Мирослав Стојановиќ – Шуки (1963 -2018)

13.01.2018 14:13
Мирослав Стојановиќ – Шуки (1963 -2018)

На 10 јануари ненадејно почина Мирослав Стојановиќ - Шуки (Ниш, 22.4.1963 - Скопје, 10.1.2018), академски сликар, мултимедијален уметник и активист.

Дипломирал во 1990 година на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, во класата на проф. Ристо Калчевски. Изложува од 1990-тите години, при што реализира повеќе самостојни изложби во Македонија и учествува на бројни групни изложби во земјава и во странство (Марибор, Ротердам, Будимпешта, Битола, Санкт Петерсбург, Истанбул, Белград и др). Членувал во групата ЗЕРО и бил долгогодишен член на Извршниот комитет на Цивил и директор на организациската единица за општествено-политички одговорна и критичка уметност и култура Цивил Арт.

Мирослав Стојановиќ - Шуки ѝ е познат на македонската јавност по своите оргинални и моќни дела кои ги изработувал во повеќе различни медиуми (цртежи, слики, инсталации, перформанси) во кои неговото гледање на човекот и светот отвора нови страници на човековото сфаќање за постоењето, за ништожноста и за внатрешната потрага по смислата.

Неговата последна ретроспективна изложба се одржа во јуни 2015 година во Мобилна/ монтажна галерија, организирана од Центарот за современи уметности – Скопје. Изложбата „Линија низ времето“ беше своевидна ретроспектива на триесетгодишното творештво на авторот односно на неговиот цртачки опус.

Цртежите на Мирослав Стојановиќ покриваат широка палета на теми кои црпат инспирации од реалниот и метафизичкиот свет. Во нив авторот остава место да се пронајдеме и самите односно да си најдеме конкретна улога и да ѝ се посветиме за да креираме некој нов поубав свет.

Познати се неговите чудесно прецизни, калиграфски цртежи; во самите дела елементите се претставени со голема прецизност формирајќи на тој начин чисти и видливи композиции во кои со извонредна умешност на стрип-мајстор се поставени тезите на авторот за опкружувањето и општествената стварност, притоа оставајќи ни понекој клуч за интерпретација на делата со што ни ги отвора вратите за сопствено и поединечно толкување на неговите дела.

Свиреше усна хармоника, сакаше да настапува со својот бенд. Беше активист и борец за слобода и демократија. Оние што го познаваа ќе го паметат по оригиналната смисла за хумор и благост.

Пријателите и соработниците се простуваат од него на социјалните мрежи:

 

Славица Инџевска

Со Шуки креиравме приказна од 1985 до 2004. Полна со љубов, страст, почит, со купишта споделени, но и дијаметрално спротивни вредности, интeреси и разбирања. Секој од нас си го избра својот сопствен начин да го реализира својот животен сон и слобода. Но, обајцата на свој сопствен начин бескрајно го сакаме сонцето. Почивај во мир, добра душо.

П.С. Пцуеш сигурно што сум умешана у штипкиве и во овој дел од причата, али ето.... а сигурна сум имаш у некој Шуки стајл коментар... живот, шта чеш...

 

Оливера Ќорвезироска
Довиђења, Шуки!

Речиси никогаш не зборувавме на ист јазик. Кога се запознавме – бруцоши-дојденци во Скопје, ти зборуваше српски, јас кумановски; затоа што секогаш бевте заедно со брат ми, а јас во негова близина не знам да зборувам друг јазик. Се смеевме, што за „смешниот“ дијалект, што за милион други работи. Потоа ти почна да учиш македонски и сакаше да ти зборуваме македонски и ние за да научиш побрзо. Но, тоа траеше многу кратко, само неколку пати во животот сме зборувале на ист јазик. (Во МКЦ, во игротеката, на родендените на моите деца.) Ти научи еден суптилен македонски и тогаш, јас почнав да ти зборувам српски. Ќе се сретневме, ќе се просмеевме, ти го зборуваше мојот јазик, јас твојот. Последниот пат налетавме еден на друг во паркчето спроти „Нова Македонија“. Зборувавме, се смеевме, зборувавме, се смеевме.

- Прекрасно зборуваш српски – ми рече.
- Дивно причаш македонски – ти реков.

