ќе бидат наменети за една единствена цел: за директна индоктринација на локалното население во Македонија со идеологијата на политичкиот ислам што ја шири неговата АКП, како теократска, авторитарна визија за владеење со едно општество.

Ова мене ми наликува како нова ескалација во безобразлукот на режимот на ефенди Ердоган – познат по својата изјава дека „демократијата е воз од кој треба да слезете кога еднаш ќе дојдете до целта“ – во неговата нео-отоманска надворешна политика кон Балканот и кон другите соседи на денешна Турција.

Турција, како што се знае, е голем и важен општествено-политички, економски и безбедносен партнер за Македонија. Тој факт не може да се порекнува, како ни фактот дека пријателството на Турците кон македонската држава и кон македонското население е искрено и многу пати потврдено во последните триесетина години. Е, токму затоа, секој искрен пријател на Турција во Македонија треба да биде загрижен од најновата идеја за партиска експанзија на АКП вон границите на турската држава.

Продорот на турските интереси во Македонија се одвива на многу полиња, засилено во последните години, во тесна корелација со Ердогановите антизападни и антидемократски верско-политички интереси. Турската амбасада во Скопје е претворена во динамичен, дневен оперативен центар за ширење на тие влијанија низ многу полиња на македонското секојдневие, поткрепено со сериозни финансиски средства кои се делат наоколу за разно-разни проекти од областа на социјалата, културата, верата и обновата на верски објекти, образованието, економијата, медиумите…

На пример, во последно време, познавачите на приликите велат дека е бележит систематскиот верско-политички продор на Ердогановото влијание во некои муслимански средини во земјава, особено меѓу ромското население низ Источна Македонија. Се разбира дека методите за политичко исламизирање на социјалата даваат резултати, кога се поткрепени со одредена помош и поддршка која не доаѓа од страна на македонската држава.

Минатата година во македонската јавност не помина со одобрување барањето на турската влада во Македонија да се затвори синџирот образовни институции „Јахја Кемал“, инспирирани од некогашниот близок пријател на Ердоган, Фетулах Ѓулен (кој и самиот не е „цвеќе за мирисање“, ако му се позанимавате со некои од верските идеи), иако владата на Груевски се обиде да плетка нешто во таа насока. Сега, барањето на турската држава е овдека таа да почне да отвора „свои“ основни и средни училишта, за да оствари што потемелно ширење на вредностите на партијата АКП низ Македонија. Претпоставувам дека бројот на поволни стипендии за школување ќе биде неограничен.

Мојата теза е дека македонскиот либерален, мултиетнички и мултиконфесионален демократски модел – кој, во овој момент, се соочува со предизвикот на верските манипулации што ги спроведува власта на СДСМ меѓу христијанското население – нема да може да го издржи притисокот што ќе произлезе од ширењето на политичкиот ислам на Ердоган, како една експлозивна (типично балканска) мешавина на популизам, вера, национализам и – да – корупција. Тоа на нашите турски пријатели треба отворено да им се каже. Јаваш, бејефенди Ердоган!

Сакам да кажам, човек може многу да ги сака Турците и нивната прекрасна земја, а воопшто да не му се допаѓа нивниот сегашен политички режим. И нема ништо контрадикторно во тоа.

Слики: Свирачиња
извор: Цивил медиа

 

Слични содржини

Општество / Став

ОкоБоли главаВицФото