А да се разберевме?

13.01.2018 03:35
А да се разберевме?

Се обидувам законот за јазици да го „прочитам“ преку некаква ослободувачка призма на односи помеѓу Албанците и Македонците. Морам да признаам дека тоа некако не ми оди од рака.

Не ми оди од рака, затоа што сметам дека во Македонија едните и другите во колективна смисла не се познаваат меѓу себе.

Зошто го зборувам ова? Почнувајќи од фактот дека наставниците по историја во основните и средни училишта не ги предаваат историските лекции за Албанците, односно за Македонците. Така, децата Албанци не се запознаени ниту со историјата ниту со митовите на Македонците. Исто така, децата Македонци не се запознаени со историјата и митовите на Албанците.

Пред неколку години, ако добро ме држи сеќавањето, во Гостивар протестираа родители Албанци затоа што во наставните програми за прво или за второ одделение стоело дека треба нивните деца да учат предмет „Македонски јазик“. За албански јазик веќе не зборуваме кај Македонците. Едноставно, ниту историја ниту јазик си сакаме едни со други.

Во колективните односи на едните и другите секогаш како посредници влегуваат политичарите (за жал). Размената на колективните идентитети се случува низ стереотипната рамка втемелена на дневнополитичките потреби. Но, не е само тоа. Ниту едно партикуларно-индивидуално искуство не се генерализира, туку се усвојуваат стереотипните камчиња во изградбата на сликата за другиот, со што другиот станува мозаик на раштракани вкусови.

Колективната комуникација на Албанците и Македонците се случува само преку дневната политика, со чест на малите исклучоци кои како исклучоци само го докажуваат правилото. Дневната политика импрегнирана во формалната рамка на либералната демократија не ги испорачува задоволителните исходи. Резултатите се често фиксирани во дискрепанцата на тоа што се подразбира под овој репрезентативен политички систем и кои се практичните резултати од неговата примена во овој историски, географски и политички контекст. Затоа, овој „проблем“ не смее да остане само консеквенца на пазарења и на „очи-в-очи“ средби на партиски лидери, туку да е инспириран и органски поврзан со духот на општеството. За жал, тој дух, како што претходно напоменав не е во конзистентна положба со законот. После овој закон, се прашувам што политичарите Албанци ќе имаат да им понудат на гласачите Албанци, по решавање на ова прашање.

Од друга страна, низ Фејсбук времепловов, гледам доста ентузијазам кај мнозина Албанци. Тие се радуваат на овој закон. Очигледно има потреба од закон. Меѓутоа, до тој закон треба да се дојде преку многу јавни и стручни дебати. Да бидат вклучени многу страни, да има јасен преглед и план како и со која динамика ќе се спроведува истиот. Дали е нужно, а јас сметам дека не е, законот да се однесува на цела држава. Доколку не е така, да се објасни и да има јасна кампања дали законот ќе важи за државните централизирани институции и/или (само) за локалните, и обратно. Затоа што има и друга страна којашто, на некој начин иако историски влече некакви привилегии, има право да знае што се случува со овој закон.

Потем, да сфатиме дека изучување на еден јазик значи читање и светораздавање со еден цел народ и култура. Можеме да замислиме како би ни било доколку не ги знаевме српско-хрватско-босанскиот јазик. Претпоставувам, можеби немаше да дипломирам, затоа што 90% од книгите во библиотеката на Филозофскиот Институт беа на тие јазици. Тоа ни овозможува и нам како левичари да сме посензибилизирани со идејата за интернационализам, а во исто време да следиме развој на какви било настани, почнувајќи од политички, па културни и.т.н., кои доаѓаат од културата којашто го зборува тој јазик.

Впрочем, една од критиките кон левичарите кои доаѓаат од Македонија е тоа дека живеејќи во држава во која Албанците и не се така мала бројка, не знаат ниту една реченица да изустат на албански јазик.

Сметам дека треба да се обрне внимание и на останатите јазици кои не влегуваат во категоријата јазици кои ги зборуваат 20% од граѓаните. Тие граѓани исто така имаат право нивниот јазик да биде уважен на институционален план. Во оваа перспектива можам да кажам дека не ми пречи и сите јазици на сите граѓани во Македонија да бидат официјални, доколку имаме капацитет како држава да ги спроведеме. А во исто време имаме и обврска тоа да го сториме, кога се нафаќаме да регулираме употреба на еден јазик, на едно малцинство. Тоа малцинство не смее да биде попривилегирано од другите само поради тоа што процентуално е побројно.

На крај, сите знаеме дека јазикот не е само средство за комуникација, туку е и идентитетска мрежа без која многу логики не би биле функционални. Меѓутоа, ги повикувам сите, дајте да почнеме да се разбираме со јазикот и да престанеме да се курчиме со него. Можеме да се курчиме со други работи.

Извор: Гласник, 12 јануари 2018
Слики: DRAN