Денешна Македонија

13.01.2018 05:09
Денешна Македонија

Поминав една студиска година во Солун, и тоа токму во периодот на осамостојувањето на мојата земја. Клучната година беше 1990/1991. Ниту тогаш, ниту денес не можам да ја разберам грчката, до граници на хистерија, пречувствителност на името „Македонија“. Патем, во тоа време, уште фигурираше Северна Грција и Тесалија за оној регион кој вонсериски брзо се искачи на листата на национални приоритети и доби круцијално значење за опстанокот на Грција - Македонија. За да ги избегнам секојдневните бесконечни дебати кој е тој македонски јазик, со себе го носев Вебстеровиот речник каде на последните страници за тогашна Југославија пишуваше дека има три официјални јазици: српско-хрватски, словенечки и македонски.

Имало и низ годиниве непријатни средби и расправии со некои Грци, аргументирани со тоа дека ние „скопските цигани“ им ја крадеме славната грчка историја, чиј најзначаен дел е токму Александар Велики и неговото царство – Македонија. Не знам како историја, па уште и античка, може да се краде, ама не можам да го пренебреграм наметнатото чувство на вина дека сум Македонка. И лута сум заради тоа.

Меѓутоа, она што сакам да го напишам како мој скромен придонес на темата „спорот за името“ е дека за некои работи треба време. Треба созревање, или метафорички кажано – ферментирање. Требаше да поминат барем 20-тина и кусур години, за јас како Македонка да бидам начисто со неколку работи.

Прво, мојот идентитет е неотуѓив и зависи само од мојата волја и желба да бидам тоа што сакам или не сакам да бидам, бидејќи знам многу Македонци кои се откажале од своето национално чувство. Мојата држава нека се преименува во Централна Балканска Република (крајно духовит предлог на фашизоидната Грчка Црква), ама јас нема и не можам да бидам „циберка“. Нека биде „Горна“, „Средна“, „Северна“ или „Вардарска“ Македонија, ама јас не можам, ете, едноставно логички и природно не можам да бидам ништо повеќе или помалку од Македонка.

Второ, наметнатата грчка уцена за промена на нашето уставно име, била трик. Евтин трик, на кој ние се уловивме како кленови. Речиси 23 години самите себе си докажуваме нешто што не се докажува. Дека сме тоа што сме. Македонци. Во меѓувреме, се појави Груевски и неговата Фамилија, кои дебело испрофитираа од нивната „античка македонштина“ преку проектот „Скопје 2014“ и купишта други небулози. И додека сите соседи се европеизираа и интегрираа како членки на ЕУ и НАТО, ние си живеевме во сонот на груевизмот за нашето големо име и уште поголемо потекло.

Трето, ај да бидам малку малициозна и да кажам – крајно време е да ги зезнеме Грците. На сета нивна итрина и византиски игри, кои имаа единствена цел да нѐ оддалечат од евроатлантските интеграции, но и да не доведат до ситуација на самоуништување, единствениот одговор е – ОК, ги прифаќаме вашите услови. Сакате сложено име - ќе ви го дадеме, сакате сеопфатна употреба - ќе ја добиете, сакате гаранции дека нема да ви ја крадеме историјата – ќе ви ги понудиме. А идентитетот? Е па, дури и Грците, пречувствителни националисти какви што се, добро знаат дека тоа не се зема или дава.

Четврто, секоја држава има свое минато, но мора да има сегашност и иднина. Како што мојот национален идентитет е резултат на воспитувањето од мајка ми (патем, етничка Србинка) и татко ми, како и на колективната меморија пренесена во процесот на образованието, така и мојата татковина е производ на моите/нашите идентитети. Процесот е реципрочен. Но и временски детерминиран, затоа што втората декада на XXI век има свои барања, наметнува свои урнеци, отвора нови предизвици, но и поставува нови вредности. Ние од Македонија не смееме да останеме номинално заглавени во XX век со приказни од антиката. Некои работи мора да се осознаат, или како што наведов погоре – да исферментираат.

И ајде конечно да се погледнеме в очи и да се прашаме: Дали фактот што скоро 24 години во сите меѓународни организации фигурираме со акронимот БЈРМ, нѐ прави повеќе или помалку Македонци? Јас велам дека Македонија не смее да остане оковано јаболко, како во прекрасната песна на Славко Јаневски и конечно треба да ги скрши прангите на сопствените заблуди и предрасуди.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слики: Небојша Гелевски