Точкест расказ

13.01.2018 13:09
Точкест расказ

Лежев смртно болен и сѐ што можев да направам беше да гледам во белиот плафон на кој се наоѓаше лустерот кој сакав да го сменам со години. На плафонот немаше сенки, сѐ беше беспрекорно чисто, па дури и пајачињата се плашеа да ги плетат своите свилени мрежи на еден толку чист плафонски ѕид. Но, на третиот ден од моето претсрмртие, видов една мала црвена точка токму над мојата глава. По ѓаволите! На неколку часа од смртта, кога црната дама веќе ја искосила тревата за мојот пречек, од никаде се појавува црвена флека на мојот прекрасен плафон. Кому ли му припаѓа? Можеби на една од девојките кои ги убив пред 30 години... Беше прекрасeн летен ден: пеперутките и мушичките исцртуваа волшебни слики на синото небо опиено со озон, зрелите плодови на задреманите дрвја итаа кон својата голема љубов - гравитацијата, а јас седев на малата веранда од мојата дрвена куќичка и полека ги расчленував прекрасните девојки прст по прст, око по око, заб по заб, сѐ додека од нив остана само еден тивок, заборавен сон.

Ноќта полека паѓаше, сенките почнаа да доаѓаат како црни нарикачи, но црвената точка непоколебливо бдееше над мене. „Дали сум Бог?“, си помислив, „Огромен, семожен, алфа-универзум од чиј поглед се покајуваат и најстрашните црни дупки, а оваа црвена флека над мојата глава да е само океан од крвта на моите безбројни неми жртви?“

Задлабочен во мислите, не сум сетил кога сум умрел, ниту, пак, дека душата го напуштила моето тело. Син ми ме нашол вкочанет, со широко отворени очи вперени кон белиот плафон, кон малата црвена точка која како тврдоглаво магаре ја премолчува својата тајна.

Слика: Eugenia Loli

ОкоБоли главаВицФото