За законот за употреба на јазиците

15.01.2018 02:14
За законот за употреба на јазиците

Морам да признаам јас лично бев против донесување на еден ваков закон. Мислев (и сѐ уште мислам) дека материјата на употребата на јазиците најдобро може да се уреди со ратификација на Повелбата за регионалните и малцински јазици на Советот на Европа.

Оваа повелба плени со својата идеја за заштита на јазиците како дел од културното наследство на Европа, со својата прецизност и со отвореноста за различни решенија зависно од конкретните состојби во одредена држава.

Посебно ми се допаѓа тоа што не е врзана со проценти и бројки туку со она што значи традиционална употреба на јазиците на одредена територија.

Меѓутоа, и покрај тоа што Македонија ја потпиша повелбата (на 25.07.1996), не се реши и да ја ратификува.

И ете – Законот е изгласан.

И во него стои определбата: „јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните“.

Во моментот кога во закон ќе бидат ставени бројки, тие мора и да се почитуваат.

За да се почитуваат мора да се знае точно дали е навистина достигнат бараниот процент.

За да се знае дали е навистина достигнат бараниот процент, мора да се знае колкаво е точно населението во Република Македонија и дали има етничка/јазична заедница која го исполнува бараниот услов.

Ова не може да се базира на претпоставки (бидејки е суштински елемент на Законот), туку мора да се измери.

Со оглед на тоа дека во Македонија не е направен попис од 2002 година, во моментов нема релевантни податоци за тоа дали некоја од јазичните малцински заедници го исполнува условот предвиден во Законот.

Тоа значи дека Законот не смее да се употребува сѐ додека не биде направен попис.

Така е тоа кога во закон ќе ставиш прецизни бројки. Мораш до нив и да се држиш. Сѐ друго ќе биде политички волунтаризам и спротивно на одредбите на Законот.

Извор: kvadraturanakrugot.crnaovca.mk
Слика: Mio

ОкоБоли главаВицФото