Ќе се смееме пак, Шуки. Што за „смешниот“ дијалект на кој ни јас не зборувам веќе, што за милион други работи. Довиђења.

 

Фондација за образовни и културни иницијативи Чекор по Чекор - Македонија

Шуки, ликовен уметник, беше дел од тимот на Чекор по чекор од самите почетоци во 1994. Омилен и меѓу возрасните и децата, препознатлив по неговиот хумор и креативност. Овој голем човек и наш пријател, кого што децата знаеја често да го наречат „Волшебникот на усна хармоника“. Почивај во мир драг Шуки, вечно ќе живееш во нашите убави заеднички спомени.


 Жарко Јордановски

Шуки, почивај во мир, блага уметничка душо! Колку ли чај испивме во Стара чаршија, колку ли смеа и муабети за сѐ и сешто ќе ти памтам. Само се надевам дека таму кај што одиш хуморот не е забранет, драг пријателе!

 

Будимка Поповска
Танграм за Шуки

Дали вистински постоиме на некое друго место,
А овде доаѓаме само за да си ја развиеме
Атрофираната смисла за хумор?

Па нема такви зборови. Можеби смртта воопшто не му прилега на ниту еден човек, но на Шуки воопшто не...

Следната недела ќе пиевме кафе.

...и додека се нишам помеѓу мистеријата на смртта и суетата на животот, си мислам како веќе почнав да се навикнувам на ваквите вести, последниве месеци откако во Скопје не се дише ни под точка разно. Се задушивме во оваа хазардерска игра на вдишување метали и неметали во комбинација со надеж дека при издишувањето на тој СО2 некаде ќе се случи магија и ќе се врати како чист кислород. Ама наместо тоа, луѓе почнаа по улици да умираат. Згора на сè, мораш да го зачуваш здравиот разум и ладнокрвноста и да гледаш колку е можно помалку да излегуваш надвор, да не проветруваш, да го ставиш на мирување пешачењето на кеј.

Смртта на некој што ти бил близок секогаш е поволна прилика за илуминација. Смртта на другиот никогаш не значи дека тој ќе биде отсутен од твојот живот...напротив, неговото присуство може да биде сто пати посилно отколку пред тоа...

Нешто ко ласерски принтер во боја којшто може да ги отпечати најзаборавените копии на убавите мигови поминати со скапоцен пријател, ако знаеш да ѝ доскокнеш на илузијата...

Фала ти Шуки.

Знам дека си КАТ ВИШЕ.
 

Дехран Муратов
Be free Шуки!

Платно, четка за цртање, усна хармоника, бела брада, секогаш со пола цигарче во уста, големо срце и чувство за хумор… тоа е Шуки. Ова е прва реченица што ја напишав после три часа, пиши-бриши.

Ведар лик, секогаш расположен да расположи некого. Во негово присуство никој не можеше да биде сериозен. За Шуки може да се зборува многу, но ќе напишам само една анегдота.

По целодневно акање низ градовите и одржување на концерт и ликовна изложба на „Freedom caravan“ на ЦИВИЛ во Тетово, некаде после полноќ се враќавме за Скопје. Чест беше да се најде празно место во возилото со кое се возеше и Шуки. Нормално до Скопје вилицата нѐ болеше од смеење од анегдотите, вицовите и досетките на Шуки.

Кога влеговме во Скопје во комбето се разви сериозен муабет, и некаде пред хотел Карпош мораше да се симне колешката Марија и додека излегуваше од комбето Шуки сериозно викна по нејзе да застане да ѝ каже нешто. Неколку секунди сите бевме во исчекување што ќе и каже, само и рече BE FREE! Комбето ечеше од смеа…

Be free, голем човеку. Оваа реченица ми остана истетовирана во мојата свест и секогаш ќе ме потсетува дека човек мора да живее слободно.

Џабир Дерала
Дo глуждови во облаци

Имав еден период од три месеци кога секое утро со Шуки пиев по најмалку едно еспресо во кафеаната Боеми. Секогаш седевме на истата маса, под радиото и стариот календар, тој со старомодната завеса зад него, јас со поглед кон него и малку кон тесната уличка во која одвај можат да се разминат точак и кола. Зад грб ми беше фрижидер-витрината која произведуваше чудни звуци одвреме-навреме.

Таму, придружени од тивките звуци на некоја тотално маргинална радио-станица, под будното утринско око на келнерката од старата добра угостителска школа, со слаб мирис кој допираше од кујната во ноздрите, јас и Шуки секое утро започнувавме нова филозофско-естетска работилница, зачинувајќи ја повремено со политичко-порнографски елементи и тотално психоделични секвенци.

Статистички, како и содржински, овој период беше пребогат. Се сретнавме веројатно шеесет пати, испивме најмалку 200 кафиња и испушивме над 2.000 цигари на тие утрински средби. Задоцнивме на работа веројатно девет од десет пати што се сретнавме. На секоја средба имавме најмалку една нова тема. Ниеднаш не пропуштивме да ги исплукаме квази-интелектуалните мастурбатори, покондурената сељачаана и барокната фасада на шупата од држава во која живееме. Но, тоа беа странични темички, како мали боксерски вреќи во гардероба на гладијатори. На стариот кариран чаршаф во Боеми се тркалаа како грамадниот камен на Сизиф, тешки филозофски прашања, поезија, сликарство, мултимедијала, вонсериски визии. Секое седнување со Шуки е нова ментална вежба, а тоа што ние го правевме секое утро во тој период, беше сериозен brain-building тренинг.

Како повторно да го запознав Шуки тогаш. Ги видов лавиринтите на и во неговото битие во ротирачка 3D верзија. Забележав дека Шуки е еден од тие (многу ретки) луѓе за кои никогаш не си сигурен дали се тука. Тој, не сакајќи, ги менува оските и правците на гравитација. Некогаш стои на земја (ретко). Најчесто, неговите чизми се до глуждови во густата смеса на темните олујни облаци, а над главата му е некоја непозната планета која гравитира кон празното небо, истура камења, реки, океани и градови врз неговата глава. Skywalker, ама изгубен.

По тој период од над 200 кафиња и 60 теми, ништо што излегува од под четката на Шуки не ме изненадува. Но, отсуството на изненадување го отстапува местото на интензивно, деликатно и комплексно доживување помножено со милион од неговите креации. Знам што стои зад нив. И жал ми е што нема барем оддалеку приближно толку дела колку што има комори во таа негова луда глава. А во секоја комора има барем по една врата која води кон лавиринт од кој ретко кога има излез…

И како личност и како уметник, Мирослав Стојановиќ – Шуки не можете да го сместите во просторот во кој го гледате или мислите дека го гледате, ниту во времето во кои се наоѓате или мислите дека се наоѓате, односно имате впечаток дека и тој е во истото време со вас.

Шуки можете да го сместите во 19. век, во мрачниот Среден Век или во последниот страотен час на тишината во Помпеја. Можете да го сместите во колонија на Марс во иднината. Не сега и овде.

Но, ако случајно ви падне в раце сензор за следење на духовите на времето, луѓето изумрени и неродени, природата создадена и несоздадена, човечките творби разурнати и тие што допрва ќе се создадат – ќе добиете исти сигнали и струења од сите страни. Сите ќе истипкаат иста порака на трансценденталниот телеграфски апарат: „Не сега и не овде! Овој човек, ова битие не е сега и не е овде!“

Шуки е во постојана ментална и спиритуална мена. Како Месечината во насолзените очи на вљубеникот во небото, тој е во состојба на постојано менување, но за разлика од Неа, тој не е составен од студени карпи и прашина, туку од експлозиви, живи бои, коски, месо и мисли. Шуки постојано раскажува некоја нова приказна, за некој потполно нов Космос, поинаков од оној што може да го замисли или доживее било кој сега и овде, некогаш и некаде. Да, тој не е сега и не е овде, но истовремено тој е секогаш и секаде, никогаш и никаде.

Гледајќи ги делата на Шуки го доживувам како митска и sci-fi птица истовремено. Тој и неговите дела се како приказна за митско-научнофантастичен стрип јунак, хибрид меѓу човек, ѕвер и машина – експеримент во кој не сте сигурни, ве плаши, ви предизвикува вртоглавица и ве привлекува. Тоа е приказна за светот во кој живеете и умирате, но истовремено не е тој истиот свет.

Затоа, тој не е овде и не е сега, кога и да е, каде и да е.

Џабир Дерала
Другар му на Шуки
(25 март 2012)

ОкоБоли главаВицФото